30.8 C
Skopje
вторник, 8 јули 2025
Дома Blog Страница 9626

Хамилтон ќе стартува од првата позиција во Сингапур

Луис Хамилтон имаше најдобро време на денешните квалификации на патеката „Марина Беј“, за големата награда на Сингапур. Британскиот возач со ова возење покажа дека не попушта во темпото и сака по оваа трка само да ја зголеми предноста во генералниот пласман пред Себастијан Фетел.

Веднаш до Хамилтон од втората позиција ќе стартува Макс Верстапен од „Ред Бул“, додека најголемиот ривал на Британецот во трката за титулата, Фетел е на третата позиција. Според квалификациите, рапоредот на возачи на стартно-целната рамнина потоа ќе биде: Ботас, Раиконен, Рикардо, Перес, Грожан, Окон и Хилкенберг.

Трката за големата награда на Сингапур ќе се вози утре, а стартот е закажан за во 14 часот.

За победите над Гибралтар и Ерменија – награда од 30.000 евра

Македонската фудбалска репрезентација одлично ги започна натпреварите во Лигата на Нации и со максимални шест бода е лидер во својата група. „Црвено-жолтите“ на стартот победија со 2:0 на гости кај Гибралтар, а потоа на арената „Филип Втори“ со 2:0 беше победена и Ерменија.

За овие резултати на репрезентацијата, Управниот одбор на ФФМ, на денешната седница во Охрид, реши да ги награди фудбалерите и стручниот штаб со премија од 30.000 евра.

„За победите против Гибралтар и Ерменија во рамките на УЕФА Лига на Нации, фудбалерите на А националниот тим, како и стручниот штаб ќе добијат награда во висина од 30.000 евра“, стои во одлуката донесена од Управниот одбор на фудбалската федерација на Македонија.

Нов „ладен туш“ за Интер

Интер претрпе нов пораз во италијанскиот шампионат, откако денеска пред своја публика беше шокиран од Парма. Избраниците на Лучијано Спалети цели 80 минути се мачеа да ја затресат мрежата на гостите, а при првиот посериозен напад на Парма следуваше „ладен туш“ за „нероаѕурите“.

Младиот Федерико Димарко во 80-тата минута го замолкна „Џузепе Меаца“, и му го нанесе вториот пораз на Интер по само четири одиграни мечеви во Серија А.

Пасторе не се опорави навреме, назад во составот се враќа Флоренци

Предводникот на Рома, Еузебио Ди Франческо, утре против Киево ќе брка бодови без новото засилување Хавиер Пасторе, кој цела недела се мачи со грчеви. Сепак, добри вести за фановите на „волчицата“ се враќањето на тројца првотимци, Алесандро Флоренци сигурно ќе настапи од првата минута, додека Даниеле Де Роси и Диего Пероти ќе чекаат шанса од клупата.

„Флоренци ќе игра од првата минута, а што се однесува за Де Роси, дури утре ќе одлучам меѓу него и Нзонзи за место во почетниот состав“, истакна Ди Франческо на денешната прес-конференција.

Рома по три кола во Серија А има еден триумф, едно реми и еден пораз, а утре во 12:30 часот на „Олимпико“ против секогаш непријатните Киево ќе имаат шанса да го поправат впечатокот по турбулентниот почеток на сезоната.

Канте откри дека го одбил ПСЖ: Нема потреба да менувам средина

Фудбалерот за врска на Челзи, Н’голо Канте, за француските медиуми откри дека одбил понуда од ПСЖ, бидејќи не сакал да ја менува средината. Французинот вели дека е среќен во Лондон, има важна улога во редовите на тимот кој го води Маурисио Сари.

„Немаше потреба да ја менувам средината. Имаше неколку заинтересирани клубови, ПСЖ испрати конкретна понуда, но, по разговор со луѓето со претставниците на Челзи одлучив да останам, најважно е да бидам среќен. Клубот смета на моите услуги, убаво ми е тука, па логично за мене беше да ја продолжам кариерата со овој клуб“, истакна Канте.

Откако во 2015 година пристигна во редовите на Лестер, кариерата на Канте се движеше само во нагорна линија. По освоената титула во Англија со „лисиците“, следанта сезона стана шампион со Челзи, а летово со француската репрезентација стана владетел на светот.

„Петка“ за Ливерпул

Дербито на Премиерлигата помеѓу Тотенхем и Ливерпул, одиграно на „Вембли“, им припадна на гостите од градот на „Битлси“ со 2:1. Ливерпул има 15 бода од пет меча, што е најдобар старт за „црвените“ од 1990/1991 наваму.

Ливерпул поведе со голот на Џорџинио Вајналдум, негов прв погодок на гостински терен во кариерата. Холанѓанецот не ја затресе мрежата, но после неговиот шут со глава, топката ја мина воздушната гол-линија.

Во 54 минута, Роберто Фирмино зголеми на 2-0, откако целата работа ја заврши Садио Мане, па на среќниот Бразилец му остана само да ја спроведе топката во празниот гол и да го постигне најлесниот гол во кариерата. При вториот гол, се покажа дека Ворм не е соодветна замена за првиот голман на Тотенхем, Иго Лорис. Ламела намали на 1-2 во судиското продолжение.

Фирмино не го одигра мечот до крај, бидејќи доби посекотина околу окото, па некои англиски аналитичари се шегуваа дека можеби треба на играчите да им се проверува должината на ноктите пред меч.

