21.8 C
Skopje
недела, 17 август 2025
Дома Blog Страница 9767

Денот кога се промени фудбалот!

Датумот 17-ти септември засекогаш ќе го паметат во Барселона. Тоа е денот кога точно пред 18 години во каталонскиот гигант пристигна Лионел Меси. Тогашното 13-годишно детенце пристигна од Аргентина со цел да покаже дека во него има вонсериски талент.

Во познатата школа на Барселона, популарната „Ла Масија“, никогаш претходно се немаше појавено таков талент. Детенцето кое имаше потреба да прима и хормони за раст, во Барселона ги доби сите потребни услови за да израсне во еден од најдобрите фудбалери на сите времиња. Токму денеска, Меси слави полнолетство во Барселона, а неговото име засекогаш ќе остане запамтено во каталонскиот гигант.

Откако ги помина сите младински категории, Меси дебитираше за сениорскиот тим во 2004 година и досега одигра вкупно 642 средби во сите наптреварувања. Зад неговото име има запишано 556 погодоци и 239 асистенции.

Меси може да се пофали дека со Барселона има освоено девет титули во Примера дивисион, осум трофеи во шпанскиот Суперкуп, шест во Купот на земјата, четири во Лигата на шампионите, три Суперкупа на Европа и три Светски клупски првенства.

Освен на клупско ниво, кога се во прашање наградите, тој е неверојатно успешен и на поединечен план. Меси пет пати ја освојуваше Златната топка, a исто толку пати ја добиваше и Златната копачка. Неговото доаѓање во Барселона, едноставно, го промени фудбалот.

Каталонците се жалат на новите термини за ЛШ

Раководството на Барселона се плаши дека утре, кога ќе игра од 18.55 часот против ПСВ Ајндховен, ќе има помалку публика на „Камп ноу“ отколку кога играле од 21 часот или во стариот термин за Лигата на шампионите од 20.45.

За шпанските клубови не е ништо чудно кога се игра во работни денови мечевите да почнуваат и по 22 часот, па затоа овој термин од 19 им делува безмалку денски.

Терминот од 19 часот не е според шпанските навики за одење на стадион, особено не во најголемиот каталонски град, каде што работното време е такво што може многу луѓе да не се во можност да дојдат на стадион и да го гледаат овој меч од елитното натпреварување. Особено проблем да стигнат навреме ќе имаат фановите кои се од другите градови.

Другите пет меча (по два пати со Интер и Тотенхем и гостувањето кај ПСВ) од првата фаза во ЛШ, Барса ќе ги игра со почеток во 21 часот.

Саутхемптон дома никогаш не победил во понеделник

Дуелот меѓу Саутхемптон и Брајтон е можеби најинтересниот што ќе се игра денеска низ европските стадиони. Мечот на стадионот „Сент Мери“ почнува во 21 часот.

Двата тима имаат по 4 бода во првите четири кола во Премиерлигата. Победија по еднаш, двапати губеа, а еднаш одиграа и нерешено. Формата на Саутхемптон е во нагорна, а на Брајтон во надолна линија.

Неизвесен е настапот на Шејн Лонг и Чарли Остин, кои имаат повреди, па нападот на Саутхемптон ќе биде ослабен, но тоа не треба да биде пречка за домашните да слават. И Брајтон нема да биде комплетен, на повреда се жали Паскал Грос.

Во понудата на „Спортлајф“, примамлива е квотата 2.15 за двојна шанса &2-4 гола. Коефициентот за единица е 2.10, за двојка е 3.70, додека за нерешено е 3.20.

Саутхемптон има само една победа на последните 13 домашни натпревари и ова им е прилика да го прекинат малерот. Тимот од југот на Англија треба да прекине еден голем малер, а тоа се домашните мечеви кои се играат во понеделниците. Саутхемптон никогаш не триумфирал на свој терен кога играл во првиот работен ден и тој е единствениот тим кој сезонава нема дадено гол во првото полувреме.

Брајтон го има Глен Мареј, од кого повеќе премиерлигашки голови во 2018 година дале само Салах, Кејн, Варди, Агуеро и Обамејанг. Брајтон нема постигнато гостински гол цели 5 часа и 20 минути, црна серија која почна во април.

