9.8 C
Skopje
вторник, 11 ноември 2025
Дома Blog Страница 10045

Ни ги ценат талентите – Македонија У-19 на тест-натпревари со Полска и Англија

Младата македонска фудбалска селекција за играчи до 19 години ќе игра тест-натпревари против Полска и Англија на гостински терен.

На 11-ти октомври, во близина на Варшава на избраниците на Горан Станковски на мегдан ќе им излезат врсниците од Полска, а пет дена подоцна, на 16-ти октомври во Бирмингам ќе играме против Англија. Селекција која ја надигравме во Скопје, во квалификациски меч за настап на ЕП.

Во март годинава славевме против талентите на „Гордиот Албион“ со 2-0. Иако не успеавме да се пласираме на ЕП, нашите таленти покажаа дека имаат квалитет, па сега стаса покана од Полјаците и Англичаните за пријателски мечеви.

Нашата експедиција ќе отпатува за Полска на осми октомври, а следниот ден, по мечот во Бирмингам со Англија, се враќа во Скопје.

Еве го комплетниот состав за двата меча:

Голмани: Бојан Тимевски (Саса Каменица), Стефан Јакимовски (Њу Старс)

Одбрана: Зоран Ивановски (Академија Пандев), Адријан Хајдари (Рапид Виена, Австрија), Филип Антовски (Вардар),  Џејми Перчевски (Фортуна Дизелдорф, Германија), Стефан Симоновски (Генц Калемлер), Стефан Наумчески (Вардар), Ангел Страторски (Горица, Словенија)

Среден ред: Анес Османовски (Унтерахинг, Германија), Томче Гроздановски (Тренчин, Словачка), Али Адем (Вардар), Енис Фазлагиќ (Жилина, Словачка), Алекс Талески (Вардар)

Напад:  Јакуп Бериша (Вардар), Марио Наумоски (Победа), Енсар Љума (Шкендија), Марко Ѓоргиевски (Борец), Бојан Колевски (Борец), Дарко Чурлинов (Келн, Германија);

Пеколен распоред за Јунајтед и Мурињо – Дали Португалецот ќе издржи?

Не му се пишува добро на Манчестер јунајтед, ниту на Жозе Мурињо, доколку продолжат со бледите партии како што одиграа вчера против Валенсија. За клубот ова е најлош почеток на една сезона во последните 29 години. Жешкото столче на Мурињо му се загрева секој ден сѐ повеќе, а во сабота може да се разрешат сите дилеми околу неговата иднина на „Олд Трафорд“. Доколку Јунајтед не го совлада Њукасл во следното коло од Премиер лигата, отказот е неизбежен, но доколку „црвените ѓаволи“ триумфираат пред своите навивачи, Мурињо ќе го дочека пеколниот распоред.

По репрезентативната пауза, Португалецот се враќа на добро познат терен. Јунајтед на 20-ти октомври гостува на „Стемфорд бриџ“ кај Челзи, а „ѓаволите“ во домот од „сините“ загубија на четири од последните пет средби, додека еден меч заврши без победник. Потоа на „Театарот од соништата“ доаѓа Јувентус со Кристијано Роналдо, а пред повратниот дуел во Торино, Јунајтед ќе го пречека Евертон, додека ќе гостува кај секогаш непријатниот тим на Борнмут. И како шлаг на тортата, на 11-ти ноември е закажано градското дерби со актуелниот англиски првак Манчестер сити на стадионот „Етихад“.

Вистински кошмар за португалскиот стратег и дваесеткратниот англиски шампион, ќе му биде потребно чудо да си ја спаси работата која долги години ја посакуваше.

Партнерот на Пандев во нападот, прва зимска цел на Челзи

Голгетерот на Џенова, Кжиштоф Пјонтек, моментално е еден од најбараните играчи во Европа. Младиот Полјак сензационално ја започна кариерата во тимот каде што настапува и нашиот Горан Пандев, постигна осум гола на седум средби и ја предводи листата на стрелци, па сега пред вратата на Џенова чукаат неколку европски гиганти.

Италијанските медиуми известуваат дека Челзи моментално е најголем кандидат за потписот на Пјонтек. Маурисио Сари сака веќе во јануари да го види Полјакот во синиот дрес, откако неговите сегашни два избори за во нападот, Оливие Жиру и Алваро Мората, не ги задоволуваат неговите критериуми.

Се проценува дека Џенова ќе прифати сума од 35 до 40 милиони евра, но за услугите на дваесет и тригодишниот напаѓач Челзи ќе има пеколна конкуренција од Јувентус, Барселона, Борусија Дортмунд, Ливерпул, Манчестер јунајтед, Тотенхем, Евертон, Вулверхемптон и Лестер.

Ќе се одземаат македонски пасоши!

