Дома Blog Страница 73

Можно е тим од англискиот Чемпионшип да игра во Лигата на шампионите следната сезона

Нотингам форест го елиминира Порто и се пласира во полуфиналето на Лигта на Европа, а Шумарите се во една многу чудна ситуација. 

Англискиот тим во полуфиналето на ЛЕ ќе се соочи со Астон вила, но во исто време Форест е во опасност да испадне од Премиер лигата на крајот од сезоната, а во моментов е на 16-тото место на табелата само со три бода пред Тотенхем, кој е на 18-тото место кое води во ранг подолу.

Значи теоретски останува отворена можноста екипа од Чемпионшип да игра во Лигата на шампионите следната сезона ако Нотингам испадне од Премиер лигата, а ја освои Лигата на Европа. Нема правна пречка за тоа да се случи, па можно е следната сезона да имаат ситуација во иста недела да играат мечеви со, на пример, Бристол сити и Реал Мадрид. 

Проблем може да биде само густиот календар бидејќи во Чемпионшип се играат дури 46 кола, има многу мечеви кои се играат преку недела, кога е и Лигата на шампионите, а тука се и двата англиските купа. 

Алегри на излезна врата од Милан?

Тренерот на Милан, Масимилијано Алегри, има затегнати односи со раководството, што би можело да го натера италијанскиот стратег да го напушти клубот на крајот од сезоната дури и ако тимот се квалификува за Лигата на шампионите.

Иднината на Алегри во Милан е неизвесна поради заладените односи со дел од клупските директори, тврди италијанскиот медиум „Кориере дело спорт“. Според изданието, Алегри не секогаш ја чувствувал поддршката од клубот оваа сезона, со исклучок на Игли Таре, и неговата иднина на „Сан Сиро“ ќе зависи од плановите на Росонерите за следната сезона.

Доколку Милан се пласира во Лигата на шампионите, Алегри очекува соодветни засилувања кои ќе донесат квалитет и длабочина за настап во три натпреварувања. Ако, пак, тренерот не ја исполни таа цел, и тој и спортскиот директор Таре би можеле да заминат по одлука на клубот.

Тренерот на Болоња, Винченцо Италијано, се споменува како главен кандидат за клупата на Милан во случај на разделба со Алегри. Тоа важи и за Тони Д’Амико како потенцијален нов спортски директор.

Од своја страна, Алегри останува еден од главните кандидати за селектор на Италија. Доколку, пак, Антонио Конте биде избран за нов селектор на Аѕурите, тогаш Алегри би можело да се најде и на листата на Аурелио де Лаурентис за тренерската позиција во Наполи.

Пирови победи на АЕК Атина и Фиорентина, францускиот тим направи подвиг

Францускиот тим на Стразбур направи подвиг откако со 4:0 славеше над Мајнц во реванш-дуелот од четвртфиналето во Конференциската лига на УЕФА. На првиот меч Стразбур на гостувањето во Германија загуби со 2:0 и едноставно сега покажа дека има квалитет да надополни сериозно заостанување против еден бундеслигаш. Стразбур водеше со 2:0 на полувреме, потоа не погоди пенал во вториот дел, но и тоа не ги „скрши“, туку домаќините продолжија да напаѓаат и постигнаа уште два погодока.

Кристал палас загуби на гости кај Фиорентина со 2:1, но англискиот тим оди понатаму благодарение на убедливиот триумф од 3:0 на првата средба. Кристал палас водеше со 1:0 и на гостувањето во Фиренца, па потоа англискиот тим како да се релаксира, а Фиорентина стигна до Пирова победа.

Најболна елиминација доживеа АЕК, и тоа во Атина од Рајо Валјекано. Грчкиот тим одигра фантастичен меч, водеше со 3:0 и на тој начин ја анулира негативата од три гола по првиот меч одигран во Мадрид. Сепак, Рајо успеа да постигне гол за 3:1 и тоа беше доволно за шпанскиот тим да оди во полуфиналето со вкупен резултат од 4:3.

Во полуфиналето, Рајо Валјекано ќе игра против Стразбур, додека вториот пар го сочинуваат Шахтар и Кристал палас.

Брага направи чудо во Шпанија, ќе има англиска пресметка во полуфиналето од Лигата на Европа

Екипите на Астон вила, Брага и Нотингам форест му се приклучија на Фрајбург во полуфиналето од Лигата на Европа. Астон вила немаше никакви проблеми и вторпат убедливо ја победи Болоња, овојпат со 4:0 и со вкупни 7:1 оди во следната фаза во второто по ранг натпреварување на УЕФА.

Меѓу четирите најдобри ќе биде и Брага, која направи подвиг и со 4:2 славеше на теренот на Бетис. По првиот меч резултатот беше 1:1, а вечерва Бетис водеше со 2:0 на свој терен, но португалскиот тим направи подвиг и со четири погодоци по ред стигна до посакувана победа.

