18.8 C
Skopje
вторник, 8 јули 2025
Дома Blog Страница 9627

Френки оди во Барселона

Екстра-талентираниот напаѓач на Ајакс, Френки Де Јонг ја одбра Барселона како следен клуб во кој ќе ја продолжи кариерата, а трансферот веројатно ќе биде реализиран следната зима.

Ајакс сака да го задржи 21-годишниот напаѓач барем до крајот на сезоната. За таква варијанта најмногу притиска поранешниот фудбалер на Барса, Марк Овермарс, сега во улога на спортски директор на клубот од Амстердам, но речиси сигурно е дека Де Јонг наскоро ќе си замине.

Барселона е подготвена да плати околу 50 милиони евра, а со оглед на одличните односи на двата клуба и желбата на Френки да игра за Барселона, трансферот е речиси сигурен.

За ангажман на Де Јонг има интерес од неколку европски гиганти, а 21-годишното момче веќе дебитираше и за Холандија на дуелот од Лигата на Нации против Франција.

Стандардна шема – Дербито Вардар – Шкупи без гостински навивачи

Ривалитетот меѓу Вардар и Шкупи е еден од најголемите во мак-фудбалот, а веќе стана стандардна шема скопското дерби да се игра без присуство на гостински навивачи.

Поради ризик по безбедноста и овојпат на неделното дерби од петтото коло во домашното првенство ќе ги нема навивачите на Шкупи. Вардар е домаќин и ќе ја има поддршката од своите „Комити“ на трибините на „Борис Трајковски“ во Маџари, во обидот да се искачи и на врвот на табелата во случај на кикс на Академија Пандев и Работнички.

Интересно е што раководството на Вардар донесе одлука вратите на стадионот за влез на трибините да бидат отворени само 45 минути, од 14,30 до 15,15 часот.

ПСЖ гази и без Нејмар и Мбапе

Пари Сен Жермен со 4:0 го декласираше Сент Етјен во дербито на колото во француската лига, и парискиот тим најави дека е подготвен за Лигата на шампионите која почнува за некој ден. Токму со намера да го зачува за битката со Ливерпул, ПСЖ не ги стави Нејмар и Килијан Мбапе во составот, Џиџи Буфон беше резерва, но тоа не беше пречка за „светците“ да покажат дека имаат многу оружја.

Головите против Сент Етјен ги постигнаа четворица различни стрелци. Дракслер погоди во првото полувреме, па Кавани од пенал зголеми на 2-0, Ди Марија погоди за 3-0, а Диаби го дотолчи противникот кој имаше серија од три нерешени по ред.

Денеска во Франција се одигра уште еден меч, Ница го совлада Рен со 2:1. ПСЖ има максимални 15 бода од пет кола, и гол-разлика 17-4. Ниеден друг тим нема повеќе од 9 бода, а викендов тоа веројатно ќе се смени, но парижаните најавуваат атак на нова титула.

Дебитантски голови и донесоа победа на Борусија

Борусија Дортмунд привремено се искачи на првото место на табелата во германската Бундеслига, откако вечерва на својот „Идуна парк“ славеше со 3:1 против Ајнтрахт. Дортмунд има седум бода од три меча, и ќе преноќи како лидер.

Интересно е што трите гола ги постигнаа фудбалери за кои ова се први погодоци во дресот на Борусија. Серијата ја отвори Диало кој добро се снајде во противничкиот петерец во 36 минута. Потоа гостите од Франкфурт изедначија преку Халер во 68 минута, но радоста им траеше кратко.

Во 72. минута, Волф даде гол по убавата акција на 18-годишниот екстра талент Санчо, за 2-1, а конечните 3-1 беа дело на Шпанецот Пако Алкасер кој дојде од Барселона. Алкасер првпат играше на еден меч од Бундеслигата и веднаш даде гол.

После поразот, Ајнтрахт остана на три бода, со учинок од една победа и два порази. Дуелот од трибините го гледаа 81.000 навивачи.

