13.8 C
Skopje
недела, 9 ноември 2025
Дома Blog Страница 10072

Гол шоу на „Балаидос“ (Видео)

Селта и Валјадолид одиграа 3:3, додека Еибар беше подобар од Леганес со 1:0 во двата попладневни меча од шпанската Примера.

Во Виго, домашните во 9 минута водеа со 2-0, а кога погоди Јаго Аспас во 54 минута за 3-1, се чинеше дека Селта ќе ги освои трите бода. Но, упорниот Валјадолид одби да се предаде, и во 94 минута со голот на Леонардо Суарез, дојде до бод, шокирајќи ги присутните 16.000 гледачи на „Балаидос“. Валјадолид кој се врати во елитното друштво, уште не знае за победа сезонава, и има три бода.

Ова е голот кој ја шокираше Селта, а му донесе радост на Валјадолид:

https://streamable.com/1btxk

До крајот на денот, во Шпанија ќе се одиграат уште два меча и двата во главниот град. Хетафе е домаќин на Атлетико, а Реал Мадрид го пречекува Еспањол.

Алиоски не можеше да го спаси Лидс (Видео)

Најавите дека Лидс нема доволен фонд на квалитетни играчи за да се истурка целата сезона во Чемпионшип со добар ритам на победи, се потврди денеска со поразот од Бирмингем. Утеха за Езџан Алиоски е што успеа да се запише во листата на стрелци, и да покаже дека е во добра форма, за разлика од некои клупски колеги.

Лидс загуби со 1:2 од тим на кого ова му е прва победа сезонава. Алиоски го даде почесниот гол во 85 минута. Лидс имаше среќа што и ривалите не се прославија, па Алиоски и другарите останаа лидери на табелата, сега заедно со Мидлсброу.

Но, трендот кај Лидс не е добар, имаат само една победа во последните пет меча и затоа тренерот Биелса размислува за засилувања од типот на Горан Пандев.

Сити со поплава од голови на кардифскиот дожд

Манчестер сити има шест бода и дури 10 дадени гола повеќе од градскиот ривал Јунајтед, и тоа ја отсликува разликата помеѓу овие два тима кои претендираат да се борат за титула во Премиерлигата.

„Граѓаните“ на дождливото време го разбија Кардиф, а составот на тренерот Мурињо не освои еден, туку загуби два бода против Вулверхемтон. Со голот на Фред, 500 различни фудбалери давале голови во дресот на „црвени ѓаволи“ низ богата историја на клубот.

Ливерпул е перфектен, дојде до нова рутинска победа за 18 бода од шест натпревари. Барнли во голем стил дојде до прватра радост сезонава.

Резултати: Фулам – Вотфорд 1:1, Барнли – Борнмут 4:0, Кардиф – Манчестер сити 0:5, Кристал Палас – Њукасл 0:0, Лестер – Хадерсфилд 1:1, Ливерпул – Саутемптон 3:0, Манчестер јунајтед – Вулверхемптон 1:1.

Од 18.30 часот играат Брајтон – Тотенхем.

„Недопирливиот“ Борец ја зголемува предноста

Со победата над гевгелиски Кожуф, екипата на Борец ја зголеми својата предност на врвот на табелата во втората македонска лига исток. Велешани имаат 15 бода од пет кола, триумфот над Кожув го обезбеди Христов од пенал во 86 минута, а во прилог им одеше и поразот на Брегалница во Кавадарци од Тиквеш.

На западот, нов лидер е Генч Калемлер, кој ја стигна Струга на врвот, а некогашното прволигашко дерби кое сега е битка за опстанок во второлигашка конкуренција, му припадна Тетекс, кој со гол во финишот го совлада Пелистер.

Резултати (Запад): Скопје – Велазерими 77 0:0, Генч Калемлер спорт – Кораби 3:1, Гоблен јуниор – Лабуништа 2011 0:0, Струга Трим Лум – Гостивар 1:4, Тетекс – Пелистер 2:1.

