15.8 C
Skopje
понеделник, 10 ноември 2025
Дома Blog Страница 10061

Барса, Манчестер ј., Баерн и Реал не може да го издржат ритамот?

Фудбалската сезона во Европа започна неодамна и веднаш започна пеколниот ритам за големите екипи. Минатата недела стартуваа мечевите од Лигата на шампиони и Лигата на Европа, викендот продолжија возбудувањата во домашните првенства, а сега, само по два-три дена, повторно мораа да играат средби од Купот или првенството.

Токму во изминативе два дена се случија и првите големи изненадувања. Гигантите кои беа фаворити, киксираа на мечеви на кои во минатото без проблеми би се радувале. Баерн Минхен на „Алијанц арена“ одигра само 1-1 против Аугсбург, тимот за којшто не би ни помислиле дека може да си замине непоразен од гостување кај најтрофејниот тим во Германија.

Манчестер јунајтед играше со комбиниран состав, но тоа не е оправдување за елиминацијата од Лига купот, и тоа од Дерби каунти, клуб кој не е ни во иста лига со „црвените ѓаволи“. Манчестер во 95-тата минута даде гол за 2-2, но не се спаси од пораз бидејќи беше елиминиран во пенал-рулетот.

Барселона минатата сезона во Примера дивисион дури во 35-тото коло го доживеа првиот и единствениот пораз, кога на доминантен начин стигна до титулата. Сепак, сега каталонскиот гигант не е во ист ритам. Најпрво одигра 2-2 на свој терен против Жирона, а синоќа загуби на гости кај Леганес (2-1), кој имаше само еден бод во претходните пет меча. Со таа победа, Леганес избега од дното на табелата во Шпанија.

Реал имаше многу потешка задача од Барселона, Манчестер ј. или од Баерн. Кралскиот клуб гостуваше кај Севилја, каде што и често знае да си замине со пораз. Сепак, начинот на којшто загуби Реал покажува немоќ. Мадриѓаните губеа со 3-0 по првото полувреме (за првпат по 15 години во Шпанија) и на крајот може да бидат задоволни што тоа остана и како конечен резултат.

Според овие резултати, очигледно е дека фаворитите го губат ритамот во жестокото темпо да играат на секои 2-3 дена.

 

Балардини: Пандев е шампион, се налути што го сменив толку рано

Тренерот на Џенова, Давиде Балардини, по мечот против Киево, во кој домаќините славеа со 2-0, ја објасни ситуацијата кога Горан Пандев беше заменет во 56-тата минута од средбата, само две минути откако го зголеми водството на Џенова. Нашиот капитен очигледно беше незадоволен што го напушти теренот толку рано, а на неговиот тренер му се допадна неговата реакција, што е доказ дека се работи за играч со шампионски карактер.

„Горан беше лут кога го виде својот број на семафорот, според неговата реакција, можете да заклучите дека се работи за шампион. Ми се допадна неговата реакција, покажува дека се работи за голем играч, кој сака да игра цело време и да му помогне на тимот. Неговата реакција треба да биде охрабрување за останатите во екипата, сите треба да го следат него како пример“, истакна Балардини по мечот.

Речиси по четири години, Реал и Барса загубија во ист ден

Реал Мадрид и Барселона се клубовите кои со децении се главни во шпанското првенство. Нивната доминација е посебно изразена во последните години, кога речиси е и незамисливо да се најде трет клуб што би можел да стигне до титулата. Атлетико Мадрид е единствен кој некако дава отпор, но тоа не е доволно.

Без разлика против кого играат Реал и Барселона, секогаш се очекува да победат. Сепак, синоќа се случи спротивното. Двата гиганти загубија. Вистинска реткост е двата најтрофејни клуба да загубат во ист ден во домашното првенство. Тоа во Примера се немаше случило уште од четврти јануари 2015 година.

Таа 2015 година не започна како што посакуваат фаворитите. Барселона загуби на гостувањето кај Реал Сосиедад, додека Валенсија на „Месталја“ го победи Реал Мадрид. На синоќешните порази на Реал и Барселона сигурно најмногу се израдува Атлетико Мадрид, кој победи со 3-0 и се доближи само на два бода зад водечките две екипи на табелата.

