9.8 C
Skopje
петок, 7 ноември 2025
Дома Blog Страница 10080

Дибиров: Во Вардар остана победничкиот менталитет

Левото крило на РК Вардар, Тимур Дибиров, смета дека иако летоска од клубот си заминаа некои важни играчи, останал победничкиот менталитет. Вардар како гостин го надигра европскиот првак Монпелје со 27:24.

„Не сум толку изненаден што победивме во Монпелје, бидејќи ни остана менталитетот на победници и знаеме што правиме. Без разлика кој ни е противник, дури и против европски првак на гости, ние имаме врежано дека треба да победиме. Се бориме до крај. Мечот против Монпелје покажа дека нема лесно да се освојуваат бодови против нас и сите ќе мора да играат со 110 отсто за да нè победат“ – изјави Дибиров.

Тренерот Парондо посакува да се намалат падовите во одредени периоди.

„Победата против Монпелје беше многу важна бидејќи покажавме дека имаме силен тим. Проблем е што немаме толку многу играчи како лани, ротацијата ни е малку намалена и затоа треба да направиме да бидеме константни и да не дозволиме да се повтори падот на играта како во подготвителниот период. Ако се елиминираат осцилациите, ќе бидеме уште подобри“, смета шпанскиот стручњак.

 

Трајковски: Само се обидувам да ја оправдам укажаната доверба

Македонскиот репрезентативец, Александар Трајковски, вчера направи свое шоу во победата на Палермо против Фоџа од 2-1. Неговиот тим се најде во негатива по првите 45 минути, а потоа максимално допринесе за комплетен пресврт. Прво во 54-тата минута Трајковски му асистираше на Салви при изведување на слободен удар, а во 62-та минута со гол од повеќе од 20 метри му донесе водство на Палермо, што воедно значеше и победа за гостите.

„Знаевме дека ќе биде тешко да издвоиме триумф. Го поправивме впечатокот од првото полувреме и брзо се вративме во игра. Среќни сме што си заминавме дома со три бода, се надевам ќе продолжиме во исто темпо. Јас само се обидувам да ја оправдам укажаната доверба, Тедино ми дава многу доверба и слобода во играта, а јас сум среќен што можам да помогнам на мојот тим кога е најпотребно“, истакна Трајковски за италијанските медиуми.

Роналдо: Бев под притисок, со нетрпение го чекав првиот гол

Најскапото засилување во историјата на Јувентус, Кристијано Роналдо, вчера конечно го проби мразот и постигна два гола за својот нов тим и практично ја донесе победата над Сасуоло.

На петкратниот освојувач на Златната топка му беа потребни 28 удари кон голот и 320 минути за дебитантски погодок, па по мечот истакна дека поради тоа што бил напнат, му било потребно толку време за нешто што редовно го правеше во дресот на Реал.

„Ова е фудбал, најважно е тимот да победува. Бев напнат откако го напуштив Реал, дополнителна нервоза ме притискаше и тоа што немав дадено гол, од мене се очекува многу, па сакам да ги оправдам тие очекувања. Благодарение на моите соиграчи, успеав да погодам, но повеќе ми е мило што придонесов за победата“, истакна Роналдо по мечот со Сасуоло, во кој Јуве триумфираше со 2-1.

Тетовец е „среќлија“ на викендот

Со среќа и знаење, и со малку пари, некогаш може да се добие многу. Ова се потврди во случајот со еден играч кој уплатил ливче во Тетово.

Во обложувалница на „Спортлајф“ во Тетово во саботата е уплатено ливче кое заслужува да се најде на првото место на топ тикети за викендов. За уплата само од 30 денари, на играчот ќе му бидат исплатени дури 90.913 денари. Бонусот за мајсторот кој погоди 14 парови изнесува 32.635 денари.

На ливчето, најчестата игра е „1“ или „двојка“ со „2-5 гола“, а најголемиот коефициент е 3.75 (Дукла-Либерец е играна 1& 2-5 гола), додека останатите 13 се од 1.46 до 1.83.

Обложувачот се препотувал 25 минути и се молел Ватфорд и Манчестер јунајтед веќе да не даваат голови бидеќи му требаше и 0-3 гола, а во 65-тата минута беше 1-2. Исто така, не му требале веќе голови на Челзи со Кардиф сити во финишот бидејќи играл 2-5 гола, а конечниот резултат беше 5-0. Радост му има донесено и Реал Мадрид со изедначувачкиот гол кај Атлетик Билбао, бидејќи прогнозирал дека гостите нема да загубат и притоа дека на средбата ќе паднат 2-4 гола.

 

ВО ОХРИД, УПЛАТА ОД ИЛЈАДАРКА, ИГРАЧ ПОГОДИ 14 МЕЧА И КОЕФИЦИЕНТ ОД РЕЧИСИ 236

Најголема исплата, од 235.956 денари, и бонус од 67.416, доби играч кој своето ливче го уплатил во Охрид. Кај ова ливче уплатата е 1.000 денари. Играни се 14 парови, на конечен тип („кецови“ или „двојки“), а коефициентите се движат од 1.32 до 1.60. Тука „најкритични“ му беа неколку меча, на кои Барселона и Брага правеа пресврти, а Наполи во финишот ја погоди мрежата на Фиорентина.

 

Елмас не е злато, туку дијамант!

Турците се натпреваруваат кој ќе му даде поголеми комплименти на македонскиот репрезентативен фудбалер Елиф Елмас откако овој тинејџер му донесе победа на Фенербахче во синоќешниот меч со Коњаспор. Елмас влезе во игра во 61-вата минута, а шест минути подоцна постигна гол, кој се покажа како единствен на средбата и на Фенер му донесе три бода.

