10.8 C
Skopje
вторник, 11 ноември 2025
Дома Blog Страница 10054

На Војдан му тргна во Германија

Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Војдан Стојановски, со својот нов клуб ЕВЕ баскетс Олденбург, на фантастичен начин ја започна сезоната во германското првенство.

Олденбург како гостин го растури Брауншвајг со 100:64. По првата четвртина беше нерешено, а потоа „жолто-црните“ од Олденбург беа доминантни. Придонесот на Стојановски на своето официјално деби беше 14 поени, три скока, три асистенции и две освоени топки за 24 ипол минути. Војдан даде две тројки од четири обиди, погоди четири од петте шутеви за двојка и беше четврти стрелец во редовите на Олденбург.

Во унгарската лига, Бојан Трајковски со својот нов клуб Атомерому Пакс, претрпе минимален пораз. „Атомите“ на гости загубија од Јасберењи со 90:91. Тимот на Трајковски ја доби третата четвртина со 29-17, но ги загуби другите три квартали, и на крај беше тесно поразен.

Македонскиот репрезентативец постигна 7 поени (0/2 за тројка, 3/8 за двојка, 1/1 за еден поен), и беше шести стрелец во својата екипа, а имаше и два скока, за нешто повеќе од 22 ипол минути игра.

Вардар „гази“ во ЛШ, победа против Веспрем на гости!

Вардар повторно ја „тресе“ ракометна Европа. Македонскиот првак славеше со 27:25 на гостински терен кај Веспрем, во дербито на третото коло од Лигата на шампиони. За „црвено-црните“ ова е трета победа и продолжува со перфектниот биланс.

Голманот Милосављев повторно блескаше и заврши со 12 одбрани, додека во нападот најефикасни беа Тимур Дибиров со 6 гола, и Вуко Борозан кој постигна 5 погодоци. Вардар со овој триумф покажа дека уште е еден од главните екипи во Европа и дека иако си заминаа неколку клучни играчи, победничкиот дух во екипата уште трае.

Уште од самиот почеток на средбата во Унгарија се виде дека ќе се води неизвесна борба до самиот крај. Веспрем поведе со 4:3, а потоа следеше серија на Вардар од 4:0 за предност од 7:4 во 17 минута. Не само што ја задржа предноста од три гола, Вардар во 21 минута стигна до највисоки 11:6. Во овој период Милосављев блескаше на голот и имаше шест одбрани од 12 удари, додека на спротивната страна АрпакШтербик одбрани само 2 пати во 13 обиди.

Вардар водеше и со 12:7 во 23 минута, а потоа следи серија на домаќините од 3:0 за 12:10. На полувремето Вардар замина со предност од 13:11. Во вториот дел нашиот тим поведе со 14:12, но потоа следеше серија од 4:0 за Веспрем и домаќините во 38 минута имаа предност од 16:14. Во оваа мини криза, Вардар речиси осум минути немаше дадено гол, но потоа возврати со два гола за 16:16.  Нерешено беше и на 15 минути пред крајот (18:18).

Веспрем поведе со 22:20, но Вардар не се уплаши. Возврати со серија од 3:о и на 6 минути до крајот имаше позитива од еден гол. Во последните пет минути Вардар одигра шампионски и на крајот заслужено победи за трета победа во третиот меч сезонава.

ПСЖ е неприкосновен во Франција – Осум од осум

ПСЖ лесно стигна до три бода и на гостувањето во Ница, „светците“ со рутинирани 3-0 остануваат перфектни во Лига 1. Голгетерската серија ја продолжи и Нејмар, па со својот шести, односно седми гол досега донесе предност за својот тим во 22-та минута од мечот. Со стартот на вторите 45 минути, гостите одново стигнаа до гол. Откако Мбапе не искористи 100% шанса да реализира, одбиената топка ја собра младиот Нкунку зголемувајќи го водството на ПСЖ, a Нејмар пред самиот финиш ги постави конечните 3-0.

Ница во последните 30 минути од средбата играше со фудбалер помалку, откако Сипријан заработи два жолти, па шансите да издвојат било каков позитивен резултат беа речиси невозможни.

 

Петто финале по ред за Бразил

Олимпискиот шампион Бразил, со 3:0 во сетови ја совлада Србија во првото полуфинале на Светското првенство за мажи во одбојка, чија завршница се игра во италијанскиот град Торино. По сетови, Бразил славеше со 25-22, 25-21 и 25-22, па утре ќе игра финале против САД или Полска, а Србите ќе се борат барем за бронзата.

За репрезентацијата на Бразил, ова е петто финале на СП по ред, а вкупно шесто во нивната историја. Србите останаа на тоа едно финале од 1998 година, кога настапуваа како СР Југославија. На Бразил во прилог му оди податокот дека кога и да ја победел Југославија, Србија или Србија и Црна Гора во полуфинале, на крај ја освојувал титулата.

