19.8 C
Skopje
недела, 7 септември 2025
Дома Blog Страница 9846

Гласајте за вардаровата сензација – Милосављев кандидат за играч на колото во ЛШ

ЕХФ објави листа на кандидати за избор на играч на првата рунда во Лигата на шампионите, а на неа се наоѓа и вардаровата сензација, Дејан Милосављев.

Во дебито за Вардар во Лигата на шампионите, против европскиот првак Монпелје, Милосављев бранеше феноменално. Одбрани 15 удари, а тоа што го стори во 24. минута со неколкукратна одбрана во ист напад на Французите уште долго ќе се прераскажува. И заслужено ги доби двете признанија, најдобар голман во првото коло од ЛШ и местото во идеалниот состав на првата рунда, а сега може да се закити со уште едно убаво признание и да биде најдобар ракометар на стартот од луксузното натпреварување.

Покрај Милосављев, во конкуренција се Рико Ронберг од финскиот Рихимаен, потоа и Алекс Душебаев од Кјелце, Сигурдсон и Колбахер од Рајн Некар Левен, Гомез од Барселона и Обрановиќ од Мешков Брест.

Гласањето за најдобар ракометар во првото коло од ЛШ е на официјалната интернет страница на ЕХФ.

 

Во Белград да имаше стадион од 400.000 седишта, ќе беше распродаден

По 26 години чекање, Црвена Ѕвезда утревечер ќе биде дел од групната фаза во Лигата на шампионите. Српскиот првак на свој терен ќе го пречека италијанскиот калчолигаш Наполи. Уште од претходно се знае дека стадионот „Рајко Митиќ“ ќе биде исполнет до последно место и дека домаќините ќе имаат фантастична поддршка.

Сепак, ни гостите нема да бидат сами. Според најавите, во Белград ќе допатуваат 350 ултраси на Наполи. Фановите на Наполи се познати како едни од најопасните, па можно е утре, освен што се очекува битка на теренот, да биде „жешко“ и на трибините.

Тренерот на Наполи, Карло Анчелоти во Белград ги поведе своите најдобри играчи и најави дека не сака да стартува со кикс. Тоа значи дека „наполитнаците“ се заминати да ги освојат трите бода во Белград. Црвена Ѕвезда е аутсајдер во групата каде што уште се и Ливерпул и Пари Сен Жермен.

Претседателот на „црвено-белите“, Звездан Терзиќ најави дека интересот за сите три средби е неверојатен.

„Да имавме стадион кој собира 300-400 илјади гледачи, ќе беше распродаден. Екипата е подготвена за надигрување. Сега се очекува само спектаклот да започне“, рече Терзиќ, во исчекување на утрешниот дуел.

 

Лион ја качи цената за Елиф на 15 милиони евра, Фенер не сака да чуе

Лион нема намера да се откаже од ангажман на Елиф Елмас, а дознаваме дека понудата е покачена на 15 милиони евра, цена за која Фенербахче не сака да го продаде македонскиот фудбалски бисер.

Лион нудеше речиси двојно помалку пари за да го пресели Елмас од Истанбул на „Стад Жерлан“ во летниот преоден рок, а по блескавите игри на нашиот талент сега има нова понуда, двојно поголема.

Но, сега расте и цената на 19-годишниот играч, особено по одличните игри во квалификациите за ЛШ во дресот на Фенербахче и за македонската репрезентација во Лигата на Нации. Вчера „99-та“ на Фенер го постигна и првиот гол за гигантот од Турција, победнички против Коњаспор, па топ-формата му носи и многу понуди од големите клубови.

Интерес покрај Лион има и од Бенфика, се говори и за Манчестер сити, Манчестер јунајтед…, сите клубови од елитата и стандардни учесници во Лигата на шампионите.

Одлично за Елиф е што и Филип Коку, тренерот на Фенербахче има потполна доверба во него и му дава одлична минутажа во составиот на турскиот великан.

Евра го „учи“ Кошта: Зебрата е заштитен знак на Јувентус, а не ламата

Дуелот меѓу Јувентус и Сасуоло помина во знакот на двата погодоци кои ги даде Кристијано Роналдо, но сепак имаше и уште еден лош момент на средбата. Се играше 90 минута кога Далгас Кошта влезе во дуел со Федерико ди Франческо. Бразилецот неконтролирано се изнервира и на крајот директно в лице го плукна фудбалерот на Сасуоло.

https://youtu.be/tXLAbb0QB6g

Оваа неспортска реакција беше забележана од судијата и Кошта доби црвен картон. Дури и тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри најави дека ќе следува и клупска казна за Бразилецот. Околу овој инцидент на Кошта, интересна изјава имаше и некогашниот бек на Јувентус. Патрис Евра. Французинот кој беше дел од италијанскиот гигант од 2014 до 2017 година реши да го „потсети“ Кошта дека не смеел да го плукне противникот, но тоа го направи со интересен коментар.

