-2.2 C
Skopje
петок, 16 јануари 2026
Дома Blog Страница 64

„Шверцери“ побараа од турскиот газда да го врати Шкупи во нивна сопственост

Во критичен момент за иднината на Шкупи, раководството и навивачката група „Шверцери“ јавно и недвосмислено му се обратија на сопственикот Јасин Конџали, испраќајќи јасна и конечна порака дека понатамошната состојба е неприфатлива.

Како што се наведува во нивното обраќање, актуелната ситуација е неодржлива и клубот повеќе не смее да функционира во атмосфера на неизвесност, молк и недостиг од одговорност. „Шверцери“ потенцираат дека Шкупи не е приватна сопственост на поединец, туку спортска институција и заедничка вредност што ги обединува фудбалерите, стручниот штаб, навивачите и целата заедница која стои зад клубот.

Барањето е прецизно и јасно – клубот мора без одлагање да биде целосно и официјално предаден, согласно сите законски и административни процедури. Секое натамошно одолговлекување, како што се истакнува, директно му нанесува штета на Шкупи и сериозно ја загрозува неговата иднина.

Во соопштението е упатена и силна благодарност до директорот, стручниот штаб и домашните фудбалери, кои и покрај исклучително тешките услови, му останале лојални на клубот. Повеќе од шест месеци тие работеле без плата, без сигурност и без гаранции, но не го напуштиле Шкупи. Со тивка пожртвуваност и достоинство го зачувале духот и континуитетот на клубот, водејќи се од чест и љубов, а не од личен интерес.

„Шверцери“ нагласуваат дека упатениот ултиматум е конечен и содржи неколку клучни точки: лично појавување на сопственикот, целосен и неповратен трансфер на клубот, официјална регистрација на Шкупи на име на „Шверцери“, како и целосно повлекување на Конџали од каква било улога, влијание или одговорност поврзана со клубот.

Според навивачите, овој чекор е неопходен за враќање на стабилноста, довербата и надежта. На Шкупи му е потребно јасно раководење, присуство и вистинска одговорност, а не празни ветувања и отсуство. Тие потенцираат дека ова не е импулсивна реакција, туку внимателно изграден, заеднички и конечен став. „Шверцери“ порачуваат дека иднината на клубот повеќе нема да биде заложник на неизвесноста – ова е ултиматум и крај на чекањето и трпението.

Јувентус ќе ја зголеми понудата за новиот договор на Кенан Јилдиз

Раководството на Јувентус е решено да го продолжи договорот на Кенан Јилдиз до 2031 година. Актуелниот договор на талентираниот турски фудбалер истекува во 2029 година, но Бјанконерите сакаат да го обврзат за подолг период и истовремено да му покажат дека е високо ценет.

Според „Тутоспорт“, раководството на торинскиот клуб одлучило да ја подобри понудата што му ја упатило на Јилдиз пред неколку недели. Претходната понуда изнесувала 4,5 милиони евра годишно, но на наредната средба со таткото на Јилдиз, Енгин, која ќе се одржи на почетокот на јануари, платата ќе биде зголемена на 6 милиони евра.

Со тоа италијанскиот клуб ќе се обиде да го спречи интересот од Реал Мадрид, Арсенал, Ливерпул и Челзи.

Кенан Јилдиз постигна три гола и една асистенција во седум натпревари во Серија А откако Лучијано Спалети го презеде кормилото на Јувентус. Вкупно од почетокот на сезоната, тој има седум погодоци за гигантот од Торино.

Фенербахче сака да го доведе Нкунку од Милан

Фенербахче покажува сериозен интерес за напаѓачот на Милан, Кристофер Нкунку. Турскиот гигант разгледува можност за доведување на 28-годишниот Французин на позајмица, но воедно е подготвен и да испрати конкретна понуда во висина од 30 до 35 милиони евра.

Нкунку е член на Милан од летото 2025 година и има договор со Росонерите кој важи до крајот на јуни 2030 година. Во тековната сезона офанзивецот забележа 15 настапи во сите натпреварувања, при што постигна три погодоци и запиша две асистенции.

Според специјализираниот портал „Трансфермаркт“, пазарната вредност на Нкунку во моментов изнесува околу 32 милиони евра.

Рома за половина час ја „реши“ Џенова (Видео)

Рома оствари сигурна победа од 3-1 против Џенова на „Олимпико“ и се искачи на четвртата позиција на табелата во Серија А со 33 бода, три помалку од лидерот Интер.

Тимот на Џанпјеро Гасперини ја заврши работата за само половина час, постигнувајќи три гола.

Матијас Суле во 14-тата минута искористи една грешка на одбраната на гостите и го отвори резултатот, а Ману Коне само пет минути подоцна зголеми на 2-0.

Третиот гол беше дело на Еван Фергусон во 31-та минута.

Џенова постигна почесен гол во 87-мата минута преку Џеф Екатор.

Ново шоу на Ел Каби, Мароко убедлив против Замбија (Видео)

Фудбалската репрезентација на Мароко со убедлива победа од 3-0 над Замбија во Рабат го потврди првото место во групата и обезбеди пласман во осминафиналето на Африканскиот куп на нациите.

Очекуваниот триумф на „Лавовите од Атласот“ беше обележан со спектаклот на Ајуб Ел Каби, кој повторно ја воодушеви публиката. Напаѓачот на Олимпијакос го постигна својот втор гол со „ножички“ на турнирот, потврдувајќи ја одличната форма и неверојатната техника.

Ел Каби најпрво се запиша во листата на стрелци уште во деветтата минута, по асистенција на Унахи, а во второто полувреме, во 50-тата минута, ја крена публиката на нозе со атрактивен погодок по ново додавање од фудбалерот на Жирона. Иако голот беше подолг период проверуван од ВАР-собата, на крајот беше признат и уште еден „убавец“ беше додадена во неговата колекција.

