Дома Blog Страница 74

Патрис Евра го нападна Винисиус: „Здодевно е да се гледа како постојано негодува“

Поранешниот француски репрезентативец Патрис Евра го критикуваше однесувањето на ѕвездата на Реал Мадрид, Винисиус јуниор.

„Винисиус е фантастичен играч, но неговиот однос навистина го доведува во заблуда. Театралноста, постојаните реакции, тоа е здодевно за гледање. Лесен допир и тој паѓа на земја, барајќи црвен картон, а потоа веднаш станува, како ништо да не се случило“, изјави Евра.

„Минатата година беше Кимих. Минатата ноќ, истата приказна повторно. Фаули, реакции, па се прави жртва во медиумите, ова веќе станува еден вид образец за него“, додаде тој.

Само еден фудбалер на Реал Мадрид бил поштеден од критиките на Флорентино Перес

Реал Мадрид синоќа испадна од Лигата на шампионите откако загуби од Баерн Минхен во реваншот на „Алијанц арената“ со 4-3. Во полуфиналето оди германскиот гигант, кој славеше со вкупен резултат 6-4.

По натпреварот, кој беше исполнет со тензии, претседателот на Реал Мадрид влегол во соблекувалната на своите играчи и им кажал што му лежи на душа.

„Ти (Арда Ѓулер) излегуваш, не гледај што ќе се случува сега. Една сезона без трофеј е неуспех, две се неподносливи. Ви благодарам за денешниот труд, но сезоната е целосно разочарување. Да се игра за Реал Мадрид е привилегија, но и голема обврска. Многумина од вас не ја исполнија. Барем завршете ја првенствената трка достоинствено“, порачал Флорентино Перес.

Во Ла Лига, шансите на Реал Мадрид за трофеј се исклучително мали, со оглед дека Барселона осум кола пред крајот има девет бода предност пред мадридскиот клуб.

Лионел Меси станува газда на клуб кој има голема традиција

Лионел Меси летово треба да го одигра неговото последно Светско првенство, а сигурно не многу потоа ќе дојде време кога аргентинскиот виртуоз ќе мора да стави крај на својата неверојатна играчка кариера. Според најавите, Меси и по завршување на играчката кариера ќе остане активен во фудбалот, а тоа го потврдува и фактот дека Аргентинецот купил свој клуб.

Повеќе светски медиуми, меѓу кои и реномираната „Марка“, објавија дека Меси го купил клубот Корнела. Се работи за каталонски клуб од предградието на Барселона, кој е формиран во 1951 година, а моментално се натпреварува во петтата лига по квалитет во Шпанија.

„Аргентинскиот фудбалер и осумкратен освојувач на Златната топка, Лионел Меси, го формализира купувањето на УЕ Корнела, со што стана нов сопственик на клубот“, се вели во соопштението за медиумите од клубот.

Само пред две сезони Корнела играше во третата лига, па првична цел со новиот газда ќе биде клубот повторно да се врати на нивото на кое играше до неодамна, односно пред две сезони.

Интересно е дека Корнела е клуб од кого потекнале многу големи ѕвезди, меѓу кои се и: Жорди Алба, Давид Раја, Герард Мартин, Кеите Балде, Чави Пуадо…

Меси е третиот фудбалер од легендарната генерација на Барселона што стана газда на свој клуб. Пред него, Жорди Алба го купи клубот Хоспиталет, а Жарарт Пике е сопственик на клубот Андора.

 

Ракометарките добија силни ривали за Европското првенство

Женската ракометна репрезентација на Македонија со денешната ждрепка ги доби ривалите за Европското првенство кое ќе се одржи во декември во вкупно пет држави.

Ракометарките ќе играат во група заедно со селекциите на Норвешка, Романија и со Швајцарија. Оваа група ќе се игра во Клуж, Романија.

Македонија секако не е меѓу фаворитите, но ќе се обиде да стигне до добри резултати на континенталниот ракометен собир. Европското првенство за ракометарки ќе се игра од 3 до 20 декември.

Детали од трагедијата во која загина Алекс Манингер: Тоа всушност е полски пат

Поранешниот фудбалски голман Александар Манингер (48) загина во тешка сообраќајна несреќа што се случи утрово во близина на Нусдорф на Хаунсберг. Неговиот автомобил беше удрен од локален воз на премин. Полицијата подоцна потврди дека возачот кој претрпел сериозни повреди, не успеал да се спаси и им подлегнал на повредите.

