10.8 C
Skopje
вторник, 11 ноември 2025
Дома Blog Страница 10053

Полјаците во трилер меч подобри од САД – Ќе го бранат мундијалското злато

Полска со 3-2 во сетови ги совлада Соединетите Американски Држави и си овозможи да го брани златото од пред две години. Во финалето ги чека Бразил, а до таму стигнаа по маратонската борба со Американците која траеше речиси три часа.

Полска поведе во првиот сет со 25-22, за потоа САД да освои два сегменти по ред и да го сврти резултатот во нивна корист. Во четвртиот сет се виде доминацијата на Полска, ремизираа по освоениот сет со 25-20, а потоа го добија и решавачкиот сет со 15-11.

Полска ќе се бори за второто злато во своето четврто финале, а Бразил шести пат ќе се појави на финална пресметка во обид да ја освои четвртата титула. САД и Србија ќе се борат за бронзата, односно третото место.

Мечот САД – Србија е закажан за 17 часот, додека финалето Полска – Бразил ќе се игра во вечерниот термин од 21.15 часот.

Сиромашно мадридско дерби – Реал и Атлетико ремизираа без голови

Реал Мадрид и Атлетико Мадрид одиграа сиромашно реми од 0-0 на „Сантијаго Бернабеу“ во рамките од седмото коло во Ла Лига. Двете екипи не ги искористија своите шанси, чуварите на мрежа вечерва беа на ниво на задачата.

Најдобрата шанса ја имаше Антоан Гриезман во 18-тата минута од мечот, но Куртоа со фантастична одбрана  спречи сигурен гол. По ова коло Реал се израмнија со Барселона по бројот на бодови, и двата тима имаат по 14, Севилја е на третото место со 13 бода, Атлетико има еден помалку.

Интер пак победи благодарение на ВАР

Интер си направи мини-серија на победи во италијанскиот шампионат, откако со резултат од 2-0 го совлада Калјари. Избраниците на Лучијано Спалети рано стигнаа до предност, голот го постигна младиот Лаутаро Мартинез во 12-тата минута. Домаќините го чуваа минималното водство се до 90-тата минута, кога Политано зголеми и ги постави конечните 2-0 на „Џузепе Меаца“.

Гостите во второто полувреме постигнаа гол при резултат 1-0, но погодокот беше поништен откако судијата со помош на ВАР технологијата одлучи дека голот не е регуларен.

 

Лион се „лизна“ против Нант

Лион пред домашна публика ремизираше со Нант при конечни 1-1. Фаворитот не реализираше доста шанси, вклучувајќи и пенал во 80-тата минута кој го промаши капитенот Набил Фекир, што на крајот ги чинеше домаќините три бода.

Младиот Оуар донесе предност за Лион во 22-та минута, а до израмнувачкиот погодок Нант стигна дури во 62-та минута преку Бошила. До крајот на средбата Лион можеше да оствари победа, но ударот од белата точка на Фекир го одбрани Татарусану.

РЕЗУЛТАТИ ЛИГА 1:

Анжер – Гингамп 0-1

Каен – Амиен 1-0

Лион – Нант 1-1

Реимс – Бордо 0-0

Стразбург – Дижон 3-0

 

 

Чикаго без Марканен до декември

Еден од најдобрите играчи во екипата на Чикаго булс, Лаури Марканен, ќе паузира дури до декември откако вчера се здоби со повреда на десниот лакот. По медицинските прегледи е утврдено дека опоравувањето ќе трае долго, што е голем проблем за франшизата од Чикаго.

Доколку опоравувањето се одвива во најдобар тек, Финецот ќе може да се врати на тренинзите кон крајот на ноември, но враќање на главните паркети се очекува дури во последниот месец од годината.

Младиот крилен центар имаше одлична дебитантска сезона, во која на 68 натпревари реализираше 15 поени во просек, седум скока и по една асистенција, блок и украдена топка.

Андре Силва погоди, Севилја пак победи

Очигледно победата над Реал Мадрид од 3-0 им даде самодоверба на играчите на Севилја, па денес забележаа нова сигурна победа над Еибар со 3-1. Андре Силва постигна нов гол во шампионатот, продолжувајќи ја голгетерската серија на седум. Португалецот беше прецизен во 49-тата минута, Банега погоди од белата точка во 58-та минута за 2-0, за потоа Аргентинецот да ги реши сите дилеми околу победникот на оваа средба, со неговиот втор гол кој го даде во судиското надополнување. Еибар постигна почесен погодок за 3-1 во моменти кога беше веќе решен мечот.

