22.8 C
Skopje
четврток, 14 август 2025
Дома Blog Страница 9751

Ливерпул со најдобар старт во последните 57 години

Ливерпул го победи Пари Сен Жермен и стигна до три бода во Лигата на шампионите. Овој триумф има поголемо значење ако се знае дека гигантот од „Енфилд роуд“ стигна до шестата победа по ред откако е започната новата сезона.

Ваков победнички старт во Ливерпул не паметат цели 57 години. Последен пат навивачите се радувале на шест победи по ред, на стартот од сезоната, во далечната 1961 година. Оттогаш поминале многу генерации на играчи во Ливерпул и никој не победил на сите шест меча по ред.

Ливерпул има пет победи во Премиер лигата и го дели првото место заедно со Челзи, а сега се радуваше и во Лигата на шампионите. Едноставно, избраниците на менаџерот Јирген Клоп покажуваат дека имаат победнички карактер, што се покажа и на дуелот против ПСЖ.

Роберто Фирмино во судиското надополнување даде гол за радост и триумф од 3-2.

На ваква атмосфера не може да се загуби (Видео)

Црвена ѕвезда успеа да се одбрани и да остане непоразена во дуелот против Наполи, во првото коло од Лигата на шампионите. Некогашниот европски првак за прв пат по 26 години се врати во групната фаза од елитната лига и покажа дека заслужено е таму.

Стадионот „Рајко Митиќ“ беше исполнет до последното место, а навивачите во текот на сите 90 минути даваа беспрекорна поддршка за „црвено-белите“. Посебно убаво беше да се види кореографијата и атмосферата која Делиите ја направија пред почетокот на средбата.

Алиоски не го дава врвот во Шампионат лигата

Македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски одигра одличен меч за Лидс, а лидерот на табелата во Шампионат лигата го декласира Престон со 3-0.

Купер и на два пати Робертс беа прецизни за продолжување на импресивната серија на Лидс. По осум кола, клубот од Јоркшир има 18 бодови со пет победи и три нерешени средби.

Алиоски вообичаено беше стартер, го одигра целиот меч и не знае за пораз од стартот на новата сезона. Со новиот триумф Лидс сè повеќе ја истакнува кандидатурата за директен пласман во Премиер лигата, иако сè уште е првата фаза од шампионатот.

Икарди: Можеме да играме против секого

По неколку години отсуство, Интер повторно е дел од Лигата на шампионите. „Нераѕурите“ во првиот меч играа на свој терен, и тоа против Тотенхем. Англискиот тим имаше водство од 1-0, и така беше сè до неколку минути пред крајот.

Во 86-тата минута капитенот Мауро Икарди со прекрасен волеј удар израмни на 1-1, а потоа, во судиското надополнување Стефан де Вреј погоди за голема победа на калчолигашот.

„Сите беа во шеснаесетникот, но јас останав надвор. Асамоа ми даде фантастична топка, а јас погодив. Денеска го направивме тоа што требаше да го направиме. Знаеме дека сме силен тим и дека можеме да играме против секого. Овој меч го чекавме повеќе од три месеци и сега ни даде дополнителна сила. Сепак, сега мора да останеме смирени и да продолжиме да играме во ист ритам“, рече Икарди по средбата со Тотенхем.

Во групата на Интер се уште и Барселона и ПСВ Ајндховен.

Стеауа е рутина за Вардар

Вардар продолжува победнички во новата сезона, а вечерва рутински е победена Стеауа со 27:21 во четвртото коло од СЕХА-лигата.

Македонскиот првак од стартот покажа кој е фаворит, а разликата по првиот дел само го потврди епитетот што го имаат „црвено-црните“. Вардар замина на одмор со предност од 15:11, која на крајот ја зголеми за уште два гола, за триумф од 27:21.

Ова е четврта победа на неколкукратниот шампион на СЕХА-лигата во новото издание на Регионалното натпреварување, а учинокот е максимален по четири кола.

Најефикасен кај Вардар беше Дмитри Киселјев со пет погодоци, колку што имаше и Кристопанс од пет удари, а по три пати мрежата на Стеауа ја тресеа Мораеш и Недановски.