Несреќата се случила околу 8:30 часот наутро во општината Нусдорф на Хаунсберг, недалеку од станицата Пабинг. Локалниот воз удрил во возилото „Фолксваген Мултиванот“ управувано од Манингер. Возот го влечел автомобилот неколку метри. Во возот имало околу 25 патници и возачот, но никој од нив не е повреден.

Манингер бил заробен во возилото по судирот, а веднаш бил ослободен од граѓани кои се нашле на местото на настанот и тие започнале со реанимација. Полициските службеници набрзо пристигнале и продолжиле со реанимација со помош на дефибрилатор.

Сепак, како што извести портпаролката на полицијата, Ингрид Планицер, дури ни напорите на брзата помош и лекарите не можеле да му го спасат животот и тој им подлегнал на тешките повреди. Автомобилот беше тешко оштетен во судирот, а и возот претрпе значителна штета.

Судирот се случил на технички необезбеден железнички премин преку кој поминува полски пат.

„Всушност, тоа е полски пат што ја преминува локалната железничка пруга таму. Ако продолжите, ќе наидете на неколку викендички и езерца“, изјави Матијас Ганисл, командант на Доброволната противпожарна служба Нусдорф.

Според австриските медиуми, Манингер бил страстен рибар и веројатно со својот автомобил се упатил кон овие езерца. Канцеларијата на државниот обвинител во Салцбург му наложила на сообраќајниот експерт Герхард Кронрајф да спроведе детална анализа на текот на несреќата. Факт е дека малиот железнички премин бил обележан со знак стоп. Исто така, се проверува дали преминот е изграден согласно прописите.

Александер Манингер е поранешен голман на Јувентус и на Арсенал и уште на десетина други клубови. 

Нострадамус од Струга ги погоди точните резултати во Лигата на шампионите и одлично заработи (Фото)

Натпреварите од нокаут-фазата во Лигата на шампионите се посебен предизвик за сите обложувачи, посебно кога во понудата се дуели на големите европски гиганти. Така беше во реванш-средбите од четвртфиналето од ЛШ, по кои екипите на Баерн Минхен и Арсенал се радуваа на пласман во полуфиналето, а еден обложувач кој уплатил тикет во Sport Life во Струга, се радуваше на освоени 134.876 денари.

Махерот за Лигата на шампионите ги одигра двата меча кои се играа во средата, и тоа на точен резултат. Иако делуваше неверојатно, на „Алијанц арената“ во Минхен, екипата на Баерн со 4:3 го победи Реал Мадрид. Коефициентот дека така ќе заврши дерби-дуелот меѓу фудбалските титани беше дури 45.

Реал Мадрид водеше со 3:2 на полувреме, но во 86-тата минута Камавинга доби црвен картон, па гостите од Мадрид останаа со фудбалер помалку. Тоа го искористија играчите на Баерн и со погодоци во 89-тата минута и 90+4 минута направија целосен пресврт за победа од 4:3 и погоден точен резултат на тикетот уплатен во Струга.

На вториот меч, речиси и да немаше возбудувања и тоа беше во корист на обложувачот кој одигра на точен резултат 0:0, што се вреднуваше со 11,7 коефициент. За овие два точни погодени конечни исходи, на 300 денари уплата и вкупен погоден коефициент од 528.75, нето-добивка е над 2.100 евра.

Секоја чест, ова е доказ дека некогаш и неверојатното може да се случи и на тоа одлично да се заработи.

Флорентино Перес направи очигледна грешка: Арбелоа има повеќе порази од Чаби Алонсо на клупата на Реал

Кога Чаби Алонсо пристигна во Мадрид ова лето, многумина го гледаа како долгорочно решение на клупата на Реал Мадрид.

По помалку од една година, Реал веќе ја разгледува замената за него, Алваро Арбелоа, кој не ги исполни очекувањата, иако имаше неколку одлични настапи, како двомечот против Манчестер сити во осминафиналето на Лигата на шампионите.

Она што е особено интересно и денес се провлекува низ мадридските медиуми е фактот дека Арбелоа сега има повеќе порази на клупата на Реал отколку Чаби Алонсо. Дополнително, тој има водено осум натпревари помалку од својот поранешен соиграч од Ливерпул и Реал Мадрид.

Чаби Алонсо седеше на клупата на Реал на 34 натпревари и запиша шест порази, додека Арбелоа има седум порази на 22 натпревари.

