-2.2 C
Skopje
понеделник, 12 јануари 2026
Дома Blog Страница 10301

Нема што нема во новиот авион на Реал Мадрид

Авионот со кој ќе се превезуваат фудбалерите на Реал Мадрид на гостувањата од Лигата на шампионите, а според фотографиите и податоците, станува збор за вистинско чудо. Овој „Ербас А380“ е најголемиот авион на светот меѓу оние што се во сериско производство. Цената е околу 340 милиони фунти.

Леталото има многу соби, во кои има кревети, туш кабини, лавабоа, таблети, телевизори со 2.500 канали и огромен бар во кој има само безалкохолни пијалоци.

Договорот на Реал со компанијата од Обединетите Арапски Емирати, кој беше потпишан пред пет години, е 62 милиони фунти годишно, па затоа и не треба да чуди што клубот доби врвни услови. Покрај европскиот првак, договори со истиот спонзор имаат и Арсенал и ПСЖ.

Кармело Ентони ќе биде резерва во Хјустон и ќе испушти рекорд

Кармело Ентони не ја исклучува можноста во Хјустон рокетс да биде резервен. Крилото кое има 34 години, беше стартер во сите 1.054 меча во НБА-лигата, што е втора најдолга низа во историјата зад онаа на Патрик Јуинг, кој има 1.118 дуели во кои бил во првата петорка.

Но, сега Ентони не размислува на личниот рекорд, туку на шампионскиот прстен, и ако во интерес на тимот на тренерот Мајк Дантони е Кармело да биде резерва, тогаш 10-кратниот олстар ќе ја прифати новата улога.

„Сите ја посакуваме титулата, тоа е целта за којашто играме во оваа лига. Мое е да му помогнам на тимот да ја оствари целта. Не ми е важно дали ќе бидам стартер или ќе влегувам од клупата. Ќе сторам сè што е потребно за да освоиме шампионски прстен“, вели Ентони, кој во експлозивниот офанзивен систем на „ракетите“ ќе игра како крилен центар.

Пред една година, Ентони не сакаше ниту да слушне да биде резерва во тимот на Оклахома Сити тандер, но сега е подготвен да се жртвува за тренерот за кој играше две сезони во Њујорк никс.

Генч Калемлер преживеа напад од „пиратите“

Со голот на Бурак Менга, екипата на Генч Калемлер триумфираше со 1-0 на гостувањето кај Скопје во Автокоманда и остана лидер на табелата во Втората лига Запад. Локалното дерби во околината на Струга заврши со нерешен исход.

На Истокот ништо ново, велешки Борец цврсто гази кон првата лига и има максимални 18 бода по шест рунди.

Еве ги резултатите од шестото коло:

ВТОРА ЛИГА, ИСТОК: Брегалница – Кожуф 0-0, Плачковица – Борец 1-4, Вардар Неготино – Партизан Обршани 2-0, Кит-Го Пехчево – Каменица Саса 3-1, Тиквеш – Детонит јуниор 2-0.

ВТОРА ЛИГА, ЗАПАД: Велазерими – Пелистер 1-0, Гостивар – Тетекс 3-0, Лабуништа – Струга Трим Љум 2-2, Скопје – Генч Калемлер спорт 0-1, Кораби – Гоблен 3-0.

Македонија У-17 поразена од Русија

Репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 17 години (родени 2002 година и помлади) со пораз од 0-1 од Русија го почна настапот на Купот на федерациите во Летонија. Одлучувачкиот гол на теренот во Јелгава, руските млади јуниори го постигнаа во 55-тата минута.

Истовремено, Финска ја порази домашната Летонија со 2-0. Летонците се следен противник на „црвено-жолтите“. Дуелот се игра задутре, попладнто од 15 часот, во Слока. Третиот настап на Македонија на турнирот ќе биде на 29-ти септември, повторно во Јелгава, кога со почеток во 11 часот силите ќе си ги одмерат со врсниците од Финска.

Интер – Фиорентина е дводецениска гаранција за голови

Дербито помеѓу Интер и Фиорентина го отвора шестото коло во Серија А, а кога играат овие два тима, речиси секогаш има победник. На петти јануари годинава, во Фиренца, одиграа 1-1, а претходно, дури на 11 средби по ред секогаш имаше победник.

Последното славје на Фиорентина на „Џузепе Меаца“ беше пред три години, кога славеше со 4-1, а потоа на гостувањата кај Интер губеше со 2-4 и 0-3. На стадионот во Милано, Интер и Фиорентина не одиграле 0-0 повеќе од 20 години, па традицијата најавува тресење на мрежите и убав меч.

Ако освои три бода, Интер ќе ја стигне Фиорентина. „Сино-црните“ последните две победи, со Тотенхем и со Сампдорија, ги извојува со голови по 90-тата минута.

Тренерот Лучијано Спалети, сепак, ќе биде на клупата на „нераѕурите“, откако дисциплинската комисија ја усвои жалбата на Интер. Спалети ќе плати само 5.000 евра. Стратегот беше казнет за непримерен однос кон четвртиот судија на мечот со Сампдорија, иако на снимката се виде дека Спалети не е виновен.

Кај Интер, се враќа Де Вреј, а Миранда ќе биде на клупата. Повреден е Врсаљко. Кај Фиорентина нема повредени, па ќе играат со стандардната формација 4-3-3. Во шпицот на нападот го имаат Џовани Симеоне, син на легендарниот играч на Интер, а сегашен тренер на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне.

Пред натпреварот, ќе се одржи мини-церемонија во чест на поранешниот голман Франческо Толдо, кој бранеше за двата клуба.

