Дома Blog Страница 83

Унион Берлин доби женски тренер, а таа порача: „Соберете се, момци“ (Видео)

Мари-Луиз Ета (34), на која во саботата ѝ беше доверено водењето на првиот тим на Унион Берлин, денес го одржа првиот тренинг на новата позиција, на која пристигна со широка насмевка на лицето.

„Соберете се, момци“, им порача пред своето прво обраќање до играчите на германскиот прволигаш.

Иако тренингот беше затворен за јавноста, присуствуваа околу 40-тина германски и меѓународни новинари, а присутен беше и претседателот на клубот, Дирк Цинглер.

Германката во првите половина час главно ги набљудуваше вежбите што ги изведуваа играчите, а активно се вклучи кога почнаа да вежбаат тактички формации.

Ета на позицијата главен тренер го замени отпуштениот Штефен Баумгарт, а првично е именувана на функцијата до крајот на сезоната, во која Унион ќе одигра уште пет натпревари.

Екипата се наоѓа на 11-тото место со 11 бода предност над зоната за директно испаѓање, а берлинскиот тим во оваа календарска година има само две победи.

Ета, која стана првата жена што презеде водење на сениорски тим во една од петте најсилни европски лиги, на клупата на Унион ќе дебитира во сабота, кога во Берлин ќе гостува претпоследниот Волфсбург.

Шок во Мајами: Маскерано си поднесе оставка на функцијата тренер на Интер!

Интер Мајами објави дека Хавиер Маскерано заминува од функцијата главен тренер. Аргентинецот одлучил да го заврши својот мандат.

Под негово водство, Интер Мајами ја освои својата прва шампионска титула во МЛС-лигата.

Тој го презеде Интер Мајами на почетокот на 2025 година и стана првак со МЛС рекорд од 101 постигнат голов. Неговиот договор беше со важност до крајот на 2027 година, но од лични причини реши да се повлече предвреме.

„Сакам да им кажам на сите дека од лични причини решив да го завршам мојот мандат како главен тренер на Интер Мајами. Би сакал да им се заблагодарам на клубот, на секој вработен кој е дел од организацијата за колективниот напор, но особено на играчите, кои овозможија да доживееме незаборавни моменти. Исто така, сакам да им се заблагодарам на навивачите бидејќи ништо од ова немаше да биде можно без нив. Секогаш ќе го носам со себе сеќавањето на нашата прва титула и каде и да сум, ќе продолжам да му посакувам на клубот сè најдобро во иднина. Не се сомневам дека клубот ќе продолжи да постигнува успеси во иднина. Ви испраќам на сите голема прегратка и ви благодарам за сè“, рече Маскерано.

Досегашниот спортски директор Гилермо Хојос ќе ја преземе улогата на главен тренер на првиот тим за претстојните натпревари. Хојос е поранешен професионален фудбалер со повеќе од 20 години играчко искуство, како и тренер и спортски директор со богато меѓународно искуство во светот на фудбалот. Тој тренирал клубови во различни земји, вклучувајќи ги Аргентина, Мексико, Чиле, Боливија (каде што беше и селектор), Грција и Кипар.

Започнува разигрувањето во НБА-лигата, Шарлот и Феникс се фаворити, одлична понуда и кај кошаркарите (Фото)

Со два меча вечерва започнува плеј-ин разигрувањето во НБА-лигата, по кое ќе бидат познати последните четири екипи кои ќе учествуваат во плејофот за титулата.

За Шарлот или за Мајами вечерва ќе заврши сезоната бидејќи поразената екипа ќе биде елиминирана, додека победникот ќе треба да одигра уште еден меч за влез во плејофот. Фаворитската улога ја има Шарлот со квота за победа од 1.51 во понудата на Sport Life.

Феникс или Портланд вечерва ќе обезбедат место во плејофот, а поразената екипа ќе има уште една шанса за влез во конференциското четвртфинале. Домашните се фаворити со квота од 1.66.

Дел од богатата понуда на Sport Life се и кошаркарите со најпопуларната игра меѓу типувачите – „плус-минус“ на поени. Комплетната понуда може да ја најдете на следниов ЛИНК.

Дојде како големо засилување, но постигна само еден гол: Милан нема да го задржи Фулкруг

Најновите информации од Италија велат дека Милан нема да ја активира клаузулата за откуп на централниот напаѓач Никлас Фулкруг, што значи дека германскиот репрезентативец ќе се врати во Вест Хем на крајот од сезоната.

