22.8 C
Skopje
четврток, 14 август 2025
Дома Blog Страница 9764

Подобро да играше, отколку да навива

Најдоброрангираниот тенисер на светот, Рафаел Надал, не е во составот на шпанската репрезентација за мечевите од полуфиналето на Дејвис купот против Франција, но објави фотографија на која гледа како неговите колеги играат и вели дека е навивач број 1 на „црвената фурија“.

Но, од тоа што Рафа навива пред телевизор, Шпанија нема голема полза. Шпанците во Лил губат со 0-2, а традицијата вели дека никогаш не успеале да победат после таква негатива.

Надал го повреди коленото во полуфиналето на САД опен, кога го предаде мечот со Хуан Мартин Дел Потро. Враќањето на теренот се очекува на азиската турнеја, каде лани победуваше и ќе треба да брани 1.100 поени во Пекинг и 1.000 на Мастерсот во Шангај.

Роберто Баутиста и Пабло Карењо не се на нивото на Надал, и денеска од 14 часот кога почна дуелот во двојки, Шпанците и официјално може да останат без финалето. Во другото полуфинале, Хрватска води со 2-0 против САД.

Бабунски доби 69 минути во Омија

Екипата на Омија Ардија ја совлада Мачида со 1:0 во дуел од втората јапонска лига, на кој настапи Давид Бабунски. Македонскиот фудбалер за првпат се појави на официјална средба во дресот на Омија, и на терен мина 69 минути.

Второпласираната Мачида имаше серија од девет натпревари по ред на мои не знаеше за пораз, четири меча по ред немаа примено гол, но другарите на Бабунски го најдоа патот до голот во 93 минута. Стрелец на победничкиот гол на стадионот во Саитама беше Хиројуки Комото.

Бабунски го носеше портокалово-синиот дрес со бројот 24 на грбот. Омија има четири победи на последните пет меча, и со овој триумф се искачи на шестото место на табелата, позиција која води во плејофот за влез во елитната јапонска лига.

Давид кој има 24 години, од неодамна е член на Омија, а претходно има играно за Барселона Б, Црвена звезда и Јокохама маринос.

„Зајди, зајди“ како мотивација за медал (Видео)

Веста дека Александра Агиурџукулезе од Италија освоила бронзен медал на Светското првенство во ритмичка гимнастика немаше да има место во главните спортски вести во нашата земја, но 17-годишната гимнастичарка својот настап го имаше со песната „Зајди, зајди“.

Фантастичната кореографија која ја направи Александра со координација на движења во ритамот на „Зајди, зајди“, ги примора судиите да и дадат добри оценки, и таа заврши на третото место на шампионатот во Софија, иако во квалификациите беше осма.

Оваа гимнастичарка е родена во Романија, а живее во Италија.

Погледнете како изгледа и звучи комбинација од „Зајди, зајди“ и ритмичка гимнастика:

https://www.youtube.com/watch?v=OE5xgIZJ-_w

Јуве веќе продаде дресови колку целата претходна сезона

Продажбата на дресови на Јувентус е зголемена за 145,5 проценти во однос на 2017 година, а сето тоа е резултат на купувањето на најдобриот фудбалер на светот за минатата година, и еден од тројцата најдобри за оваа, Кристијано Роналдо.

Популарноста на Португалецот си носи резултати на финансиски план, па Јуве за два месеци, во своите официјални продавници во Торино и Рим, како и преку интернет, продал ист број на дресови колку во целата сезона 2017/2018. Во целата Европска унија, во месец август, преку интернет се продадени 145,5 отсто повеќе дресови од лани истиот месец.

Поради огромниот интерес и побарувачка на дресови, нарачана е нова тура дресови кои треба да пристигнат кон крајот на октомври.

Во септември, дресовите на Јуве со името на Роналдо на грбот, се најпродавани во Италија и Австрија. Во Шпанија и Велика Британија, дресот на Роналдо е дури седми по популарност.

Детските дресови на Роналдо, се продаваат за дури 245 проценти повеќе отколку лани, кога тој играше за Реал Мадрид.

Гинјард од Работнички во Орадеа

Маркус Гинјард, кој беше еден од најзаслужните за титулата на Работнички во минатата сезона, потпиша договор со романскиот прволигаш ЦСМ Орадеа. Искусниот 31-годишен кошаркар, првпат ќе игра во Романија.

Човекот кој студираше на Универзитетот Северна Каролина (таму учеше и Мајкл Џордан) и пет години играше за славниот тренер Рој Вилијамс, а во 2009 освои титула во НЦАА лигата. Гинјард не замина во НБА, туку почна европска кариера, а станици му беа Германија, Израел, Полска, Украина, Велика Британија, Грција, Франција, повторно Полска, Македонија, и сега Романија.

Гинјард во минатата сезона, тимот на Марин Докузовски, имаше просек од 15,9 поени, 5,1 скока и 2,2 асистенции по меч.

Во Орадеа, Гинјард треба да биде наследник на Шон Барнет, кој си замина поради здравствени проблеми. Со екипата на Орадеа, ќе игра и во Лигата на шампиони на ФИБА. Освен тоа што е одличен кошаркар , Маркус се покажа и како добар човек и хуманитарец.

Работнички претстојната сезона ќе ја почне со само еден странец, Бугаринот Чавдар Костов, а ако на клубот му биде симната забраната за купување странски играчи, ќе може дополнително да се засили.