На 28-ми август, „светците“ го победија вечерашниот ривал со 1-0. Тоа беше меч од Лига купот. Во минатата сезона, двата меѓусебни меча завршија со по 1-1.

 

Дејан Недев со две злата на ЕП

Македонскиот репрезентативец во традиционално карате, Дејан Недев, на Европскиот шампионат викендов во Белград освои два златни медали во конкуренција на постари сениори од 35 до 49 години.

Недев стана европски првак во дисциплините ката и фукуго. Нашиот национален тим освои вкупно 10 медали, од кои три златни, четири сребрени и три бронзени. Со злато се закити и Мила Саздова во кати за јуниорки.

Јадранка Недева беше втора во ката и трета во кумите за сениорки, Ристо Сакалиев беше трети во ката и во кумите за ветерани. Македонските каратисти освоија сребра во ката тим младинки и ен-бу маж/жена за сениори. Спасе Стојанов за малку не освои медал во борбите за сениори.

На ЕП настапија 286 натпреварувачи од 20 земји.

Сари: Азар може да постигне 40 гола

Оваа сезона може да биде на Еден Азар. Белгиецот ја пренесе одличната форма од Мундијалот и на стартот од Премиер лигата, по пет меча брои пет погодоци и три асистенции, и покрај тоа што во првите два натпревари влегуваше од клупата. Неговиот менаџер, Маурисио Сари, вели дека тој има способност да постигне и 40 погодоци во една сезона, иако е рано, засега е на добар пат да стигне до двоцифрен број погодоци.

„Азар може да постигне 40 гола во една сезона, сигурен сум во неговите квалитети, неколку пати му го повторив истото. Тоа го покажа против Кардиф, сѐ друго му останува нему“, вели Сари.

Челзи по првите пет натпревари, е на чело на табелата во Премиер лигата со 15 бода, исто колку и Ливерпул, но со подобра гол-разлика.

Вејд одлучи: Подготвен сум за последниот танц

Легендата на франшизата од Флорида, Двејн Вејд, вчера на социјалните мрежи истакна дека е подготвен да одигра уште една сезона во НБА, во дресот на Мајами, која ќе биде негова последна пред да влезе во кошаркарската историја.

Триесет и шестгодишниот бек со емотивна видеопорака го образложи неговиот следен чекор во кариерата, ќе ја игра шеснаесеттата сезона, а во следните денови треба да потпише ветерански договор со Мајами во вредност од 2,4 милиони долари.

„Секогаш работите ги правев на свој начин. Носев добри и лоши одлуки, но поради тоа, стигнав тука каде што сум, мислејќи дека правам добро за мене и за своето семејство. Чувствувам дека е исправно да ве замолам да ми се придружите во последниот танц на кошаркарските терени“, вели Вејд.

Вардар цели кон нова победа, Металург да ја прекине „црната“ серија

Вардар и Металург утре, односно среда, ќе настапат во четвртото коло од регионалното ракометно натпреварување, СЕХА-лигата, во кое и двете екипи целат кон победи – Вардар да продолжи со низата победи, а Металург да стави крај на „црната“ серија од три порази во низа.

Тренерот на „црвено-црните“, Роберто Пародно, вели дека Стеауа ќе биде тежок предизвик, но неговите ракометари утре мораат да продолжат во исто темпо.

„Стеауа е добар тим, ги гледав нивните три претходни натпревари во СЕХА. За да оствариме позитивен резултат, мора да бидеме максимално фокусирани и да не дозволиме да падне нивото на интензитетот“, истакна Парондо.

„Од Стеауа очеквам да одиграат добар меч, бидејќи тие имаа повеќе време да се подготват за оваа средба. Ние емоционално и физички се потрошивме со Монпелје, но мора да продолжиме во исто темпо и во ова натпреварување. На секој меч мора да играме во ист ритам, со исто темпо и да освојуваме важни бодови“, истакна Дибиров.

Металург ден подоцна ќе се сретне со Извиѓач, тимот кој заедно со екипата од Автокоманда имаат по три порази на исто толку мечеви сезонава, па и двете екипи посакуваат да стават крај на серијата негативни резултати.

