Тенисерот Новак Ѓоковиќ после кошаркарскиот меч Црвена ѕвезда – Алба Берлин на кој присуствуваше во Белград, објави дека ќе игра во првата недела од новата 2025 година, но уште не одлучил точно на кој турнир.
Ова значи дека Ѓоковиќ сака да игра и на еден турнир кој би му бил како подготовка за гренслемот Австралијан опен кој му е омилен и почнува на 12-ти јануари во Мелбурн.
Пред гренслемот кој го има освоено дури 10 пати, Ѓоковиќ ќе игра веројатно во Бризбејн или Хонг Конг како опции кои се најблиску до Мелбурн.
После Австралијан опен, Новак ќе има пауза, нема да игра цел февруари. Како што најави, приоритет веќе не му е првото место на АТП листата, туку фокусот му е само на гренслемите и настапите на репрезентацијата. Ѓоковиќ во моментов е петти на ранг-листата, може да падне и на шесто, но на Австралијан опен сигурно нема да игра со Јаник Синер или Карлос Алкараз пред четвртфиналето.