Најтрофејните македонски кошаркарски клубови, скопските ривали Работнички и МЗТ Скопје Аеродром, вечерва во АБА 2 лигата имаат тешки гостувања и според квотите во Sport Life, важат за аутсајдери на хартија пред почетокот на натпреварите.
МЗТ од 18 часот гостува во Домжале против Хелиос, желен за реванш откако Словенците неодамна на 23 октомври победија со 72-70 во „Јане Сандански“. МЗТ е во криза, загуби и на последниот меч од домашното првенство против Чаир и ова е меч на којшто победата би им била многу важна, не само околу пласман во четвртфиналето на АБА 2 туку и за кревање на самодовербата.
Од 20 часот во Сараево, Работнички гостува кај Босна, во дуел на најголемите кошаркарски клубови од Македонија и БиХ. Босна има многу подобар тим, што го докажа и пред две недели, кога во Скопје го порази Работнички со 25 поени разлика. Но, ова е нов меч, шанса за Работнички да покаже дека разликата во квалитетот не е толку голема како што кажува резултатот од претходниот нивен дуел.
Работнички има скор 0-3 по три кола и ако загуби и вечерва, и теоретски ќе ги загуби шансите за пласман во плејофот.
МЗТ има реални шанси да биде прв или втор во групата, но за да влезе во разигрувањето за титулата како првопласиран од друштвото со Хелиос, Цедевита Јуниор и Теодо, ќе мора прво вечерва да победи.