Дома Blog Страница 10713

Валверде: Ленгле не заслужи црвен картон (Видео)

Тренерот на Барселона, Ернесто Валверде, по нерешените 2-2 на домашен терен против соседот Жирона, изјави дека исклучувањето на дефанзивецот Ленгле во 33-тата минута било престрого, иако судијата Хил Манзано гледаше снимка и со помош на технологијата ВАР ја донесе одлуката која го однесе мечот во друг правец.

„Исклучувањето беше клучен момент на мечот. Ние до тој момент имавме контрола, водевме со 1-0, а потоа Жирона среќно изедначи до полувремето и ни беше тешко да се вратиме. Не се согласувам со ВАР, дуелот не беше за исклучување. Првпат гледам да се извини некој врз кој е направено исклучување“, изјави Валверде, чиј тим е на делба на врвот во Ла Лига со Реал Мадрид.

Ова е ситуацијата во која Ленгле со лакот го удри в лице противничкиот играч Пере Понс:

https://www.youtube.com/watch?v=3Qv3pTuolUk

Жарарт Пике беше една од централните фигури во редовите на Барса. Тој покажа две различни лица. Најпрвин направи кикс при првиот гол на Стуани, а потоа се извади со погодокот за изедначување на 2-2.

Играч на Феенорд е најлош актер меѓу фудбалерите (Видео)

Феенорд вчера го победи Утрехт со 1-0, со голот на Робин ван Перси во 87-мата минута, но главен „јунак“ на средбата е 26-годишниот Стевен Бергхајс, кој се обиде на некоректен начин да го натера судијата да му покаже црвен картон на противничкиот играч.

Театралноста на Бергхајс стана хит на социјалните мрежи, а љубителите на фудбалот бараат од Холандската федерација да го казни ваквото однесување.

Проценете дали Бергхајс доби удар од кој треба да се лежи на тревата како да бил „удрен од тенк“:

Познати сите селекции за Топ 6

Репрезентациите на Србија, Полска, САД, Италија, Бразил и Русија ќе играат во фајнлфор-турнирот на Светското првенство во одбојка. По денешното комплетирање на втората групна фаза, нема веќе непознати, а патниците за разигрувањето во Торино може да се фокусираат пред трката за освојување на медалите.

На Полска ѝ беше потребна победа над Србија и успеа да слави, и тоа убедливо со 3-0 во сетови. Србите речиси и да немаа мотив за игра, па по сетови губеа со 25:17, 25:16, 25:14.

Американците се единствени што се без пораз. САД има осум победи во осум меча, откако денеска со 3:0 во сетови го победи Иран. Домаќинот Италија го загуби првиот сет против Холандија, но потоа ги доби следните три и го освои првото место во групата А, од каде што понатаму оди и Русија.

Резултати: Франција – Аргентина 3:1, САД – Иран 3:0, Русија – Финска 3:0, Словенија – Австралија 2:3, Бугарија – Канада 2:3, Полска – Србија 3:0, Белгија – Бразил 2:3, Италија – Холандија 3:1.

Црвена ѕвезда е супершампион на АБА-лигата

Црвена ѕвезда го надигра Будуќност со 89:75 во финалето на Суперкупот на АБА. Сè беше јасно уште по првото полувреме, кое српскиот првак го доби со преубедливи 57:32. Потоа, во вториот дел, „црвено-белите“ без проблем одржуваа предност со разлика од од 20-тина поени, малку попуштија во последните две минути, па предноста падна, но на крајот го кренаа победничкиот трофеј.

Суперкупот на АБА-лигата се играше во црногорското пристаниште Бар. Будуќност беше фаворит на хартија, бидејќи е актуелен првак на регионалната лига и нов евролигаш, но на тренерот Александар Џикиќ не му се пишува ништо добро во Евролигата, ако игра како вечерва против Ѕвезда, која ќе учествува во Еврокупот.

На патот до пехарот во Суперкупот српскиот првак беше подобар од Петрол Олимпија, Цедевита и Будуќност и најавува дека во претстојната сезона ќе биде главен фаворит за тронот.

И Ѕвезда и Будуќност летово направија големи измени во составите, Ѕвезда има и нов тренер, Милан Томиќ, и засега тимот делува како казнена експедиција, барем во дуелите со ривалите од АБА-друштвото. Седум играчи во победничкиот тим имаа 8 или повеќе поени.

Каталонците ја сопреа Барселона

Барселона веќе не е перфектна во шпанската Примера дивисион, и тоа благодарение на еден каталонски тим. Жирона е екипата која одигра херојски на „Камп ноу“ со 2-2 против актуелниот првак. По ова реми, Барселона сега има 13 бодови, колку што има и Реал Мадрид, но Кралскиот луб е втор поради послабата гол-разлика.

Стартот на мечот не навестуваше дека ќе има изненадување. Лионел Меси погоди во 19-тата минута за водство на фаворитот. Во 35-тата минута, по прегледување на системот ВАР, беше исклучен домашниот играч Ленгле. Предноста од фудбалер повеќе, Жирона знаеше да ја искористи.

Во 45-тата минута малиот тим од Каталонија со погодокот на Стуани израмни на 1-1, а истиот играч на почетокот на вториот дел, односно во 51-вата минута донесе сензационално водство за Жирона. Пике во 63-тата минута израмни на 2-2, но Барселона не успеа да стигне до посакуваната победа. Жирона со играч повеќе успеа да се одбрани и освои бод на „Камп ноу“.

Јувентус не се плаши, „гол-машината“ на Роналдо си работи (Видео)

Јувентус стигна до петтта победа во петтото коло на италијанската Серија А, откако со 2-0 го победи Фрозиноне на гостински терен. Иако „старата дама“ беше апсолутен фаворит, до победата стигна благодарение на два погодоци во последните 10 минути од мечот.

