Дома Blog Страница 9640

Спектакл во најава: Мегапресметка на двата последни светски шампиони

Германија – Франција е најзвучниот дуел за денешната програма од Лигата на нациите

Лигата на нациите не можеше да започне со подобар натпревар, веќе на отворањето на новото меѓународно првенство ќе се судрат двата последни светски прваци, актуелниот шампион Франција и шампионот од 2014 година, Германија. На „Алијанц арената“ во Минхен, „панцерите“ ги пречекуваат „триколорите“, неспорно е дека нѐ очекува спектакл во обид да се стигне до првите бодови во новото натпреварување.

Во таборот на француската репрезентација одамна е заборавен успехот од Русија, Гриезман, Мбапе, Погба и останатите сакаат да продолжат со исто темпо и натаму да редат позитивни резултати, воедно и да ја продолжат низата од 11 меча без пораз во сите конкуренции.

За Германците е сосема друга приказна, по дебаклот и раната елиминација во Русија, Јоахим Лев мора што побрзо да ги закрепне фудбалерите и да ги врати на победнички патеки, а задачата ќе биде многу потешка, со оглед на фактот дека играат против силната Франција.

Во меѓусебна пресметка, Германија последен пат славеше над Франција на СП во Бразил, во четврт-финалето со минимални 1-0. Оттогаш се сретнаа уште три пати, двете пријателски средби завршија со реми од 2-2, односно тирумф на Франција со 2-0, додека третиот, и најважниот меч, исто така припадна на „триколорите“, во полуфиналето на ЕП 2016 Франција славеше со 2-0.

Овој дуел за денес е најиграниот пар во нашите обложувалници, коефициентот за „кец“ на Германија е 2.45, за победа на Франција е 2.88, додека за реми е 3.30. Знаејќи го квалитетот на двете селекции, очекувано е да се тресат и двете мрежи, па за типот ГГ3+ ви нудиме квота 2.22.

Лапровитола: Димитријевиќ има големо кошаркарско знаење

Првиот плеј на Хувентуд со пофални и охрабрувачки зборови за Македонецот

Стартниот плејмејкер на Хувентуд, искусниот Аргентинец Нико Лапровитола, смета дека неговата резерва Ненад Димитријевиќ е важен играч во ротацијата на екипата.

Димитријевиќ веќе трета сезона ќе биде во првиот тим на Хувентуд и само со 20 години има искуство од играње во шпанската лига, која заедно со турската се најсилни во Европа. Од друга страна, конкуренцијата во тимот му е многу силна, па тешко му оди зголемувањето на минутажата.

„Нено во претстојната сезона ќе игра повеќе и се надевам дека ќе биде од помош за екипата. Јас сум тука да му помогнам да стане уште подобар играч. Тој е момче кое слуша совети, треба малку да го туркаме напред, но вистината е дека има познавање и многу кошарка во неговите раце, знае да игра. Сите треба да придонесуваме за тимот. Во минатата сезона јас имав многу голема минутажа, затоа важно е сега Нено кога ќе биде на терен, квалитетно да придонесува за екипата“, изјави Лапровитола.

Холивудската авантура на Ибрахимовиќ кратко траеше

Швеѓанецот пред преселба во нов клуб, ќе игра во земјата на Салах

Златан Ибрахимовиќ не застанува со смената на клубови. Славниот Швеѓанец може предвреме да ја заврши авантурата во Лос Анџелес, откако на негова адреса пристигнала милионска понуда од египетскиот клуб Пирамиди.

Наводно, сопственикот кој го поседува овој клуб, милијардерот Турки Aл-Шеик, му нуди богатство на Ибра за да заигра во Египет, иако засега не е позната понудата. Договорот на Златан со ЛА галакси важи до 2020 година, но неговото „владеење“ во МЛС-лигата може да заврши многу порано од очекуваното.

Обврските со клубот му завршуваат во декември, кога завршува првенството во САД, а тогаш најверојатно ќе преговара околу понудата од Египет. Засега успешно го прави она за коешто дојде во САД, редовно ја радува публиката на Галакси, а досега брои 16 погодоци на 21 настапи.

Ибрахимовиќ во кариерата играше за: Малме, Ајакс, Јувентус, Интер, Барселона, Милан, ПСЖ и Манчестер јунајтед.

Македонија е великан за малиот Гибралтар

Mакедонија денес гостува кај Гибралтар во рамките од првото коло во Лигата на нациите. Составот на Игор Ангеловски е апсолутен фаворит против малата земја која во фудбалскиот свет сè уште чека некаков позитивен исход.

