Дома Blog Страница 49

Руди Гоберт „во џеб“ го стави Јокиќ во последната четвртина, па Денвер загуби дома (Видео)

Кошаркарите на Минесота го совладаа Денвер со 119:114 во вториот меч од првото коло на НБА-плејофот во Западната конференција. Со овој триумф, Минеоста израмни на 1:1 во победи и сега серијата се сели на нивен терен.

Денвер одлично започна и по првата четвртина имаше убедлива предност од 14 поени (39:25). Сепак, во втората четвртина гостите возвратија на ист начин и ги добија следните 12 минути со 39:25 за нерешено на полувреме. Денвер повторно го диктираше ритамот во третата четвртина и најчесто беше во водство кое го одржуваше до средината на последната четвртина (107:104). Сепак, во решавачките минути Минесота заигра подобро и прво со серија од 8:1 го презеде водството и потоа не го испушти до крајот на средбата, иако имаше драма во завршницата.

Во последните 30 секунди Минесота водеше 115:113, а Денвер имаше напад да израмни, но Кристијан Браун погоди само едно од двете слободни фрлања. Потоа гостите дадоа два поена, па во последниот напад на Денвер, Џемал Мареј не погоди и тоа беше крај на надежите на Денвер да израмни.

Клучна улога во мечот одигра Руди Гоберт, кој буквално го „заклучи“ Никола Јокиќ во последната четвртина. Јокиќ мечот го заврши со 24 поени, 15 скока и 8 асистенции, но во последната четвртина Србинот даде само два поена, погодувајќи еднаш од седум шута. Едвардс со 30 поени беше предводник во тимот на Минесота.

На гости победи и Атланта кај Њујорк, и тоа во драматичен финиш со 107:106 и израмни на 1:1 во победи. Единствено домашниот терен го искористи Кливленд, кој славеше над Торонто со 115:105 и поведе со 2:0 во оваа серија.

 

Италијанците имаат сон – Гвардиола да им стане селектор!

Легендата на италијанскиот фудбал, Леонардо Бонучи, изјави дека сон му е селектор на Италија да биде Пеп Гвардиола. Според Бонучи кој му беше помошник на Џенаро Гатузо и не си даде оставка за разлика од Гатузо и шефот на делегацијата Џиџи Буфон, тоа е многу тешко остварливо, но „сонувањето е бесплатно“.

Гвардиола во минатото повеќепати истакнува дека му е омилена странска земја, има играно за Бреша и Рома, знае италијански, па Бонучи смета дека Шпанецот би бил идеален за селектор. На Аѕурите кои пропуштија три Мундијали по ред, им треба голема промена и Гвардиола со стилот на игра што го практикува во своите клубови, може да им го донесе тоа.

„Се шпекулира со повеќе имиња, а ако сакаме ресет, јас ќе го спомнам Пеп Гвардиола, кој може да ни донесе драстична промена од минатото. Мислам дека е многу тешко да го донесеме, но сонувањето е бесплатно“. рече Бонучи.

Бонучи е дел од техничката структира на Фудбалската федерација на Италија и независен член на стручниот штаб. Договорот му истекува во јуни. Во јуни е и следниот меч на Италија, а на тие два пријателски меча со Грција и Луксембург, тимот ќе го води Силвио Балдини.

Инаку Бонучи одигра 121 меч во дресот на Италија, постигна осум гола, од кои едниот во финалето на ЕП 2021, кога Аѕурите на „Вембли“ ја победија Англија и станаа европски шампиони.

Ремито на Кристал палас и Вест хем го испрати Вулверхемптон во Чемпионшип

Во лондонската пресметка помеѓу Кристал палас и Вест хем немаше голови, а ова е исход кој не им одговара ни на едните ни на другите, а донесе тага и во Вулверхемптон бидејќи Волците на пет кола до крајот веќе немаат ни теоретски шанси да останат во Премиер лигата, во која играа осум години по ред.

На Палас победата му требаше во битка за излез во Европа, иако тие ќе имаат прилика да се најдат во Лигата на Европа и ако ја освојат Конференциската лига во која се полуфиналисти.

Вест хем е во битка за опстанок, има два бода повеќе од загрозениот Тотенхем, а три помалку од Нотингам форест, кој е пред нив.

Сега е јасно дека испаѓа Вулфс, кој во следното коло игра со Тотенхем, а истата судбина (преселба во Чемпионшип) може да го снајде и Барнли веќе задутре, ако загуби од Манчестер сити.

Фабриката на Реал прави играчи, ама не за првиот тим на Кралскиот клуб

Реал Мадрид ја освои јуниорската Лига на шампиони, младите момци на возраст до 19 години покажаа дека имаат квалитет, но Кралскиот клуб како да не им верува доволно на своите таленти и искуството кажува дека ретко кој од нив ќе заигра во првиот тим.

Играчи како Хоан Мартинес, Диего Агуадо, Фортеа, Сестеро, Јањез веќе дебитираа за првиот тим на Реал, а сега се европски шампиони и ќе чекаат шанса поредовно да играат за првиот тим. Секако, во предвид доаѓа и голманот Хави Наваро, кој во полуфиналето и во финалето на јуниорската ЛШ одбрани пет пенали.

Мадридската Фабрика извезува таленти, имаше 74 „деца на Реал“ во топ 5 првенствата минатата сезона, толку многу нема ни „Ла Масија“ на Барселона.

Не дека во Мадрид нема таленти, но Барса без проблем ги фрла во оган младите, во првиот тим имаат неколкумина од нивната школа, додека Реал минатата недела против Баерн Минхен немаше Шпанец во почетниот состав, единствен Шпанец кој влезе во игра беше Тијаго Питарч, и тоа на теренот влезе дури во 90-тата минута.

