Дома Blog Страница 10701

Победа продолжува номадски, го чека Вардар во Штип

Прилепска Победа продолжува во номадски стил, со преселба од град во град, од стадион на стадион, а дербито од осмото коло против Вардар ќе го игра во Штип.

Утре прилепчани ќе мораат да патуваат до Штип, поради зафатеност на стадионот во Битола. Под Тумбе кафе ќе игра Пелистер против Гостивар, во меч од втората лига, па Победа мора да го пречека Вардар на стадионот „Под Исар“.

Претходно поради запустеност на градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп, Победа има играно како домаќин во Охрид, потоа и на стадионот во Могила, во Турново и во Битола.

Мечот ќе се игра утре од 15 часот.

Танкоски: Да ги избегнеме петте црни минути што ни се повторуваат

Да ги избегнеме истите грешки што ни се повторуваат од меч во меч, ако сакаме успех против Татран Прешов, вели младинскиот репрезентативец на Македонија и член на Металург, Марио Танкоски.

Металурзите лошо ја почнаа новата сезона во Лигата на шампионите, со два порази од по 8 голови разлика, а во недела на гости им доаѓа еден од фаворитите за првото место во групата. Словачкиот Татран Прешов ќе гостува во Скопје, во „Јане Сандански“ од 17 часот.

„Татран Прешов е одлична екипа, според мене  еден од главните фаворити за двете први места во нашата група. Бележат добри резултати и играат добар ракомет во последно време. Ќе  мора да избегнеме повторување на иститте грешки, или да не ни се повторат црните пет минути што ги имавме на претходните мечеви. Ако успееме, можеме да забележиме успех“, изјави Танкоски.

Татран има два победи во првите две кола и е фаворит против Металург во недела.

Клоп: Ван Дајк ќе игра ако е фит, но имаме и други опции

Ливерпул утре ќе бара реванш против Челзи за поразот од пред два дена во Карабао купот, но „црвените“ може да играат без нивниот организатор на одбраната, Вирџил ван Дајк. Во пресрет на дербито, менаџерот на Ливерпул, Јурген Клоп, истакна дека Холанѓанецот нема да игра доколку не е физички подготвен. Дефанзивецот не тренирал денеска, па дури утре Клоп ќе одлучи дали ќе го стави во почетниот состав.

„Вирџил ќе игра само ако е фит, но доколку не се подготви, имаме и други адекватни замени. Очигледно е дека Ван Дајк е исклучително важен за нас да настапи на секој меч, но тоа не значи дека треба да го форсираме. Игравме добар фудбал и пред да дојде во Ливерпул, сега покажуваме уште подобри игри со него, а јас преферирам, пред сѐ, тој да биде свеж“, вели Клоп.

Сега Челзи ќе ја има улогата на домаќин, а мечот е предвиден за утре, со почеток од 18.30 часот.

Глумецот од „Монтевидео“ ја маѓепса мрежата на Беласица (Видео)

Голманот на Беласица, Никола Вујанац, е несовладлив на голот на струмичани и е еден од клучните фактори за подемот на тимот, кој сега е непоразен на пет меча.

Вујанац ја маѓепса мрежата и е без примен гол повеќе од 300 минути. Последен што успеа да го совлада е стоперот на Вардар, Евгениј Новак на први септември. Оттогаш Никола има три „шут-аути“ и ја предводи цврстата одбрана на Беласица.

„Сега сме многу посилни со доаѓањето на Вујчиќ, Ивановски и Дробаров, а заслуги за моите добри претстави имаат сите соиграчи. Фудбалот е тимска игра и без максимален ефект од сите на теренот, нема успеси. Задоволен сум од мојата форма на почетокот на новата сезона и посакувам само вака да продолжиме“, вели Вујанац за СПОРТ МАНИЈА.

Неговата чудесна интервенција против Шкупи е одбрана на колото, а со неа ја запечати победата на Беласица од 1-0.

Интересно е што Никола Вујанац имаше улога во култниот филм „Монтевидео бог те видео“, а во Македонија брани од јули 2016 година. Прво беше член на Силекс, па се пресели во Академија Пандев, а летово остана во Струмица, но се пресели во редовите на Беласица.

Следен предизвик за да се обиде да се приближи до котата 400 минути без примен гол му е утрешниот меч против Работнички во Скопје, од осмото коло во Првата македонска фудбалска лига.

 

Ѓоковиќ нема да игра во Пекинг, се откажа од можни 500 АТП-поени

Новак Ѓоковиќ, кој деновиве тренира во Белград, одлучи сепак да не се појави на турнирот од АТП 500 серијата во Пекинг. Ноле шестпати го има освојувано турнирот во главниот град на Кина, но втора година по ред нема да се појави.