Бразилците на годинешното СП загубија само еден меч, и тоа во првото коло од Холандија, а еве сега се во низа од десет победи по ред, од кои последните шест им се со 3:0 во сетови. Во 2014, Бразил во финалето загуби од Полска, па можеби ќе имаат шанса за реванш, доколку вечерва Полјаците бидат поуспешни од Американците.

Половина час за Адеми, лошо дерби меѓу Хајдук и Динамо

Хајдук и Динамо Загреб одиграа скромно дерби во Хрватска, а мечот заврши без голови пред повеќе од 20 илјади гледачи на Пољуд.

Повеќе од половина час за гостите од Загреб играше и нашиот репрезентативец Аријан Адеми, откако влезе во игра во 61. минута. Тој беше повреден, а се врати пред некое коло и се повеќе игра што е добра вест и за нашата репрезентација пред продолжението на Лигата на Нации.

Барса заборави да победува

Мунир Ел Хадади го постигна првиот гол за Барселона по кам-бекот во каталонскиот гигант и ја спаси Барса од пораз против Атлетик Билбао.

Каталонците заборавија како се победува и трет меч по ред не освојуваат три бода. Оскар Де Маркос со погодок во 41. минута им донесе на Баските предност, а таа стоеше до самиот финиш, до 84. минута кога Мунир израмни. Потоа Барселона постигна гол, но беше поништен поради офсајд, па мечот заврши нерешено.

Барселона по 7 одиграни мечеви е прва во Ла Лига со 14 бодови, но со победа во градското дерби против Атлетико може да ја мине Реал Мадрид.

Евертон ја расипа новата англиска фудбалска мерка

Гулфи Сигурдсон со гол во 88. минута за Евертон спречи историски ден во Премиерлигата и идентичен исход на 7 натпревари. Евертон го победи Фулам со 3:0, а на сите останати мечеви исходот беше ист, 2:0 за победниците.

Стерлинг и Агуеро со по еден погодок му донесоа триумф на шампионот Манчестер сити против Брајтон и прво место во Премиерлигата, до дуелот меѓу Ливерпул и Челзи.

Арсенал за две минути од 81. до 83. ги разреши сите дилеми околу победникот на лондонското дерби против Ватфорд. Каткарт си постигна автогол, а Озил ја запечати победата на „топчиите“.

Со два гола во финишот и Вулверхемптон славеше против Саутемптон, а многу порано со голови во првиот дел Тотенхем го победи Хадерсфилд.

На гостински терен со головите на Варди и на Мегваер Лестер беше подобар од Њукасл. Од 18,30 часот се игра дербито меѓу Челзи и Ливерпул.

Македонија ЃП може да жали за трите бода во Кратово

Во дуелот на двете екипи кои се во долниот дел од табелата, Силекс и Македонија Ѓорче Петров ремизираа 1:1. Гостите сер тие кои може да жалат што не ги освоија трите бода. Како што најавуваа пред средбата, гостите веднаш започнаа офанзивно. По само три минути игра, Кристијан Костовски погоди за предност од 1:0. Македонија ЃП имаше две стоостотни шанси за да го удвои водството, а со тоа да биде и чекор поблиску до победата, но гостите беа непрецизни.

Во вториот дел, се играше израмнето, а Силекс во 81 минута остана со играч помалку, откако црвен картон доби Емануел Мбела. Токму црвениот картон како да беше мотив за кратовци, па само две минути подоцна судијата досуди пенал за домаќините. Дарко Алексовски го реализираше ударот од белата точка и израмни на 1:1, што се покажа и како конечен резултат.

Мечот помина во фер и коректна атмосфера, а на висина на задачата беше и судијата Марјан Маркоски од Охрид со своите помошници.

Во следното коло Македонија ЃП на свој терен ќе ја пречека Победа, а Силекс ќе гостува кај Беласица.

Конечно и Шалке 04 победи

Конечно и „Ауф Шалке“ арена дочека први бодови во новото издание на Бундеслигата, а експлозија од радост донесе Андреас Шуп со гол во 11. минута. Доволно за прва победа на Шалке 04, а црната серија е прекината со триумф против Мајнц.

Шалке 04 имаше пет порази, но денеска со минимална победа стави крај на низата од неуспеси. Домашни победи забележаа и Штутгарт со 2:1 против Вердер и Нирнберг со 3:0 против Фортуна Дизелдорф, а на гости единствено славеше Лајпциг против Хофенхајм со 2:1. Без победник, 2:2 заврши дуелот меѓу Волфсбург и Борусија Менхегладбах.

Волчицата се разбуди на време – Римското дерби за Рома

Одбранбените играчи на Рома беа ефикасни, Коларов и Фацио постигнаа по еден гол во римското дерби што „Волчицата“ го доби со 3:1 против Лацио,

Во возбудливо дерби со многу шанси на двете страни, Рома беше подобра и славеше победа. Лоренцо Пелегрини погоди во 45. минута за Рома, но Чиро Имобиле ја врати рамнотежата со погодок во 67. минута. Клучен момент на мечот беше прекрасниот гол на Александар Коларов во 71. минута, а Федерико Фацио со уште еден гол, во 86. минута стави печат на триумфот на Рома.