Македонската кошаркарска федерација ќе поднесе барање до Агенцијата за млади и спорт, како и до Министерството за внатрешни работи, со кое ќе се повлечат пасошите на странските играчи издадени во изминатиот период, поточно, само на оние кошаркари кои не сакале да настапат за репрезентацијата или не одиграле според очекувањата.

Сепак, Федерацијата не треба да избрзува, бидејќи и за Хендрикс се зборуваше лошо по ЕП 2015, па сега го славиме и тој е неизоставен дел од репрезентацијата.

Не е баш минорен бројот на американски кошаркари кои уживаат во привилегијата да поседуваат македонски, европски пасош, и со тоа како домашни да играат на Стариот Континент. А, во репрезентацијата, во последните циклуси користиме само еден до двајца од нив.

Откако Петар Наумоски застана на чело на Федерацијата, македонски пасоши добија Ромео Тревис (не се покажа со игрите во 2016), Џордан Теодор (не ги исполни големите очекувања во 2017 и не придонесуваше за подобрување на хемијата во тимот) и Шејн Витингтон (и тој одигра само еден меч и послабо од можностите).

Лестер Мекејлеб и Ричард Хендрикс имаат македонски пасоши, но си ја заслужија довербата. Ако одлуката на МКФ важи и за тие што од поодамна добија наши пасоши, а не заиграа за Македонија и уште се активни, тогаш може да има цела петорка Американци кои веќе нема да бидат натурализирани Македонци.

МКФ до 14-ти ноември треба да одлучи дали е заинтересирана да биде домаќин на Светското првенство за кошаркари до 17 години, настан кој треба да се случи во 2020 година.

Стадионот „Филипс“ е посебен за „деветките“

Мауро Икарди вечерва се враќа во првиот состав на Интер, ќе стартува на гостувањето кај ПСВ Ајндховен и ќе има многу мотиви да покаже што знае. Стадионот „Филипс“ е специјално место за сите светски голгетери, бидејќи на тој терен во височините се вивнаа тројца од десетте најдобри класични напаѓачи во историјата на фудбалот.

Дресот на ПСВ го носеа легендарните Бразилци Ромарио и Роналдо, како и Холанѓанецот Руд ван Нистелрој. Тројцата заедно имаат постигнато 200 гола за клубот од Ајндховен и се најголеми легенди кои се идоли на многу напаѓачи.

Икарди вечерва нема да игра за ПСВ, туку за Интер, но ќе сака пред публиката која во минатото се изнагледа мајстори да се покаже во вистинско светло.

Но, има и такви кои мислат дека Икарди не е за капитен на Интер. Холанѓанецот Франк де Бур, кој е екстренер на Интер, признава дека Икарди е врвен стрелец, има одличен просек на постигнати голови, но смета дека Аргентинецот не е примерен играч кој треба да носи капитенска лента и дека всушност голманот Самир Хандановиќ е најголемиот лидер во екипата на Интер.

На 13-ти октомври сите на стадион!

Најдобрата репрезентација на Македонија на најдобар начин, со две победи на воведните два натпревари, го отвори новото натпреварување на УЕФА, Лигата на нациите. Натпреварувањето преку кое Македонија ќе се обиде за прв пат во својата историја да обезбеди пласман на Европско првенство овој месец го продолжуваме со два натпревари, на 13-ти октомври на националната арена „Филип Втори“ против Лихтенштајн, а три дена подоцна гостуваме во Ереван против Ерменија.

На мечот против Лихтенштајн, на 13-ти октомври, во Скопје, се навршуваат 25 години од првиот натпревар на фудбалската репрезентација на Македонија, пријателскиот меч со Словенија (4-1) во Крањ. По тој повод, Фудбалската федерација на Македонија ќе ги покани сите фудбалери што настапија на тој меч, предводени од Дарко Панчев, како и стручниот штаб, на чело со селекторот Андон Дончевски, кој допатува од Австралија. Тие пред натпреварот треба да продефилираат пред публиката на арената „Филип Втори“ и ќе добијат пригодни подароци во знак на сеќавање на историскиот натпревар.

Верните навивачи на Македонија, од денеска, трети октомври, ќе можат да купат билет за натпреварот Македонија – Лихтенштајн преку продажната мрежа на MKTickets. Цената на влезниците изнесува 100 денари за јужна трибина и 150 денари за северната трибина.

Голот и одбраната на колото во СЕХА се на македонските тимови (Видео)

Ракометната СЕХА-лига ги избра најубавиот гол и најатрактивната одбрана во колото, а и двете признанија се за членови на макединските екипи Металург, односно Вардар.

Страхиња Станковиќ од Војводина тргна во контранапад и излезе сам пред Калифа Гедбан, имаше чиста ситуација за гол, но новиот чувар на мрежата на Вардар покажа зошто е донесен во редовите на поранешниот европски првак.

Металург загуби на гостувањето во Загреб, кај тимот на тренерот Лино Червар, но покажа дека знае да игра атрактивно. Погледнете ја мајсторската асистенција на голманот Мартин Томовски и одличната завршница на Анте Токиќ.

