8.8 C
Skopje
петок, 16 јануари 2026
Дома Blog Страница 67

Ѓоковиќ: Убаво би било ако во исто време дојдам до 25 гранслема и Роналдо до 1.000 голови!

Кристијано Роналдо и Новак Ѓоковиќ се инспирираат еден со друг и тоа е една од причините што долги години се на врвот или при врвот. Некои од нивните рекорди уште долго нема да бидат урнати, а и двајцата уште имаат цели и амбиции во кариерите.

Роналдо сонува да стане првиот фудбалер во историјата со 1.000 постигнати голови, а Ѓоковиќ може да биде првиот со 25 гранслем-титули, иако и со актуелните 24 е рекордер.

Проценките се Роналдо, кој има дадено 40 гола откако наполни 40 години, до магичната бројка од 1.000 погодоци може да дојде во 2027 година. Сега е на 956 и ако повредите не го спречат, верува дека може да успее во намерата, по што би ставил крај на кариерата.

Ѓоковиќ во 2023 го освои својот последен гранслем-трофеј, а веројатно ќе има уште десетина обиди за 25-ти, со кој би влегол во тениската вечност како единствен маж или жена со такво достигнување. Србинот ги спомнува Летните олимписки игри во Лос Анџелес во 2028 година како настан на кој би сакал да игра и можеби да ја заврши блескавата кариера.

Sвездата на Баерн Минхен на 30-годишна возраст за првпат ќе игра надвор од татковината

Леон Горецка веќе седум и пол години е дел од Баерн Минхен откако летото 2018 година како слободен фудбалер се пресели од Шалке во редовите на Баварците. Сепак, фудбалерот од средниот ред оваа сезона на ниту еден од шесте меча од Лигата на шампионите не беше стартер, а во Бундеслигата најчесто беше менуван по еден час игра.

Договорот со Баварците му истекува налето, па лесно може да се случи германскиот репрезентативец за првпат во кариерата да направи трансфер надвор од татковината, со оглед на тоа дека интерес за негов ангажман има од премиерлигашот Тотенхем.

Вредноста на Германецот во моментов е 15 милиони евра, што е далеку од 70 милиони евра, колку што вредеше пред четири години, па цената за негово купување уште во јануари нема да биде превисока.

Горецка за репрезентацијата на Германија одигра 67 натпревари, на кои постигна 15 гола, а во кариерата освен за Шалке и Баерн Минхен, настапуваше уште и за Бохум, од каде што и потекнува.

Џошуа одвај спаси жива глава, во сообраќајната несреќа загинаа две лица

Славниот британски боксер и поранешен светски шампион во тешка категорија, Ентони Џошуа, имаше тешка сообраќајна несреќа во Нигерија во која загинаа две лица од неговата придружба.

Според локалните органи на редот и сведоците, теренското возило во кое се наоѓале Џошуа, неговите пријатели и членови на тимот со голема брзина удрил во камион паркиран на патот без никакви очигледни предупредувачки знаци. 

Две лица кои биле во автомобилот со Џошуа починале на местото на настанот, а неофицијално Џошуа седел зад возачот. Бокскерот претрпел мали скршеници и модринки и бил однесен во болница, каде што е под надзор и е подложен на понатамошни прегледи, а состојбата му е стабилна.

На социјалните мрежи се појави видеосодржина од моментот по несреќата, на која се гледа Џошуа без маица, видливо потресен и опкружен со скршено стакло и екипи за итни случаи.

Гоце Седлоски го претстави стручниот штаб со кој ќе го води националниот тим

Селекторот на македонската А фудбалска машка репрезентација, Гоце Седлоски, официјално го претстави стручниот штаб со кој ќе ја води националната селекција во претстојниот циклус натпревари.

Во стручниот тим како асистенти на Седлоски ќе работат Борче Христов (шеф на стручниот штаб на ФК Тиквеш и директор на Центарот за едукација), Ерхан Селими (досегашен селектор на репрезентацијата до 19 години) и Зоран Бошковски – Чоко, наш легендарен голгетер и стрелец на првиот гол во историјата на македонската репрезентација.