Карлос Алкарас ја доби престижната награда „Лауреус“ за спортист на годината

Тенисерот Карлос Алкарас ја освои престижната награда „Лауреус“ за спортист на годината. Наградата му беше врачена на 22-годишниот Алкарас на церемонија што се одржа во Мадрид.

Други номинирани за наградата беа: Јаник Синер (тенис, Италија), Арманд Дуплантис (атлетика, Шведска), Тадеј Погачар (велосипедизам, Словенија), Марк Маркес (мотоциклизам, Шпанија) и Усман Дембеле (фудбал, Франција).

Во 2025 година Алкарас ги освои гранслемите „Ролан Гарос“ и Отвореното првенство на САД, а сезоната ја заврши на првото место на светската ранг-листа. 

Сепак, Карлитос ги загрижи своите фанови бидејќи уште има лонгета на раката и изјави дека не знае дали ќе игра на „Ролан Гарос“, кој почнува на 24 мај. Ако се процени дека играњето носи ризик за поголеми проблеми во иднина, нема да настапи.

Алкарас е прв Шпанец по Рафаел Надал од 2021 кој ја добил „Лауреус“.

Спортистика на годината е тенисерката Арина Сабаленка. Награди добија и Рори Мекилрој (камбек на годината), Тони Крос (спортска инспирација), ПСЖ (тим на годината), Ламин Јамал (најдобар млад спортист), Ландо Норис (пробив на годината), Габриел Араухо (спортист со физички хендикеп), Надја Команечи (за животно дело).

Најголемиот романски фудбалер на сите времиња стана селектор

Славниот Георге Хаџи е нов селектор на фудбалската репрезентација на Романија.

Некогашниот фудбалер на Реал Мадрид и Барселона на оваа функција го наследува Мирчеа Луческу, кој неодамна почина и остави голема празнина во романскиот фудбал.

Договорот на Хаџи е на две години.

Инаку, „Ароманецот“ Хаџи има потекло од егејскиот дел на Македонија, од каде што неговите родители се преселиле во Романија.

Како играч, Хаџи има 125 настапи за Романија и го дели рекордот од 35 постигнати голови со Адриан Муту. Хаџи учествуваше на по три Светски и европски првенства, беше диригент на најуспешниот период во историјата на тимот. Првиот меч како нов селектор ќе го има во јуни против Грузија на гости, а неколку дена подоцна дома го пречекуваат Велс.

Реал Мадрид ја освои јуниорската Лига на шампиони

Екипата на Реал Мадрид ја освои Лигата на шампионите за фудбалери до 19 години откако вечерва во финалето во Лозана на пенали го победи Клуб Бриж.

Во регуларните 90 минути беше 1-1 (Реал поведе со убав гол со пета) и се премина на изведување пенали. Јунак на Реал е голманот Хави Наваро, кој одбрани два удари од белата точка на младите Белгијци, а од Кралскиот клуб сите четорица кои шутнаа, постигнаа гол.

Реал Мадрид и во 2020 беше европски првак во јуниорска конкуренција, ова му е втора титула. Рекордер е Барселона со три трофеи во јунниорската ЛШ, а две титули освен Реал има и Челзи.

Компани се пошегува со селекцијата на Ватикан, ги спореди со Борусија Дортмунд (Видео)

Баерн Минхен ја прими неофицијалната фудбалска репрезентација на Ватикан која не се натпреварува во натпреварувањата на УЕФА и ФИФА.

Реакцијата на тренерот на Баерн, Винсан Компани, беше хит, бидејќи се пошегува со Ватиканците и нивните жолти дресови.

„Не сте Борусија Дортмунд, нели?“, им рече Компани, по што сите се насмеаја и доби аплауз од тимот.

Во ватиканскиот национален тим играат вработени од ватиканските музеи, членови на Швајцарската гарда што го чува Папата и членови на правната служба во Ватикан. Репрезентацијата на Ватикан во Германија одигра и еден добротворен натпревар против тим од поранешни ѕвезди од Бундеслигата.

Македонија ги доби ривалите за групната фаза на Светското училишно првенство

Ждрепката за Светското училишно првенство во ракомет кое ќе се игра во Скопје го смести машкиот тим на Македонија во групата А со Република Српска, Грузија, Бугарија и Саудиска Арабија. Во женска конкуренција, Македонија ќе игра во групата Ц заедно со Белгија, Грузија и Словачка.

Селектор на машката училишна репрезентација е Горан Кузманоски, а женската ја предводи Даниела Новеска.

На овој масовен настан ќе учествуваат 36 земји, кои ќе настапат во машка и во женска конкуренција. Сите делегации веќе се пристигнати во нашиот главен град и со нетрпение го очекуваат стартот на првенството.

Утре е свеченото отворање со дефиле на плоштадот Македонија во центарот на Скопје од 19.30 часот, ќе има музика и шоу програма, а натпреварите стартуваат на 22 април.

Екстренерот на Елмас во Лајпциг, официјално е нов менаџер на Борнмут

Марко Розе ќе ја преземе функцијата менаџер на Борнмут од сезоната 2026/27. Овој 49-годишен германски тренер потпиша тригодишен договор со Црешите. 

Андони Ираола, кој го водеше тимот од 2023 година, ќе замине ова лето, па Розе ќе го наследи. Борнмут е на осмо место на табелата во Премиер лигата.

Розе е познат по својата работа во РБ Лајпциг, Борусија Дортмунд, Борусија Менхенгладбах и Салцбург. Во Лајпциг ги тренираше нашиот Елиф Елмас и Доминик Собослаи, а во Дортмунд работеше со ѕвездите Ерлинг Халанд и Џуд Белингам.