Бубка му честиташе на Дуплантис за светскиот рекорд и му посака уште подвизи

Најголемата легенда во историјата на атлетската дисциплина скок со стап, Украинецот Сергеј Бубка, му честиташе на Швеѓанецот Арман Дуплантис за поставувањето на новиот светски рекорд.

Бубка сега веќе не е рекордер ниту на отворено ниту во сала. На отворено, рекордот на Бубка од 6,14 метри беше актуелен 26 години, а интересно е што и тие 6,14 на Бубка и синоќешните 6,15 на Дуплантис беа прескокнати во Италија.

Изгледа Италија е земјата идеална за светски рекорди во скок со стап.

„Честитки до Арман Дуплантис, кој го урна мојот светски рекорд. Фантастичен резултат. Мило ми е и за него и за неговите родители, сите се прекрасни луѓе. Добро е за атлетиката што имаме ваква ѕвезда која ќе сјае и во годините кои доаѓаат. Сè најдобро и напред кон нови височини“, напиша на „Твитер“ човекот кој сега е претседател на олимпискиот комитет на Украина.

Дуплантис, чиј светски рекорд на затворено во сала е 6,18, изјави дека по рекордот во Рим почувствувал големо олеснување.

„Конечно го урнав светскиот рекорд, неверојатно е колку го посакував ова. Беше голем товар врз моите плеќи. Чувствував дека ако успеам, луѓето ќе престанат да ме прашуваат дали можам да поставам светски рекорд. Чувствувам поголемо олеснување отколку радост“, рече Дуплантис.

 

- Оглас -

Најнови вести