21.8 C
Skopje
среда, 9 јули 2025
Дома Blog Страница 9620

Шарапова се замори од тенисот

Руската тенисерка Марија Шарапова не планира да игра до крајот на сезонава, а причината е замор. Шарапова реши да ги пропушти турнирите во Пекинг, Тијанџин и Москва за што подобро да се подготви за следната сезона. Враќањето на теренot таа го планира за новогодишниот турнир во кинескиот град Шенџен.

Шамил Тарпишчев. кој е претседател на Руската тениска федерација, потврди дека Шарапова ќе си земе одмор пред Нова година. Таа во последниот период имала многу активности надвор од тенисот и нема да го одржи ветувањето дека ќе игра на ВТБ Кремљ купот (15-21 октомври).

Некогашната најдобра тенисерка на светот, годинава одигра само 31 меч на 11 турнири и на ниту еден турнир не го надмина полуфиналето. Во минатото таа играше на двојно повеќе турнири, а последната титула ја освои во октомври 2017, во кинескиот Тијанџин. Сега таму нема да ги брани поените, па може и да испадне од листата од 32 носителки на Гренд слем турнирите.

Шарапова има ново момче, британскиот милионер Александер Гилкс, кој е близок пријател на принцот Хари, па се шпекулира дека таа повеќе се интересира да стане мајка отколку да игра тенис.

Жилав е Брајтон, се врати по бодче од два гола негатива

Шејн Дафи и Глен Мареј се јунаците на Брајтон, екипа која успеа за нешто помалку од половина час да се врати од два гола негатива и да освои бод на гостувањето кај Саутемптон.

Популарните „светци“ поведоа со проектилот на Хојберг во 35. минута, а кога и Ингс погоди од пенал во 65. минута се чинеше дека бодовите ќе останат дома. Но, Брајтон е жилав тим, го потврди тоа неколкупати во минатите сезони и со головите на Дафи и на Мареј од пенал освои еден бод во ремито 2:2.

И што е интересно сега двете екипи се единствени во Премиерлигата со по 5 бодови по пет кола.

Жирона подобра од Селта во шпанската голеада

Уругвајскиот репрезентативец Кристијан Стуани со два гола ја предводеше Жирона до втората победа во шпанската Ла Лига, вечерва со 3:2 против Селта.

Стуани беше прецизен во 22. и 56. минута, во меѓувреме и Алакала постигна гол за триумф на домаќините. За Селта по еден погодок постигнаа Аспас и Буфал, а сега двете екипи имаат по 7 бода.

Ова беше последен меч од четвртото коло, а финишот беше во знакот на головите. Двете екипи и по овој меч се во горниот дел на табелата, во група од пет екипи со по седум бодови и веднаш зад неприкосновениот тандем гиганти на шпанскиот фудбал, Барселона и Реал Мадрид.

Нема послатко – Аталанта се откажа од Петања, тој ги реши со два гола

Поранешниот младински репрезентативец на Италија, Андреа Петања на најсладок можен начин и се одмазди на Аталанта за продажбата во Спал и со два гола го „реши“ својот поранешен тим.

Тој е еден од најталентираните млади фудбалери во Италија, но за него немаше место во новиот состав на Аталанта, што се покажа како грешка.

Петања погоди двапати во кус рок од 360 секунди, во 50. и 56. минута, доволно и за него и за Спал. Тимот од Емилија Ромања е вистинска сезнација во стартните четири кола во Серија А и со девет бодови го дели второто место со Наполи, зад лидерот Јувентус.

Аталанта го претрпе вториот пораз и со четири бодови е во долниот дел од табелата, иако вечерва беше фаворит за победа против Спал.

Бразил го доби дербито против Канада

Бразилците експресно го преболеа поразот од Холандија во групната фаза на Светското првенство во одбојка и со победа против Канада се вратија во битка за врвот на табелата.

Со триумфот од 3:1 вечерва, популарните „Кариоки“ обезбедија настап во втората рунда на Мундијалот и како и секогаш се кандидати за медал.

Првиот сет по исцрпувачка битка го добија Бразилците со 25:22, а потоа израмнија Канаѓаните, кои го добија вториот сет со 25:19.

Големата битка на двете реномирани селекции продолжи, а клуч на победата на Бразил беше третиот сет. Го добија со 25:23 и потоа нешто полесно го приведоа мечот кон крајот, добивајќи го решавачкиот сет со 25:18.

И Литванија патува на СП во Кина

Литванија ја победи Холандија со 95:93 во возбудлив меч по две продолженија и со осум успеси без пораз се пласира на Светското првенство во Кина, што ќе се игра следната година.

Литванците си поиграа со нервите на своите навивачи и дозволија серија од 16:2 на противникот во финишот, со што Холанѓаните израмнија на 75:75, па мораше да се игра два дополнителни периоди од по пет минути.