Статистиката е на наша страна, Македонија цела една година нема пораз (последен од Шпанија со 1-2, на 11-ти јуни 2017), или поточно десет меча. Меѓу овие десет натпревари се бројат и петте успешни гостувања, Македонија на пет меча надвор од дома бележи две победи и три реми. Селекторот Ангеловски на теренот ќе ги пушти единаесеттемина најдобри кои му се на располагање, без разлика што сме фаворити на хартија, тоа треба да го потврдиме и на теренот.

Денешните домаќини не можат да се пофалат со статистика како нашата. Всушност, Гибралтар досега нема освоено ниту бод на квалификациските натпревари од европски и светски рамки. Имаат 20 порази на исто толку одиграни мечеви, со катастрофална гол-разлика, 103 примени и само пет постигнати голови. Во составот се со само еден професионален фудбалер, Лијам Вокер, од каде што доаѓа и најголемата опасност кон нашиот гол.

Натпреварот е закажан за вечерва, со почеток од 20.45 часот, а се очекува стадионот „Викторија“ да биде исполнет до последното место, арената која собира само 2.000 посетители.

Дека Македонија е апсолутен фаворит, говори и самиот коефициент според нашата понуда, за „двојка“ е 1.10, за победа на Гибралтар коефициентот е 40, за реми 11. За типстерите кои очекуваат да има повеќе голови на овој меч нудиме квота од 1.45 за 3+, односно 2.15 за 4+.

На „Џузепе Меаца“ ќе нема игла каде да падне

За дуелот од ЛШ помеѓу Интер и Тотенхем продадени се 60.000 билети, а наскоро бројката ќе дојде и до 70 илјади

Навивачка треска ги фати навивачите на Интер од Милано, кои за првиот домашен меч од Лигата на шампионите, на 18-ти септември со Тотенхем, ќе го исполнат стадионот „Џузепе Меаца“ можеби до последно место.

Од клубот објавија дека по првиот ден на продажбата, продадени се дури 60.000 билети, а според интензитетот на продажбата, наскоро бројката ќе дојде и до 70 илјади.

Слободни места може да се најдат само зад едниот гол, и тоа во највисокиот прстен од трибините на стадионот, како и во првите редови од централните трибини.

Поранешниот европски првак Интер шест и пол години не играл во Лигата на шампионите, па фановите со нетрпение го исчекуваат камбекот во елитното друштво. Интер е во една од најсилните групи во ЛШ, заедно со Барселона, Тотенхем и ПСВ Ајндховен. Сигурно е дека одлична посета ќе има и кога Барса и ПСВ ќе гостуваат во Милано, но за 12 дена против лондонскиот тим сигурно атмосферата ќе биде пеколна.

Земјотресот го откажа дуелот Јапонија-Чиле

Пријателската средба требаше да се игра утре, од 13 часот

Националните тимови на Јапонија и Чиле ќе треба да почекаат до некоја наредна прилика за да го одиграат својот меѓусебен пријателски меч. Дуелот кој требаше да се игра утре, од 13 часот по македонско време, беше откажан поради силниот земјотрес во Јапонија, кој зеде 9 човечки животи, а околу 40 лица се водат за исчезнати.

Средбата требаше да се игра во Сапоро, град кој е само на 65 километри од регионот на островот Хокаидо, кој беше погоден од земјотресот со јачина од 6,7 степени по Рихтеровата скала.

Јапонската фудбалска федерација реагираше експресно, одлучи дека безбедноста на фудбалерите и делегациите на двата тима е најважна бидејќи регионот е во непредвидлива состојба, постои опасност од нови потреси, па решено е да не се игра контролата со Чилеанците.

Јапонците имаат проблем и со смртоносниот тајфун, најсилен во последните 25 години. Дебито на новиот селектор Хаџиме Моријасу се очекува на 11-ти септември, против Костарика во Осака.

Фудбалот стана забава за клупските сопственици

Газдата на Олимпијакос, кој воедно го поседува и англискиот второлигаш Нотингaм форест, најде „дупка“ во фудбалските закони за трансфери

 

Грчкиот фудбалер Панајотис Тахцидис, кој до неодамна беше член на Oлимпијакос, се најде во несекојдневна ситуација на трансфер-пазарот откако неговата преселба во Англија беше изманипулирана од страна на газдата на двата клубa.

