Дома Blog Страница 10719

Штета: Јужни замина во пензија со 499 победи

Русинот Михаил Јужни се пензионираше по поразот од Роберто Баутиста Агут на турнирот во Санкт Петербург во осминафиналната серија. Јужни беше на чекор од остварување голем јубилеј, 500 победи во неговата кариера, но по два и полчасовната пресметка, рускиот тенисер загуби со 7-6, 3-6, 6-3 во сетови.

Во неговата дваесетггодишна кариера, Јужни освои 10 АТП титули, во 2008 година се најде меѓу најдобрите 10 тенисери во светот откако на АТП-листата беше рангиран на осмата позиција, што е негов личен рекорд. Одигра и две полуфиналиња на Отвореното првенство на САД, во 2008 година загуби од Енди Родик, а две години подоцна беше послаб од Рафаел Надал.

„Сметам дека направив добра кариера. Да играв само на руско тло, немаше олку рано да ја завршам кариерата, но премногу патувања во краток рок почнуваат да ми пречат. Можам да играм на високо ниво, но едноставно сум уморен од исцрпувачките патувања. Време е да го посветам моето внимание на семејството“, истакна Јужни по поразот.

Рускиот тенисер во кариерата заработи 14 милиони долари од сите настапи на турнирите.

Американците тврдат: Адетокумбо е подобар од Дурант, a најдобар е Џејмс

Според листата на „ЕСПН“, ѕездата на Милвоки бакс, Јанис Адетокумбо, се најде меѓу петте најдобри кошаркари во НБА за следната сезона. Според рангирањето на американскиот медиум, Јанис е подобар од Кевин Дурант (5), се наоѓа на четвртото место, а пред него се Џејмс Харден (3), Стеф Кари (2) и Леброн Џејмс (1).

Адетокумбо е единствениот европски кошаркар кој се најде меѓу првите 10 најдобри играчи, а листата во топ 10 ја комплетираат: Ентони Дејвис (6), Расел Вестбрук (7), Кавај Ленард (8), Џоел Ембид (9) и Демиен Лилард (10).

Адетокумбо со неговите одлични партии се наметна како лидер на тимот на Милвоки, две сезони во низа тој е најдобар во тимот според просекот во поени, скокови и асистенции, а минатата сезона ги однесе „елените“ во  разигрувањата на плејофот.

Падот во формата на Салах е добар за Ливерпул

Египќанецот Мохамед Салах оваа сезона не ја почна најдобро, падот во формата кај него е очигледен, но Ливерпул победува, и тоа е одлично за тимот. Аналитичарите се прашуваат како ли ќе изгледа Ливерпул кога и Салах ќе проработи?

По голот на Фирмино за победа над ПСЖ, камерите веднаш го покажаа Салах на клупата кој ги крена рацете, а го фрли на земја шишето со вода. Некои мислат дека се радувал, други дека е налутен, фрустриран, па дури и љубоморен.

Салах обично не седи на клупа кога на Ливерпул му треба гол за победа, но добро за тимот е тоа што веќе не се толку зависни од погодоците на Салах. Јасно е дека рекордите во постигнати голови тешко се повторуваат и надминуваат, а покрај тоа, Салах летово го мина во лечење на рамото за да може да игра на Светското првенство.

Мо има само два гола на шесте меча (лани ова време имаше три гола, па падот во ефикасноста не му е драстичен, но Ливерпул имаше и пораз и реми), а Ливерпул ги доби сите шест средби, пет во Премиер лигата и еден во ЛШ. Во минатата сезона, Салах се разигра од 17-ти октомври до 30-ти декември, кога имаше 17 гола на 17 меча.

Предизвикот следува наскоро и шансата за Салах повторно да ги полни противничките мрежи за да не жалат во клубот што не го продадоа летово.

Дваесет години од смртта на најбрзата жена на сите времиња (Видео)

Денеска се одбележуваат точно две децении откако Флоренс Грифит Џојнер заспа и не се разбуди поради задушување од епилептичен напад. Популарната Фло Џо имаше 38 години. Таа сè уште е светска рекордерка на трките на 100 и 200 метри.

Нејзиниот рекорд на 100 метри (10 секунди и 49 стотинки) е поставен во Индијанаполис пред 30 години и ниту една спринтерка го нема загрозено. Таа освои три злата (100 метри, 200 метри и штафета 4х100) и едно сребро (4х400 метри) на Олимписките игри во Сеул 1988 година.

Но, брзо потоа нејзиното име се појави во допинг-скандал. Премногу беше доминантна и сомнежите дека користи недозволени стимулативни средства беа чести, но сите тестови беа негативни. Таа се повлече по ОИ во Сеул, само една недела откако ИОК најави редовни допинг-тестови во текот на целата година, почнувајќи од 1989 година.