Фулкруг му се приклучи на Милан на почетокот на јануарскиот преоден рок како позајмен играч со опција за откуп, која се проценува на околу пет милиони евра. Во тој период Милан беше без класичен напаѓач бидејќи Сантијаго Хименес беше повреден, а тренерот Масимилијано Алегри често користеше комбинации во кои настапуваа Рафаел Леао, Кристијан Пулишиќ или Кристофер Нкунку.

Од доаѓањето во Милан на втори јануари, Германецот одигра 16 натпревари за Росонерите, но само трипати беше стартер. Единствениот гол за Милан го постигна во победата од 1:0 на домашен терен против Лече на 18 јануари во Серија А.

Според последните информации, ваквиот учинок не е доволен за да го убеди Милан да потроши 5 милиони евра за неговиот трансфер да стане траен ова лето.

Фабрицио Романо тврди дека Фулкруг ќе се врати во Вест хем на крајот од сезоната 2025/2026, а клубот од Премиер лигата ќе се обиде повторно да го испрати на позајмица.

Фабрегас нема да биде селектор на Италија: „Тоа е премногу здодевно за мене“

Шпанскиот стручњак и сегашен тренер на Комо, Сеск Фабрегас, ја одби можноста да ја преземе фудбалската репрезентација на Италија.

Аѕурите неодамна доживеаја нов дебакл во обидот да се пласираат на Светското првенство откако загубија на пенали од Босна и Херцеговина во Зеница.

Италијанските медиуми наведуваат дека како еден од можните наследници на Џенаро Гатузо се споменувал и Фабрегас, кој оваа сезона бележи одлични резултати со Комо.

Сепак, Шпанецот денес ја одби таа можност.

„Да бидам селектор на Италија? Можеби еден ден, но засега сум премногу тренер во смисла дека морам секојдневно да бидам на терен со играчите, со младите, да подготвувам натпревари. Работата во репрезентација во моментов би ми била малку здодевна“, изјави Фабрегас.

Сепак, не ја исклучи целосно можноста еден ден да се испроба и во селекторската улога.

„Во иднина, кога ќе бидам малку постар – кој знае…“, заклучи тој.

Унгарија со „петарда“ до победа над Македонија во Битола

Женската фудбалска репрезентација на Македонија доживеа убедлив пораз на домашен терен во Битола од селекцијата на Унгарија и загуби со 0-5 во квалификациите за пласман на Светското првенство. Победникот на мечот во Битола беше решен уште во првото полувреме, односно уште на стартот од мечот.

Унгарките дојдоа во водство уште во третата минута со голот на Папаи, а во деветтата минута веќе беше 0-2 со голот на Чањи.

Гостинките поведоа со 0-3 во 20-тата минута со вториот гол на Чањи, а пред паузата Унгарија постигна уште еден гол преку Савања.

Конечните 0-5 беа поставени во 88-мата минута.

Македонија на целиот натпревар имаше само два удари надвор од рамките на противничкиот гол и ниту еднаш посериозно не се закани. Унгарките упатија 12 удари кои одеа во рамките на нашиот гол, а пет од нив завршија во мрежата.

Унгарија е прва во групата со седум бода, Азербејџан и Македонија имаат по три, но Азербејџанките имаат и меч помалку против „фенерџијата“ Андора.

Брера и Македонија одиграа реми на (не)задоволство на двете екипи

Екипите на Брера и Македонија ЃП одиграа нерешено, 1-1, на последниот меч од 27-мото прволигашко коло. Се чини дека и двете екипи може да бидат незадоволни од исходот бидејќи бодовите им беа потребни и на едните и на другите во борбата за опстанок во прволигашката конкуренција.

Струмичани поведоа преку Михаилов во 22-рата минута од пенал, а конечните 1-1 ги постави Ајдоган во 57-мата минута.

До крајот на првенството остануваат уште шест кола, а драма ќе има не само за титулата, туку и во борбата за опстанок. Шкупи е веќе испаднат, а претпоследна е Македонија ЃП со 24 бода. Еден бод повеќе има Работнички, а Пелистер е деветти со 26 поени.

Брера е на осмото место со 33 поени, а пред нив се Арсими (35) и Башкими (37).

ЕХФ одлучи: Начевски и Николов добија двегодишна суспензија, плус парична казна

Европската ракометна федерација (ЕХФ) реши да ги казни Ѓорѓи Начевски и Славе Николов со двегодишна суспензија, плус парична казна поради наводна манипулација со фитнес тестовите пред стартот на ЕП. Покрај ова, и двајцата ќе мора да платат и парична казна. Нивната суспензија се однесува на сите натпреварувања што се под капата на ЕХФ.