Дел од стручниот штаб ќе биде и поранешниот репрезентативен дефанзивец Ванче Шиков, кој зад себе има 58 настапи за Македонија, додека за тренер на голманите е именуван Гого Јовчев.

Како видеоаналитичар на А репрезентацијата е ангажиран Мартин Христов, а селекторот дополнително ќе го соопшти името на кондицискиот тренер, кој ќе му се приклучи на стручниот тим.

„Со овој состав, Седлоски гради стручен штаб составен од докажани професионалци, со јасна цел, стабилност, континуитет и натамошен напредок на македонската репрезентација“, велат од ФФМ.

Жирона ја спасува кариерата на Марк-Андре тер Штеген?!

Марк-Андре тер Штеген оваа сезона има само еден официјален настап за Барселона, и тоа во Купот на Шпанија, па сега сериозно виси и неговото место во репрезентацијата на Германија за Светското првенство.

Се споменуваше дека интерес за него има од Астон вила, но каталонскиот „Спорт“ тврди дека нема ништо од тоа, а Германецот уште зимава ќе се пресели во Жирона. Помалиот каталонски клуб е заинтересиран да го доведе во своите редови, каде што би имал загарантирано место во стартната постава и со тоа да ја спаси неговата кариера, но и да ја спаси Барселона, од каде што сакаат да се ослободат од него.

Доколку се реализира овој трансфер, Тер Штеген би ја добил потребната минутажа и сериозно би конкурирал за место во селекцијата на Панцирите за настапот на Мундијалот.

Арапите се откажаа: Италијанскиот Супер куп се враќа во стариот формат?

Елиф Елмас со Наполи го освои трофејот од Супер купот на Италија, кој се играше во Ријад, Саудиска Арабија, откако во финалето ја совладаа Болоња. Во полуфиналето беа елиминирани миланските ривали Интер и Милан, па се чини дека Арапите го губат интересот за ова натпреварување, за кое потрошија над 10 милиони евра.

Од Серија А потврдија дека добиле извесување од арапскиот домаќин дека следната година нема да бидат во можност да го организираат Супер купот и со време да си бараат друг домаќин или модел за ова натпреварување.

Како изговор се споменува Азискиот куп, кој ќе се одржува токму во Саудиска Арабија, а најавите од Италија се дека Супер куп со полуфинале ќе се укине и ќе се игра директно финале помеѓу освојувачите на првенството и купот.

Постои можност финалето да се игра и пред почетокот на новата сезона, односно летото 2026 година, и тоа во Италија, а не во странство.

Кристијано Роналдо откри до кога ќе игра фудбал: „Знаете која е мојата цел“

Кристијано Роналдо повторно беше прогласен за најдобар фудбалер на Блискиот Исток, а Португалецот веќе дојде и до бројка од 956 гола во кариерата. Веќе на сите им е јасно дека целта е да постигне 1.000 гола, а тоа го потврди и самиот.

„Не е лесно, но јас сум многу мотивиран и полн со страст. Не е важно каде играм, дали во Европа или на Блискиот Исток. Секогаш уживам во фудбалот и сакам уште да играм. Знаете кои се моите цели: да освојувам трофеи и да дојдам до 1.000 гола. Ако нема повреди, сигурно ќе дојдам до бројката од 1.000 гола“, рече Кристијано Роналдо.

Португалецот од 2023 година е член на Ал-Наср од Саудиска Арабија, а неодамна го продолжи договорот до 2027 година. Кристијано Роналдо летово ќе игра и на Светското првенство во САД, Канада и Мексико со селекцијата на Португалија.