Европскиот првак далеку од Светското првенство

Репрезентацијата на Словенија која пред една година ги воодушеви љубителите на кошарката со освојување на европската титула, во квалификациите за Светското првенство во Кина бележи слаби резултати, и најверојатно Мундобаскетот ќе мине без актуелниот европски првак. Неиграњето на Горан Драгиќ и Лука Дончиќ, се покажува како преголем хендикеп.

Словенија загуби од Летонија и сега е последна во групата И. Иако треба да се одиграат уште пет кола, сепак Словенците во моментов имаат дури три победи помалку од третата Летонија и втората Турција, а првите три селекции од секоја група одат на СП.

Работите во групата И се искомпликуваа со неочекуваната победа на Украина во Киев над лидерот Шпанија. Шпанците немаа пораз во претходната фаза.

Хрватите во Осиек, загубија од Литванија која не знае за пораз. И Хрватска е последна во својата група, но уште има реална шанса да се најде на СП. Бојан Богдановиќ стана прв стрелец во историјата на хрватската репрезентација, надминувајќи го досегашниот лидер Дино Раѓа. Бојан осум години игра за националниот тим, познат е како еден од подобрите европски поентери.

За истакнување се оние 18 тројки од 28 обиди кои ги погоди Италија. Полјаците дадоа 12 тројки во ова шутерско шоу, но немаа шанси против „аѕурите“ кај кои Амедео Дела Вале, даде 8 тројки.

Резултати од вечерашните натпревари: Украина – Шпанија 76:65, Летонија – Словенија 85:74, Турција – Црна Гора 79:69, Холандија – Унгаријав 59:74, Хрватска – Литванија 83:84, Италија – Полска 101:82.

Конечно и „лалињата“ процветаа

Холандија ја победи Кина со 3:1 во сетови, и дојде до првата победа на Светското првенство во одбојка кое се одржува во Италија и Бугарија. „Лалињата“ во бугарскиот град Русе, славеа над Кинезите, и си ги задржаа шансите за пласман во следната рунда. Кина загуби и од Франција, па нема бодови, и само теорија може да ги однесе во наредната фаза. Утре Холандија се среќава со олимпискиот првак Бразил, а противник на Кина е Канада која има 2-0.

Во Варна, Финска ја совлада Куба со 3:1 и дојде до првата победа, а Кубанците останаа на нула бодови. Нашите источни соседи, Бугарите, без проблеми во три сета ја прескокнаа пречката наречена Порторико.

Австралија имаше причини за радост, откако беше подобра од Камерун со 3:1 и дојде до првата победа, со истиот резултат Словенија ја надигра Јапонија. Словенците заедно со Италијанците се на делба на врвот во нивната група. Франција штедеше сили против Египет, но дојде до нова и лесна победа од 3:0 во сетови.

НБА играч ја изневерил сопругата со над 300 жени

Зачудувачки искрен и шокантен одговор даде поранешната ѕвезда на НБА тимот Детроит пистонс, Џејсон Максиел, на прашањето дали е зависник од секс. Тој без проблем и кажа на водителката дека жена му ја изневерил со дури 341 жени.

„Зависник сум од секс. Сум спиел со 341 жени. Тогаш бев млад и сите работи ми се случуваа лесно. Не знам што сум сакал да постигнам со такво поведение, немам објаснување за однесувањето. Но, сексот ми дозволуваше за 2-3 часа да заборавам на проблемите “ – кажа Максиел.

Максиел е оженет со сопругата Бренди од 2010 година, имаат син, но во љубовна врска се цели 17 години, па не може да се брани дека изневерувал само пред да биде со неа.

Малдини имаше најдобар наследник во историјата

Според француски „Л`екип“, Чезаре и Паоло Малдини се најдобрите татко и син кои играле фудбал. Италијанците се првите татко и син кои играле и освоиле титула во Лигата на шампионите, двајацата се легенди на Милан, а истотака се и единствените капитени од исто семејство, кои го кренале пехарот наменет за европскиот клупски првак.