Кај Стеауа, екипата која дебитира во СЕХА, најефикасен беше Марин Вегар со шест погодоци.

Работник го декласира Пелистер во битолското дерби

Неочекувано лесно и високо, со разлика од 11 голови, помладиот битолски прволигаш го доби локалното дерби со Пелистер. Одложениот меч од првото коло во Суперлигата се играше денеска, а, условно кажано, гостите славеа убедливо со 33:22.

Милан Ѓукиќ беше незадржлив за одбраната на Пелистер и постигна феноменални 13 голови, а на дебито Филип Кузмановски шест пати беше прецизен за Работник Еурофарм.

Кај Пелистер, екипа која одигра многу слаб меч, најефикасен беше Табангет со пет погодоци.

 

Трајковски и Несторовски на принуден одмор, суспендирана е Серија Б

Италијанските медиуми објавија шокантна одлука на Административниот суд, според која суспендирана е втората фудбалска лига, или популарната Серија Б.

Одлуката ќе важи сè додека не се одлучи конечно дали ќе се продолжи натпреварувањето со сегашните 19 клуба, или како што првично требаше со 22.

Ова значи дека на принуден одмор ќе одат нашите репрезентативци од Палермо, Илија Несторовски и Александар Трајковски.

Интересно е што веќе се одиграа три кола со непарен број клубови, 19, па стаса одлуката на Судот.

Првично, во Лигата требаше да играат Авелино, Бари и Чезена, но тие имаа финансиски проблеми, па се откажаа. По нив за настап се пријавија Сиена, Катанија, Тернана, Новара и Про Верчели, па сега треба да се донесе одлука и да се отплетка правниот јазол што се заплетка пред почетокот на Серија Б.

Според најавите, конечната одлука најбрзо би можела да се донесе во петок.

Кубанците го загубија сјајот, испаднаа во првиот круг на СП

Кубанците го загубија чекорот и стариот препознатлив одбојкарски сјај и нивната елиминација по првиот круг на Мундијалот во Италија и Бугарија е најголемото изненадување на турнирот досега.

Кубанците имаат медали од сите големи натпреварувања и се една од највлијателните одбојкарски нации, но сега потфрлија. Само со една победа и четири порази беа претпоследни во групата Д, недоволно за пласман во следната рунда.

Денеска им се приклучија и Кина, по поразот од Бразил, и Тунис, очекувано со пораз од САД.

Иако се игра последното коло во првата фаза по групи, веќе се познати сите 16 селекции кои ја продолжуваат битката за медали.

Во втората рунда ќе играат:

Италија, Белгија, Словенија, Аргентина, Бразил, Холандија, Канада, Франција, САД, Србија, Русија, Австралија, Полска, Иран, Бугарија и Финска.

Лео се израмни со легендата Раул

Лигата на шампионите само што започна, а Лионел Меси веќе достигна еден рекорд. Со погодокот против ПСВ Ајндховен, Меси се израмни со легендарниот напаѓач на Реал, Раул Гонзалес.

Тоа се двајцата играчи кои успеале да дадат барем по еден гол во 14 последователни сезони во Лигата на шампионите. На „Камп ноу“, Аргентинецот погоди од слободен удар за радост на домашните фанови. ПСВ е јубилејниот 30-ти клуб против кој Лео постигнува погодок во елитната лига на УЕФА.

 

Англиски нисколигаш растура со продажба на дресови во Шпанија

Тазе формираниот англиски клуб Клаптон ЦФЦ погоди во целта со изборот на дресовите, а продажбата им оди одлично, и тоа во Шпанија.

Симболот на клубот е борбата на шпанските Републиканци против диктаторот Франко во шпанската граѓанска војна, а тоа допре до Иберискиот Полуостров и оттаму стаса нарачка на над 5 илјади дресови на Клаптон.

Интересно е што раководството на Клаптон беше изненадено од големината на порачките, па сега не прима повеќе побарувања за дресовите на клубот.

Заработката досега им е околу 60 илјади фунти, што е одлична сума за тазе формиран клуб од пониските лиги во Англија.