9.8 C
Skopje
вторник, 11 ноември 2025
Дома Blog Страница 10046

Лопетеги: Ни недостасува среќа

Реал Мадрид со вчерашниот пораз од ЦСКА Москва на „Лужники“ ја прекина серијата од 29 натпревари во низа на кои постигнале гол во Лигата на шампиони.

Хулен Лопетеги нема добар старт како тренер на Реал Мадрид. Тој е првиот стручњак кој во мандатот на претседателот Флорентино Перес има три порази во првите 10 официјални меча. Проблемите со постигнувањето голови почнаа откако се повреди плејмејкерот Иско, а Лопетеги за синоќешниот меч мисли дека Реал немал среќа, бидејќи трипати ги погоди рамките на голот, но топката не сакаше да влезе во мрежа.

„Ниту против Рома пред две недели не бевме непобедливи, ниту сега сме толку лоши“, изјави Лопетеги по поразот во Москва.

Покрај тоа што не успеаја да ја затресат мрежата на Акинфеев, „кралевите“ нанижа три натпревари на кои не оствариле победа, прв пат по 2007 година, додека на исто толку натпревари во низа немаат постигнато гол. За предводникот на Реал има само една причина зошто неговиот тим претрпе пораз во Москва – недостигот на среќа.

„Креираме толку многу шанси, а не искористуваме ниту една. Не само вечерва, туку на последните три или четири натпревари. Едноставно е, ако не ги искористиш шансите, не можеш да победиш. Нам ни недостасува и малку среќа. Се обидовме на секаков начин да стигнеме до гол, пробивавме од двете страни, шутиравме од блиску, од далеку, се обидовме и со центар-шутеви, и пак не успеавме да погодиме. Играчите го одработуваат секој меч максимално професионално, но кога уште во првата минута ќе примиш гол, плановите се расипуваат. Едноставно немавме среќа“, додаде Лопетеги.

Сколс: Мурињо е срам за клубот, изненаден сум што не добива отказ

Уште едно бледо издание на фудбалерите на Манчестер јунајтед. „Црвените ѓаволи“ по саботниот дебакл од Вест хем, вчера одиграа 0-0 со Валенсија, а присутните на „Олд Трафорд“ ги исвиркуваа избраниците на Жозе Мурињо по самиот крај на натпреварот.

Еден од многуте кои не можеа да останат рамнодушни на новиот кикс на Јунајтед, е клупската легенда Пол Сколс. Сколс работи како аналитичар на „БТ спорт“, па веднаш по натпреварот, мораше да даде анализа од мечот, но наместо тоа, тој се нафрли кон португалскиот стратег.

„Изненаден сум што тој сѐ уште е менаџер на Јунајтед, не знам зошто не доби отказ по поразот во саботата. Настапот на фудбалерите беше ужасен, нивното однесување на теренот, неговото однесување покрај аут-линијата, ужасно. Мурињо го посрамотува овој голем клуб, мислам дека за брзо ќе биде избркан. Не мислам, искрено се надевам дека ќе добие отказ за доброто на клубот“, истакна Сколс.

Јасно е дека на Мурињо му гори под нозе, па можно е да се очекува отказ доколку неговиот тим не забележи победа во сабота, кога Манчестер јунајтед на домашен терен го пречекува Њукасл во рамките на Премиер лигата.

Реал Мадрид повеќе од пет часа нема дадено гол

Три натпревари по ред и 319 минути без постигнат гол е трагедија за Реал Мадрид и црн биланс каков што не им се случил на „кралевите“ повеќе од 11 и пол години, од времето кога тренер беше Фабио Капело (во таа сезона Реал освои титула во Шпанија). Ова значи дека со Кристијано Роналдо во составот, на Реал никогаш не му се случи три средби по ред да не даде гол.

„Лужники“ остана лошо место за Реал, таму има три порази, еден нерешен во четирите меча од ЛШ. За Реал заврши серијата од 29 меча по ред во ЛШ на кои ја тресеше противничката мрежа.

Летаргијата која во последно време ги зафати Карим Бензема (синоќа беше со капитенската лента) и Марко Асенсио, а Маријано Дијас не придонесува од клупата со голови, негативно влијае врз резултатите на тимот.

Не играа Бејл, Иско, Марсело и Рамос, Модриќ беше резерва, Карвахал се повреди и беше заменет, Крос направи голема грешка при примениот гол, но и во вакви услови, Реал има тим кој можеше да извлече барем реми против ЦСКА, а не да делува целосно импотентно во нападот.

