Дома Blog Страница 9630

Раул го смени Вардар, но навиките да победува му останаа

Поранешниот тренер на Вардар, Раул Гонзалес, успешно стартуваше во новата сезона во Лигата на шампионите како предводник на францускиот Пари Сен Жермен. Тимот од Париз е еден од главните фаворити за трофејот сезонава во елитната лига. „Светците“ на гостувањето кај Мотор во Запорожје победија со 35-29.

Раул, кој е актуелен селектор на македонската репрезентација, можеше на дело да ја види формата на Жарко Пешевски, кој игра за Мотор. Токму Пешевски беше стрелец на првиот погодок на мечот, кога домаќините го имаа и единственото водство.

Во продолжение на средбата, ПСЖ со доминантна игра не дозволи кикс во првото коло од Лигата на шампионите. Пешевски даде три погодоци за Мотор, додека најпрецизен кај победничкиот тим беше Надим Ремили со осум гола.

ВТА ѝ кажа чао на Јанковиќ, за збогум е рано

Српската тенисерка Јелена Јанковиќ нема играно тенис од лани, кога настапи на Отвореното првенство на САД и автоматски е избришана од рангирањето на ВТА, од светската тениска листа.

Системот на ВТА е таков, а без разлика на успесите на Јанковиќ, таа веќе не фугурира на листата со најдобрите тенисерки на светот.
Србинката сè уште официјално не се повлекла од тениските терени, а интересно е што ВТА мораше да си избрише поранешен број 1. Јанковиќ беше најдоброрангирана светска тенисерка на 11-ти август 2008, или пред малку повеќе од 10 години.

Во кариерата има освоено 16 ВТА-титули, а највпечатлив успех ѝ е настапот во финалето на Отвореното првенство на САД во 2008 година, кога по големата битка, загуби со 4:6,5:7 од Серина Вилијамс.

Бенфика се приклучи во трката – Елмас е цел на „орлите“ од Лисабон

Одличните игри на Елиф Елмас за Фенербахче и за македонската репрезентација сè повеќе го привлекуваат вниманието на големите европски клубови, а сериозно за ангажман на 19-годишното момче се интересира Бенфика.

Скаути на популарните „орли“ од Лисабон беа присутни на националната арена во Скопје, на дуелот меѓу Македонија и Ерменија, и дополнително се уверија во екстра талентот и квалитетот на Елмас.

Првично, Елиф ги воодушеви претставниците на Бенфика со игрите во двомечот во Лигата на шампионите, по којшто Фенербахче беше елиминиран од двојниот европски првак, но Елмас одигра одлично и на двата натпревари.

Многу комплименти му доделија и турските и португалските медиуми, па логичен е интересот на Бенфика за младиот македонски А-репрезентативец.

Интерес за Елиф има и од Лион, Манчестер сити, Манчестер јунајтед…, но засега тој останува во Фенербахче и ги има целосната доверба и минутажата од Филип Коку.

Шкендија лесно го „искачи“ Кожуф

Актуелниот освојувач на Купот на Македонија, Шкендија, без поголеми проблеми се пласираше во осминафиналето откако на гости со 2-0 победи против Кожуф. Тетовчани уште во првото полувреме ги решија сите дилеми околу победникот.

На мечот кој се играше во Гевгелија имаше околу 1.000 гледачи кои даваа поддршка на домашниот тим, но, сепак, квалитетот беше на страната на гостите. Бесарт Ибраими погоди во 13-тата минута за водство од 1-0, а веќе во 28-мата минута беше 2-0, откако прецизен беше Омар Имери.

Ова беше последен меч од првото коло во Купот на Македонија, а се одигра подоцна од предвиденото, поради настапот на Шкендија во квалификациите во Лигата на шампионите, а подоцна и во плејофот во Лигата на Европа.

Лудост: Клубовите потрошиле 5,44 милијарди долари за нови играчи

Фудбалските клубови од целиот свет потрошиле рекордни 5,44 милијарди долари за нови играчи во текот на летниот преоден рок.

Како што се очекуваше, најголемиот дел, односно повеќе од три четвртини од целата сума е потрошена од клубови кои играат во Топ 5 лигите во Европа. Екипите од Англија, Германија, Италија, Франција и Шпанија вкупно потрошиле 4,21 милијарди долари, односно 77,5 отсто од целата сума.

Системот на ФИФА покажува дека клубовите од Топ 5 лигите потрошиле 6,6 отсто повеќе од минатата година во летниот преоден рок. Очекувано, најмногу пари се потрошени во Англија. Клубовите од оваа земја потрошиле 1,44 милијарди долари, но тоа не е национален рекорд. Во 2017 година овие клубови потрошиле 1,465 милијарди долари.

Клубовите од италијанската Серија А ја надминаа бројката од милијарда долари, што е за 74,7 отсто повеќе од лани. И во Шпанија е зголемен процентот за 42,2 отсто, а потрошени се вкупно 961 милион долари.

Француските клубови потрошиле 419 милиони долари, што е пад за 37,4 отсто од лани. Бундеслигашките клубови потрошиле вкупно 319 милиони долари.

Ноле е најдобар, на ниво е на Џордан и Али

Поранешниот освојувач на седум Гренд слем турнири, Мац Виландер, не штедеше пофални зборови за Новак Ѓоковиќ. Некогашниот шведски тенисер вели дека популарниот Ноле веројатно е подобар и од Рафаел Надал и од Роже Федерер, иако има помалку Гренд слем титули од нив двајца.

