35.8 C
Skopje
недела, 27 јули 2025
Дома Blog Страница 9711

Наполи ќе ги игра мечевите од ЛШ во Бари?

Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис, побарал дозвола од Европската фудбалска куќа да ги организира предвидените натпревари од Лигата на шампионите на стадионот од Бари,наместо да играат на градскиот стадион „Сан Паоло“ во Неапол.

Оваа одлука е донесена откако советот на општината соопшти дека Наполи му должел пари на градот за неплатена рата, а меѓу останатите причини е и инсистирањето на самиот сопственик да му ги продадат правата на фудбалскиот комплекс.
Покрај Наполи, Де Лаурентис,го поседува и италијанскиот второлигаш Бари, па токму затоа инсистира на реорганизација на европските мечеви на нивниот стадион.

„Ова веќе е кошмар, црна дамка на овој колектив, срамота е клуб од интернационен карактер да има проблеми со стадионот. Велам доста е веќе, нема повеќе да создавам контроверзии, одлучив да вложам средства за нов стадион. Ќе бидат потребни неколку години да се изгради, но ќе вложам лично мои пари и никој не ќе може да ми каже што да правам. Побарав од УЕФА да ни дозволи да ги преместиме мечевите од Лигата на шампиони да ги играме на стадионот од Бари, „Сан Никола“, и ако треба и сам ќе ги платам билетите на навивачите, само да дојдат таму да го поддржат тимот“, изјави Де Лаурентис за италијанските медиуми.

Доколку ова нависитна се случи, Наполи ќе му побуди убави спомени на неговиот противник од групата, Црвена ѕвезда, српскиот тим кој по 26 години се враќа во елитата, а каде што во 1991 играше и победи во финалето од ова натпреварување токму на стадионот во Бари. На италијанскиот вицепрвак покрај Црвена звезда, противници во групната фаза му се ПСЖ и Ливерпул.

Чоло: Син ми има сè, ама не би го зел во Атлетико

Синот на Диего Симеоне, Џовани, неодамна со гол дебитираше за аргетинската репрезентација, покажа дека е квалитетен напаѓач, но татко му не би сакал да го има во својот клуб. Популарниот Чоло, кој е тренер на Атлетико Мадрид, на телевизија го гледал мечот на Аргентина со Гватемала.

„Многу емотивно го доживував играњето на мојот син за репрезентацијата на Аргентина. Тој знае што чувствувам за националниот тим на татковината, а и Џовани го има тоа во себе. Вистината е дека одигра добро“, изјави Симеоне.
Џовани, кој е член на Фиорентина, добро ја почна сезонава и напредува брзо, но татко му не бил го зел во Атлетико.

„Не сакам да зборувам како татко, туку како тренер. Џовани има сè за да игра во мојот тим, но никогаш не би го зел во мој тим, така е подобро за него. Тешко е да се има син во соблекувалната. Можеби еден ден кога нема да бидам во Атлетико, тој ќе заигра за клубот“, објаснува Диего Симеоне.

Алжирец ќе го чува голот на Вардар

Македонскиот претставник во ракометната Лига на шампиони, тимот на Вардар, го ангажираше младиот алжирски репрезентативец Калифа Гедбан, кој ќе биде конкуренција на Дејан Милосављев и Марко Кизиќ на голот.

Алжирецот требаше да потпише за шпанскиот клуб Анхел Хименес, но, трансферот не се реализираше и тој одлучи да ја продолжи кариерата во Македонија. Дваесет и едногодишниот голман по настапот на Медитеранските игри тренираше со соиграчите од Анхел Хименес, но тренерот на овој тим Хулиан Руис не го користеше на пријателските натпревари со изговор дека е далеку од потребната форма.

Нашиот национален првак во последниот ден од преодниот рок успеа да доведе замена за Страхиња Милиќ, со кого пред извесно време го раскинаа договорот.

 

Дреновац повторно ќе игра во АБА, потпиша за Морнар Бар

Српскиот интернационалец Ѓорѓе Дреновац кариерата ја продолжува во тимот на Морнар Бар. Поранешниот член на МЗТ Скопје ќе игра покрај „ексаеродромецот“ Урош Луковиќ, неговиот сонародник со кого заедно ја освоија титулата во Суперлигата во сезоната 2015/2016.

Дреновац го напушти Скопје во 2017 година, откаку му помогна на тимот од Аеродром да ј а одбрани титулата, а потоа потпиша за бундеслигашот Мителдојчер, а само по една година одлучи да се врати на Балканот и да настапува во регионалната лига АБА, како и Еврокупот.

 

Што ѝ фали на Италија? Играч на Јувентус

Италијанскиот селектор Роберто Манчини синоќа на „Луж“ во Лисабон извади состав за кој многу се зборува во Италија и ќе се памети како прв по малку повеќе од 20 години во кој немало ниту еден член на Јувентус. „Аѕурите“ на терен без играч на „старата дама“ на официјален меч последен пат истрчаа на 17-ти јуни 1998 година, и тоа против Камерун (победа на Италија од 3-0) на Светското првенство во Франција.
Иако Јуве е клуб кој седум сезони по ред доминира во италијанската лига, сепак, во почетниот состав на гостувањето кај Португалија од Лигата на нациите немаше играч од клубот од Торино. На клупата за резерви останаа четворица членови на Јувентус. Тоа се: голманот Матја Перин, дефанзивците Џорџо Кјелини и Леонардо Бонучи и крилото Федерико Бернардески.
Составот кој го извади Манчини беше доста поразличен од тој што играше 1-1 со Полска, но и измените и оставањето на Марио Балотели надвор од тимот не дадоа резултат бидејќи Италија загуби со 0-1.

