12.8 C
Skopje
понеделник, 10 ноември 2025
Дома Blog Страница 10067

Нема одмор, нови мечеви во Шпанија, Италија, Германија и Франција

Иако викендот само што го испративме, започнуваат нови возбудувања во четири од петте најсилни лиги во Европа. Првенствени мечеви денеска ќе се играат во Шпанија, Италија, Германија и Франција, а единствено во Англија е период за куп-мечеви.

Во Серија А вечерва се игра само еден натпревар, но тој привлекува посебно внимание. Интер ја пречекува Фиорентина. „Нераѕурите“ имаат 7, а гостите се со 10 бода досега. Во Шпанија ќе има три дуели. Атлетико Мадрид очекува да влезе во победничка низа. „Јорганџиите“ се домаќини на Уеска, Сосиедад игра против Рајо Валјекано, а Еспањол е домаќин на Еибар.

Со натпреварите Монако – Анже и Нант – Ница почнуваат новите возбудувања во Франција, каде што вечер играат и Тулуз – Сент Етјен. Најмногу средби ќе има во германската Бундеслига. Шампионот Баерн Минхен во дуелот против локалниот ривал Аугсбург треба да освои нови три бода. Вечерва играат и Вердер Бремен – Херта, Фрајбург – Шалке и Хановер – Хофенхајм.

Најдобрите екипи во Англија своите натпревари ги започнуваат во Лига купот. Вечерва се играат дури 10 средби, а најпривлечни се тие каде што играат гигантите од Манчестер. Јунајтед е домаќин на Дерби, додека „граѓаните“ за ривали го имаат Оксфорд јунајтед.

За ова вреди да се игра фудбал – Херојот Ти ја доби наградата за фер плеј на ФИФА

Германскиот напаѓач Ленарт Ти е добитник на наградата за фер плеј на Гала-вечерта на ФИФА што се одржа вечерва во Лондон.

Ти допре до срцата на милиони фудбалски фанови со прекрасниот гест како член на холандскиот прволигаш Венло. На дуелот со ПСВ во Ајндховен, Ти за време на мечот беше во болница и даруваше крв за заболени од леукемија.

Прекрасниот гест го препознаа во ПСВ Ајндховен и го прогласија Ти за играч на мечот, иако не настапи на теренот. Приказната доби пошироки димензии, а играчот на Вердер Бремен, тогаш на позајмица во Венло, ги собра симпатиите на фудбалските фанови ширум планетата.

Моментно Ти настапува во Турција, во Ерзурум, а вечерва беше една од главните ѕвезди на Гала-фудбалската претстава во организација на ФИФА, заслужено со наградата за фер плеј-потег на сезоната.

Модриќ е фудбалски крал за сезоната 2017/18

Лука Модриќ е добитник на престижното признание на ФИФА, фудбалер на сезоната, и тој ќе ја има круната до следниот избор.

Хрватскиот репрезентативец заслужено е број 1 во светот на фудбалот, по освојувањето на новата европска круна со Реал Мадрид во Лигата на шампионите и со среброто на Мундијалот во Русија, што го освои со репрезентацијата на Хрватска.

Во конкуренција беа и Кристијано Роналдо и Мохамед Салах.

Најдобар тренер е селекторот на Франција, Дидие Дешамп, најгол е тој на Салах против Евертон, а избран е и тимот на сезоната.

 

Елмас го размрда Фенербахче, реми во големото дерби со Бешикташ

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас донесе свежина во редовите на Фенербахче и по неговото влегување на теренот во 56-тата минута, домаќините повторно заиграа подобро и со голот на Андре Ају израмнија на 1-1.

Елмас го замени Топал, а Коку нареди нова офанзива, по водството на Бешикташ со прекрасниот гол на Рајан Бабел. Елмас одигра многу солидно и по 15 минути откако го замени Топал, Фенербахче израмни и освои бод.

Првиот дел му припадна на Фенер, домаќините имаа многу шанси за погодок, а утките ги казни Бабел. Холанѓанецот во 40-тата минута со одличен гол од далечина ја затресе мрежата на Текин.

Ају израмни по асистенцијата на Калдирим за мирољубив исход на големото турско дерби.

Оштетен ли е Роналдо, Салах ја доби наградата за најубав гол (Видео)

Многу реакции предизвика одлуката на ФИФА да му ја додели наградата „Ференц Пушкаш“ на Мохамед Салах за најубав гол на сезоната.

Бурни се реакциите на фудбалските фанови на социјалните мрежи веднаш по изборот на Гала-фудбалската вечер во Лондон.

Салах постигна мајсторски гол, но дали тој погодок беше поубав од ремек-делото со ножички на Роналдо на дуелот меѓу Реал Мадрид и Јувентус?

Франција на фудбалски стадион ја чека Хрватска во финалето на Дејвис купот

Фудбалскиот стадион „Пјер Маро“ ќе им биде домаќин на најдобрите тенисери на Франција и на Хрватска во финалето на Дејвис купот.

Завршниот меч за титулата ќе се игра од 23-ти до 25-ти ноември, а капацитетот на „Пјер Маро“, кој е мултифункционален објект, е малку под 27 илјади места.