Со евентуалното освојување на тој турнир, Ѓоковиќ ќе ја намалеше негативата во однос на лидерот на АТП-листата, Рафаел Надал, но за Србинот враќањето на првата позиција на ранг-листата не е приоритет, туку здравјето.

Новак ќе настапи на Мастерсот во Шангај, кој стартува на седми октомври, и дотогаш ќе тренира во Белград. На тренинзите на терените во населбата Дорчол, Ѓоковиќ на насобраните фанови им ја соопштил одлуката оти нема да игра во Пекинг.

Ѓоковиќ ќе требаше во Кина да игра 10 меча за 12 дена, што би било преголем напор. Во Пекинг ќе играат само тројца од топ-10 тенисерите, додека во Шангај, титулата ќе ја брани Роже Федерер.

ФФМ доби награда за добро организираниот Суперкуп 2017

Фудбалската федерација на Македонија доби специјално признание од Министерството за економија на Република Македонија по повод Светскиот ден на туризмот. Според Министерството, Суперкупот на УЕФА – Скопје 2017 е  најуспешно организираниот настан во минатата година.

По повод Светскиот ден на туризмот, министерот за економија, Крешник Бектеши, покрај признанието за ФФМ, додели плакети за најуспешните туристички работници, здруженија и деловни субјекти од туристичкиот сектор.

„Во Европа позитивно се гледа на македонскиот спорт и на нашиот фудбал и се надеваме дека нашите резултати и успеси многу повеќе ќе се ценат и вреднуваат од страна на јавноста и општеството воопшто. Суперкупот – СКОПЈЕ 2017 е најголемиот настан кој нашата држава го организираше, за нас тој настан секогаш ќе буди посебни емоции и секогаш со гордост ќе се сеќаваме на моментите од осми август 2017. година. Благодарност до Министерството за економија за признанието, ние како Федерација секогаш ќе се трудиме да ја промовираме нашата држава во европски и светски рамки“, рекоа Дрилон Ганиу, заменик-генерален секретар во ФФМ, и Жарко Игњатовски, менаџер за фудбал во Федерацијата.

Лоша среќа за Реал: Марсело го пропушта градското дерби

Реал Мадрид против Атлетико во сабота ќе игра со голем хендикеп, Марсело не закрепна навреме и ќе го пропушти градското дерби. Левиот бек се повреди во поразот од Севилја пред два дена, кога во последните десетина минути практично кривеше на тревата, болките не ги издржа, па мораше предвреме да го заврши мечот и да го остави својот тим со играч помалку на теренот, бидејќи Лопетеги претходно ги направи сите три измени.

Бразилецот, очигледно, не закрепна навреме, па дербито ќе го проследи од трибините, додека во составот, односно на десната бековска позиција, ќе се врати Карвахал, а Начо ќе ја покрива левата страна. Од неодамна, во тимот го нема и Иско, кому му беше изврпена операција на слепото црево, по што му следува неодреден период на закрепнување, а Лопетеги ќе има тешка задача да го подготви својот состав за големото дерби, знаејќи дека двајца клучни играчи не му се на располагање.

Враќањето на Марсело во тимот на Реал се очекува на 20 октомври против Леванте, на една недела пред класико против Барселона.

Во средата Реал го претрпе првиот пораз за сезонава во шпанскиот шампионат. Севилја пред преполниот „Санчез Писхуан“ го декласираше Кралскиот клуб со 3-0. Натпреварот Реал Мадрид – Атлетико Мадрид е закажан за утре, со почеток од 20.45 часот.

Враќањето на Левандовски е гаранција за голови

За петочката програма, која е како предвесник на викендот со супер богата понуда, нудиме кратки анализи и предлози за пет натпревари од пет различни лиги, за кои сметаме дека треба да се обложите во уплатните места на SPORT LIFE.

Херта – Баерн (20.30 часот)

„Баварците“ со Полјакот на чело ќе го освојуваат Берлин

Аугсбург во минатото коло ја запре серијата на Баерн од 10 победи по ред во сите натпреварувања, па сега „баварците“ ќе треба да се вадат во главниот град, против Херта. Јасно е дека Баерн е фаворит и квотата за двојка е скромна, затоа предлогот ни е да играте дека во двете полувремиња ќе паднат од еден до три гола. Баерн има низа од 15, а Херта од 11 меча по ред на кои даваат барем еден гол.

Кај Баерн се враќа Роберт Левандовски, кој го пропушти дуелот со Аугсбург. Ќе ги нема Коман, Рафиња и Толисо, додека Горецка е неизвесен. Херта загуби од Волфсбург, па сега и тие се во негативно расположение, па средбата со најмоќниот германски тим им доаѓа во лош момент. Повредени се Грујиќ и Торунарига.

Херта девет години дома не го совладала Баерн, но последните два меча во Берлин завршија нерешено.