ИН МЕМОРИАМ: Почина Благој Истатов

Македонската голманска легенда, Благој Истатов почина. Истатов, кој имаше 71 година, ќе остане запамтен не само како еден од најдобрите голмани кај нас туку воопшто како еден од најдобрите кои поминале на фудбалскиот терен.

Започна во тимот на Беласица од Струмица, а потоа ги бранеше боите и на Победа Прилеп, Партизан и холандскиот Утрехт. По завршување на кариерата, тој не престана да се дружи со фудбалот. Отвори и своја фудбалска школа „Истатов“, која работи во Дојран.

Нека му е вечна слава.

Шоу на Седлоски: Сега да се соблечам, ќе ја изедам топката! (Видео)

Некогашниот тренер на Вардар, Гоце Седлоски, од неодамна е нов стратег на Широки Брег во Босна и Херцеговина. Во дербито на вчерашните мечеви во БиХ, Широки играше на гости кај Сараево и загуби со 1-0.

Пред крајот на средбата, Седлоски беше многу лут од залагањето на своите играчи. За тоа колку не беше задоволен од играта на неговите фудбалери, слушнаа сите и преку директниот пренос. Во еден момент додека играта беше во тек, се слушна како Седлоски вика „сега да се соблечам, ќе ја изедам топката“, сакајќи да каже дека играчите мора повеќе да се борат за секоја топка.

Седлоски кој има 44 години е првиот и засега единствен  играч кој стигнал до 100 настапи во репрезентативниот дрес на Македонија.

Погледнете како изгледаше реакцијата на Седлоски.

https://youtu.be/PLAHJt_s_Ow

Азар: Канте не сакаше да изведува пенали, морав да дадам гол

Еден Азар вчера постигна магичен погодок против Ливерпул за 2-1, за да го однесе Челзи во следната фаза од Карабао купот. „Сините“ иако кон почетокот на второто полувреме се најдоа во минус, клучно беше влегувањето на Белгиецот на терен, откако прво придонесе за израмнувачкиот гол, а потоа и сам ги реши „редсите“ среде „Енфилд“.

Непосредно пред влегувањето на теренот, неговиот колега Канте седејќи на клупата, му кажал дека не сака да изведува пенали, што го мотивирало Азар да го реши мечот во 90 минути.

„Кога седевме на клупата, Канте ми кажа дека не сака да изведува пенали, па единствено решение беше да се постигне погодок. Убав гол, сум постигнал неколку такви, но, поважно ми е што победивме. Сега имаме уште поголема самодоверба во пресрет на мечот во сабота, кој лично го сметам за поважен. Ливерпул ќе сака да се одмазди, но сега ние ќе ја имаме домашната предност“, истакна Азар по мечот.

Челзи и Ливерпул за два дена повторно ќе се судрат, овојпат во меч во рамките од Премиер лигата, а пресметката која ќе се игра на „Стемфорд бриџ“ е закажана во 18.30 часот.

Каземиро: Ни помогна киксот на Барселона

Кај Реал Мадрид ништо не функционираше на гостувањето кај Севилја, особено во првото полувреме, кога мадриѓаните ги примија трите гола, и тоа ги загрижува фановите кои очекуваа тимот да го преземе првото место на табелата и да ја прекине лошата традиција на гостувањата во Севилја.

Поразот можеби доаѓа во добро време, за отрезнување пред следниот меч со Атлетико, но сега проблем се и повредите. Иско имаше операција, Марсело синоќа не можеше да го доигра мечот, а во аут е и Дани Карвахал. Притисокот врз тренерот Хулен Лопетеги ќе се засилува со секој нареден лошо одигран меч.

Бразилецот Каземиро, кој даде изјава по дебаклот од 0-3, рече дека Реал ѝ го подарил првото полувреме на Севилја, но дека им помогнал киксот на Барселона против Леганес.