До почетокот на дербито меѓу Реал Мадрид и Атлетико Мадрид, Севилја ќе стои на второто место во Ла Лига со 13 бода.

Борусија во вториот дел го најде лекот за Баер и се искачи на чело на табелата

Борусија Дортмунд уште еднаш потврди дека е во одлична форма. По победата од 7:0 против Нирнберг, вечерва „милионерите“ се радуваа и на дербито против Баер Леверкузен. „Фармацевтите“ пред своите навивачи имаа водство од 2:0 на полувремето, но Борусија не се предаде и со неверојатен пресврт во вториот дел стигна до триумф од 4:2.

Сите четири гола гостите од Дортмунд ги дадоа во последните 25 минути од мечот. Ларсен погоди во 65 минута и најави дека ништо не е готово. Само четири минути подоцна Марко Ројс израмни на 2:2, а Пако Алкасар во 86 минута погоди за целосен пресврт. Во последните секунди од дуелот, Алкасар со својот втор погодок стави точка на големиот пресврт.

Со оваа победа Борусија Дортмунд се искачи на врвот од табелата со 14 бодови, еден повеќе од Баерн Минхен и Херта Берлин.

Стариџ го спаси Ливерпул од пораз на „Стемфорд бриџ“

Челзи и Ливерпул го завршија дербито со нерешени 1-1, и двете екипи остануваат непоразени по седум кола во Премиер лигата.Еден Азар повторно ја затресе мрежата на тимот кој го води Јирген Клоп,  со шестиот гол во шампионатот мошеше да го реши денешното дерби, но Стариџ во последните минути од средбата го спаси својот тим од првиот пораз сезонава во англискиот шампионат.

Иако Ливерпул беше поконкретен во нападите на почетокот од средбата, Челзи ја чекаше првата шанса, и ја искористи во 23-тата минута. Ковачиќ го проигра Белгиецот во простор, а Азар без проблеми го совлада Алисон за водство на домаќините. Ливерпул креираше повеќе шанси и во второто полувреме, меѓутоа одбраната на „сините“ не дозволи израмнувачки погодок сѐ до 89-тата минута, кога Даниел Стариџ погоди од огромна далечина.

Ливерпул и Челзи и натаму се непоразени, исто како и Манчестер сити.  На табелата по седум кола Сити е прв со 19 бода, исто толку има и Ливерпул, но „црвените“ имаат послаба гол-разлика, додека Челзи има два бода помалку, односно 17.

 

Стандардна шема – Гача триумфално се јави: Вардар си е Вардар (Фото)

Вардар мина уште една тешка пречка, го доби дербито против Победа, а веќе стандардна шема станаа објавите на социјалните мрежи на голманот Филип Гачевски.

Со задолжителното селфи во режија на искусниот Горан Попов, Гачевски кусо вели: Вардар си е Вардар.

Најтрофејниот клуб се уште нема пораз во домашното првенство, и е единствената непоразена екипа во Лигата, за позиција на врвот со 20 бодови, 4 повеќе од Академија Пандев и пет од актуелниот првак Шкендија.

Триумфот на фудбалерите со голем успех го гарнираа и ракометарите, кои го нокаутираа моќниот Веспрем на гости, па сабота е ден за славје на „црвено-црното“ семејство на Вардар.

 

Јувентус осамен на врвот во Серија А, Манџукиќ го реши Наполи

Избраниците на Анчелоти изненадија во воведните 10 минути, откако Бонучи испрати погрешно додавање, а грешката на дефанзивецот ја казни Мертенс. Сепак, Јуве брзо се опорави, а во 26-тата минута стигна и израмнувањето. Кристијано Роналдо нафрли одлична топка пред голот на Оспина, а Манџукиќ упати одличен удар со глава за 1-1.

На домаќините не им беше потребно многу време да го постигнат водечкиот гол на средбата. По само четири минути во вториот дел, по одбиениот удар на Роналдо, Манџукиќ беше најблиску до топката и го запиша својот втор гол на мечот реализирајќи за 2-1.

Наполи остана со играч помалку во 60-тата минута, Марио Руи го заработи вториот жолт картон, и му нанесе на својот тим уште поголеми проблеми. Конечните 3-1 ги постави Бонучи во 76-тата минута, а Роналдо одново се најде во улога на асистент. Португалецот беше највисок по скокот по изведениот корнер, а Бонучи го смени правецот на топката, за да заврши по трет пат во мрежата на Оспина.

Јуве со оваа победа остануваат максимални во Серија А, со седум победи на исто толку натпревари и освоени 21 бода, Наполи останува на втората позиција засега со 15 бода.