Против ЦСКА, Реал прими гол во 65-тата секунда (втор најбрз гол кој го имаат примено во ЛШ), ја држеше топката 70 проценти, а шутна дури 26 пати, трипати ја погоди стативата или пречката, но не даде гол.

 

 

Мурињо: Тешко е да се каже дали ова е добар или лош резултат

Манчестер јунајтед останува во резултатска криза откако синоќа одигра без голови против Валенсија, во вториот меч од Лигата на шампионите. Бодот е вреден за „црвените ѓаволи“, но факт е дека играта останува неуверлива. Веќе три средби во низа, Манчестер нема победа, но тоа некако не го загрижува тренерот Жозе Мурињо.

„Ако загубевме, ќе бевме во една многу сложена ситуација. Нерешениот резултат е реален. Имавме неколку ситуации во кои можевме да дадеме гол и да победиме. Тешко е да се каже дали ова е добар или лош резултат. Сега ни следуваат два меча против Јувентус во кои мора да освоиме некои бодови. Ќе биде многу тешко до крајот на групата“, рече Мурињо по синоќешниот дуел со Валенсија на „Олд Трафорд“.

Во оваа група Јувентус е лидер со 6 бода, Манчестер има 4, Валенсија е со еден бод, а Јанг бојс е без бодови.

Ѕвезда го среди Улм и најави атак на Евролигата

Црвена ѕвезда, предводена од тренерот Милан Томиќ, го совлада германски Ратиофарм Улм и покажа дека ќе биде еден од кандидатите за највисок пласман во Еврокупот и по една сезона, да се врати во Евролигата, доколку не успее да си ја врати титулата во АБА-лигата. Џо Регланд, Били Берон, Мајкл Оџо и Стратос Перпероглу се покажуваат како големи засилувања за српскиот тим чиј дрес во минатата сезона го носеше Перо Антиќ.

На дуелот помеѓу Галатасарај и Морабанк Андора, во гостинскиот тим се појави Шејн Витингтон. Натурализираниот Македонец имаше 5 поени и два скока за 13 минути.

Резултати: Литвос ритас – Уникаха 80:72, Галатасарај – Андора 84:73, Ц. ѕвезда – Улм 88:73, Алба – Тофаш 107:91, Гдиња – Локомотив Кубан 73:80, Валенсија – Асвел 84:62.

Денеска играат: Франкфурт – ФИАТ Торино, Морнар – Уникс, Зенит – Турк телеком, Бреша – Монако, Лимож – Цедевита и Тренто – Партизан.

Реал „смрзна“ во Москва, Рома го згази П’лзењ, нула во Манчестер

Актуелниот европски првак Реал Мадрид претрпе минимален пораз од 1-0 на гостувањето во Москва против ЦСКА. Младиот хрватски интернационалец Никола Власиќ уште во втората минута од средбата ја затресе мрежата на Навас, а „кралевите“ не успеаја да го совладаат Акинфеев во остатокот од мечот.

Баерн Минхен и Ајакс ремизираа на „Алијанц арената“ при конечни 1-1. Дефанзивецот на „баварците“, Матс Хумелс, донесе водство за домаќините во четвртата минута од средбата, додека младиот Мазрауи во 22-рата минута го постигна својот прв гол за Ајакс во Лигата на шампионите и израмни на 1-1, резултат кој на крајот се покажа како конечен.

Во Рим пукна „петарда“, Рома ја совлада Викторија П’лзењ со 5-0. Џеко посигна хет-трик (3′, 40′, 92′), додека Ундер и Клајверт во 64-тата, односно 73-тата минута од средбата ги решија дилемите на „Олимпико“.

Средбата на „Олд Трафорд“ меѓу Манчестер јунајтед и Валенсија е единствениот натпревар на кој не се постигна ниту еден гол. Мечот заврши 0-0.

РЕЗУЛТАТИ ВТОРО КОЛО ЛШ:

ЦСКА Москва – Реал Мадрид 1-0

Баерн Минхен – Ајакс 1-1

Рома – Викторија П’лзењ 5-0

АЕК Атина – Бенфика 2-3

Манчестер јунајтед 0-0

Олимпик Лион – Шахтар Донецк 2-2

Повторно кобно второ полувреме за Металург

Во Металург знаат дека проблем им се вторите полувремиња, но немаат решение и повторно и вечерва потфрлија во вторите 30 минути, откако првото го одиграа подобро и резултатски држеа неизвесност. ППД Загреб славеше со 26:22 во меч од СЕХА-лигата.

За искусниот тренер Лино Червар ова беше прв меч против клубот на чија клупа седеше цели осум години.