Имено, милионерот Евангелос Маринакис сакал да доведе играч од неговиот Олимпијакос во својот втор тим кој го поседува, Нотингaм форест, но ангажманот не се реализирал навреме поради завршувањето на трансфер-пазарот во Англија. Но, Маринакис по секоја цена сакал да го реализира овој „дил“, па направил нешто што никој досега не се сетил да направи. Тој го отпуштил Тахцсидис од редовите на грчкиот тим и како слободен играч го ангажирал во тимот кој се натпреварува во втората англиска лига.

Просто речено, Маринакис пронашол „дупка“ во законите на УЕФА, односно ФИФА, и на крајот си го истерал планот на своето. Ова е знак дека фудбалот секојдневно сѐ повеќе станува забава и рекреација на милионерите.

Спартак го совлада банкротираниот Адмирал

Клубот од Владивосток се мачи со финансиите, но и крпен тим дава отпор

Екипите на Спартак Москва, Подолск и Јокерит од Финска имаат максимални 4 бода по два одиграни мечеви во Западната конференција од регионалната КХЛ лига. Спартак дома славеше со 3:1 против Адмирал Владивосток, клуб кој има големи финансиски проблеми.

Клубот од Владивосток нема пари да им ги исплати заостанатите плати на странците кои играа за нив во минатото, па блокдата доведе до банкрот. Тимот е составен од играчи кои беа без ангажман или дојдоа од пониски лиги. Хокеарите сами си ги платиле лекарските прегледи и засега настапуваат за ситна плата. Клубот не може да ги плати казните кои им се изрекуваат.

Новина во КХЛ лигата е трансферот на Патрис Кормие, Канаѓанецот кој потпиша за Барис од Астана, каде што друштво ќе му прави на ветеранот Боченски, кој има 400 настапи за клубот од Казахстан.

Кормие е хокеар кој го нарекуваа „најомразен лик во Канада“, бидејќи само две недели откако беше капитен на канадската младинска репрезентација, во 2010 година, доби суспензија од една година за крајно неспортско удирање со лакот на противнички играч.

Рекордна премија за репрезентативците ако го освојат првото место во групата

Репрезентативците на Македонија ќе поделат 350.000 евра премија од ФФМ доколку успешно ја минат мисијата „Лига на нации“

Вечерва започнува походот на Македонија во новото меѓународно натпреварување, Лига на нациите, а од ФФМ дополнително ги мотивираа фудбалерите откако ја одредија премиерната награда.

Доколку Македонија ја обезбеди првата позиција во групата против Гибралтар, Лихтенштајн и Ерменија, ФФМ ќе ги награди фудбалерите со 350.000 евра, што воедно е и рекордна сума која Федерацијата ќе ја додели на еден наш национален тим. Ова е одлуката на управниот одбор од пред неколку недели по консултацијата со дел од фудбалерите и стручниот штаб.

Македонија досега никогаш немала поголема шанса да се пласира на едно Европско првенство, ако завршиме како први во групата чии натпревари стартуваат денеска, тоа значи дека ќе влеземе во плејофот од зоната Д и со уште три победници со рејтинг сличен на нашиот, па и послаб, ќе играме полуфинале и финале за место на ЕП.

Познат хрватски коментатор „шиткал“ билети за финалето на СП?

Драго Ќосиќ без знаење на хрватската телевизија, вршел нелегални активности

Хрватската радиотелевизија е под истрага од ФИФА затоа што, според информациите, нејзини претставници учествувале во нелегална препродажба на билети за финалето на Мундијалот во Русија помеѓу Хрватска и Франција. Ако се утврди одговорност на екипата на ХРТ, тие ќе бидат избркани од работа, а и ТВ-куќата може да има последици.

Картите не биле продадени, ФИФА ја стопирала трансакцијата откако видела дека серискиот број е за билети кои и припаѓаат на ХРТ, па блокирани биле четири влезници кои требало да бидат продадени „на црно“. На црниот пазар еден билет за финалето чинел околу 20.000 евра.

Во ХРТ не знаеле за скандалот, туку за нелегалните активности на коментаторот Драго Ќосиќ и меѓународниот координатор Саша Дедиќ дознале од ФИФА. Ќосиќ и Дедиќ, неколку месеци пред финалето, во името на ХРТ побарале и добиле 40 билети. Сега против нив е покрената дисциплинска постапка.

Ќосиќ долги години е коментатор на ХРТ и секогаш ја следи хрватската репрезентација. СП беше последниот голем настан на кој ХРТ вршеше пренос од мечевите на националниот тим. Отсега правата ги има ТВ Нова.