Предлог тип: 1-3I & 1-3 II (1.85)

 

Сент Етјен – Монако (20.45 часот)

Имаат иста гол-разлика, а едните се шести, другите 18-ти на табелата

Екипите на Сент Етјен и Монако се во една чудна ситуација. По седум рунди, двата тима имаат гол-разлика 8:9, но Сент Етјен е шести на табелата со 12 бода, а Монако освои само шест бода и моментно е дури на 18-тото место.

Монако има само една победа сезонава, а Сент Етјен во претходните два домашни меча победуваше во дуели на кои паѓаа повеќе од три гола. Се чини дека сега е шансата на Сент Етјен да направи нешто повеќе против ривалот кој не го совладал четири години.

Предлог тип: 1 (2.20)

 

Шефилд вензди – Лидс јунајтед (20.45 часот)

Лидс лани двапати губеше од Шефилд, Бјелса сака да сервира реванш

Последните пет меѓусебни средби на овие две екипи велат дека мора да има победник, а на нивните пресметки редовно се постигнувале по два гола. Шефилд во таа статистика води со 3-2, а минатата сезона на двапати ги совладуваше Лидс. Сепак, оваа сезона приказната е сосема различна, Лидс предводен од Марсело Бјелса игра одлично, се наоѓа на врвот на табелата, а треба да се земе предвид дека составот на аргентинскиот стратег загуби во минатото коло, па нема да дозволи да наниже два порази.

Предлог тип: X2 & 2-4 (2.04)

 

Галатасарај  – Ерзурум (19 часот)

Гигантот мора да ја оправда фаворитската улога

Галатасарај во обид да закрепне од изненадувачкиот пораз во минатото коло, игра против најслабата екипа во турскиот шампионат. Јасно е кој е фаворит, а се очекува Галата да забележи и лесна победа, односно да постигне два или повеќе голови.

Предлог тип: 1 & 3-5 (2.10)

 

Рајо Валјекано  – Еспањол (21 часот)

Време е Рајо да ја израдува домашната публика 

Рајо Валкејано по пет кола во Ла Лига, има само една победа, и тоа на гости кај Уеска со минимални 1-0, додека пред своја публика на двапати претрпуваше тотален дебакл. Прво од Севилја со 4-1, потоа и од Алавес со 5-1. Иако денес за противник го има Еспањол, тимот кој добро ја започна сезонава и се наоѓа на шестото место, публиката ќе бара победа за да се поправи впечатокот. Рајо по добро го памети последното доаѓање на Еспањол на негов терен, со 3-0 славеа голема победа, а со сигурност ќе посакуваат можеби ако не идентичен, барем сличен триумф и денес.

Предлог тип: 1X & 2-5 (2.15)

 

Хас ги задржа Магнусен и Грожан за сезоната 2019

Американскиот тим на Формула 1, Хас  следната сезона ќе се натпреварува со досегашните возачи на своите болиди, Швајцарецот Роман Грожан и Данецот Кевин Магнусен. Oваа информација беше потврдена денес, во пресрет на трката за Големата награда на Русија.

„Уште од почетокот на нашата работа ни беа потребни двајца искусни возачи, со цел што побрзо да напредуваме како тим, но да напредуваат и нашите болиди, па така беше лесно да се донесе одлуката Магнусен и Грожан да останат во тимот. Во однос на минатата година, напреднавме многу, се надевам ќе продолжиме со иста работа и во иднина“, истакна шефот на Хас, Гунтер Стајнер.

Во својата трета сезона како дел од шампионатот во Формула 1, тимот на Хас користи мотор на Ферари, а се наоѓа на четвртата позиција на табелата на конструктори со 76 поени.

Аларм во Барса и Франција – Умтити ги скина лигаментите?

Централниот дефанзивец на Барселона, Самуел Умтити, има скинати лигаменти во левото колено, и најверојатно му претстои пауза од неколку месеци. Се чека официјална потврда на веста, но речиси сигурно е точна оти има тешка повреда. Умтити не тренираше пред утрешниот меч со Атлетик Билбао и беше потврдено оти нема да игра.

Ова е сериозен проблем за Барса, ако се знае дека другиот нивен столб на одбраната, Жерард Пике, игра во лоша форма. Отсуството на Умтити ќе го покрие друг негов сонародник.

Додека го нема Умтити, во последната одбранбена линија ќе играат Пике, Клеман Лангле и Томас Вермален. Пике игра слабо и прави грешки речиси секое коло, Лангле доби црвен картон на своето деби со Жирона и ќе мора да игра со Билбао, а искусниот Вермален цела кариера се бори со повреди.

Дуелот со Атлетик ќе биде генерална проба за тандемот Пике-Лангле како ќе функционираат, бидејќи неколку дена подоцна им следува тежок меч со Тотенхем во Лигата на шампионите.