По ОИ, Федерер потврди дека ќе игра и на Ролан Гарос

Роџер Федерер и на 38 години има мотив да учествува на големите натпреварувања и да реди успеси, а откако потврди дека ќе ја претставува својата земја на ОИ во Токио следната година, популарниот „Федекс“ сега го потврди и учеството на Ролан Гарос. Oтвореното првенство на Франција ќе се игра од 24 мај до 7 јуни, а потоа Федерер ќе се подготвува за Олимписките игри на кои ќе цели на прво злато во сингл.

Минатата година Федерер се појави на француската земјена подлога по три години пауза, а претрпе елиминација во полуфиналето токму од освојувачот Рафаел Надал.

„Ќе играм на Ролан Гарос, но во меѓувреме нема да ја трошам енергијата бидејќи одлучив да се појавам и во Токио. Ќе ми треба одмор и пред првенството, а и по него, сакам да бидам максимално подготвен за Олимписките игри“, истакна Федерер.

Швајцарецот иако има 20 гренд слем титули, само една му е од Ролан Гарос, додека на најпопуларниот светски спортски собир досега има освоено едно злато во дубл, како и едно сребро во сингл категоријата откако во 2012 година загуби од Енди Мареј во финалето во Лондон.

- Оглас -

Најнови вести