Во продолжението фаворитот успеа да победи, јунак беше Калниетис со тројка во самиот финиш и да обезбеди настап на кошаркарскиот Мундијало, следната година.

Истото претходно го сторија и Германија и Грција, кои се без пораз во осум натпревари, потоа и Франција и Чешка со биланс 7:1 и вечерва Литванија со 8:0.

Ноќно скопско дерби – Работнички – Вардар ќе играат под рефлектори

Работнички продолжува да ја применува праксата од оваа сезона и повторно ќе игра во вечерен термин, во сабота против Вардар во рамки на шесттото коло од домашното првенство.

„Романтичарите“ се навикнаа на настпи под рефлектори, а така ќе биде и на соседското дерби во сабота. Мечот ќе се игра на националната арена „Филип Втори“ во Скопје, еден ден порано од останатите дуели.

Ова ќе биде премиера на шесттото коло во кое уште ќе играат и Силекс со Шкендија, Победа со Академија Пандев, Шкупи со Македонија Ѓ.П. и Ренова со Беласица.

Овие четири дуели ќе се играат во недела од 15:30 часот.

Гласајте за вардаровата сензација – Милосављев кандидат за играч на колото во ЛШ

ЕХФ објави листа на кандидати за избор на играч на првата рунда во Лигата на шампионите, а на неа се наоѓа и вардаровата сензација, Дејан Милосављев.

Во дебито за Вардар во Лигата на шампионите, против европскиот првак Монпелје, Милосављев бранеше феноменално. Одбрани 15 удари, а тоа што го стори во 24. минута со неколкукратна одбрана во ист напад на Французите уште долго ќе се прераскажува. И заслужено ги доби двете признанија, најдобар голман во првото коло од ЛШ и местото во идеалниот состав на првата рунда, а сега може да се закити со уште едно убаво признание и да биде најдобар ракометар на стартот од луксузното натпреварување.

Покрај Милосављев, во конкуренција се Рико Ронберг од финскиот Рихимаен, потоа и Алекс Душебаев од Кјелце, Сигурдсон и Колбахер од Рајн Некар Левен, Гомез од Барселона и Обрановиќ од Мешков Брест.

Гласањето за најдобар ракометар во првото коло од ЛШ е на официјалната интернет страница на ЕХФ.

 

Во Белград да имаше стадион од 400.000 седишта, ќе беше распродаден

По 26 години чекање, Црвена Ѕвезда утревечер ќе биде дел од групната фаза во Лигата на шампионите. Српскиот првак на свој терен ќе го пречека италијанскиот калчолигаш Наполи. Уште од претходно се знае дека стадионот „Рајко Митиќ“ ќе биде исполнет до последно место и дека домаќините ќе имаат фантастична поддршка.

Сепак, ни гостите нема да бидат сами. Според најавите, во Белград ќе допатуваат 350 ултраси на Наполи. Фановите на Наполи се познати како едни од најопасните, па можно е утре, освен што се очекува битка на теренот, да биде „жешко“ и на трибините.

Тренерот на Наполи, Карло Анчелоти во Белград ги поведе своите најдобри играчи и најави дека не сака да стартува со кикс. Тоа значи дека „наполитнаците“ се заминати да ги освојат трите бода во Белград. Црвена Ѕвезда е аутсајдер во групата каде што уште се и Ливерпул и Пари Сен Жермен.

Претседателот на „црвено-белите“, Звездан Терзиќ најави дека интересот за сите три средби е неверојатен.

„Да имавме стадион кој собира 300-400 илјади гледачи, ќе беше распродаден. Екипата е подготвена за надигрување. Сега се очекува само спектаклот да започне“, рече Терзиќ, во исчекување на утрешниот дуел.

 

Лион ја качи цената за Елиф на 15 милиони евра, Фенер не сака да чуе

Лион нема намера да се откаже од ангажман на Елиф Елмас, а дознаваме дека понудата е покачена на 15 милиони евра, цена за која Фенербахче не сака да го продаде македонскиот фудбалски бисер.

Лион нудеше речиси двојно помалку пари за да го пресели Елмас од Истанбул на „Стад Жерлан“ во летниот преоден рок, а по блескавите игри на нашиот талент сега има нова понуда, двојно поголема.

Но, сега расте и цената на 19-годишниот играч, особено по одличните игри во квалификациите за ЛШ во дресот на Фенербахче и за македонската репрезентација во Лигата на Нации. Вчера „99-та“ на Фенер го постигна и првиот гол за гигантот од Турција, победнички против Коњаспор, па топ-формата му носи и многу понуди од големите клубови.

Интерес покрај Лион има и од Бенфика, се говори и за Манчестер сити, Манчестер јунајтед…, сите клубови од елитата и стандардни учесници во Лигата на шампионите.

Одлично за Елиф е што и Филип Коку, тренерот на Фенербахче има потполна доверба во него и му дава одлична минутажа во составиот на турскиот великан.