Дома Blog Страница 84

ЕХФ одлучи: Начевски и Николов добија двегодишна суспензија, плус парична казна

Европската ракометна федерација (ЕХФ) реши да ги казни Ѓорѓи Начевски и Славе Николов со двегодишна суспензија, плус парична казна поради наводна манипулација со фитнес тестовите пред стартот на ЕП. Покрај ова, и двајцата ќе мора да платат и парична казна. Нивната суспензија се однесува на сите натпреварувања што се под капата на ЕХФ.

„Ракометниот суд на ЕХФ донесе одлука во случајот отворен против македонскиот судиски пар Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Пред машкото ЕХФ ЕВРО 2026, ЕХФ ја повлече номинацијата на двајцата судии од Северна Македонија поради наводна манипулација со прикачените видеоснимки од таканаречениот „Тест за кондиција во повеќе фази“.

Врз основа на анализата на партнерот за интегритет на Европската ракометна федерација, Спортрадар, Ракометниот суд на ЕХФ дојде до заклучок дека спорните видеа биле манипулирани и затоа ги изрече следните санкции. Двајцата судии се суспендирани од извршување на каква било функција во рамките на ЕХФ и учество во какви било активности на ЕХФ во период од две години од датумот на првостепената одлука поради сериозно неспортско однесување. Секој судија мора да плати казна од 5000 евра за фундаментални прекршувања на Кодексот на однесување на ЕХФ. Жалба може да се поднесе до Апелациониот суд на ЕХФ во рок од седум дена“, се вели во известувањето на ЕХФ.

Начевски и Николов беа суспендирани непосредно пред стартот на Европското првенство кое се играше на почетокот на оваа година.

Линекер го нападна Артета: „Неговите тренинзи се бизарни“

Еден од најголемите англиски напаѓачи во историјата, легендарниот Гери Линекер, е последниот во низата што го критикува шпанскиот стручњак на клупата на Арсенал, Микел Артета.

Арсенал, иако водечки, се наоѓа во реална опасност на крајот од сезоната да остане без долгоочекуваната титула во Англија.

Иако имаат предност од шест бода, но и натпревар повеќе во однос на Манчестер сити, притисокот е огромен, а Линекер смета дека Артета не знае како да се справи со него.

Конкретно, на поранешниот голгетер му пречи начинот на работа на шпанскиот тренер и барањата што им ги поставува на играчите за време на тренинзите.

На пример, пред натпреварот со Спортинг во четвртфиналето на Лигата на шампионите, фудбалерите на Арсенал работеле на подобрување на концентрацијата така што во група со главите ја држеле топката да не падне, а потоа и хемиски пенкала.

„Се осмелувам да кажам дека методите на тренинг на Артета се на граница на бизарно. Граничат со смешно. Тоа со пенкалата, па прикажување видеа од ТикТок на огромни екрани за време на тренинг. Ако сакаат да се натпреваруваат, потребно е само да бидат смирени. Ако веќе правите нешто поинакво, тогаш правете го тоа во тајност, погрижете се никој да не ве снима. Тоа би бил мој искрен совет. Верувам дека притисокот е голем – ако победуваат, никој ништо не би им рекол, но проблемот е ако привлекуваат внимание, а потоа не победуваат. Со тоа покажуваат дека потклекнуваат под притисок“, изјави Линекер во поткастот „Рест ис фудбал“.

Арсенал утре во Лондон против Спортинг го брани водството од 1:0 од Лисабон, а потоа ги очекува големо дерби и можеби клучен натпревар за сезоната – гостување кај Манчестер сити во недела од 17:30 часот.

Мбапе: „Да се игра за Реал Мадрид е дар од Бога“

Францускиот напаѓач Килијан Мбапе во разговор за шпанското издание на списанието „Џи-Кју“ проговори за својот фудбалски пат, сегашноста во Реал Мадрид и предизвиците што ги носи врвниот фудбал.

Тој се осврна на својата спортска ситуација, но и на помалку видливите аспекти како менталната сила, лидерството и влијанието на пренатрупаниот календар врз играчите.

На прашањето што значи за него да биде играч на Реал Мадрид, Мбапе беше директен.

„За мене тоа е како дар од Бог. Да имаш можност да живееш од својата страст, да играш најдобри натпревари, да бидеш во најдобриот клуб во светот. Секогаш сум неизмерно благодарен што сум на теренот, што секое утро се будам за да го работам тоа што ме прави среќен“, изјави тој.