Ливерпул се вклучи во трката по Семењо и му ги помати сметките на Манчестер сити

Се чини дека сагата околу Антоан Семењо како да нема крај, и тоа во период кога преодниот рок сè уште не е ни започнат. Последните информации беа дека фудбалерот ги договорил личните услови со Манчестер сити и се чекаше само официјалниот почеток на преодниот рок и активација на неговата откупна клаузула, но сега единственото што е јасно е дека репрезентативецот на Гана нема да игра за Борнмут во продолжението на сезоната во Премиер лигата.

Пеп Гвардиола инсистира Ганецот да биде купен со активирање на неговата откупна клаузула од 75 милиони евра, која е на сила до десетти јануари, но сега во трката по неговиот потпис се вклучи и Ливерпул, од каде што го имаат истиот план.

Семењо сега нема да брза со потписот за Граѓаните и ќе ја сочека понудата на Ливерпул, па ќе се одлучи која е подобрата за него.

Интерес за фудбалерот на Борнмут имаше и од Тотенхем, Челзи и Манчестер јунајтед, но и трите екипи во моментов се многу далеку од неговиот потпис и воопшто не се споменуваат последните денови.

Специјална понуда на Sport Life: Рома сака да остане во трка за врвот, Џенова 35 години го нема освоено „Олимпико“ (Фото)

На последниот меч за 2025 година во Серија А ќе играат екипите на Рома и Џенова, натпревар кој и двете екипи го дочекуваат од различни делови на табелата, но и различни амбиции.

Рома е голем фаворит за победата со одлична квота во понудата на Sport Life од 1.65, додека квотата за победа на гостите е 6.00. Домашните со три бода сакаат да останат во игра за врвот на табелата, а гостите веќе 35 години сонуваат да го освојат „Олимпико“. Последната победа на Џенова на гостување кај Рома се случи во 1990 година.

Дибала и Фергусон треба да бидат главната опасност по голот на Џенова, па искомбинирани со победа на Рома и двајцата имаат квоти од по 3.30. Комбинацијата на победник и стрелец достигнува квота и до 18.00.

Во специјалната понуда на Sport Life може да се одигра и на стрелец во текот на натпреварот, стрелец на прв гол, но и на хет-трик, а квотите достигнуваат и до 200.

Меѓу стотиците игри и комбинации се и статистичките елементи, како што се корнерите, фаулите, замените, офсајди, картони…, а комплетната понуда може да ја погледнете на овој ЛИНК.

Кавани објави дека се пензионира: „Фудбалу, ти благодарам!“

Славниот уругвајски напаѓач Едисон Кавани објави дека се пензионира од активното играње фудбал. Еден од најдобрите напаѓачи во модерната ера на европскиот фудбал заминува во пензија на 38-годишна возраст како член на аргентинската Бока јуниорс, и тоа на една година пред истекот на договорот.

Кавани ќе остане запаметен како фудбалерот кој постигна 104 гола за Наполи, но и со над 200 гола беше рекордер во историјата на ПСЖ сè додека неговиот рекорд не беше срушен од Килијан Мбапе.

„Фудбалу, ти благодарам! Ти ме обликуваше, ме предизвика, ме научи да се издигнувам кога ќе паднам и да го ценам секој чекор од патот. Ми овозможи да ги остварам соништата кои како дете ми изгледаа невозможни и да запознаам неверојатни луѓе на теренот и надвор од него. Ништо од сето ова не би било возможно без моето семејство, пријателите, соиграчите, тренерите и, пред сè, навивачите. Љубовта на навивачите во секоја земја и во секој клуб засекогаш ќе ја носам со себе. Заминувајќи, заминувам во мир и со спокој затоа што знам дека го дадов најдоброто од себе на секој тренинг и на секој натпревар. Со грешки, со успеси, но секогаш со почит кон оваа професија која ми даде толку многу“, напиша Кавани.

Уругваецот во својата кариера настапуваше за Данубио, Палермо, Наполи, ПСЖ, Манчестер јунајтед, Валенсија и Бока јуниорс. За репрезентацијата на Уругвај одигра 136 натпревари и постигна 58 гола.