Дома Blog Страница 10737

Големите клубови не забораваат – Супер најава во чест на Ристовски

Стефан Ристовски за Спортинг Лисабон дебитираше на 19-ти септември 2017 година во официјален меч против Маритимо, и во негова чест и со негов лик е постерот за најава на новиот дуел на овие две екипи.

Повторно во Лисабон и повторно во меч од Купот на Португалија, во недела ќе играат Спортинг и Маритимо, а ликот на Ристовски е на постерот што е искористен како најава за овој дуел.

Македонскиот репрезентативец пред помалку од една година го одигра целиот меч против Маритимо, прв за него, а мрежите мируваа, па Спортинг како првопласиран мина во плејофот од Лига купот.

Сега двете екипи повторно се во иста група, заедно со Есторил и Феиренсе, а од задутре со меѓусебен меч ја почнуваат битката за првото место, кое повторно води во плејофот.

Во меч кој буди убави спомени за Ристовски, кој се сеќава на дебитантскиот настап од пред една година во дресот на Спортинг, а тој момент не го заборавија ниту во неговиот сегашен клуб.

„Маракана“ ќе биде тип-топ за ЛШ

Црвена ѕвезда по 26 години пауза, се враќа во луксузното друштво, во Лигата на шампионите, а за мечот против Наполи во вторник „Маракана“ ќе биде подготвена за спектакл.

Стандардите на УЕФА се ригорозни, особено за луксузно натпреварување од калибарот на Лигата на шампионите, па раководството на „црвено-белите“ мораше дополнително да го средува теренот.

Според изјавите на првите луѓе на Црвена ѕвезда, до вторник, до 21 часот, кога ќе почне мечот, сè ќе биде во ред.
Српскиот шампион за првпат игра во ваков формат на ЛШ, а ќе бие битка во групата Ц против Наполи, Пари Сен Жермен и Ливерпул.

Црвена ѕвезда е поранешен европски првак, еден од ретките од Источна Европа, и ја освои титулата во тогашниот Куп на европски шампиони во сезоната 1991/92.

„Милионери“ против „банкари“ во дербито на Бундеслигата

„Милионерите“ од Дортмунд против „банкарите“ од Франкфурт, или со фудбалски речник Борусија против Ајнтрахт е дерби на денот во нашиот избор.

Борусија е непоразена во дуелите со Ајнтрахт речиси две години, а и вечерва на „Вестфален“, или како што официјално се нарекува „Сигнал Идуна парк“, е фаворит против гостите од Франкфурт.
Последниот меч во Дортмунд беше драматичен, а го одлучи Миши Батшуаји со погодокот во 94-тата минута, доволен за победа на Борусија од 3-2.

Популарните „милионери“ ќе мора да играат без повредените Омер Топрак и Рафаел Гереро, а веројатно нема да настапи и Кристијан Пулишиќ. Борусија мора да мисли и да штеди сили за стартот на Лигата на шампионите, за гостувањето во Бриж, но и да го победи Ајнтрахт.

Гостите имаат силен адут во првиот стрелец Себастиен Aле. Францускиот напаѓач лани беше топ голгетер на тимот со 13 погодоци, а и сезонава ја почна ефикасно со два од трите погодоци што ги постигна Ајнтрахт.

Тимот од Франкфурт ќе биде ослабен без Јетро Вилемс, кој беше исклучен на претходниот меч и нема право на настап.
Подобрите настапи во последно време во меѓусебните дуели, но и моменталната форма, ја прават Борусија голем фаворит за победа.

„Кецот“ во Бонус Тип во нашите обложувалници е со коефициент 1.56, ремито вреди 4.60, а победа на Ајнтрахт е со квота 6.60.

Погба е понуден на Јувентус, но Зидан може да е препрека

Пол Погба се враќа во Јувентус. Ова го најавуваат италијанските медиуми, кои пишуваат дека Погба во јануарскиот преоден рок сигурно ќе си замине од Манчестер јунајтед доколку тренер на „Олд Трафорд“ остане Жозе Мурињо.