Фрозиноне одлично се бранеше сè до 81-вата минута. Тогаш, по една мешаница, топката стигна до Роналдо, кој излезе сам пред голот на домаќините и погоди за 1-0. За Роналдо ова е трет погодок сезонава и најавува дека полека се прилагодува на играта во италијанското Калчо.

https://twitter.com/IFTVofficial/status/1043956294208696322

Победата на шампионот ја потврди Бернардески со погодокот во 94-тата минута и „старата дама“ стигна до 15-тиот бод, потврдувајќи дека и оваа сезона е главен претендент за Скудетото.

Стакло на сите страни: Демолирана соблекувалната на судиите

Никако да стивнат реакциите по дербито меѓу Партизан и Црвена ѕвезда. Мечот се играше на стадионот на Партизан, домаќините имаа водство, а Ѕвезда израмни по еден сомнителен погодок. По ударот на Боаче со глава, голманот на Партизан, Владимир Стојковиќ, ја одбрани топката, но по сигнализација на помошникот арбитер, беше досудено дека топката ја поминала гол-линијата и тоа беше знак за 1-1.

По мечот, голманот на Партизан најави дека утре ќе се откаже од српскиот пасош и дека никогаш не му се случило вакво нешто. Малку подоцна се случи и инцидент кај соблекувалната на судиите, кои беа предводени од главниот арбитер Данило Грујиќ. Биле искршени сите стакла, а веднаш морало да реагира и полицијата.

Стојковиќ: Прв пат ми е срам што сум Србин, ќе се откажам од пасошот

Како и секое белградско дерби така и ова го одбележа еден момент по којшто ќе се памти. Тоа е погодокот кој го постигна Црвена ѕвезда за израмнување на 1-1. По еден корнер на гостите, Боаче со глава биеше, голманот на Партизан, Владимир Стојковиќ ја одбрани топката, но по сигнализација на помошниот судија, беше досуден погодок. Со тој гол, Ѕвезда израмни и стигна до бод во дербито.

Веднаш по мечот, чуварот на мрежата на Партизан бурно реагираше, дури се закани и дека поради скандалозната одлука да се признае голот, тој ќе се откаже од српскиот пасош.

„Срамно, прв пат ми е срам што сум Србин. Утре ќе се откажам од српскиот пасош. Не можам да се контролирам. Ова е срамно.  Никогаш во животот не сум видел вакво нешто да се случи, посебно на дерби. Мора 300 отсто да бидеш сигурен. Тој не можеше да ја види топката од мене. Јас бев внатре и успеав да ја извадам топката. Таа треба да биде внатре со цел обем. Секоја чест на играчите на Ѕвезда, на борбеноста и на сè што покажаа, но мене прв пат ми е срам што сум член на оваа држава“, рече веднаш по дуелот голманот Стојковиќ.

Гол е, не е гол, битно Ѕвезда си освои бод кај Партизан (Видео)

Партизан и Црвена ѕвезда ремизираа 1-1 во вечното белградско дерби. „Црно-белите“ се тие коишто може да жалат што не победија, бидејќи имаа водство, но не го сочуваа до крајот. Рикардо Гомез во 33-тата минута одлично продре и од околу 20 метри биеше неодбранливо.

Предноста на Партизан беше сè до 73-тата минута, кога Ѕвезда изведе корнер. Боаче со глава биеше, голманот Стојковиќ ја одбрани топката, но по асистенција на судијата кој е позади голот, главниот арбитар досуди дека топката ја поминала гол линијата и дека е погодок. Во Србија го нема системот ВАР, ниту гол-технологијата, па затоа мораше да се верува на одлуката на судијата.

https://youtu.be/t7NahPJJ6jU

По ова реми, Црвена ѕвезда остана лидер на табелата, но по седум победи по ред, сега прв пат не ги освои сите три бодови. Партизан од 9 меча сега има 20 бодови, колку што собра и Раднички Ниш.

Анонимен Полјак е новото голгетерско чудо во топ 5 лигите

Кжиштоф Пјонтек е играчот кој е откритие на сезоната не само во италијанската Серија А туку во топ 5 лигите. Полскиот напаѓач до пред три месеци беше дел од екипата на Краковија во полското првенство. Со 21 постигнат гол, беше најдобар стрелец во тимот, а трет голгетер во цела лига.

Тоа беше доволно за да направи трансфер во Џенова. Тимот во чиј напад е и Горан Пандев, направи одлична работа со доведувањето на Пјонтек. Даде четири милиони евра за трансферот, но играчот сега вреди многу повеќе.

Пјонтек со Џенова денеска загуби убедливо на гостувањето кај Лацио, но тој го даде единствениот гол за неговиот тим (1-4). Со тој погодок, Полјакот го достигна легендарниот Андриј Шевченко. Двајцата може да се пофалат дека во првите четири меча во Серија А, постигнале пет голови. Дури 19 години се чекаше за наследник на Шевченко.

Во Серија А дефинитивно има наследник на Шевченко, но радост е и за Полска, која го доби „новиот“ Роберт Левандовски. Пјонтек не беше повикан за репрезентацијата на Полска на Светското првенство во Русија, а немаше ниту еден настап во националниот дрес, но сега е иднината во која сите веруваат.

Во Серија А, Пјонтек даде еден гол против Емполи, два пати беше прецизен против Сасуоло, а потоа ги тресеше мрежите и на Болоња и Лацио. Во Купот на Италија одигра еден натпревар и беше неверојатен кога против Лече успеа да погоди четири пати.

Засега Пјонтек не само што е прв стрелец во Италија туку е и најдобар голгетер во топ 5 лигите, што, секако, е за неверување.