Резултати (Исток): Тиквеш 1930 – Брегалница 2008 1:0, Борец 1919 – Кожуф 2:1.

Хофенхајм не се снајде против десетмина „милионери“

Двата тима кои ја претставуваат Германија во Лигата на шампионите, Хофенхајм и Борусија Дортмунд, мораа да се задоволат со по еден бод во својот меѓусебен дуел, во попладневното дерби на Бундеслигата.

На претходниот домашен меч на Хофенхајм против Дортмунд, Хофенхајм обезбеди место во Лигата на шампионите, па клубот има прилично пријатни сеќавања од двобоите со „милионерите“.

За Борусија трае серијата од четири меча без пораз, додека за Хофенхајм, заврши низата од осум средби едноподруго без нерешен исход. Борусија вторпат сезонава ремизираше, додека Хофенхајм е во долната половина на табелата со скромни 4 бода (по една победа и нерешено, и два порази).

Водство на Хофенхајм му донесе засилувањето Жоелинтон, за кого ова е прв бундеслигашки гол. Во 76 минута проблемите за Борусија навидум се зголемија, откако Диало доби црвен картон, но само осум минути подоцна, Ројс асистираше до Пулишиќ, кој се врати после повредата, го даде својот прв гол сезонава, и гостите изедначија на 1:1.

Лидер на табелата е Херта Берлин, која има 10 бода од четири меча, и може да биде симната само ако Баерн слави вечерва или ремизира во Гелзенкирхен. Тимот од Берлин и го нанесе првиот пораз сезонава на Борусија Менхенгладбах.

Нирнберг после цели четири години, повторно победи на еден меч од германската елитна лига.

Резултати: Аугзбург – Вердер 2:3, Херта – Борусија Менхенгладбах 4:2, Хофенхајм – Борусија Дортмунд 1:1, Нирнберг – Хановер 2:0, Волфсбург – Фрајбург 1:3.

Од 18.30 часот се игра дербито Шалке – Баерн.

Илија Несторовски го разби малерот

Македонскиот напаѓач Илија Несторовски, денеска во 18 минута од мечот, првпат ја затресе мрежата на Перуџа, потоа во 68 минута погоди и од пенал, и со два гола, придонесе за триумфот на Палермо од 4:1.

За Несторовски ова беа први голови во Серија Б, после оној против Парма на 2 април. Третиот гол за Палермо го даде Александар Трајковски, кој потоа беше повлечен од игра.

Ова беа втор и трети гол сезонава за Несторовски. Тој погоди и на 12 август, при поразот на сицилијанците од Калјари, во Купот на Италија. Трајковски има два гола сезонава, откако првиот го постигна против Кремонезе во Серија Б.

На погодоците на Нестор-гол со кои е разбиен малерот, треба да се радува и селекторот Игор Ангеловски, кој и покрај „сушата“, веруваше во Несторовски како прва опција во нападот на „црвено-жолтите“. Одлични игри во континуитет прикажува Трајковски. Тој денеска не само што постигна гол, туку беше константна опасност за противникот, и беше и асистент при првиот гол на Палермо.

Палермо после четири меча, привремено се искачи на трето место во втората италијанска во 8 бода (две победи и две нерешени).

Еклстоун нема дилеми – Хамилтон ќе биде шампион

Поранешниот шеф на Формула 1, Берни Еклстоун, смета дека битката за титулата во овој спорт е одлучена, и Луис Хамилтон од Мерцедец ќе освои нова титула.

Доминацијата на болидите на Мерцедес годинава не е толку голема во однос на главниот конкурент Ферари, но во италијанскиот тим прават големи грешки во стратегиите, и тоа е една од причините што Хамилтон му побегна 40 бода на Себастијан Фетел.