Во рангирањето на најдобри татко и син што играле фудбал, зад Малдини се Мануел и Маноло Санчис. Двајцата беа одлични дефанзивци во Реал Мадрид и шпанската репрезентација. Потоа тука се Жан и Јури Џоркаеф. За помладите, Јури е многу попознат, но и татко му 48 пати играше за Франција.

Фудбалерот на Баерн Минхен, Тијаго Алкантара, имаше татко кој беше добар фудбалер и во 1994 стана светски првак со Бразил, а сите го знаат како Мазињо. На петто место се Пабло и Диего Форлан. Пабло на клупски план беше одличен, со Уругвај играше на две светски првенства, но Диего со 112 меча за репрезентацијата и со награда за најдобар играч на СП 2010, го надмина родителот.

Во топ 10 татковци и синови, влегуваат уште Перико и Чаби Алонсо, Арнор и Еидур Гудјонсен, Мигел и Пепе Реина, Абеди Пеле и Андре Ају, како и Јохан и Жорди Кројф.

Вредни за споменување се и Хуан Рамон и Хуан Себастијан Верон, Дани и Дени Блинд, Клаус и Матијас Замер, Иан Рајт и Шон Рајт Филипс, Петер и Каспер Шмајхел, а Французите веруваат дека Енцо Зидан ќе напредува доволно за да се најде покрај татко му Зинедин, на ваква листа во иднина.

Кина веќе не е „ветената земја“ за фудбалерите

Карлос Тевез, Жервињо, Паулињо, Витсел, Оскар, Демба Ба, Мохамед Сисоко, Асамоа Гијан, се дел од фудбалерите кои настапуваа(т) за кинески клубови, а врвот на популарноста, кинеската лига го достигна пред две години, кога врвни фудбалери заминуваа таму.

„Дојдов во Кина поради пари, не ми е грижа што не играм на Светско првенство. Не сакам да бидам сиромашен кога ќе остарам и да живеам од сеќавањата дека некогаш сум играл за Бразил на СП“ – изјави Оскар, кој во јануари 2017 прејде од Челзи во Шангај.

Но, Суперлигата на најголемата земја на светот по бројот на жители, не го направи планираниот бум, и веќе не е „мека“. Toa се одрази и на спонзорите, ТВ компаниите, лигата веќе не е толку атрактивна, па играчите се решаваат да се вратат во Европа.

Си заминаа Аксел Витсел кој од Тијанџин се пресели во Борусија Дортмунд, Жервињо е нов член на Парма, Гаел Какута замина во Рајо Валјекано, Џексон Мартинез е позајмен во Портимоненсе во Португалија, Жозе Фонте е во Лил, Немања Гудељ во Спортинг Лисабон. Сите овие играчи летово ја напуштија Кина.

Трајковски: Чекор по чекор, ќе дојдеме до целта

Единствениот македонски кошаркар кој доби и аплаузи и беше навредуван од поединци во салата во Приштина, Бојан Трајковски, смета дека триумфот над Косово е голем чекор напред, но не треба да се залетуваме дека работата околу пласманот во квалификациите за Евробаскетот 2021  е завршена.

Трајковски со 17 поени беше најефикасен поединец во македонскиот тим, и заедно со Ричард Хендрикс имаа дабл-дабли. Тој истакна дека чекор по чекор, Македонија би требало да го освои првото место во групата и да се најде во европската елита од 32 тима, кои ќе играат квалификации за 24-те места на ЕП 2021. Наредниот меч е задутре во Скопје против Романија.

„Тргнавме од дното. Летово игравме и во Швајцарија, а сакаме да ја вратиме македонската кошарка таму каде што мора да биде. Чекор по чекор, натпревар по натпревар, ќе финишираме како први во групата. Што се однесува до дуелот со Косово, добро почнавме, цврсто, направивме предност, и мислам дека победата ја посакувавме малку повеќе од противникот“ – изјави Трајковски кој е еден од нашите главни адути во нападот.