Одличен настап имаше и Брахим Дијас, кој покрај погодокот во 27-та минута целосно го контролираше темпото на натпреварот и заслужено доби аплаузи при замената.

Во финишот на мечот, своите први минути на турнирот ги запиша и Ашраф Хакими, кој се врати на теренот по закрепнувањето од повредата и уште еднаш покажа колку значи за оваа селекција.

Пласман во осминафиналето обезбеди и Мали, кој по третото реми на турнирот, овојпат 0-0 против Коморските Острови, продолжува во нокаут-фазата.

Кварацхелија повторно најдобар во Грузија, се израмни со легендата Каха Каладзе

Ѕвездата на Пари Сен Жермен, Хвича Кварацхелија, повторно ја доби најпрестижната индивидуална награда во својата татковина откако беше прогласен за фудбалер на годината на Грузија. За 24-годишниот репрезентативец ова е веќе петто признание, со што се израмни со легендарниот Каха Каладзе.

Годината 2025 за Кварацхелија беше исклучително успешна на клупски план. Со ПСЖ ги освои сите можни трофеи: титулата во Лига 1, Купот и Суперкупот на Франција, Лигата на шампионите, Суперкупот на УЕФА, како и Интерконтиненталниот куп. Дополнително, грузискиот ас претходно ја освои и титулата во Серија А со Наполи, клубот од кој се пресели во Париз во јануари 2025 година.

Во сезоната 2024/25, Кварацхелија одигра вкупно 51 натпревар во дресовите на ПСЖ и Наполи, при што запиша 13 погодоци и 11 асистенции. Во актуелната сезона, за францускиот шампион настапи на 21 меч, со ефект од шест голови и пет асистенции, потврдувајќи го својот статус како еден од најдобрите играчи во Европа.

Тренерот на Лацио имаше операција на срцето

Тренерот на италијанскиот калчолигаш Лацио, Маурицио Сари, беше хоспитализиран и подложен на операција на срцето.

Римскиот тим соопшти дека се работи за рутинска интервенција, а 66-годишниот Сари се очекува да се врати на работа во наредните денови.

„Сари беше опериран од професорот Андреа Натале, светски признат специјалист со повеќе од 30 години искуство. Зафатот помина успешно“, објави клубот.

Роналд Араухо се врати на тренинзите на Барселона (Видео)

Роналд Араухо се врати на тренинзите на Барселона, правејќи значителен напредок по отсуството поради здравствени причини поврзани со неговото психичко здравје.

Уругвајскиот дефанзивец побара пауза од клубот на почетокот на декември, чувствувајќи психичко исцрпување и неспособност да ги исполни своите спортски обврски, иако немаше физичка повреда.

Барселона му одобри неограничен одмор бидејќи Араухо се плашеше дека неговото присуство на теренот може да му наштети на тимот. Неговата одлука да се повлече од натпреварувачките обврски беше прифатена со целосна поддршка од раководството, тренерскиот тим и соиграчите.


Враќањето на тренинзите по околу еден месец отсуство означува почеток на неговото закрепнување и постепеното враќање во активна игра.

Џошуа се извлече без тешки повреди, но загинаа двајцата негови најблиски соработници

Британскиот боксер Ентони Џошуа поминал со полесни повреди по сообраќајната несреќа што денеска се случи во Нигерија, но трагедијата имала многу потешки последици за неговиот најблизок круг. Во несреќата животот го загубија двајца негови блиски пријатели и долгогодишни соработници.

Станува збор за Сина и Лац, членови на најтесниот тим на Џошуа, со кои само неколку часа претходно пристигнал во африканската земја. Сина Гами, познат и како Сина Еволв, беше задолжен за физичката подготовка и кондицијата на боксерот, а со Џошуа интензивно работеше и за време на подготовките за неодамнешниот меч против Џејк Пол.

Вториот трагично загинат, Лац – со вистинско име Кевин Ајоделе – беше личен тренер на Џошуа и една од личностите кои секојдневно беа покрај него како на тренинзите, така и надвор од рингот. Луѓе од неговата околина истакнуваат дека двајцата беа неизоставен дел од внатрешниот круг на боксерот и личности на кои тој со години се потпираше.

Дополнителна тежина на трагедијата ѝ дава и фактот што Лац само неколку часа пред несреќата објавил фотографија од аеродромот, на која се гледа како тимот се подготвува за патување кон планираната дестинација.

Ентони Џошуа засега јавно не се огласил, но јасно е дека загубата на двајцата блиски соработници оставила длабока трага кај него – и на професионален и на личен план.

Инфантино: Добивме 150 милиони барања за билети за СП, тоа е лудо

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, извести за состојбата со продажбата на билети за натпреварите од Светското првенство кое ќе се одржи налето во САД, Канада и Мексико.

„Имаме од 6 до 7 милиони билети во продажба, а за 15 дена добивме 150 милиони барања за билети. Тоа се 10 милиони барања дневно. Ова покажува колку е моќно Светското првенство. Во текот на речиси 100-годишната историја, ФИФА продаде  вкупно 44 милиони билети. Значи, за две недели теоретски би можеле да продадеме билети како за 300 години светски првенства. Апсолутно е лудо“, вели Инфантино.

Според првиот човек на Светската фудбалска федерација, најмногу барања дошле од САД, а потоа од Германија и од Велика Британија.

Здруженија на навивачи се жалеа и критикуваа поради скапите билети, цените се неколкупати повисоки отколку на претходното СП во Катар, па ФИФА одлучи одредена количина билети да бидат продавани по цена „само“ од 60 долари.