„Мислам дека веќе е одлучено, немам дилема дека Хамилтон ќе биде светски првак. Несреќниот Ферари многу погреши со стратегијата на претходната трка во Сингапур. Погрешна им беше стратегијата околу влегувањето во бокс на Фетел. Такви грешки во Ферари не правеа во времето на Михаел Шумахер“ – изјави Еклстоун.

Како главен виновник што Фетел е во голема негатива, се посочува спортскиот директор на Ферари, Маурицио Аривабене.

„Јас сум виновникот, не е виновен ниту Фетел, ниту механичарите. Ги прифаќам критиките, но намерите ми беа најдобри“ – рече Аривабене.

„Модерните гладијатори“ се подготвени за спектаклот

Пред 20 века, најголемите гладијатори во тоа време се бореа за својот живот пред илјадници гледачи во Арените, а слично ќе се чувствуваат и боксерите Ентони Џошуа и Александер Поветкин, кои од 22.30 часот вечерва на „Вембли“ во Лондон, пред повеќе од 70.000 фанови на трибините ќе се борат за титулата светски првак во тешка категорија и тоа во четири од петте верзии.

Британската суперѕвезда Џошуа, ги брани четирите појаси, а петти меч по ред ќе боксува на стадион. Нешто што не е видено од времето на Џек Демпси и Џек Џонсон. Џошуа кој има 28 години, ќе ја има поддршката од своите сограѓани.

Од другата страна ќе биде еден од најискусните активни боксери. Поветкин ги освои сите можни титули во аматерскиот бокс, највреден му беше златниот медал на ОИ во Атина, а сега ќе се обиде од улогата на аутсајдер, да го преземе тронот.

Џошуа е повисок за 10 сантиметри од Поветкин, а има и за 17 сантиметри подолг распон на рацете. Поветкин беше соочен со ваков хендикеп и против Владимир Кличко, кога го претрпе единствениот пораз во кариерата. Одбраната му е послаба страна.

Спектаклот е загарантиран, борбата не смее да се пропушти. Директен пренос е најавен на ТВ Телма.

Роналдо заработува три пати повеќе од целиот тим на Фросиноне

По добиениот црвен картон во Лигата на шампиони, Кристијано Роналдо дефинитивно ќе се фокусира само на мечевите во Серија А. Јувентус утре ќе гостува на новиот калчолигаш Фросиноне и ќе се обиде да влезе во серија погодоци кога се работи за првенствени дуели.

За тоа против каков тим ќе игра Јувентус покажуваат финансиите. Кристијано сам заработува три пати повеќе од сите играчи кои ги има Фросиноне. Само за споредба, Роналдо во Јувентус на неделно ниво добива неверојатни 646.000 евра, додека најплатениот играч на Фросиноне, Џоел Кембел на годишно ниво заработува 850.000 евра.

Италијанските медиуми успеале да пресметаат дека Роналдо заработува три пати повеќе од целата екипа на Фросиноне. Годишната плата на Роналдо е 31 милиони евра, додека годишниот буџет за плати во Фросиноне е 11 милиони евра.

Ова е денот на Роберт Левандовски (Видео)

Баерн Минхен вечерва ќе гостува кај Шалке во Гелзенкирхен, во можеби еден од најинтересните мечеви во Бундеслигата за ова коло. Актуелниот првак е голем фаворит против тимот кој лошо стартуваше во Бундеслигата. Роберт Левандовски е играчот кој е задолжен за погодоци во тимот на Баерн.

Ако се гледа според минатото, ова е ден на кој Левандовски направи чудо. Пред точно три години на 22 септември, на „Алијанц Арена“ гостуваше Волфсбург. Левандовски беше на клупата за резерви, а гостите на полувремето водеа со 1:0. На почетокот на вториот дел влезе полскиот голгетер и нашрави вистинско шоу.

Во периодот од 51 до 60 минута на неверојатен начин даде дури пет гола. Попрецизно, на Левандовски му беа потребни 8 минути и 59 секунди за пет погодоци што е рекорд кој тешко дека некогаш ќе биде соборен.