29.8 C
Skopje
петок, 18 јули 2025
Дома Blog Страница 9591

МЗТ „изгоре“ во Негорци

Блокотехна го совлада МЗТ Скопје Аеродром со 81:78 во последниот меч од првото коло во Првата македонска лига во кошарка. Гевгелискиот тим со борбеност и поголема снаодливост во тесната завршница, дојде до два големи бода на стартот на сезоната.

Блокотехна имаше 11 офанзивни скока, а МЗТ само еден, и тоа е доказ дека домашните беа многу поборбени.

Само неколку дена откако тренерот Ѓорѓи Кочов ги пофали кошаркарите на МЗТ дека играат со срце, тимот налета на помотивиран противник, кој потпомогнат од публиката, го најде патот до победата.

МЗТ почна ефикасно и во 12-тата минута водеше со 12 поени разлика, но домашните многу брзо ја стопија негативата и средбата ја насочија во правец кој беше посакуван за нив. Ниту еден тим до крајот не успеа да направи разлика поголема од пет поени.

Магдевски можеше да го донесе МЗТ во водство, но утна отворена тројка на 51 секунда до крајот, а на другата страна, Младеновиќ погоди две слободни за 81:78 и ја најави победата. Во пенал-завршница, гостите не го загрозија водството на Блокотехна.

Гаидус со 20 и Мијатовиќ со 17 поени беа најефикасни кај Блокотехна, а по 11 уфрлија Лефкоски, Глигоријевиќ и Николиќ. Кај МЗТ, Стојановски и Младеновски дадоа по 15, а Медфорд 14 поени.

Марез „се степа“ да го изведе пеналот за Сити и ја прати топката на трибините (Видео)

Ливерпул ја продолжи низата од 15 години без пораз на „Енфилд роуд“ во дуелите против Манчестер сити. Двете екипи кои се бореа за врвот на табелата во Премиер лигата, на крајот освоија по еден бод, откако мечот заврши 0-0. Овој резултат многу му одговараше и на Челзи, кој со победата над Саутхемптон, сега направи да има водечко трио (сите три екипи имаат по 20 бодови).

Ливерпул и Сити делуваа како повеќе да гледаат да не загубат отколку да се обидат да го добијат дербито. Двете екипи упатија само по два прецизни удари што е премалку да се матираат најдобрите одбрани (двете екипи имаат примено само по три гола сезонава).

Најголемата шанса за погодок ја имаше Ријад Марез за Сити. Во 86-тата минута беше досуден пенал за „граѓаните“. Бернардо Силва се намести да го изведе ударот од белата точка, но Марез покажа дека тој треба да шутира, па Португалецот се повлече. Наместо да ја затресе мрежата на Ливерпул, Марез шутираше многу непрецизно, односно високо, па топката заврши на трибините. До крајот на средбата немаше возбудувања, па Манчестер сити остана и по една и пол деценија без победа на „Енфилд роуд“.

https://youtu.be/x_xbr5q3L2w

Фенербахче на три бода од „фенерот“, јубилеј на Топал

Фенербахче и Башакшехир одиграа 0-0 во дуелот од турската лига, по кој славниот истанбулски клуб е на 15-тото место, само со осум бода, три повеќе од последнопласираниот тим на табелата. Средбата траеше 97 минути, но мрежите останаа недопрени.

Башакшехир е втор на табелата, но со реми понезадоволни се „канаринците“, на кои трите бода им требаа многу повеќе. Елиф Елмас играше 81 минута, пред да биде заменет со Роберто Солдадо.

Во 65-тата минута во игра влезе Мехмет Топал, дефанзивецот на Фенер за кого ова беше 500-ти меч во кариерата. Топал од 2012 е во Фенербахче и повеќе од половина од овие 500 средби му се како член на овој тим.

Хамилтон: Остин е добра патека за нас

Луис Хамилтон има шест победи на трките во САД, а седмата може да му донесе титула, но Британецот не е еуфоричен иако петтата титула ја има на дофат. Сепак, традицијата е на негова страна.

Пилотот на Мерцедес има 67 бода предност на четири трки до крајот и само чудо може да му ја одземе титулата. Математиката вели дека уште за две недели, во Остин, Хамилтон може да дојде до титулата со која би им се придружил на Михаел Шумахер и Хуан Мануел Фанџо.

„Патеката во Остин обично е добра за нас, одвај чекам повторно да се тркаме таму“, изјави Хамилтон, кој смета дека клучна била трката во Монца, на која тој победи и ја презеде контролата врз генералниот пласман.

 

Стружани ја „меркаат“ првата лига

Екипите на Струга Трим Лум, Лабуништа и Гостивар победија во денешните мечеви од осмото коло во втората лига Запад. Струга до триумфот од 1-0 на гостувањето кај Скопје дојде со погодокот на Александар Василев во 13-тата минута и го задржа врвот со два бода предност во однос на Лабуништа и Гостивар. Гостиварците славеа на гостувањето против Велазерими, додека Лабуништа го совлада Пелистер.

На Истокот, конечно се најде тим кој нема да загуби од велешки Борец. Кит-Го во Пехчево одигра 1-1 против лидерот, кој во 86-тата минута се извлече од пораз. Сега Тиквеш е втор, со четири бода зад Борец.

РЕЗУЛТАТИ ЗАПАД:

Велазерими – Гостивар 0-2, Лабуништа – Пелистер 2-1, Кораби – Тетекс 2-1, Скопје – Струга 0-1, Генч Калемлер – Гоблен јуниор 1-1.