За младите кои не се сеќаваат како трчаше Џојнер, еве клип од трката на светскиот рекорд:

Монако верува во младите сили

Некогашниот француски првак Монако многу лошо ја започна новата сезона. По првите пет меча, тимот од малото кнежество има само пет бода. По стартната победа во првото коло, следуваат четири меча без победа на Монако.

Тренерот Леонардо Жардим вели дека сезонава ќе ги форсира младите играчи. Монако е познат како тим од каде што во изминативе неколку сезони се појавија неколку блескави играчи. Најпознат од нив е Килијан Мбапе, кој за 180 милиони евра беше продаден во ПСЖ. На последниот меч од домашното првенство, Монако против Тулуз на теренот имаше дури осуммина играчи кои се помлади од 23 години.

Ова само потврдува дека искуството е тоа што му недостасува на Монако, но талентот и квалитетот треба да дојде до израз на средбата против Ним, кој на последните три средби освои само еден бод.

Интересно е што и меѓусебните дуели се на страната на Монако, бидејќи се радуваше на последните три средби против Ним.

 

Пандев во јануари се сели во Лидс?

Марсело Бјелса во 2014 година како тренер на Олимпик Марсеј сакаше да го донесе Горан Пандев, кој тогаш беше член на Лацио, но желбата не му се исполни. Можеби од втор обид ќе му се посреќи.

Според англиските медиуми блиски до клубот Лидс, тренерот на овој тим, контроверзниот Аргентинец Бјелса повторно сака да го донесе Пандев кај себе. Македонскиот репрезентативец, кој има 35 години и е член на Џенова, во јануари би можело да ја смени средината и да му се приклучи на крилото Езџан Алиоски.

Бјелса смета дека искусниот Пандев, кој освојувал важни трофеи, е тоа што му треба на Лидс за влез во Премиер лигата и дека тоа би било одлично засилување на краток рок, за до крајот на сезонава. Договорот на Пандев со Џенова е во своите финални 12 месеци.

Лидс добро ја почна сезонава во Чемпионшип, со 18 бода од 8 меча, но тимот има кратка ротација и тој проблем, како и повредите може да се одразат во вториот дел од сезоната, па затоа решението го бараат во носење играч со победнички менталитет.

Џошуа и Поветкин на „Вембли“ ќе боксуваат за четири појаси

Ентони Џошуа и Александр Поветкин во сабота вечерта на славниот лондонски стадион „Вембли“ ќе им приредат спектакл на љубителите на боксот со борбата за титулата во тешка категорија. Бранител на четирите појаси е Џошуа, па тој важи за фаворит. Но, искусниот предизвикувач од Русија не смее да се потцени.

Џошуа на „Вембли’ во април 2017 го совлада Владимир Кличко и верува дека и на второто појавување таму ќе слави победа. Нему му фали само појасот во ВБЦ-верзијата за да стане неприкосновен шампион. Во ВБЦ, титулата е кај Донте Вајлдер, и тоа е ривалот кој Џошуа сака да го совлада, но мора прво да се одбрани од Поветкин.

Саша Поветкин има 39 години, беше шампион на ВБА од 2011 до 2013 година. Тој во кариерата има само еден пораз како професионалец, во 2013 година, кога беше поразен од Владимир Кличко. Од 34-те победи, 24 му се со нокаут.

Џошуа и Поветкин се поранешни олимписки прваци. Русинот се закити со злато во Атина 2004, а 28-годишниот Џошуа во Лондон во 2012. Двајцата најавуваат дека го почитуваат противникот, бидејќи во тешка категорија еден удар може да го смени текот на борбата.

Билетите за боксерскиот спектакл беа пуштени во јули и нема дилеми дека во живо боксерскиот меч ќе го следат 80.000 луѓе. Аналитичарите сметаат дека нема да има нокаут, туку дека Џошуа ќе победи на поени. Дали се во право, останува да се види утревечер.

Хамшик го напушта Наполи во јануари?

Капитенот на Наполи, Марек Хамшик, размислува да го напушти Наполи уште во следниот преоден рок. Иако со доаѓањето на Карло Анчелоти на клупата на „наполитанците“ неговата преселба во Кина беше спречена во текот на летото, Хамшик не се снаоѓа најдобро во тактиката и играта на Анчелоти и размислува повторно да започне преговори со кинеските клубови.

Словакот од оваа сезона доби нова улога на теренот, поточно требаше да заигра на позицијата на која главно диригираше Жоржињо, но Хамшик само на еден натпревар одигра цели 90 минути во италијанскиот шампионат, додека со Црвена ѕвезда во Лигата на шампиони остана на клупа. Дополнителен мотив да си замине од Неапол ќе биде евентуалниот неуспех на Наполи да се пласира во нокаут-фазата во Лигата на шампиони, а земајќи предвид дека се бори со Ливерпул и ПСЖ за првите две места во групата, нема да биде изненадување ако Наполи не се најде меѓу екипите кои ќе играат европски фудбал и во февруари.