Али не сака повеќе да крие: Ме споредуваа и навредуваа со Осама Бин Ладен

Ме нарекуваа Осама Бин Ладен, а во 2015 година крикет репрезентативец на Австралија толку навредливо и гласно го кажа тоа, што мислам дека сите го слушнаа, вели Моен Али, познат крикет играч од Англија.

Али има потекло од Пакистан, но е роден во Бирмингем и игра за Англија. Во Кардиф на Куп меч во 2015 година, бил навредуван од ривал од австралискиот состав, па сега по неговото запис во автобиографијата најавена е истрага за инцидентот.

„Земи го ова Осама“, ми рече противникот од Австалија. Збеснав, но никој не реагираше. Мислам дека сите присутни ја слушнаа навредата, која ми се случуваше толку често во кариерата. Не сакам повеќе да молчам, пишува Моен Али во автобиографијата.

Тој беше избран за  најдобар играч на крикет во 2015 година и има дузина индивидуални признанија, како еден од најдобрите во оваа игра.

Стерлинг бара богатство, Манчестер сити одби да преговара

Рахим Стерлинг бара вистинско богатство од 15 милиони евра вкупна годишна плата во Манчестер сити, а челниците на клубот велат дека тоа е премногу. Проблем во преговорите за нов договор меѓу двете страни има, но „граѓаните“ се оптимисти дека ќе се надминат и дека Стерлинг ќе продолжи да игра за шампионот на Англија.

Моментно, платата на офанзивецот во Манчестер сити е 10 милиони евра на годишно ниво, а менаџерите на Стерлинг бараат зголемување од 100 илјади фунти неделно.

Во клубот се расположени постепено да му ја зголемуваат платата на Рахим, но не до 15 милиони евра годишно.

Најплатен играч на Сити, моментно е Кевин Де Брујне со основна плата од 300 илјади евра неделно, која со бонуси доаѓа до ниво од околу 350 илјади евра, или годишно нешто повеќе од 17 милиони евра.

Мириса на нови струмички бисери – Шест генерации во 1/4 финале со само еден примен гол

Шест различни генерации талентирани млади фудбалери на Академијата на Пандев ќе играат во четвртфиналето на Купот на Македонија, а сите заедно примија само еден гол што претставува вистински раритет.

Горан Пандев може да се гордее со својот фудбалски проект, а потврда дека се оди во вистински правец се резултатите на најмладите.

Во текот на оваа седмица се играа осминафиналните натпревари за помлади категории фудбалери и Академија Пандев забележа максимален ефект, шест од шест.

Генерацијата на фудбалери родени до 2000 година единствена прими гол, но успеа да ги елиминира врсниците од Ренова со победа од 2:1.

Една генерација помладите дечиња од струмичката школа на Пандев славеа против истиот противник со 2:0, а генерацијата фудбалери до 2002 година беше слободна на патот кон одбрана на титулата.

Најубедливи беа фудбалерите родени до 2003 година со триумф од 3:0 против Победа, а и тука Академија Пандев ја брани круната.

Во двете градски дербија на генерациите фудбалери до 2004 и 2005 година Академците на Пандев ја победија Беласица со 1:0, односно 2:0 за феноменален ефект на шестте генерации талентирани фудбалери од струмичкиот регион под патронат на Горан Пандев.

Порте го цени Вардар: Не се станува случајно шампион на Европа

Десниот бек и капитен на Монпелје, Валентин Порте очекува тежок меч против Вардар, во дербито на првото коло во Лигата на шампионите.

Денеска во салата „Рене Буњол“ од 17,30 часот ќе играат двата последни европски прваци. На актуелниот шампион Монпелје гостин ќе му биде Вардар, најдобриот европски состав од 2017 година.

„Вардар е искусен состав, иако имаше промени во играчкиот кадар. Беа шампиони во 2017 година и полуфиналисти во последното издание на Лигата на шампионите. Тешко ќе биде, погледнете им ги резултатите и успесите“, вели Валентин Порте.

Токму тој беше еден од главните „виновници“ за поразот на Вардар во Келн, на последниот фајналфор. Постигна дури 8 голови во полуфиналната пресметка против нашиот првак и беше најефикасен на теренот во победата на Монпелје од 28:27.

Францускиот состав потоа ја освои и шампионската круна и денеска е фаворит против Вардар, во премиерниот дуел од А групата во Лигата на шампионите.

Тедино: Кога Трајковски е физички подготвен нема шанса да го извадам од игра

Бруно Тедино има мака како да го најде патот до првата победа со Палермо во новата сезона во Серија Б, а го мачи и формата на двајцата македонски репрезентативци Александар Трајковски и Илија Несторовски.

Трајковски играше одлична прва сезона за Палермо, но потоа го „сардисаа“ повреди и се уште не игра во препознатлив стил, иако има најави дека формата му е во нагорна линија. Постигна прекрасен гол против Кремонезе во второто коло, одигра добро за Македонија против Ерменија и потсети на стариот Алекс, кој беше миленик на навивачите на Палермо.

„Ни недостасуваат поконстантни игри од Алекс. Кога е во топ форма и добро физички подготвен, тој е уметник со топка и никогаш не би го извадил од игра. Верувам дека ќе биде комплетно фит во продолжението од шампионатот и дека многу ќе ни помогне да тргнеме по патеките на успехот“, вели Тедино.

Палермо двапати одигра нерешено на стартот од новата сезона во Серија Б, а трета среќа за победа ќе бара на дербито со Фоџа, утре, на гостински терен.