„Ѓоковиќ игра на највисоко можно ниво. Дали е подобар од Надал и Федерер? Најверојатно. Неверојатно е како успева толку комплицирани работи да ги направи да бидат едноставни. Не постои слабост во неговата игра. Тој е како жив ѕид. Невозможно е да се помине. Тој е најдобриот спортист кој играл тенис. Го ставам во ранг на Мајкл Џордан и Мохамед Али. Тука може да го додадам и Јусејн Болт“, вели Виландер за Ѓоковиќ.

Популарниот Ноле минатата недела триумфираше на Отвореното првенство на САД и стигна до 14-тата Гренд слем титула во кариерата.

Жорж Веа играше за Либерија и на 51 година

Жорж Веа, поранешниот голгетер на Милан, а сегашен претседател на Либерија, повторно се активираше на фудбалскиот терен. Иако има 51 година, Веа повторно го облече репрезентативниот дрес и играше 79 минути во пријателскиот меч против Нигерија. На крајот Нигерија победи со 2-1, но навистина е чудо како Веа издржа речиси цел меч на теренот.

Веа го носеше дресот со бројот 14, кој беше негов заштитен знак во текот на кариерата. Кога го напушташе теренот, доби овации од публиката. Во блескавата играчка кариера, Веа успеа да стане првиот африкански фудбалер кој од ФИФА ја добил наградата за најдобар фудбалер во светот во една година.

Дека мечот против Нигерија и не беше од рекреативен карактер, покажува и фактот дека во редовите на гостите беа и играчи како што се Вилфред Ндиди (игра во Лестер) и Петер Етебo (игра во Стоук).

Веа како фудбалер беше одличен, а од јануари оваа година се покажува и во улога како предводник на Либерија, бидејќи беше изгласан за претседател.

Киево може да биде казнет со 15 бодови

Екипата на Киево ја имаше честа да биде првиот домаќин на Кристијано Роналдо во меч од Серија А. На таа средба, гостите од Торино заостануваа со 2-1, но на крајот успеаја да победат и не дозволија никакво изненадување.

Во следните два меча, „летачките магариња“ освоија само еден бод и се на последното место на табелата во Серија А. Сега ситуацијата може да биде уште полоша за клубот од Верона. Весникот „Газета дело спорт“ открива дека денеска започнува судењето на Киево поради „неправилните договарања со Чезена“. Чезена е тим кој поради банкрот, летово згасна, а потоа беше реактивиран и започна со натпреварување во Серија Д, односно најнискиот ранг на натпреварување во Италија.

Киево и Чезена „ се договарале“ за трансфери на играчи, односно продавање едни на други за многу поголема вредност од реалната, за да може да се покаже профит во работењето.

Обвинителот бара Киево да биде казнет со 15 бодови во тековната сезона, што би значело дека екипата ќе отиде во минус 14 бодови, според актуелната состојба на табелата. Тоа речиси сигурно ќе значи и испаѓање на „летачките магариња“ од Серија А на крајот од сезоната.

Стартува Лигата на шампионите на ЕХФ: Пешевски против селекторот Раул, Барселона на гости кај Талески и Рајн Некар

Ракометната Лига на шампиони го чека својот нов владетел, најдобрите екипи од Европа од денес започнуваат нова авантура, а на денешната програма закажани се четири интересни дуели.

Меѓу поинтересните средби ќе биде мечот Мотор Запорожје – ПСЖ, каде што ќе се сретнат нашиот репрезентативец Жарко Пешевски и селекторот на сениорската машка репрезентација, Раул Гонзалес. Раул ќе има можност да го види нашиот пивот на дело на големите натпреварувања, бидејќи во претстојниот период Пешевски ќе биде прв избор за пивотската позиција во репрезентацијата, со оглед на фактот дека Стоилов е повреден.

Се очекува тешка битка и во Германија, каде што Филип Талески со неговиот Рајн Некар Левен ќе ја пречека Барселона. Во останатите средби играат Динамо Букурешт – Елверум, како и Рихимeн кокс – Адемар.

Што се однесува за македонскиот претставник Вардар, тој во сабота ќе го започне походот во европскиот шампионат, ќе гостува кај бранителот на титулата и противникот од минатогодишното полуфинале, тимот на Монпелје, екипата која важи за фаворит во оваа сезона.

Натпревари во Лигата на шампиони на ЕХФ на 12-ти септемри:

Рихимeн кокс – Адемар 17.15 часот

Мотор Запорожје – ПСЖ 18 часот

Динамо Букурешт – Елверум 18.30 часот

Рајн Некар Левен – Барселона 19 часот

Македонија само со тројца што играа лани во Приштина

Составот со кој македонската репрезентација ќе се обиде да триумфира на гостувањето кај Косово во првиот меч од претквалификациите за Евробаскетот 2021 година има дури девет кошаркари кои не знаат како е да се игра на ова незгодно гостување. Косово и Македонија лани на 2-ри август играа во истата сала, домашните победија, но македонскиот состав сега е многу поразличен.

Селекторот Јорданчо Давитков реши со себе да ги земе Андреј Магдевски, Дарко Соколов, Бобан Стајиќ, Димитар Караџовски, Александар Костоски, Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Стојан Ѓуроски, Бојан Трајковски, Ричард Хендрикс, Бојан Крстевски и Љубомир Младеновски.

Од составот којшто лани на Илинден гостуваше во Приштина, сега се само четворица (В. Стојановски, Ѓуроски, Младеновски и Костоски), со тоа што Младеновски во 2017 не влезе во игра.

Ако се споредат сегашниот и тогашниот тим, може да се заклучи дека Македонија во 2018 е поквалитетна, малку помлада и има натурализиран играч кој е покорисен за тимот. Тука е и Бојан Трајковски, кој настапуваше за Сигал Приштина и добро ја познава салата каде што играше како домашен играч.