Најнеизвесно беше на реваншот меѓу двата некогашни европски прваци. Откако беше 1:1 по првиот меч, вечерва Нотингам форест минимално со 1:0 славеше над Порто и оди во полуфиналето. Порто уште во осмата минута остана со фудбалер помалку по исклучувањето на Беднарек, а англискиот тим даде гол во 12-тата минута за 1:0, момент кој на крајот се покажа како доволен за пласман во полуфиналето.

Прв тим кој обезбеди место во полуфиналето беше Фрајбург.

Според распоредот, во полуфиналето ќе има англиска пресметка меѓу Астон вила и Нотингам форест, како и двомеч меѓу Фрајбург и Брага.

 

Мајкл Овен има свој фаворит за СП 2026, но тоа не е Англија

Поранешниот англиски репрезентативец Мајкл Овен има свој фаворит за освојување на златниот медал на претстојното Светско првенство, а тоа не е Англија. Овен, кој во 2001 година ја освои најпрестижната индивидуална награда, Златната топка, анализираше дека зголемувањето на бројот на учесници на завршницата од Мундијалот има свои позитивни, но и негативни страни.

Овен потенцираше дека сега на завршницата од планетарниот собир се дел од селекциите кои реално не би имале шанси да се меѓу најдобрите ако се задржел стариот систем и бројот на учесници останел 32, а не како сега, дури 48 репрезентации. Негативното е тоа што на дел од натпреварите може да влијае на квалитетот.

Англискиот голгетер вели дека Франција е неговиот фаворит за освојување на златото. „Големите репрезентации кои имаат широк избор на фудбалери може да имаат предност во однос на оние кои се базираат најмногу на стартните 11 на теренот. Ако морам да одберам еден фаворит, тоа е Франција. Тие имаат неверојатен тим и континуитет на резултати“, рече Овен, кој освен Галските петли, во најтесен круг на фаворити ја стави и селекцијата на Шпанија. Овен потенцираше дека од „сенка“ може да изненадат домашните селекции на САД и на Канада, но и на Јапонија.

Реал Мадрид одлучи дека нема да ѝ направи чест на Барселона ако тоа биде потребно

Реал Мадрид е елиминиран од Лигата на шампионите, па сега единствената надеж да освои пехар сезонава е првенството на Шпанија. Сепак, Кралскиот клуб и во оваа трка е во заостанување, има девет бода помалку од Барселона, и тоа на седум кола до крајот.

Најголемите ривали во Шпанија ќе играат меѓу себе, и тоа на „Камп ноу“ во рамките од 35-тото коло. Иако има уште мнгоу до тој меч, веќе започнаа калкулациите дали може да се случи Барселона да има доволен број бодови предност во однос на Реал Мадрид, па кога Кралевите ќе гостуваат на „Камп ноу“, гостите треба да им честитаат шампионска титула на Каталонците.

Како што пренесува El Chiringuito TV, во Реал Мадрид веќе донеле одлука дека доколку се случи Барселона да биде првак непосредно пред вечното дерби, фудбалерите на мадридскиот тим решиле дека нема да прават „шпалир“, односно да им приредат шампионски дочек на Каталонците.

 

Италијанка го демне Марко ван Бастен „сакајќи да го спаси од ѓаволот“

Марко ван Бастен, холандска и светска фудбалска ѕвезда, е цел на вознемирување од страна на збунета жена. Поранешниот врвен напаѓач го потврди тоа за телевизискиот канал во својата татковина RTL Boulevard. Жената тврди и дека сопругата на Ван Бастен, Лизбет, има афера со друг маж.

„Збунета жена од Италија тврди дека мојата сопруга ме изневерува и дека е опседната од ѓаволот“, изјави Ван Бастен за RTL Boulevard. „Наводно, и моите деца се лоши и ми влијаат негативно“, пренесува дел од интервјуто весникот Het Laatste Nieuws.

Шеесет и едногодишната фудбалска легенда додава дека веќе подолго време е вознемируван од таа жена.

„Таа е во врска со ‘небесното’ и затоа смета дека е многу важно да бидам спасен од тие ѓаволски кругови во животот“, објаснува тој.

Поранешниот напаѓач на Ајакс и Милан на почетокот мирно ги прифатил овие психолошки напади, но вели дека поднел пријава во полиција.

„Но, таа оди сè подалеку и подалеку“, истакнува Ван Бастен.

Наводно, жената од Италија објавува фотографии направени во близина на куќата на Ван Бастен, на кои се тврди дека неговата сопруга Лизбет е со друг маж.

„Глупости“, вели Ван Бастен. „Јасно се гледа дека жената на фотографиите не личи на мојата сопруга.“

Марко ван Бастен и Лизбет ван Капелевен се венчаа во 1993 година и имаат три деца: Ребека, Дебора и Александар.

Ван Бастен се надева дека случајот брзо ќе биде разрешен откако пријавата е поднесена во полицијата.

„Таа е пациент кој треба да се лекува“, заклучи тој, изгледајќи смирено во интервјуто.