Посебно ги пофали стадионот „Сантијаго Бернабеу“ и Шпанија.

„Уживам да бидам на теренот и да чувствувам дека играм на најдобриот стадион во светот, во земја која, кога станува збор за фудбалот, е една од најдобрите во светот“, рече Мбапе.

„Оствари го својот сон, биди Ѕвездина ѕвезда“ по четврти пат во Македонија

Некогашниот европски и светски првак Црвена ѕвезда и ова лето ќе има свој камп во Македонија. Веќе традиционално, четврта година по ред, српскиот гигант во соработка со фудбалската школа „Форца“ од Скопје ќе има свој летен камп во главниот град на Македонија.

Под мотото „Оствари го својот сон, биди Ѕвездина ѕвезда“, од 22 до 26 јуни, нашите фудбалски таленти ќе имаат можност на кампот да ги покажат своите вештини и да се наметнат како некои идни суперѕвезди во таборот на некогашниот европски владетел Црвена ѕвезда.

„Горди сме што долгогодишната работа на нашиот клуб сѐ повеќе излегува на виделина и е препознаена од еден од најголемите клубови на Балканот, Црвена ѕвезда. По воспоставувањето на техничко-деловната соработка во 2022 година и успешно реализираните кампови за скаутирање млади таленти „Оствари го својот сон, биди Ѕвездина ѕвезда“, најавуваме дека по четвирти пат ќе се организира летниот камп, од кој во претходните години голем број деца од нашата школа добија можност да бидат дел од подготовките на ФК Црвена ѕвезда, да учествуваат на меѓународни турнири и да присуствуваат на пробни тренинзи во Белград, каде што имаа можност да ги покажат своите квалитети. Дел од нив веќе официјално го направија следниот чекор во својата фудбалска кариера: Горазд Ристовски, Михајло Павлов, Марин Крстевски и Коста Георгиевски, кои веќе одреден период се официјални членови на ФК „Црвена ѕвезда“ и настапуваат за нивните младински тимови“, велат од ФК Форца, додавајќи дека на радарот на Црвено-белите се уште неколку македоски таленти кои во иднина може да го продолжат патот на Горазд, Марин, Михајло и Коста.

За сите детали околу пријавувањето на овој летен камп може да се ИНФОРМИРАТЕ ТУКА.

 

Пол Скокс вели дека не гледа како Арсенал може да ја освои титулата во Премиер лига

Легендарниот фудбалер на Манчестер јунајтед, Пол Сколс, даде своја прогоноза околу тоа како стојат шансите за освојување на титулата во Премиер лигата. Според Сколс, Арсенал иако сега има шест бода повеќе од Манчестер сити, Топчиите не се фаворити за освојување на пехарот.

Арсенал претрпе неочекуван пораз од Борнмут на свој терен со 1:2, додека Сити славеше на гости кај Челзи. Во следното коло се игра големото дерби во кое Сити на својот стадион „Етихад“ ќе биде домаќин на Арсенал. Овој меч може да реши многу работи околу трката за титулата.

Арсенал пред еден месец загуби од Сити во финалето на Карабао купот, а легендарниот Сколс не верува дека Топчиите може да ја освојат титулата.

„Мислам дека приказната за Арсенал е завршена. Сега моментот е за Сити да се покаже. Не видов Арсенал да ги победува ривалите во големи натпревари“, вели Сколс во поткастот „Добриот, лошиот и фудбалот“.

Пелистер ги сопре најдобрите, но киксира против директниот ривал во борбата за опстанок

Арсими минимално со 1:0 го победи Пелистер во меч од 27-мото коло на Прва фудбалска лига на Македонија. Ова може да биде злато вреден триумф за Арсими затоа што стигна до 35 бода и се стационира на седмото место на табелата, кое обезбедува директен спас. Пелистер остана на 26 бода и е на деветтото место кое води во баражот за плејаутот.

Клучниот момент на денешниот дуел се случи во финишот на првото полувреме. Дардишта во 44-тата минута постигна гол кој на крајот се покажа како доволен за освојување на три бода на Арсими.

Пелистер едноставно немаше сили да ја продолжи низата на добри резултати, па откако успеа да ги сопре најдобрите во лигата, славеше над Шкендија во Тетово 2:1 и одигра 0:0 со Вардар во Битола, сега киксира против директниот ривал во борбата за опстанок.