„Ракометниот суд на ЕХФ донесе одлука во случајот отворен против македонскиот судиски пар Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Пред машкото ЕХФ ЕВРО 2026, ЕХФ ја повлече номинацијата на двајцата судии од Северна Македонија поради наводна манипулација со прикачените видеоснимки од таканаречениот „Тест за кондиција во повеќе фази“.

Врз основа на анализата на партнерот за интегритет на Европската ракометна федерација, Спортрадар, Ракометниот суд на ЕХФ дојде до заклучок дека спорните видеа биле манипулирани и затоа ги изрече следните санкции. Двајцата судии се суспендирани од извршување на каква било функција во рамките на ЕХФ и учество во какви било активности на ЕХФ во период од две години од датумот на првостепената одлука поради сериозно неспортско однесување. Секој судија мора да плати казна од 5000 евра за фундаментални прекршувања на Кодексот на однесување на ЕХФ. Жалба може да се поднесе до Апелациониот суд на ЕХФ во рок од седум дена“, се вели во известувањето на ЕХФ.

Начевски и Николов беа суспендирани непосредно пред стартот на Европското првенство кое се играше на почетокот на оваа година.

Линекер го нападна Артета: „Неговите тренинзи се бизарни“

Еден од најголемите англиски напаѓачи во историјата, легендарниот Гери Линекер, е последниот во низата што го критикува шпанскиот стручњак на клупата на Арсенал, Микел Артета.

Арсенал, иако водечки, се наоѓа во реална опасност на крајот од сезоната да остане без долгоочекуваната титула во Англија.

Иако имаат предност од шест бода, но и натпревар повеќе во однос на Манчестер сити, притисокот е огромен, а Линекер смета дека Артета не знае како да се справи со него.

Конкретно, на поранешниот голгетер му пречи начинот на работа на шпанскиот тренер и барањата што им ги поставува на играчите за време на тренинзите.

На пример, пред натпреварот со Спортинг во четвртфиналето на Лигата на шампионите, фудбалерите на Арсенал работеле на подобрување на концентрацијата така што во група со главите ја држеле топката да не падне, а потоа и хемиски пенкала.

„Се осмелувам да кажам дека методите на тренинг на Артета се на граница на бизарно. Граничат со смешно. Тоа со пенкалата, па прикажување видеа од ТикТок на огромни екрани за време на тренинг. Ако сакаат да се натпреваруваат, потребно е само да бидат смирени. Ако веќе правите нешто поинакво, тогаш правете го тоа во тајност, погрижете се никој да не ве снима. Тоа би бил мој искрен совет. Верувам дека притисокот е голем – ако победуваат, никој ништо не би им рекол, но проблемот е ако привлекуваат внимание, а потоа не победуваат. Со тоа покажуваат дека потклекнуваат под притисок“, изјави Линекер во поткастот „Рест ис фудбал“.

Арсенал утре во Лондон против Спортинг го брани водството од 1:0 од Лисабон, а потоа ги очекува големо дерби и можеби клучен натпревар за сезоната – гостување кај Манчестер сити во недела од 17:30 часот.

Мбапе: „Да се игра за Реал Мадрид е дар од Бога“

Францускиот напаѓач Килијан Мбапе во разговор за шпанското издание на списанието „Џи-Кју“ проговори за својот фудбалски пат, сегашноста во Реал Мадрид и предизвиците што ги носи врвниот фудбал.

Тој се осврна на својата спортска ситуација, но и на помалку видливите аспекти како менталната сила, лидерството и влијанието на пренатрупаниот календар врз играчите.

На прашањето што значи за него да биде играч на Реал Мадрид, Мбапе беше директен.

„За мене тоа е како дар од Бог. Да имаш можност да живееш од својата страст, да играш најдобри натпревари, да бидеш во најдобриот клуб во светот. Секогаш сум неизмерно благодарен што сум на теренот, што секое утро се будам за да го работам тоа што ме прави среќен“, изјави тој.

Посебно ги пофали стадионот „Сантијаго Бернабеу“ и Шпанија.

„Уживам да бидам на теренот и да чувствувам дека играм на најдобриот стадион во светот, во земја која, кога станува збор за фудбалот, е една од најдобрите во светот“, рече Мбапе.