Тотенхем нема среќа, две сезони игра против шпански гигант во група

Тотенхем нема среќа кога станува збор за извлекувањето на противници во групната фаза од Лигата на шампионите. Минатата сезона се соочија со Реал Мадрид, оваа година за противник го имаат ни помалку, ни повеќе, туку шпанскиот првак Барселона. Вечерашниот дуел ќе биде прв официјален меѓусебен натпревар на овие две екипи, а средбата ќе се одигра на „Вембли“.

Во текот на летото Барса и Тотенхем одиграа еден пријателски натпревар, во кој каталонскиот состав победи по изведувањето на пенали. Во регуларниот дел, резултатот гласеше 2-2, со головите на Ел Хадади и Артур, односно Сон и Нкуду. Сепак, на средбата не настапија главните актери, недостасуваа Meси, Суарес, Ракитиќ, Кејн, Али, Ериксен…

Барселона по низата од шест победи ,вклучувајќи го и триумфот над Севилја од 2-1 во шпанскиот Суперкуп, одигра три меча во Ла Лига на кои не успеа да победи. Реми со Атлетик Билбао и Жирона, пораз од Леганес, сето тоа создаде непотребни проблеми во екипата која ја предводи Ернесто Валверде, а за да се отстрани негативната атмосфера во соблекувалната, потребна е победа вечерва.

Тотенхем, пак, навреме закрепна по трите порази од Ливерпул, Ватфорд и Интер, па издвои победи против Хадерсфилд и Брајтон, додека со Ватфорд одиграа реми во Карабао купот, па по пенал-рулетот се пласираа во следната рунда.

Факт на кој треба да се внимава

Кога Меси последен пат играше против екипа која била под водство на Покетино, постигна четири погодоци. На петти декември 2012 година, Барселона на „Камп ноу“ го пречека градскиот ривал Еспањол, а аргентинската мегаѕвезда тогаш беше во животна форма, па во мрежата на тимот кој тогаш го предводеше Покетино, четири пати ја смести топката.

 

Коментарите на Facebook нема да бидат земени предвид.

Најбрзите десетмина кои ќе го погодат резултатот ќе добијат ваучер од 200 денари од SPORT LIFE Обложувалници.

 

Натпреварот заврши 2:4, а точниот резултат го погодија Igordj72, vane_beno и igormirceski.
Честитки за добитниците кои ќе бидат контактирани со email, за останатите повеќе среќа на утрешното типување.

 

Меси постигна четири гола кога последен пат се сретна со Покетино

Барселона вечерва гостува на „Вембли“ во Лондон, каде што ќе го одигра мечот против Тотенхем, во рамките од второто коло во Лигата на шампиони. Ова ќе биде најинтересниот дуел од вечерашните осум средби, а посебен акцент се става на меѓусебниот дуел на двајца Аргентинци – Лионел Меси и Маурисио Покетино.

Кога Меси последен пат играше против екипа која била под водство на Покетино, постигна четири погодоци. На петти декември 2012 година, Барселона на „Камп ноу“ го пречека градскиот ривал Еспањол, а аргентинската мегаѕвезда тогаш беше во животна форма, па во мрежата на тимот кој тогаш го предводеше Покетино, четири пати ја смести топката.

Иако вакво сценарио тешко дека ќе се повтори вечерва, со оглед дека Барса ќе игра против многу поквалитетна екипа, треба да се земе предвид дека Меси знае да им наштети на екипите кои ги води неговиот сонародник. Барселона и Тотенхем претходно одиграа пријателски меч во текот на летото, но тогаш Меси беше на заслужен одмор поради настапот со Аргентина на Мундијалот во Русија.

Ибрахимовиќ се враќа во Милан?

Златан Ибрахимовиќ, кој неодамна кажа дека кариерата сака да ја заврши во својот Малме, сепак би го напуштил ЛА галакси на почетокот на 2019 година за да оди во еден друг европски клуб. Италијанските медиуми тврдат дека новиот клуб на Ибра ќе биде Милан.

Наводно, агентот Мино Рајола веќе преговара со директорот Леонардо за враќање на Швеѓанецот во редовите на Милан, а првите контакти донеле охрабрувачки резултати. Се шпекулира дека Златан би дошол во Милан во јануари и ќе потпише договор на шест месеци.

Популарниот Ибра верува дека може да игра на високо ниво во Европа, а и менаџерот го охрабрува на таков потег. Милан со Ибрахимовиќ во составот би се обидел да стигне до Лигата на шампионите, сеедно дали преку Серија А или Лигата на Европа.

Златан и сопругата го обожаваат Милано и сакаат таму да живеат. Ибрахимовиќ за Милан играше две сезони и даде 42 гола. Има и една титула, и тоа е последното „Скудето“ на Милан, по што почна доминацијата на Јувентус.