„Едноставно, им го подаривме првото полувреме, како да не игравме. А, ако не играте како што треба на овој стадион и му дозволите на противникот да игра своја игра, ќе го доживеете тоа што ние го доживеавме, ќе губите 0-3. Ова е наша најслаба игра сезонава. Мислиме само на нашите мечеви, но секако дека ни помогна тоа што Барселона загуби“, рече Каземиро.

Повредата на Марсело само три дена пред градското дерби со Атлетико Мадрид, ги подели навивачите на Реал Мадрид по синоќешното очајно издание. Едни мислат дека е подобро што Марсело нема да игра против силниот ривал, бидејќи игра многу слабо во одбраната и лесно го претрчуваат, но се виде дека и со Начо како бек, тимот не е толку опасен во нападот.

 

Реал повторно загуби на најтешкото гостување што го има во 21 век (Видео)

Севилја уште еднаш се покажа како најголем кошмар за Реал Мадрид кога мечот се игра на теренот на Андалузијците. Во меч на кој Реал можеше да стигне до првото место во Примера дивисион, Мадриѓаните загубија убедливо со 3-0 и останаа со еднаков број бодови како Барселона, но со послаба гол-разлика.

Во 21 век нема потешко гостување за Реал од тоа кај Севилја. За Кралскиот клуб ова беше 11-ти пораз во последниве 18 години на гости кај Севилја. На ниту еден друг стадион во светот Реал нема губено во овој век.

Дека нема што да бара Реал и на ова госстување, стана јасно уште по првото полувреме. Андре Силва погоди во 17-тата и во 21-вата минута за водство на Севилја, а дека трите бода ќе останат на „Рамос Санчес Пискуан“, беше потврдено во 39-тата минута, кога Бен Једер погоди за 3-0 на полувремето.

https://youtu.be/szlKB8v-hoc

Ова беше првпат во последните 15 години Реал да има заостанување од 3-0 на полувреме. Интересно е тоа што во ноември 2003 година тоа се случи исто против Севилја. Тогаш домаќините на „Рамос Санчес Пискуан“ по 45 минути, имаа предност од 3-0, а на крајот дуелот заврши 4-0. Вечерва Севилја реши да застане на трите погодоци од првиот дел.

Во вториот дуел, кој започна во 22 часот, Валенсија и Селта Виго ремизираа 1-1.

 

 

 

Пандев вторпат прецизен за Џенова (Видео)

Македонскиот капитен Горан Пандев вторпат сезонава се радува на гол во италијанскиот шампионат, откако вечерва беше прецизен против Киево во победата од 2-0. „Гранде“ Пандев ја надмудри целата одбрана на гостите откако ја освои топката непосредно пред шестнаесетникот, па го пронајде патот до мрежата во долниот десен агол на голманот.

https://www.dailymotion.com/video/x6uaium

Магијата на Азар покажа дека Ливерпул не е несовладлив (Видео)

Челзи на гости го победи Ливерпул со 2-1 и се пласираше во осминафиналето од Карабао купот, а на „црвените“ на Јирген Клоп им го нанесе првиот пораз сезонава. Ова беше одлична најава за она што ќе се случува во сабота, а тоа е премиерлигашката пресметка на овие два тима, кога Ливерпул ќе има шанса да се реваншира.

Домашните поведоа со голот на Стариџ во 58-мата минута, изедначи Емерсон во 79-тата, а потоа во 85-тата минута Еден Азар постигна гол за кој вечерва зборуваат сите љубители на фудбалот на британскиот остров. Азар имаше слалом низ одбраната на Ливерпул и испрати силен шут кој заврши со мрежата за водство од 2-1, што се покажа и како конечен резултат.

Ова е спектакуларниот гол на Азар:

И во другите натпревари, лондонските екипи се радуваа. Вест Хем беше безмилосен кон Маклсфилд и го порази со 8:0, Арсенал беше подобар од Брентфорд со 3:1, а Нотингем со 3:2 го елиминираше Стоук. Тотенхем и Вотфорд одиграа драматични 2:2, па изведуваа пенали во кои повеќе знаење и смиреност имаше фаворитот.