Денеска слави роденден Карл-Хајнц Румениге, легендарниот германски фудбалер, кој најубавите денови како интернационалец ги мина во Интер, за кого даде 42 гола.

 

Иско опериран од слепо црево

Фудбалерот на Реал Мадрид, Иско, нема да може да игра еден месец бидејќи денеска му беше извршена операција на слепото црево. Ова може да биде хендикеп за тимот во пресрет на серијата тешки натпревари, од кои првиот е утревечер, на традиционално незгодното гостување кај Севилја, каде што Реал загуби пет од последните шест посети на „Санчес Писхуан“.

Иско денеска не се појави на тренингот на Кралскиот клуб, а потоа беше обелоденето дека имал болки и веднаш заминал на операција. Лекарите прогнозираат дека шпанскиот репрезентативец нема да може да игра во следните три до четири недели.

Неиграњето на Иско е шанса за Дани Себалјос (ексиграч на Бетис) да биде стартер против тимот чии навивачи не го сакаат. Можно е шанса да добие Лукас Васкес, што би значело дека Реал повеќе ќе игра преку крилата, а не низ средината на теренот.

Во тимот на Реал утре против Севилја ќе го нема ниту Даниел Карвахал, кој уште ја нема залечено повредата, па десната бековска позиција ќе ја пополни Одриосола. Целта на Реал е Карвахал да биде оспособен за дербито со Атлетико Мадрид следниот викенд.

МЗТ во понеделник ќе игра против Реал Мадрид

Екипите на МЗТ Скопје Аеродром и Реал Мадрид за играчи до 12 години во понеделник претпладне ќе одиграат меч од Буба купот во Софија, и тоа ќе биде ретка прилика за талентите од аеродромскиот тим да си ги мерат силите со најтрофејниот европски клуб.

Сениорите на МЗТ пред 22 години приредија сензација со историската победа над Реал во тогашниот Куп Сапорта, а сега двата клуба ќе имаат меѓусебен дуел во најмладата категорија.

Буба купот ќе се игра од 28-ми септември до први октомври во салата „Тријадица“ во Софија. Младите „штркови“ на 29-ти септември се среќаваат со домаќинот Буба баскет и со Казерта од Италија, наредниот ден со Дан Дачијан од Романија и со српскиот тим Фока од Крагуевац, а претпладнето на први октомври, во 10.30 часот по македонско време, МЗТ игра со Реал Мадрид.

Ѓоковиќ ја подели Кина, ќе игра во Шангај и ќе го „скокне“ Пекинг

Новак Ѓоковиќ има големи шанси годината да ја заврши како првопласиран на АТП-листата, а за тоа му треба и добра стратегија и победи.

За таа цел, популарниот Џокер размислува дали да игра на двата големи турнири во Кина, во Шангај и во Пекинг, а најави дека конечната одлука ќе ја донесе во следните денови.

“Во следните три дена ќе донесам одлука дали ќе играм и на двата турнири во Кина. Настапот во Шангај е сигурен, а за Пекинг ќе размислам“, вели Ѓоковиќ.

Турнирот во Пекинг ќе се игра од први до десетти октомври, а стартот на турнирот во Шангај е закажан за седми октомври и ќе се игра до 14-ти.

Рафаел Надал нема да игра ниту на едниот од двата турнири, со што му отвори шанса на големиот ривал да го престигне на светската ранг-листа.

 

Лампард сега како тренер сака да го победи Манчестер јунајтед

Како играч, Френк Лампард многу често знаеше да биде вистински кошмар за Манчестер јунајтед. Некогашниот капитен на Челзи ја решеташе мрежата на „црвените ѓаволи“. Сега Лампард е тренер, и тоа во екипата на Дерби, која е денешниот ривал на Манчестер јунајтед, во 1/16-финалето од Лига купот.

Ова ќе биде еден голем испит, но и мотив за Лампард да се покаже како стратег. На спротивната страна ќе биде Жозе Мурињо, кој и нему му беше тренер во Челзи. Лампард и Мурињо со Челзи се радуваа на две титули во Премиер лигата, но и на трофеј во ФА купот. Лампард помина 13 години на „Стемфорд бриџ“, а Мурињо како менаџер беше во периодот од 2004 до 2007 година, а потоа и од 2013 до 2015 година.

„Ќе биде убаво што повторно ќе се видиме со Мурињо. Тој е еден од тренерите кој имаше големо влијание во мојата кариера. Многу го почитувам. Секако дека Манчестер е голем фаворит и се очекува да победи, но тоа е само плус предизвик за нас“, порача Лампард.

Дерби има загубено на седум од последните осум гостувања на „Олд Трафорд“, а Манчестер ги добил двете претходни битки во Купот со овој ривал. Во последните 15 години, Јунајтед дури 14 пати го поминал ова коло од Купот.

 

 

Хакери ги украдоа парите и ги скараа Лацио и Феенорд

Хакери украдоа два милиони евра од сметката на Феенорд, уплатени од страна на Лацио за трансфер на играчот Стефан де Вреј, па случајот стаса дури до највисока инстанца, до Арбитражниот суд за спорт во Лозана.

И пресудата на CAS е соломонско решение, Лацио повторно да уплати пари на сметката на Феенорд, но сега половина сума, односно еден милиони евра.

Ситуацијата е несекојдневна, кражбата како на филм, а од Феенорд не се откажуваат и ќе се жалат на одлуката на Судот. Бараат нова уплата од Лацио од два милиони евра, а и „лацијалите“ се незадоволни, бидејќи ќе мора да платат еден милион повеќе. Сè додека не се најдат хакерите и украдените пари, ќе трае кавгата на релација Ротердам – Рим.