Францускиот репрезентативец започна во Манчестер јунајтед, но потоа играше во Јувентус во периодот од 2012 до 2016 година, кога и го покажа целиот свој талент. Во 2016 година, за сума од 105 милиони евра се врати на „Олд Трафорд“, но не ги покажува истите игри како во дресот на „старата дама“.

Токму затоа и самиот Погба сака да се врати во Јувентус. Според најавите, најголем проблем би било доколку дојде до смена на клупата на Манчестер јунајтед. Ако Мурињо добие отказ и на негово место биде поставен Зинедин Зидан, францускиот тренер сигурно нема да сака да го пушти Погба да си замине.

Бјелса е воодушевен: Никој нема подобри навивачи од Лидс

Аргентинскиот стратег Марсело Бјелса е пријатно изненаден од атмосферата на „Еланд роуд“, а со многу комплименти ги фали навивачите на Лидс, клубот којшто го предводи од клупата од ова лето.

„Никој нема подобри навивачи од Лидс. Повеќе од 30 години ја работам оваа работа и тврдам дека во сите елементи се над конкурентите. Атмосферата е неверојатна, со нив и на играчите им е многу полесно да играат, а и се однесуваат како вистински џентлмени. Им аплаудирам од срце за тоа што не бодрат до максимум“, вели Бјелса.

Честопати тоа го потенцира и нашиот репрезентативец Џани Алиоски, кој е една од главните алки во играта на лидерот во Шампионат лигата во Англија. Лидс е без пораз по шест кола, фудбалерите играат одлично, а како што вели Бјелса, со навивачи какви што има Лидс и Премиер лигата не е далеку од Јоркшир.

Вардар казнет со 25.000 евра од УЕФА

Најтрофејниот македонски клуб Вардар летово само по еден двомеч ги заврши настапите во Европа. „Црвено-црните“ беа елиминирани од Пјуник со вкупни 3-0, во првото коло од квалификациите во Лигата на Европа.

На мечот во Скопје, гостите од Ерменија славеа со 2-0 и ја најавија раната елиминација на Вардар, кој само пред една година играше во групната фаза од Лигата на Европа. Токму на средбата во Скопје, домаќинот поради слабата организација, ќе мора да плати казна од 25.000 евра.

Ова е сумата која ја одреди дисциплинската комисија на УЕФА во Нион, а како образложение за казната наведени се користењето на пиротехнички средства на фановите на Вардар како и националистичките скандирања од трибините.

За учеството во квалификациите од Лигата на Европа на Вардар му следуваат 260.000 евра, а речиси една десетина од бонусот кој ќе го добие, ќе мора да го врати во касата на УЕФА.

Фетел: Самиот себеси сум најголем непријател

Повеќекратниот светски првак во Формула 1, Себастијан Фетел, сезонава ја започна одлично и долго време беше лидер во шампионатот. Сепак, по неколку неочекувани грешки, Германецот не само што ја загуби лидерската позиција, туку сега и заостанува 30 бода зад Луис Хамилтон. До крајот на првенството има уште седум трки.

„Јас самиот себеси сум најголем непријател. Ако имаме нешто што може да расипеме, имаме големи шанси да го направиме на наш начин“, вели Фетел, кој киксираше на трките во Азербејџан, Франција, Германија и Италија.

Тие грешки на четирите трки го чинеа Фетел повеќе од 60 бодови. Доколку продолжи во тој стил, секоја следна грешка може да го чини и крај во трката за титулата.

„Работата е јасна. Луис Хамилтон е лидер и мора него да го победувам. Ние и понатаму имаме многу добри шанси, но самите на себе ќе си бидеме главни непријатели, а не тој со неговата екипа. Мораме да мислиме на самите себе и ако тоа го направиме како што треба, имаме шанси да почнеме да победуваме и да ги поправиме работите“, објасни Фетел.