Атлетико продолжи да губи бодови

Атлетико Мадрид одигра само 1:1 на свој терен против Еибар, и сега има само 5 бода после четири одиграни кола. Освојувањето на европскиот Суперкуп како да ги вивна во облаци „јорганџиите“, и тоа скапо ги чини во шпанската лига, нешто слично како што му се случи на Реал Мадрид во минатата сезона кога во октомври имаше заостанување од десетина бода.

Неверојатниот голман на Еибар, Марко Дмитровиќ, беше како „октопод“, имаше девет одбрани, од кои повеќето беа за да спречи сигурен гол. Атлетико никако не успеваше да го совлада Дмитровиќ, а во 87 минути, публиката на „Ванда метрополитано“ беше шокирана. Серџи Енрих даде гол за 1-0. Пред тоа Еибар имаше две пречки, но немаа среќа да погодат.

Еибар беше на прагот да дојде до прва победа во меѓусебните дуели со Атлетико, но во 94. минута, резервистот Борха Гарсес Морено изедначи, и на Диего Симеоне му се заблагодари за довербата. Сепак, некој да му понудеше на Атлетико пред мечпот само бод, немаше да прифатат и вака им се заканува опасност да се најдат во негатива од 7 бода после само четири кола.

 

Вардар ако може со Монпелје, ќе може со секого

Најдобрите ракометни колективи во Македонија, Вардар и Металург, шеста сезона по ред заедно играат во најсилното клупско натпреварување во Европа, а овојпат амбициите во Лигата на шампионите им се, од сенка да ги изненадат главните фаворити.

За Вардар, новата сезона не можеше да почне со потежок меч, гостува кај европскиот првак Монпелје во 17.30 часот. Скопските „црвено-црни“ во мај му ги препуштија европскиот трон на Монпелје, и сега со нов тренер и прилично изменет состав ќе се обидат да покажат дека уште се дел од ракометниот „крем“.

Дебито во дресот на Вардар ќе го почека голманот Калифа Гедбан, но останатите нови лица, ќе го имаат дебито во ЛШ, меѓу нив и Словенецот Грегор Оцвирк. Ќе го нема повредениот капитен Стоилов, а и Борозан и Карачиќ не се целосно фит. Монпелје нема да смета на лвото крило Мишел Гигу.

Металург истотака гостува, од 19.30 часот кај Спортинг Лисабон. Тимот од Автокоманда откако остана без Филип Кузмановски, повредени му се десните бекови, па тренерот Данило Брестовац со 13 играчи замина во Португалија. Металург го има најмладиот тим во ЛШ со просек од 20 години по играч, па без притисок, ќе се обидат да стигнат што подалеку.

Преноси од овие мечеви може да се гледаат на сајтот на ЕХФ, и на телевизијата Арена 4.

Лопетеги се враќа дома

Реал Мадрид со три победи ја почна новата сезона во шпанската Примера дивизија, но гостувањето кај Атлетик Билбао треба да покаже колку може овој состав на „кралевите“. Станува збор за традиционално незгодно гостување, баскијците против Реал секогаш играат со 100 отсто од своите сили, а ќе имаат и поддршка од трибините.

Гостите немаат големи проблеми околу составот, а кај Атлетик, неизвесни се Леке, Адуриз и Ерерин. Билбао има четири бода од два меча, но нивната последна победа над Реал на „Сан Мамес“ беше во март 2015 година. Во минатата сезона, беше 0:0.

Билбао е град сместен на само 112 километри од селото Астеасу, родното место на тренерот на Реал Мадрид, Хулен Лопетеги.

Во составот на Реал повторно нема да биде младиот Бразилец Винисиус, а најавите се дека на голот ќе застане Тибо Куртуа. Белгиецот нема пријатни сеќавања од Билбао, Таму на три гостувања (една победа и два порази) како чувар на мрежата на Атлетико Мадрид, прими седум гола. Последен пат таму бранеше пред четири ипол години, но и вечерва од 20.45 ќе биде ставен на тест.

Со новиот тренер, Реал долго ја држи топката во свој посед, веројатно ќе го контролира темпото, па затоа и коефициентите го фаворизираат гостинот. Во понудата на Спортлајф, квотата за двојка е 1.60, за нерешено е 4.33, додека за победа на Атлетик е 4.90.

Подобро да играше, отколку да навива

Најдоброрангираниот тенисер на светот, Рафаел Надал, не е во составот на шпанската репрезентација за мечевите од полуфиналето на Дејвис купот против Франција, но објави фотографија на која гледа како неговите колеги играат и вели дека е навивач број 1 на „црвената фурија“.

Но, од тоа што Рафа навива пред телевизор, Шпанија нема голема полза. Шпанците во Лил губат со 0-2, а традицијата вели дека никогаш не успеале да победат после таква негатива.

Надал го повреди коленото во полуфиналето на САД опен, кога го предаде мечот со Хуан Мартин Дел Потро. Враќањето на теренот се очекува на азиската турнеја, каде лани победуваше и ќе треба да брани 1.100 поени во Пекинг и 1.000 на Мастерсот во Шангај.

Роберто Баутиста и Пабло Карењо не се на нивото на Надал, и денеска од 14 часот кога почна дуелот во двојки, Шпанците и официјално може да останат без финалето. Во другото полуфинале, Хрватска води со 2-0 против САД.