Марко ван Бастен е вистинска фудбалска икона од почетокот на 90-тите години, сметан за еден од најдобрите централни напаѓачи во историјата. Со Милан двапати го освои Купот на европски шампиони, претходник е на Лигата на шампионите, а ја освои и Златната топка. Со Ајакс трипати беше шампион и трипати го освои Купот на Холандија.

Тој има и 58 настапи за репрезентацијата на Холандија, со 24 постигнати гола, а беше клучен дел од освојувањето на Европското првенство во 1988 година.

Екитике по тешката повреда: „Тешко е и неправедно, но знам дека не сум сам во оваа битка“

Напаѓачот на Ливерпул, Уго Екитике, преку социјалните мрежи ги сподели своите први зборови по тешката повреда.

Французинот ја скина Ахиловата тетива, па покрај тоа што ќе ги пропушти сите преостанати натпревари на Ливерпул до крајот на сезоната, нема да му биде на располагање ниту на селекторот Дидие Дешан за претстојното Светско првенство.

Се очекува неговото закрепнување да трае околу девет месеци.

„Тешко е, можеби дури и неправедно… но благодарен сум што ова ми се случува тука, меѓу вас. Знам дека не сум сам. Вашата сила и вашата љубов ќе бидат моја движечка сила. Наскоро ќе се видиме повторно, на Енфилд“, напиша Екитике.

Познати првите полуфиналисти во Лигата на Европа и во Конференцискта лига (Видео)

Германскиот бундеслигаш Фрајбург во голем стил се пласира во полуфиналето од Лигата на Европа откако вечерва вторпат убедливо славеше над Селта Виго. По победата на свој терен од 3:0 пред една недела, фудбалерите на Фрајбург вечерва беа убедливи и во Виго и ја победија Селта со 3:1, што значи дека место во следната фаза обезбедија со вкупна победа од 6:1 по двете средби.

Да нема дилеми, и во реваншот гостите се погрижија со двата гола во првото полувреме, кога погодија Матановиќ и Сузуки, а овие погодоци може да ги видите ТУКА и ТУКА. На почетокот од второто полувреме Сузуки повторно реализира за радост на гостите и овој погодок може да го видите ТУКА. Во последната минута од мечот, Селта Виго постигна почесен гол.

Во Конференциската лига на Европа, прва екипа која сигурно ќе игра во полуфиналето е украинскиот Шахтар. Украинците работата си ја завршија уште во првата средба, кога победија со убедливи 3:0 против АЗ Алкмар. Во денешниот реванш во Холандија, Шахтар одигра рутински за да ја сочува големата залиха од првиот дуел и одигра нерешено 2:2.

Откако немаше голови во првото полувреме, гостите од Украина погодија за 1:0 преку Алисон во 58-мата минута, а потоа следуваа два погодока на АЗ Алкмар за водство на домаќините од 2:1. Шахтар стигна до реми со погодокот на Лука Мориелес за конечни 2:2 на денешниот меч, а вкупно 4:2 за украинскиот тим.

Суперкомпјутерот пресмета кои два тима имаат најголеми шанси да играат во финалето на ЛШ

Од 36 клуба кои се изборија за настап во лигашкиот дел од Лигата на шампионите, останаа само уште четири екипи, оние кои ќе играат во полуфиналето. Атлетико Мадрид – Арсенал и Баерн Минхен – Пари Сен Жермен се полуфиналните двојки кои ќе играат двомеч, а потоа ќе се знаат патниците во финалето.

Јасно е дека во финалето ќе има еден клуб кој никогаш не бил европски првак, а прашање е дали тоа ќе бидат Атлетико Мадрид или Арсенал. Двата клуба играле финале во ЛШ, но не биле на тронот. Од друга страна, ПСЖ и Баерн Минхен се клубови кои знаат како е да се биде најдобар. ПСЖ лани испиша историја и првпат го освои трофејот во ЛШ, а Баерн Минхен низ историјата има освоено вкупно шест пехари.

На помалку од две недели од одигрувањето на првите полуфинални натпревари, пресметките направени од суперкомпјутерот не им даваат многу надеж на фубдалерите предводени од Луис Енрике, иако ПСЖ е актуелен европски шампион. На Баерн Минхен му се даваат 61,28% да се пласира во финалето, додека шансите на ПСЖ да игра финале се проценуваат само на 38,72%. Првиот натпревар е закажан за 28 април во Париз, а реваншот на „Алијанц арена“ ќе се игра на 6 мај.

Второто полуфинале изгледа уште понерамноправно според „Опта“. Арсенал влегува во битката со Атлетико Мадрид како голем фаворит со неверојатни 73,40% шанси за пласман. Тоа значи дека за мадридскиот тим остануваат скромни 26,60% дека може да игра во финалето. Првиот меч меѓу овие два тима е на 29 април во Мадрид, а реваншот е закажан за 5 мај во Лондон.

Финалето во ЛШ ќе се игра во Будимпешта на 30 мај.