 

Луис Енрике внимателен: Знам колку е тешко да се игра на „Енфилд роуд“

Пари Сен Жермен вечерва ќе ја продолжи мисијата за одбрана на титулата во Лигата на шампионите и тоа на гости кај Ливерпул. Францускиот првак има предност од 2:0 стекната од првиот меч кој се играше во Париз, што значи дека Ливерпул е тимот кој ќе брка негатива.

Иако предноста е добра, тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, знае дека неговите играчи во ниту еден момент не смее да се опуштат и да мислат дека ја завршиле работата. За да се пласираат во полуфиналето на ЛШ, играчите на ПСЖ мора да бидат фокусирани во текот на сите 90 минути на легендарниот англиски стадион.

„Ни престои тежок меч. Фудбалот стана таков што натпреварите многу брзо може да се променат. Затоа мора да бидеме фокусирани и не смееме да дозволиме брзо да примиме гол. Мора сигурно да го започнеме дуелот, но тоа нема да биде клучот на играта. Знам колку е тешко да се игра на Енфилд роуд, но тоа треба да биде дополнителна мотивација за нас. Имаме самодоверба и знаеме како треба да се одигра на вакви натпревари“, вели Енрике.

Ќе има спектакл во Англија, дерби-дуели и во Италија и во Португалија

Новото 27-мо коло на Спортската прогноза ќе биде специјално. Тоа е така затоа што има неколку спектакуларни дерби-мечеви, но главно во фокусот ќе биде дербито во Англија, меѓу двете екипи кои се борат за титулата. Манчестер сити на свој терен ќе игра против Арсенал и со евентуална победа, Граѓаните целосно ќе се вратат во трката за трофејот.

Моментално Арсенал е лидер со 70 бода, шест повеќе од Сити кој има и меч помалку. Доколку Сити го добие заостанатиот дуел, со триумф во меѓусебната пресметка против Топчиите, бодовното салдо би било израмнето.

Освен ова дерби, во Премиер лигата ќе има привлечна пресметка и во Лондон каде Челзи ќе го пречека Манчестер јунајтед. Дерби дуели има и во Италија, а предизвик ќе биде да се погодат и останатите мечеви кои се дел од ова ново коло.

Секој обложувач сонува да биде перфектен во прогнозите и да стигне до Среќна 13-ка, што ќе му донесе  освојување на iPhone 16. Со 12 погодени натпревари се добива вредносен ваучер од 1.000 денари во Sport Life, додека 11-ката значи и освојување на ваучер од 500 денари.

Атлетико со „валкан потег“, тренерот на Барселона веднаш пријавил кај УЕФА (Видео)

Во последниве два месеца, Барселона и Атлетико Мадрид одиграа четирипати, а вечерва ќе биде нивната петта меѓусебна пресметка. Барселона има две победи, а исто толкупати и Атлетико Мадрид се радуваше во претходните четири дуели на овие шпански гиганти.

Вечерва адутот е на страната на Атлетико затоа што игра на домашен терен и има предност од 2:0 во исчекување на реванш-дуелот од четвртфиналето во Лигата на шампионите. Тимот на Барселона вчера тренираше на „Ванда Метрополитано“, а тренингот во еден момент бил прекинат од прскалките кои се поставени на теренот, а се вклучиле додека Каталонците ги одработуваа зададените обврски од тренерот Ханси Флик.

Изненадени од неочекуваниот проблем, гостите веднаш реагирале. Наводно, тренерот Ханси Флик веднаш упатил жалба до делегатот на мечот, потенцирајќи дека тоа не е во духот на ферплејот.

Мартин Карапалевски е третото засилување на ГРК Охрид за наредната сезона!

Македонскиот повремен репрезентативец Мартин Карапалевски во наредната сезона ќе го носи дресот на ГРК Охрид. Ракометарот кој игра на позицијата среден бек, потпиша договор кој го обврзува да остане во тимот на Охрид до 2028 година. Ќе го носи дресот со број 11.

Карапалевски во изминативе две сезони играше за тимот на Ваљадолид, а пред тоа го носеше дресот на РК Вардар 1961.

„Се радувам што ќе бидам дел од ГРК Охрид, клуб кој расте од година во година. Уште од првите разговори ми се допадна идејата и проектот по кој клубот сака да се движи во наредните години. Со нетрпение чекам да настапам пред охридската публика и верувам дека заедно ќе се радуваме и ќе ги исполниме целите на клубот“, изјави Карапалевски.

Охрид сезонава игра одлично како на домашната сцена, така и во ЕХФ купот.