Хамшик ги брани боите на тимот од „Сан Паоло“ уште од 2007 година, кога како младинец пристигна од редовите на Бреша. Со текот на годините се наметна како икона на клубот, одигра над 400 натпревари за него, а воедно стана и најдобар стрелец во историјата на Наполи. Сепак, оваа долга приказна може да заврши во почетокот на 2019 година.

Во недела во Скопје доаѓа атлетска легенда

Атлетската федерација на Македонија во недела (23-ти септември) попладне ќе има чест да биде домаќин на лорд Себастијан Коу, кој е актуелен претседател на Светската атлетска федерација, ИААФ.

За време на кусиот престој во нашиот главен град, Коу ќе има средби со претставниците на АФМ, предводени од претседателот Крсте Серафимовски, а според најавите, планирани се и средби со високи личности од политичкиот живот, како и со првиот човек на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.

Главна причина за доаѓањето на Коу е прославата на 70-годишнината од основањето на Атлетската федерација на Македонија. По тој повод, во недела вечерта ќе се одржи свечена седница, на која ќе присуствува легендарниот Коу. Претходно, тој ќе одржи прес-конференција.

Британецот, кој сега има 61 година, на Олимписките игри во 1980 и 1984 освои златен медал на трката на 1.500 метри, а на тие ОИ беше втор на 800 метри.

 

„Подароци“ за викендов: Фаворитите сакаат да останат перфектни

Возбудувањата во првото коло од Лигата на шампионите и Лигата на Европа завршија и сега повторно фокусот е на дуелите од најсилните лиги во Европа. Оние екипи кои беа дел од европските натпреварувања имаат малку време за повторно да се подготват, овојпат во бробата за нови бодови во домашните шампионати.

Во топ 5 лигите речиси и да нема некое многу звучно дерби, но затоа има мечеви на кои речиси сигурно се знае победникот. Сепак, фудбалот многу пати се покажал како непредвидлив и затоа е интересно да се типува. Во пресрет на почеток на викендот ви нудиме неколку „подароци“ за типување.

Во топ 5 лигите има шест клубови кои се со максимален ефект. Челзи и Ливерпул блескаат во Премиер лигата. Ливерпул е во еуфорија по победата над ПСЖ во Лигата на шампионите, а утре од 16 часот игра против Саутхемптон.

„Енфилд роуд“ чека нова радост

Навивачите на „Енфилд роуд“ се подготвени да видат нов триумф на нивниот омилен тим. Победа на Ливерпул е со коефициент 1.22, а ремито е дури со коефициент 6.10. Речиси е неверојатно Саутхемптон да победи, па коефициентот е 12.

Лондонско дерби за неделно попладне

Челзи покажа дека е во одлична форма и со 14 голови е најефикасен тим во лигата. Вест хем очајно стартуваше и имаше четири порази во низа, но конечно „чеканите“ минатата недела се израдуваа, и тоа на гости кај Евертон, победувајќи со 3-1. Против Челзи треба да покажат дали таа победа беше случајна или ќе успеат да му ги откинат првите бодови на фаворитот. За победа на Челзи коефициентот е 1.62, ремито вреди 4.20, додека триумф на Вест хем е со коефициент 5.10.

Шампионите во Италија, Германија, Шпанија и Франција повторно се лидери

Дека нема многу работи да се сменат во најсилните првенства, покажуваат и моменталните табели. Јувентус е единствен со четири победи во 4 меча, а „старата дама“ така сака да остане и по неделното гостување кај Фрозиноне. Коефициентот за италијанскиот гигант е само 1.22, ремито е 6.20, а победа на домаќините е со коефициент 15.

Барселона, едноставно треба само да се појави за да ги освои трите бода против Жирона. Каталонците играат на „Камп ноу“, па имаат коефициент 1.10, што значи дека сè останато освен победа на шампионот, би било „лудило“. За реми коефициентот е 10, а „двојката“ е 24.

Баерн ќе има добар тест на гости кај Шалке во Гелзенкирхен. Баварскиот гигант нема ниту еден пораз на последните 17 средби против овој ривал (14 победи и три реми), па затоа иако е гостин, коефициентот за првакот е 1.45, ремито е 4.30, а за успех на Шалке се дава коефициент 7.10.

ПСЖ и сезонава може само да се „прошета“ до титулата во Франција. „Светците“, кои досега се без грешка, во недела ќе гостуваат кај Рен. Коефициентот за нова радост на фаворитот е 1.40, ремито е со коефициент 4.80, а победа на Рен е 7.50.