21.8 C
Skopje
понеделник, 7 јули 2025
Дома Blog Страница 9629

Обложување вредно 100.000 долари: „Рака-сатар“ на Аренас (Видео)

Поранешниот НБА-кошаркар Гилберт Аренас го прифати предизвикот на играчот на Лос Анџелес лејкерс, Ник Јанг, за тоа кој може да погоди повеќе тројки. Бек-шутерот на Лејкерс го провоцираше Аренас велејќи дека е премногу стар и дека нема да може да погоди ниеден удар за три поени. Дури решија да се обложат на 100.000 долари.

Аренас го прифати предизвикот, донесе торба полна со пари и се фати за баскетот. Дека воопшто не е стар за да погодува од далечина, Аренас покажа на најдобар можен начин. Од пет позиции зад линијата за три поени упати 100 шута, а погоди неверојати 95 пати.

Јанг, кој постојано провоцираше, сега воопшто го нема да се појави со коментар. Негова задача ќе биде да го надмине овој рекорд на Аренас, што ќе биде неверојатно тешко.

Србија не смее да си дозволи кикс против Камерун

По синоќешниот пораз од Соединетите Американски Држави, Србија денеска не смее да претрпи нов неуспех на Светското првенство. Во рамките од групата Ц, Србија е апсолутен фаворит во дуелот против Камерун, иако ситуацијата на табелата покажува дека африканската селекција е со три бода, а Србите имаат еден бод.

„Штета што во првиот меч на турнирот нè победивме. Тоа беше важен меч, можеби и решавачки за поминување во следната фаза. Сега ќе мора да ја поправиме ситуацијата на следните мечеви. Турнирот е многу долг. Сега нè очекува дуел против Камерун и треба да го добиеме“, вели блокерот на српската репрезентација, Марко Подрашчанин.

Мечот меѓу Србија и Камерун ќе започне во 20.30 часот, а денеска на програмата се уште и дуелите меѓу Египет – Канада, Порторико – Полска, Австралија – САД, Доминиканска Република – Јапонија, Бразил – Франција, Иран – Бугарија и Италија – Белгија.

Бркаме трета победа на 13-ти септември

Настапите на македонската машка кошаркарска репрезентација во минатото покажуваат дека „црвено-жолтите“ во нивната 25-годишна историја трипати играле официјални мечеви на овој датум, 13-ти септември. Билансот е позитивен, 2-1, а желбата е да се дојде до хет-трик.
Првиот меч одигран за 13-ти септември беше оној против Израел, во 2006 година. Таа средба беше во рамките на квалификациите за Европското првенство 2007. Македонија тогаш загуби и не успеа да се најде на завршницата, на која тогаш играа 16 тима.
Но, тоа што беше испуштено учество во 2007, го надоместивме две години подоцна. Македонија играше на Евробаскетот во 2009 година и токму таму, на завршницата во Полска, во втората групна фаза, на 13-ти септември успеавме да ја совладаме Германија.
На тоа ЕП во 2009, Македонија се најде и благодарение на победата над Летонија во квалификациите. Тој триумф над Летонците во тогаш новата сала „Борис Трајковски“ во летото 2008 година ја отвори вратата за влез на континенталниот шампионат.
Денеска, на 13-ти септември 2018, Македонија повторно почнува битка за влез на ЕП. Победа над Косово би била добредојдена и значаен чекор кон остварување на амбицијата најпрвин да се најдеме во квалификациите, а потоа и на завршницата.

Со народна носија на терен – Минхен 1860 има дресови во чест на Октоберфест

Фудбалерите на германскиот третолигаш Минхен 1860 ќе носат една гарнитура дресови во чест на познатиот Октоберфест.
Во препознатливите сино-бели бои, дресот е посветен на манифестацијата по која е познат градот Минхен, но и Баварија.
Првиот меч со новата гарнитура дресови Минхен 1860 ќе го игра против Вехен на 22-ри септември.
Минхен 1860 е најстариот фудбалски клуб во Германија, формиран е во 1860 година, а сега ќе биде препознатлив и по дресовите со симболи од народната носија на Баварија, руво во кое домашното население доаѓа на Октоберфест.

Гвардиола најави дека ќе се врати во Барселона

Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, откри дека сака тренерската кариера да ја заврши на местото каде што ја започна, а тоа е Барселона. Гвардиола ја започна тренерската кариера како предводник на тимот од „Камп ноу“ во 2008 година и таму остана до 2012.

„Ќе ја завршам тренерската кариера на местото каде што сè започна за мене, а тоа е во Барселона. Се надевам дека последните чекори како тренер ќе ми бидат на „Камп ноу“. За начинот на којшто ги водам тимовите можам да кажам дека каде и да бидам тренер, стилот на игра ќе биде тој“, вели Гвардиола.

Под водство на Гвардиола, каталонскиот гигант освои дури 14 трофеи во сите најважни натпреварувања и покажа дека е еден од најдобрите стратези во светот. По Барселона, Пеп три години беше на чело на Баерн Минхен, а сега со Манчестер сити е актуелен првак на Англија.

Има сигнали од Џенова – Горан Пандев гостин на легендарната „Бомбонера“

Горан Пандев, неговите соиграчи и сите од фудбалскиот клуб Џенова се во славеничко расположение по повод 125-годишниот јубилеј на еден од најстарите клубови на светот, а круна на прославата би бил двомеч со Бока јуниорс.

Такви сигнали има од Џенова, за можен двомеч со братскиот клуб од Аргентина, што би било спектакуларно и за капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев.
Меч на легендарната „Бомбонера“ како еден од моментите за паметење во кариерата на 35-годишниот струмичанец.
Џенова и официјално е првоформираниот фудбалски клуб во Италија, основан на 7-ми септември 1893 година, а интересно е пријателството со Бока јуниорс, еден од најславните клубови во историјата на фудбалот.