Серијата од 8-0 во првите минути од второто полувреме, па оние 11-10 од првите 30 минути, станаа 19-11 и победникот беше одлучен. Хрватите имаа и плус девет (22-13), но во финишот македонскиот тим го ублажи поразот.

За тимот на тренерот Данило Брестовац ова е изедначување на најнеефикасната игра сезонава. Сезонава тие дадоа 22 гола и против Бешикташ. Фалеа головите на првиот стрелец Јагањац, кој погоди само трипати. Томовски имаше 11 одбрани, а Миличевиќ и Серафимов со по 4 гола беа најефикасни во поразениот тим.

Брестовац постојано вели дека падот во вторите полувремиња може да престане ако се донесат еден до двајца играчи, со што ротацијата би била подолга. Металург е последен на табелата во СЕХА со еден бод.

Халеп се повреди, можно е да не игра до крајот на 2018 година

Тенисерката број 1 во светот, Симона Халеп, ја обнови повредата на грбот во неделата и најверојатно нема да игра до крајот на оваа година. Романката првично се повреди минатата недела на Отвореното првенство на Вухан, потоа ја обнови повредата во неделата, во мечот против Онс Жабер, по што беше принудена да го предаде мечот по еден сет.

Денешните медицински прегледи покажаа дека се работи за дискус хернија, а Халеп ќе чека дозвола од лекарскиот тим за следниот нејзин настап, но најпрвин мора да се фокусира на целосно закрепнување.

Дудек за пеналите од 2005 година добил инспирација од Карагер (Видео)

По 13 години од финалето во Истанбул, во кое Ливерпул на пенали го победи Милан, јунакот во пенал-серијата, голманот Јержи Дудек, рече дека Џејми Карагер му дал совет да танцува по гол-линијата, со цел да ги деконцентрира изведувачите на пенали од италијанскиот тим.

Многумина мислеа дека Полјакот го имитира легендарниот Брус Гробелар, кој имаше слични движења во финалето во 1984 година, но, всушност, инспирацијата не била ниту од Гробелар, ниту од тренерот Рафаел Бенитес, туку од Карагер.

„Не планирав да го правам тоа, но Карагер ме замоли да измислам нешто со што би го одвлекол вниманието на пеналџиите на Милан. Сакав да останам фокусиран, но тој постојано инсистираше на тоа, па одлучив да го послушам. Откако во првиот пенал ми успеа тоа со колената, продолжив и во другите“, вели пензионираниот Дудек, на кого сега му е смешно кога ги гледа тие движења со нозете и тресење на колената, со кои ги натера Сержињо, Пирло и Шевченко да не ги погодат пеналите.

Во тоа финале, Милан по првите 45 минути водеше со 3-0, но Ливерпул изедначи на 3-3, а Дудек во продолжението имаше две неверојатни одбрани со кои го спречи Шевченко да постигне гол. Тогаш тренер на Милан беше Карло Анчелоти, актуелниот тренер на Наполи, кој утре има меч од ЛШ токму против Ливерпул.

 

 

Силва го спаси Сити од втор кикс, Дибала го истури бесот врз Јанг бојс

Јувентус без проблеми славеше пред своја публика против Јанг бојс со резултат од 3-0. Херој за „старата дама“ е Пауло Дибала, кој постигна хет-трик. Аргентинецот рано го отвори мечот, во петтата минута со прекрасен погодок донесе предност за Јуве, а вториот гол го постигна во 33-тата минута.

Во второто полувреме мрежите мируваа сè до 69-тата минута, кога Дибала при асистенција на Куадрадо, по трет пат ја протна топката зад грбот на Вон Балмус. Гостите во последните десетина минути играа и со фудбалер помалку, откако Камара заработи два жолти картони за три минути.

По два меча во групната фаза, Јувентус има максимални шест бода, Јанг бојс останува без бодови по двата порази.

Манчестер сити успеа да ја запише првата победа сезонава во Лигата на шампиони. По шокантниот пораз пред своја публика од Лион, „граѓаните“ денес триумфираа со конечни 2-1 на гостувањето кај Хофенхајм. На домаќините им беа потребни 45 секунди да постигнат гол, но Агуеро веќе во осмата минута израмни на 1-1, реализирајќи го својот 32 погодок на 63 натпревари во елитното натпреварување. Давид Силва во 87-мата минута беше прецизен и им ја обезбеди посакуваната победа на Сити.

По два натпревари, Сити има четири бода, Хофенхајм останува на еден бод, со ремито од 2-2 против Шахтар во првото коло.