Елмас не е злато, туку фудбалски дијамант, констатираат турските новинари на кои им се допаѓа прекарот кој претходно на Елиф му го дадоа македонските новинари.

Младиот играч од средината на теренот е главна ѕвезда на колото во турската лига, го спаси својот тим од маката на критичното гостување против тимот на Адис Јаховиќ. Елмас скромно кажа дека е поважно што екипата победила, а не што тој лично му донел триумф на тимот, но јасно е колку е големо значењето на погодокот.

Трите бода кои Елмас му ги донесе на Фенер се златни. Сега тимот на тренерот Филип Коку има 6 бода од пет меча и избегна ситуација да се најде во зоната за испаѓање. Фенербахче е на 11-тото место, што е далеку од нивните амбиции, но сепак е подобро отколку да киксираа повторно, што ќе значеше уште некоја позиција подолу.

Милосављев во идеалниот тим на колото во ЛШ

Голманот на Вардар, Дејан Милосављев е избран за најдобар голман на колото во Лигата на шампионите. Новиот чувар на мрежата на „црвено-црните“ ги освои симпатиите по мечот против Монпелје, во којшто Вардар оствари сензационална гостинска победа над актуелниот европски првак.

Милосављев направи тројна одбрана, со што влезе и во топ 5 одбрани во ова коло, а вкупно забележа 15 интервенции.

Идеален тим во првото коло:

Голман: Дејан Милосављев (Вардар)

Лево крило: Гудјон Валур Сигурдсон (Рајн Некар Левен)

Лев бек: Нико Ронебрг (Кокс)

Среден бек: Сандро Обрановиќ (Мешков Брест)

Десен бек: Алекс Душебаев (Киелце)

Десно крило: Алекс Гомез (Барселона)

Кружен напаѓач: Јаник Колбахер (Рајн Некар Левен)

 

Унгарија се врати на тронот во ватерполо

Со победата од 10:4 во финалето против изненадувањето Австралија, репрезентацијата на Унгарија ја освои титулата на Светскиот куп во ватерполо на ФИНА. Првенството се одржа во Берлин, а домаќинот Германија го освои четвртото место, бидејќи во битката за бронзата загуби од подмладената Србија.

Унгарците лани беа втори, иако беа домаќини на СП во Будимпешта, а сега се искачија на тронот благодарение на лесната победа во финалето. Клучна беше третата четвртина, која Унгарија ја доби со 4-0.

Унгарија беше светски првак и во 1979, 1995 и 1999 година. За Австралија, ова е најголем успех. Досега најдалеку што има стигнато беше трето место во 1993 година.

Бранителот на титулата и актуелен олимписки првак, Србија, во дуелот за трето место ја порази Германија со 15:9. Хрватите се петти, по победата над САД, а седмото и осмото место им припаднаа на Јапонија, односно на Јужна Африка.

Бејл: Му се налутив на Зидан кога ме остави на клупата за финалето

Герет Бејл беше човекот кој го одлучи финалниот меч меѓу Реал Мадрид и Ливерпул, средбата која се одигра во Киев минатата сезона во борбата за посакуваниот пехар. Велшанецот влезе од клупата и со два гола практично сам го донесе третиот трофеј во низа за „кралевите“, но не му се допадна тоа што мораше да чека 60 минути за да излезе на терен.

„Секако дека ми беше мило што придонесов да ја одбраниме титулата, но јас му бев лут на Зидан кога дознав дека нема да настапам од првата минута. Сметав дека заслужив место во стартните 11, бидејќи бев во голгетерска серија од претходните мечеви. Сепак, ја прифатив одлуката на тренерот, а бесот го претворив во лична мотивација и тоа ми помогна два пати да ја погодам мрежата“, истакна Бејл.

 

САД и Италија сè уште несовладливи

САД и Италија по четирите одиграни меча на Светското одбојкарко првенство, се двете репрезентации со максимален број победи. Американците доминираа против Камерун со 3-0 во сетови, Италија со идентичен резулатат ја совлада Доминиканската Република.

Епска битка се водеше меѓу Холандија и Франција, „лалињата“ се вратија по заостанувањето од два сета и со целосен пресврт ги совладаа Французите (3-2).

Канада е третата репрезентација, по САД и Италија, која сè уште не знае за пораз, а денес ја очекува тешка пресметка против Бразил во обидот да остане на врвот во групата Б.

РЕЗУЛТАТИ:

Кина  – Египет 1-3

Порторико – Финска 2-3

Jaпонија – Белгија 1-3

Камерун – САД 0-3

Холандија  – Франција 3-2

Куба  – Бугарија 0-3

Србија – Австралија 3-1

Доминиканска Република – Италија 0-3

Одбројани деновите на Инзаги како тренер на Болоња

Филипо Инзаги наскоро може да добие отказ и неговата авантура како тренер на калчолигашот Болоња да биде завршена. Вчера Болоња загуби од Џенова со 0-1, ѝ остана со само еден освоен бод и гол-разлика 0-5.

Овие слаби резултати може негативно да се рефлектираат врз поранешниот тренер на Милан и Венеција. Популарниот Пипо може да добие отказ, а веќе се шпекулира и со имиња како негови потенцијални наследници.

Фаворит за преземање на клупата на Болоња, во случај да биде сменет Инзаги, ќе биде Роберто Стелоне, но кандидати се и Масимо Одо или тренер со поголемо искуство од типот на Гвидолин (за него би било враќање во клубот) или Де Бјази.