Клубот на Марадона, Каниџа, Рикелме, Руџери, Палермо… и уште на стотина светски познати фудбалери кои го носеле „сино-жолтиот“ дрес на Бока јуниорс, е формиран од емигранти од Џенова. Именуван е по пристаништето во Џенова, популарното „Бокадазе“, па од 1905 година, кога е основан аргентискиот гигант, трае нераскинливото пријателство меѓу двата клуба.

Еден од многуте симболи на Бока јуниорс е стадионот „Алберто Армандо“, или многу попознат како „Ла Бомбонера“, легендарно здание, едно од десетте најпознати во светот со: бразилска „Маракана“, „Сантијаго Бернабеу“, домот на Реал Мадрид, „Камп ноу“ на Барселона, „Олд Трафорд“ на Манчестер јунајтед…

Белуски: Ни недостасуваат головите на Несторовски

Илија Несторовски остана во Палермо и покрај најавите за трансфер во друг клуб, а токму од него соиграчите и сите во клубот очекуваат голови и добри игри за да се оствари целта, пласман во Серија А.

„Несторовски е голем професионалец и не се сомневам дека повторно ќе игра на препознатливо ниво. Ни недостасуваат неговите голови, неговиот ефект од минатите сезони. Верувам дека ќе влезе во форма, бидејќи нè интересира само пласман во Серија А и ништо друго“, вели искусниот Џузепе Белуски.

Палермо тргна скромно во новата сезона, исто како и нивниот најдобар стрелец Илија Несторовски, па по две кола, првиот фаворит за враќање во Серија А има два бода со две нерешени средби. Несторовски го чека првиот гол во новата сезона во „розевиот“ дрес на Палермо, а следна шанса за пробивање на мразот ќе биде дуелот со Фоџа на гостински терен во недела од 21 часот.

Тажна приказна, но спортскиoт дух не се предава: Освои две олимписки злата, а сега не може да оди

На Олимписките игри во Лондон во 2012 година, германската велосипедистка Кристина Фогел го освои тимското злато во спринт. Четири години подоцна, на Игрите во Рио де Жанеиро го повтори тој успех, но во поединечна конкуренција.

Освен двете олимписки злата, Фогел дури 11 пати била и светска шампионка. Покрај сите овие успеси, животот само за еден миг целосно ѝ се промени. Летово, на еден тренинг во спортскиот центар во Котбус, таа падна ѝ се здоби со тешки повреди на рбетот и градите.

„Си зборував самата себеси ‘диши, диши, диши’. Кога си ги соблеков патиките, веднаш знаев дека повеќе нема да можам да одам. Но, што е тука е. Солзите нема да ми помогнат. Подготвена сум за новиот предизвик и ќе се обидам да извлечам нешто и од тоа“, вели несреќната 27-годишна Германка, која за првпат јавно потврди дека веќе никогаш нема да може да оди.

Таа вели дека е среќна што била спортистка и знае како е да се бори за да се добие нешто. Сега се обидува да ги мотивира сите оние кои претрпеле слична несреќа.

„Прашањето ‘зошто мене ми се случи’ нема ништо да ни донесе и да ни промени. Сакам да се вратам повторно во живот, а тоа не зависи од никого, освен од самата јас. Морам да ја користам силата која ја имав за време на натпреварувањата“, додава несреќната Кристина, која во 2009 година имаше тешка сообраќајна несреќа, кога со велосипедот се судри со минибус, па одреден период поминала во индуцирана кома. Таа битка Фогел ја добила, а сега ја очекува уште поголема животна борба.

Семејството му го „расипа“ трансферот на Џон Тери во Русија

Легендата на Челзи, Џон Тери, сепак нема да потпише за рускиот прволигаш Спартак Москва. Иако беше речиси договорено Тери да игра во Спартак една година, сепак тој се премисли. Ветеранот минатата недела ги помина и лекарските прегледи, но кога требаше да отпатува за Москва, ги смени плановите.

Семејството на Тери било против овој трансфер, а Џон во последен момент се решил да ги послуша

.
„Откако внимателно размислив, решив да не ја прифатам понудата која ми ја даде Спартак. Сакам да се заблагодарам на довербата која ми ја дадоа и да му посакам сè најубаво на клубот и на нивните навивачи. Тоа е амбициозен клуб, со голем професионализам. Сепак, откако ја согледав ситуацијата, со моето семејство проценивме дека не треба да го прифатам овој договор“, објасни Тери.
Некогашниот англиски репрезентативец останува слободен играч, откако во мај го раскина договорот со Астон вила.

Се работи за пласман на ЕП? Повикајте го голманот да даде гол (Видео)

Марек Родак е новиот херој на младинската репрезентација на Словачка. Тоа е голманот кој успеа да постигне гол во последната минута за победа на гостувањето кај Исланд, во еден од најважните мечеви од квалификациите за пласман на Европското првенство 2019 година за играчи до 21 година.

Словачка и Исланд се во трка за второто место во групата каде што Шпанија е сигурно прва. Исланд беше домаќин и на полувремето водеше со 1-0. Во вториот дел Словачка израмни, а во 90-тата минута поведе и со 2-1. Исланд успеа со гол од пенал во 93-тата минута да израмни на 2-2, но тоа не беше крајот.

Во последните моменти од дуелот гостите изведоа корнер, а во напад тргна и голманот Родак, кој успеа со глава да даде гол за победа од 3-2 и второ место на Словачка во групата.