Французите како домаќини одбраа да играат на земјена подлога, што не е изненадување, со оглед дека ја имаат организацијата на престижниот „Ролан Гарос“ на истата подлога.

Модриќ е подготвен за награда: Ја одиграв најдобрата сезона во кариерата

Хрватскиот репрезентативец Лука Модриќ пристигна во Лондон на Гала-фудбалската вечер во организација на ФИФА, на која ќе биде доделена наградата за најдобар фудбалер на сезоната.

Модриќ е фаворит за престижното признание откако со Реал Мадрид ја одбрани европската круна и со Хрватска го освои второто место на Мундијалот во Русија.

„Ја одиграв најдобрата сезона во кариерата. Се надевам на признанието на ФИФА, иако и останатите кандидати одиграа на врвно ниво“, изјави Модриќ.

Главен конкурент му е Мохамед Салах, а во трка е уште и Кристијано Роналдо. Сепак, Португалецот е аутсајдер, а и не допатува во Лондон на доделувањето на наградите, што фудбалските експерти го сметаат за сигнал дека нема да ја добие наградата.

Мала пауза, па нов гол – Тричковски погоди за победа на АЕК

Иван Тричковски го постигна седмиот гол од почетокот на новата сезона, победнички за АЕК Ларнака против реномираниот ривал Омонија во дербито од четвртото коло во кипарското првенство.

АЕК долго се мачеше да го скрши отпорот на гостинот од Никозија, но Тричковски реагираше голгетерски во 64-тата минута со гол за победа. По два меча пауза, ова е нов погодок за македонскиот репрезентативец.

Македонскиот репрезентативец е во извонредна форма во новата сезона, беше прв стрелец во квалификациите за Лигата на Европа и главен адут во историскиот пласман на АЕК во фазата по групи.

Во кипарското првенство ова му е сефте-гол, но АЕК одигра само два натпревари од предвидените четири, поради настапите во ЕЛ.

Васоски: Вардар е чудо и над сите проблеми

Алескандар Васоски има прекрасен почеток на кариерата како главен тренер, со својот омилен клуб Вардар гази сè пред себе и нема пораз во новата сезона од домашното првенство.

Завчера популарното Тетовче тактички го надмудри Ѓоре Јовановски, многу поискусниот колега на клупата на Работнички, а Вардар го доби соседското дерби со 2-0.

„Одигравме како по ноти. Сè што договоривме пред мечот, го спроведовме на терен. Работнички подобро влезе во мечот, но моите играчи беа супер мотивирани, борбени, квалитетни и според мене, заслужено се радувавме на победата. Иако имаме доста промени во тимот во однос на ланската сезона, играме добро, а резултатите се награда за вложениот труд. Вардар на некој начин е чудо и над сите проблеми, кои верувам наскоро ќе бидат надминати. Наше е да продолжиме максимално посветено, да работиме и да го продолжиме континуитетот на добри игри и резултати“, вели Васоски за СПОРТ МАНИЈА.

Некогашниот играч на Бундеслигашот Ајнтрахт Франкфурт од утре ќе биде засилување на СПОРТ МАНИЈА со своите предлог-типови и анализи на случувањата во германското првенство.

Од 2005 до 2011 година Васоски играше за Ајнтрахт, прво во популарната „Цвајта“, а потоа и во Бундеслигата. И тоа во период кога во најсилната германска лига играа екстра клвалитетни напаѓачи од калибарот на Мирослав Клозе, Марио Гомес, Аилтон, Џовани Елбер, Кевин Курањи… сите во топ 50 најдобри стрелци во историјата на Бундеслигата.

Читајте „Спортманија“ и очекувајте ја стручната анализа и предлог-типови на Васоски на нашите страници за петтото коло во Бундеслигата, кое на програмата е утре и задутре.

Доби лакот во лице, а вели: Мислев дека јас направив фаул, а не Лeнгле

Барселона за прв пат киксираше во Примера дивисион откако одигра 2-2 на свој терен против Жирона. Шампионот имаше водство од 1-0, но потоа остана со играч помалку по исклучувањето на Клемeнт Ленгле. По еден дуел, Ленгле со лакот го закачи Пере Понс од Жирона, а двајцата играчи паднаа на теренот и почнаа да бараат лекарска помош.

Судијата реши дека ударот на Ленгле бил намерен и веднаш го исклучи. Со оваа одлука на арбитерот не се согласија играчите на Барселона, а по сè изгледа дека и навистина немало потреба да има црвен картон на средбата. Дури и Понс, кој беше директен учесник во спорната ситуација, потврди дека се зачудил за црвениот картон.

„Јас му подадов рака, бидејќи мислев дека јас сум направил фаул. Му се извинив. Ниту јас ниту тој имаше вина. Сепак, тука решава некој трет, а тоа е системот ВАР“, вели Понс.

По исклучувањето на играчот на Барселона, Жирона даде два гола и стигна до водство на „Камп ноу“, но сепак на крајот Жарарт Пике погоди за 2-2.