Андре Силва го надмина Роналдо

И без Кристијано Роналдо, репрезентацијата на Португалија со победа стартуваше во Лигата на нациите во елитната Лига А откако со 1-0 во Лисабон ја совлада Италија. Андре Силва беше стрелец на единствениот гол, откако на почетокот на второто полувреме го совлада својот поранешен клупски колега од Милан, Џанлуиџи Донарума.

Со голот кој го постигна во 48-мата минута од дуелот против Италија, Андре Силва влезе во историјата на португалскиот фудбал надминувајќи го Кристијано Роналдо во една статистичка категорија. Имено, Силва сега има 13 гола на 28 меча за својата репрезентација. Тој скор е подобар од оној на Роналдо кој го имаше фудбалерот на Јувентус по 28 настапи во црвено-зелениот дрес. Роналдо на првите 28 меча за Португалија имаше постигнато само 9 гола. Актуелниот скор на Роналдо е 85 гола на 154 меча.

„Аѕурите“ со новиот селектор Роберто Манчини засега имаат само еден бод на два меча.

Во Лига Б, Шведска до 88-мата минута водеше со 2-1, а на крајот загуби од Турција со 2-3. Јунак на Турците беше Емре Акбаба кој ги даде головите за пресврт во финишот. Во Лига Ц, Црна Гора беше подобра од Литванија со 2-0, Србија и Романија ремизираа 2-2, а Шкотска ја совлада Албанија со 2-0.

Во најслабата Лига Д, во која е и Македонија, Андора извлече 1-1 против Казахстан, Косово ги надигра Фарски Острови со 2-0, а Малта и Азербејџан одиграа 1-1.

Финале на ЛШ во Њујорк?

Во блиска иднина би можело да се случи финале од фудбалската Лига на шампиони да се игра во Њујорк. Најважниот натпревар во европскиот клупски фудбал би можело да стане забава за богатите Американци.

Контроверзната одлука на шпанската лига, дуелот помеѓу Жирона и Барселона во јануари да се игра на американско тло во Мајами, може да биде само вовед во понатамошна глобализација на фудбалот.

Хауме Рурес, кој е извршен директор на телевизиската компанија Медиапро од Барселона, во интервју за утринската програма на Радио Каталонија изјави дека во тек се преговори околу историско преместување на финалето од ЛШ.
Тоа се смета за непочитување на навивачите, но УЕФА не е имуна на пари и промени, па веројатно и преселба на финалето на друг континент веќе никого не би зачудила.

Бускетс е „натрапникот“ во „црвената фурија“

Националниот тим на Шпанија само со еден фудбалер на Барселона се појави на лондонски „Вембли“ при гостувањето кај Англија во Лигата на нациите. Ваква „Де-Барселонизација“ не се памети одамна, а особено е зачудувачки што нов селектор е човек кој играше и беше тренер на каталонскиот гигант.

Одлуката на Луис Енрике да не го земе левиот бек Жорди Алба предизвика многу реакции во шпанската јавност, Жарарт Пике се повлече, па сега само Серхио Бускетс остана да ја брани честа на клубот кој е првак на Шпанија. Покрај Бускетс кој беше стартер, во составот беше и Серџи Роберто, кој влезе во второто полувреме и играше на позиција поразлична од таа на којашто настапува во дресот на Барса.

Во Барселона не ни има други играчи кои би можеле да конкурираат за место во репрезентацијата на Шпанија, освен можеби некогаш Денис Суарес, и Мунир Ел Хадади, за кој уште не се знае дефинитивно дали ќе игра за сениорската репрезентација на Шпанија или Мароко. Пред неколку години, на еден пријателски меч со Уругвај, во составот имаше дури 9 играчи на Барселона, а ќе беа и 10 да не се повредеше Чави.

Гаскоњ на 51 година сака да игра за Англија

Пол Гаскоњ побара од англискиот селектор Герет Саутгејт да го стави во тимот на утрешниот натпревар помеѓу Англија и Швајцарија, на стадионот во Лестер. Славниот Гаскоњ има 51 година, во кариерата играше за Тотенхем, Њукасл, Лацио и Глазгов ренџерс, а со Саутгејт беа соиграчи на Европското првенство во 1996 година.

„Да си ми жив Герет. Утре со мојот менаџер ќе бидам во ложата. Ќе поминам да те видам, ќе видам што може да помогнам. Носам копачки број 44“, напиша Гаскоњ на „Твитер“ откако Саутгејт изјави дека на „Гордиот Албион“ во средниот ред му фали еден играч од типот на Гаскоњ кој знае да одлучи натпревар.

Гаскоњ за својата репрезентација последниот меч го одигра во мај 1998 година, на еден месец пред почетокот на Светското првенство во Франција.

НБА отвора продавница во Милано

Кошаркарската НБА-лига во текот на наредната сезона, ќе отвори своја официјална продавница во Милано, и тоа ќе биде прв таков објект во Европа. НБА има две главни продавници во Њујорк, годинава една се отвори во катарската престолнина Доха, а пред Нова година ќе има и една во италијанскиот град на модата.

Во тие НБ- продавници се продаваат само официјални и оригинални продукти, како дресови, маици, приврзоци, и останати производи поврзани со НБА-тимовите. Желбата е продавницата во Милано да се отвори пред католичкиот Божик на 25-ти декември.

Локацијата во Милано ќе биде во Галерија Пасарела, многу блиску до плоштадот „Сан Бабила“. Со отворањето на продавницата во Европа, ќе се зголеми продажбата и на Стариот Континент, што е голем плус за маркетингот на лигата. Европските љубители на НБА веќе нема да чекаат и да мораат да нарачуваат оригинални производи кои долго патуваат со бродови.