Сари: Играчите не ме разбираат, прават спротивно од она што ќе им кажам

Јувентус ќе брка еден гол негатива во реваншот против Лион во осминафиналето откако вчера Старата дама загуби со минимални 1-0 во првата пресметка во Лигата на шампионите. Тренерот Маурицио Сари по мечот воопшто не беше задоволен од играта на неговата екипа и детално објасни која е причината за поразот.

„Тешко е да се објасни, но во првото полувреме премногу бавно ја пренесувавме топката. Противникот, нормално, тоа го искористи, нè притисна и успеа да дојде до гол. Ни недостасуваше одлучност и агресивност во текот на нападите, но и среќа, бидејќи примивме гол во ситуација кога на Де Лихт му се укажуваше лекарска помош“, истакна Сари.

Лавовите со погодокот на Тусар во 31-вата минута ја осигурија победата, гигантот од Торино во вториот дел делуваше поконкретно, но сепак успеа да упати само еден удар во рамките на Лопес.

„Во второто полувреме игравме подобро, но не доволно добро за меч од Лигата на шампионите. Не знам зошто, но не можам да ги натерам играчите да играат како што ќе им кажам, не разбираат колку е важно топката да ја пренесуваат што побрзо. Прават спротивно од она што ќе им кажам, на тренинг делуваме одлично, а потоа за време на натпреварите топката се движи двојно поспоро кога напаѓаме од она што го вежбаме. Играчите на Лион не беа толку агресивни колку што ние бевме спори, не го менувавме темпото, а со таква игра тешко се доаѓа до посакуван резултат“, додаде италијанскиот стратег.

Реваншот во Торино е закажан за 17 март во стандардниот термин од 21 часот.

- Оглас -

Најнови вести