Шампионатот во Формула 1 овој викенд е во Сингапур, каде што Мерцедес традиционално има проблеми на патеката „Марина беј“.

Клупскиот фудбал повторно на сцена, во фокусот е дербито Тотенхем – Ливерпул

Репрезентациите го промовираа новото натпреварување Лигата на нациите, а по двонеделната пауза, повторно на сцена се враќа клупскиот фудбал.

Топ 5 првенствата земаат замав, битката за подобри позиции на табелата ќе станува сè пожестока, а во фокусот викендов ќе биде англиското дерби меѓу Тотенхем и Ливерпул. Двете екипи имаат амбиции да ја освојат титулата, па овој меч од петтото коло во Премиер лигата е вистинско дерби.

Интересна ќе биде и бундеслигашката пресметка во Минхен меѓу Баерн и Баер Леверкузен, во Италија меч на колото е дуелот меѓу Интер и Парма во конкуренција на средбата меѓу Наполи и Фиорентина.
Барселона во последно време најде начин како да се прескокне „Аноета“, но Сан Себастијан и Реал Сосиедад остануваат на мапата на Каталонците како мошне незгодно фудбалско патување и гостување. Тој меч ќе се игра утре, од 16.15 часот, и е дерби во четвртото коло во Ла Лига.

Репрезентациите ги испративме на пауза од еден месец, па викендов повторно ќе гледаме и уживаме во клупскиот фудбал, со напомена дека веднаш потоа од вторник ќе почне и новото издание на Лигата на шампионите.

Време е за нов почеток, време е за СПОРТМАНИЈА

Септември е месец кој означува многу нови почетоци. Тоа е месец кога почнува учебната година, месец кој ја означува есента, време кога стартуваат новите возбудувања во фудбалската Лига на шампиони… Овој септември ќе добие уште еден нов почеток, стартот на спортскиот портал СПОРТМАНИЈА.МК

По една работа, ова ќе биде прв и единствен спортски портал. Покрај сите најнови информации од спортските настани, тука најбрзо ќе можете да се информирате за сите најинтересни секојдневни понуди кои се нудат во светот на обложувањето.

Ова е време во кое спортот и обложувањето одат „рака под рака“. Веќе не постои спортски настан во светот на кој не можете да се обложите. Понудата на спортски портали кај нас, исто како и понудата на обложувалници, е голема. Сепак, наместо како досега да „лутате“ околу најновите информации од спортски аспект, а потоа на друго место да ги барате најдобрите коефициенти за обложување, ние ви нудиме многу полесно решение.

Тука ќе можете да ги прочитате сите новости од домашната, но и од меѓународната сцена. Фудбал, кошарка, ракомет и сите останати спортови ќе добијат свој простор. Подготвени сме заедно да се радуваме на успесите на нашите селекции и клубови, но и да критикуваме кога ќе има потреба од такво нешто. Ќе анализираме, ќе коментираме и ќе дебатираме и со вас читателите.

Отворете, читајте СПОРТМАНИЈА.МК, запознајте се со сите најнови спортски информации, а потоа одберете ги најдобрите коефициенти за обложување.

Едноставно, ви нудиме две задоволства, споени во едно. Спорт и обложување за сите читатели. Затоа нашето мото е едноставно…

Најдобриот дел од денот одделете го за СПОРТМАНИЈА.МК

За „стотче“ навивајте и бодрете ја Македонија против Романија

Љубителите на кошарката во Македонија ќе имаат убава можност да ги следат нашите репрезентативци против Романија по популарни цени. Билетите чинат 100 денари, а дуелот ќе се игра во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.
Ова е и можност во полна сала да се поздрави победата против Косово, но и да им се даде поддршка на Војдан, Бојан, Ричард… и останатите наши репрезентативци.
Билетите ќе бидат во продажба преку мрежата на „МК Тикетс“, а ќе можат да се купуваат и на билетарата пред салата „Борис Трајковски“