Сето тоа доаѓа во момент кога Реал е без победа на четири последовни натпревари (Мајорка, Баерн, Жирона, Баерн), што на мадридскиот клуб не му се случило од септември 2018 година.

Тогаш на клупата беше Хулен Лопетеги, кој набрзо потоа доби отказ.

Како што стојат работите, Арбелоа наскоро би можело да бара нов ангажман, можеби и ќе остане во Реал, но не во првиот тим.

За негов наследник сега најмногу се споменува името на Маурисио Покетино, актуелниот селектор на фудбалската репрезентација на САД, кој во минатото со успех ги предводеше Тотенхем и ПСЖ.

Нагелсман е прв „пик“ на Ливерпул за наследник на Арне Слот

Ливерпул не ги исполни целите за оваа сезона и ќе мора да направи сериозни резови, а според актуелните најави, Арне Слот би можело да ја напушти клупата на тимот.

Долго време се зборуваше дека Чаби Алонсо е идеален кандидат за раководството на Ливерпул и дека токму тој ќе биде новиот тренер на Црвените.

Сепак, дојде до голем пресврт и ново име се појави како фаворит за клупата на тимот од „Енфилд“.

Станува збор за Јулијан Нагелсман, чии претставници во последните неколку дена биле во контакт и со раководството на Манчестер јунајтед.

Тренерот, кој има 38 години, важи за еден од најпрогресивните млади стратези во Европа и, и покрај возраста, веќе поседува богато искуство на највисоко ниво.

Нагелсман ја започна својата тренерска кариера во Хофенхајм, по што следуваше преселба во Лајпциг. Таму дополнително ја зацврсти својата репутација, а во 2021 година стана тренер на Баерн Минхен, со кој ја освои титулата во Бундеслигата.

Во 2023 година ја презеде селекторската функција на Германија, иако до тој ангажман дојде откако не ја доби работата на клупата на Челзи.

Нагелсман има јасна желба да работи во Англија, а како што стојат работите, Ливерпул му нуди можност да ја оствари таа амбиција. Неговите претставници, наводно, разговарале и со челниците на Манчестер јунајтед, но Ливерпул е значително поблиску до договор.

Доаѓањето на „Енфилд“ би било полн погодок и за Нагелсман и за Ливерпул, сметаат навивачите на клубот.

Сепак, ништо конкретно нема да се случи пред завршувањето на Светското првенство, каде што Нагелсман има амбиција со Германија да стигне до финалето. Главната цел, секако, е освојување на титулата и Германија по петти пат во историјата да стане светски шампион. Дури потоа ќе биде многу појасна иднината на Нагелсман.

Шустер: Мбапе и Винисиус не може да играат заедно, едниот треба да си оди

Германската фудбалска легенда Бернд Шустер го предупредува Реал Мадрид дека главните играчи Винисиус и Килијан Мбапе не се компатибилни и советува едниот да биде продаден.

Шустер, кој од 1988 до 1990 играше за Реал, а во 2007/2008 беше и тренер на Кралскиот клуб, вели дека оваа ситуација го потсетува на онаа кога во тимот беа Луиш Фиго и Дејвид Бекам кои играа на иста позиција и тимот немаше никаква полза од тој тандем. Сега исто така ја нема потребната хемија и Реал страда.

„Она што го гледаме со Винисиус и Мбапе заедно на теренот многу ме потсетува на Фиго и Бекам. Тие не се поврзаа и еден од нив мораше да си замине. Сега тоа се случува во Реал Мадрид“, рече Шустер.

Трагедија: Алекс Манингер загина во судир со воз

Поранешниот голман на Јувентус и Арсенал, Александер Манингер, загина во сообраќајна несреќа на 48-годишна возраст. Трагедијата што доведе до неговата смрт се случила на необезбеден железнички премин на локална пруга во Салцбург, во местото Нусдорф ам Хаунсберг, според информациите на локалната полиција.

Манингер беше првиот Австриец кој некогаш настапил за Арсенал, а со Tопчиите ја освои титулата во Премиер лигата и ФА купот во сезоната 1997/98. Голманот го напушти „Хајбери“ во 2002 година, откако падна во хиерархијата зад Дејвид Симан и Ричард Рајт.

Потоа настапуваше за десет различни клубови, вклучувајќи ги Торино, Ред Бул Салцбург, Удинезе и Јувентус, пред повторно да се врати во Премиер лигата. По заминувањето од Аугсбург во 2016 година, Манингер тренираше со Ливерпул за да ја одржи натпреварувачката форма додека бараше нов клуб.