„Со Извиѓач сме во иста ситуација, имаат изгубено три натпревари, исто колку и ние. Кај нас дополнителен проблем се повредите, се надеваме дека набрзо ќе се среди таа ситуација. Располагаме со мал број измени, повторно под знак прашалник се Велковски и Јагуриновски, но мора да дадеме сѐ од себе и на овој меч. Резултатот е во втор план, наша цел е да формираме здрава македонска екипа“, истакна помошникот Оливер Димитровски, кој на прес-конференцијата дојде наместо тренерот Брестовац.

„Како што кажа и тренерот, маки мачиме со повреди уште од стартот на сезоната. На теренот се враќаме по поразот од ЛШ, кој јас лично не можам да го преболам. Недостатокот на измени е кобен на секој меч, тактички добро се поставуваме, но физички не издржуваме до крај. Сепак, тоа не треба да ни биде оправдување, мора да покажеме колку вредиме и во вакви тешки околности. Против Извиѓач гледам шанса за прва победа, која може да ни влијае во подигнување на самодовербата“, изјави Милан Лазаревски.

Натпреварот Вардар – Стеауа е закажан за утре, со почеток од 20.15 часот, додека Металург го пречекува Извиѓач ден подоцна, а мечот ќе стартува од 20.45 часот.

Дибиров: Во Вардар остана победничкиот менталитет

Левото крило на РК Вардар, Тимур Дибиров, смета дека иако летоска од клубот си заминаа некои важни играчи, останал победничкиот менталитет. Вардар како гостин го надигра европскиот првак Монпелје со 27:24.

„Не сум толку изненаден што победивме во Монпелје, бидејќи ни остана менталитетот на победници и знаеме што правиме. Без разлика кој ни е противник, дури и против европски првак на гости, ние имаме врежано дека треба да победиме. Се бориме до крај. Мечот против Монпелје покажа дека нема лесно да се освојуваат бодови против нас и сите ќе мора да играат со 110 отсто за да нè победат“ – изјави Дибиров.

Тренерот Парондо посакува да се намалат падовите во одредени периоди.

„Победата против Монпелје беше многу важна бидејќи покажавме дека имаме силен тим. Проблем е што немаме толку многу играчи како лани, ротацијата ни е малку намалена и затоа треба да направиме да бидеме константни и да не дозволиме да се повтори падот на играта како во подготвителниот период. Ако се елиминираат осцилациите, ќе бидеме уште подобри“, смета шпанскиот стручњак.

 

Трајковски: Само се обидувам да ја оправдам укажаната доверба

Македонскиот репрезентативец, Александар Трајковски, вчера направи свое шоу во победата на Палермо против Фоџа од 2-1. Неговиот тим се најде во негатива по првите 45 минути, а потоа максимално допринесе за комплетен пресврт. Прво во 54-тата минута Трајковски му асистираше на Салви при изведување на слободен удар, а во 62-та минута со гол од повеќе од 20 метри му донесе водство на Палермо, што воедно значеше и победа за гостите.

„Знаевме дека ќе биде тешко да издвоиме триумф. Го поправивме впечатокот од првото полувреме и брзо се вративме во игра. Среќни сме што си заминавме дома со три бода, се надевам ќе продолжиме во исто темпо. Јас само се обидувам да ја оправдам укажаната доверба, Тедино ми дава многу доверба и слобода во играта, а јас сум среќен што можам да помогнам на мојот тим кога е најпотребно“, истакна Трајковски за италијанските медиуми.

Роналдо: Бев под притисок, со нетрпение го чекав првиот гол

Најскапото засилување во историјата на Јувентус, Кристијано Роналдо, вчера конечно го проби мразот и постигна два гола за својот нов тим и практично ја донесе победата над Сасуоло.

На петкратниот освојувач на Златната топка му беа потребни 28 удари кон голот и 320 минути за дебитантски погодок, па по мечот истакна дека поради тоа што бил напнат, му било потребно толку време за нешто што редовно го правеше во дресот на Реал.

„Ова е фудбал, најважно е тимот да победува. Бев напнат откако го напуштив Реал, дополнителна нервоза ме притискаше и тоа што немав дадено гол, од мене се очекува многу, па сакам да ги оправдам тие очекувања. Благодарение на моите соиграчи, успеав да погодам, но повеќе ми е мило што придонесов за победата“, истакна Роналдо по мечот со Сасуоло, во кој Јуве триумфираше со 2-1.