РЕЗУЛТАТИ ИСТОК: 

Кит-Го – Борец 1-1, Брегалница – Плачковица 2-0, Тиквеш – Партизан Обршани 3-1, Вардар Неготино – Кожуф 1-2, Детонит јуниор – Каменица Саса 2-2.

 

Хрват и Србин му донесоа победа на Ајнтрахт

Хрватот Анте Ребиќ и Србинот Лука Јовиќ постигнаа по еден гол и на Ајнтрахт Франкфурт му донесоа победа од 2-1 на гостувањето кај Хофенхајм.

Ребиќ на три меча по ред во Бундеслигата дава гол, денеска погоди со лоб од голема далечина, но доби и црвен картон, па нема да игра во следното коло. Хофенхајм, со играч повеќе на теренот, успеа само да го ублажи поразот со погодокот на Англичанецот Нелсон.

По оваа победа, тимот од Франкфурт се искачи на седма позиција на табелата. Денеска се одигра уште еден меч, на кој Фрајбург и Баер Леверкузен не постигнаа гол.

Рос Баркли по стапките на Френк Лампард

Челси го зазеде првото место на табелата во Премиерлигата, барем до завршувањето на дербито помеѓу Ливерпул и Манчестер сити, откако славеше со 3:0 на гостувањето кај Саутемптон.

Еден Азар на последните 11 меча во сите натпреварувања, има 9 гола и две асистенции. За неговиот денешен гол, голема заслуга има Рос Баркли со прекрасна асистенција, а Баркли и самиот се запиша во листата на стрелци во второто полувреме.

Баркли е првиот Англичанец по Франк Лампард, кој имал и гол и асистенција за Челси на еден меч од Премиерлигата. Гол даде и резервата Алваро Мората.

Во Англија, навивачите се шегуваа на сметка на опремата која ја носеа гостите од Лондон. Велат дека дресовите на Челси биле сиви како времето во Англија, но барем монотонијата ја разбиваат чорапите во портокалова боја.

За Саутемптон, ова е деветти домашен пораз од Челзи. Повеќе порази „светците“ на свој терен имаат само од Манчестер јунајтед, кој десет пати ги победувал на „Сент Мери“.

Милан фаќа ритам, Лацио пак пред Рома

Милан го победи Киево со 3:1 и потврди дека е во добра форма во последните неколку меча. „Росонерите“ со истиот резултат го победија и Олимпијакос во четвртокот во Лига Европа, а во минатото коло од Серија А, со 4:1 го надиграа Сасуоло.

Два гола на Игуаин и еден на Бонавентура, беа и повеќе од доволно Милан да му нанесе пораз на последнопласираниот тим на табелата. Сузо беше двоен асистент, а Бонавентура ја затресе противничката мрежа на својот 150-ти меч во дресот на Милан. Киево 13 години не знае за лигашка победа над Милан.

Лацио дома против Фиорентина и Сампдорија на гостувањето кај Аталанта, триумфираа со по 1:0, и сега лацијалите и тимот од Џенова се на трето односно четврто место на табелата. „Орлите“ после победата која им ја донесе Имобиле, имаат еден бод повеќе од градскиот ривал Рома.

Повторно немоќ во второто полувреме

Бјерингбро Силкеборг беше подобар од Металург, и на тимот од Автокоманда му го нанесе четвртиот пораз во четвртиот настап во групата Ц од Лигата на шампиони во ракомет. После негатива од 14-16 по првото полувреме, Металург падна во вториот дел и загуби со убедливи 25:33.

Она што му се повторува на Металург на секој натпревар, и овојпат беше случај. Сценариото речиси секогаш е добро и рамноправно прво полувреме, а потоа пад во играта и пораз на Металург.

Халил Јагањац даде 10 гола (од 15 шута) и беше прв стрелец на мечот, а Филип Арсеновски и Анте Токиќ реализираа по 4 гола, со што беа најрасположени во нападот на поразениот тим.

Македонскиот тим на гостувањето во Данска имаше поддршка од еден свој навивач од германскиот град Хановер. Човекот пропатувал 500 километри за да го гледа Металург, играчите му се потпишаа во неговиот албум со нивните слики, а претседателката Зорица Блажевска му подари дрес.

Глен Дејвис си замина откако бил пцуен од Алеш Пипан

Трансферот на некогашната НБА ѕвезда, Глен „Биг бејби“ Дејвис, во Задар, предизвика огромно внимание во кошаркарските кругови во Европа, но Американецот си замина уште пред да го одигра својот прв меч во јадранската лига.

Договорот беше потпишан во понеделникот, Дејвис дојде во Задар во средата, навивачите го гледаа на првиот тренинг во четвртокот, се очекуваше дебито против Цедевита, но во петокот, пред закажаното претставување, центарот се пожалил на цревна вироза.

Во Задар велат дека Дејвис сам решил да си оди, иако од клубот дале максимум за да го задржат. Дејвис увидел дека ќе треба да игра многу натпревари, дека АБА лигата е сериозна, и оти ќе треба на некои гостувања да патува по 7-8 часа, и одеднаш го зафатила носталгија. Побарал зголемување на платата, и да не мора да тренира двапати дневно.

Верзијата на кошаркарот е поинаква.

„Ме гледаа како некое лошо момче. Кога тренерот ќе користи најпогрдни зборови кон играчите, и ве третира лошо, тоа е проблем. Тешко е да се игра за таков човек. Жал ми е за навивачите на Задар, клубот мораше да плати повеќе за да останам таму“ – е изјавата на Дејвис која тој ја објави на Инстаграм, па ја избриша.