„Добро знаеш дека симболот на Јувентус е зебра, а не лама. Ти се извини за својата постапка, но луѓето никогаш нема да знаат што ти кажа тој“, напиша Евра на својот инстаграм профил.

Реал покажа како ќе изгледа новиот „Сантијаго Бернабеу“ (Фото)

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез откри дека сериозно се размислува за реновирање на стадионот „Сантијаго Бернабеу“. Доколку се остварат најавите, домот на „кралскиот клуб“ ќе изгледа спектакуларно.

Од Реал Мадрид најавија дека ги чекаат потребните дозволи за да се започне со реализација на проектот, кој треба да биде финализиран до крајот на годината. Од клубот се надеваат дека ќе најдат и партнер кој ќе помогне во реконструкцијата, или некој спонзор кој подоцна ќе добие право за користење на одреден дел од стадионот.

Планот за реновирање на „Сантијаго Бернабеу“ е од 2014 година, но досега не е дадено „зелено светло“ за негова реализација. Реконструкцијата на стадионот би требало да чини околу 400 милиони евра.

Роналдо има тајна клаузула во договорот со Јувентус

Кристијано Роналдо конечно го скрши малерот и даде гол во дресот на Јувентус. Дури во четвртиот лигашки дуел, Роналдо погоди за Јувентус, и тоа не еднаш, туку два пати, на мечот против Сасуоло. Со двата погодоци на португалската ѕвезда, Јувентус стигна до нови три бода и победа од 2-1.

Актуелниот освојувач на Златната топка по девет години поминати во Реал Мадрид, за сума од 117 милиони евра дојде во Јувентус. Речиси еден месец се чекаше за неговиот прв гол, а сега кога се случи тоа, сите очекуваат серијата да не престане.

Роналдо во Јувентус годишно заработува 30 милиони евра, но постои можност да заработи дополнителни пет милиони евра. Во договорот постои клаузула според која Роналдо ќе добие 5 милиони евра ако на крајот од сезоната има просек од еден погодок по натпревар. Тоа сигурно е дополнителен мотив за Португалецот да продолжи да ги решета противничките мрежи.

Засега неговиот биланс е два гола во четири натпревари, но многу лесно може да го постигне посакуваниот просек од еден погодок на средба.

Во игра се речиси две милијарди евра

Европската куќа на фудбалот (УЕФА) реши да го зголеми наградниот фонд за учесниците во Лигата на шампионите. Елитната фудбалска клима започнува утревечер, а вкупно 32 клубови ќе се борат за континенталниот трон.

Во споредба со минатата сезона, паричната награда која ја дава УЕФА е многу поголема. Ако минатата сезона беа поделени вкупно 1,3 милијарди евра, за оваа сезона вкупниот награден фонд е неверојатни 1,95 милијарди евра.

Победникот во Лигата на шампионите ќе добие награда од 70 милиони евра, плус голем износ од телевизиските права. УЕФА постави и дополнителен награден фонд, кој ќе се базира врз клупскиот рејтинг. Врз основа на тој рејтинг, на Реал Мадрид му се гарантираат дополнителни 35 милиони евра.

Секој учесник во Лигата на шампионите ќе заработи минимум 15,25 милиони евра. Секоја победа носи дополнителни 2,7 милиони евра, а ремито се вреднува со 900.000 евра. Пласманот во осминафиналето ќе донесе дополнителни 9,5 милиони евра, а пласманот во четврт-финалето е за плус 10,5 милиони евра.

На екипите кои ќе се пласираат во полуфиналето им следуваат дополнителни 12 милиони евра. Финалето на ЛШ ќе се игра на први јуни 2019 година на „Ванда Метрополитана“ во Мадрид, каде што поразениот тим како утешна награда ќе добие 15 милиони евра. За шампионот се планирани 19 милиони евра.

Во најдобар случај, максималниот износ кој еден клуб може да го добие е 82,45 милиони евра. Тука не се вклучени парите од маркетингот, кој има голем удел во финансиската поткрепа на клубовите.

„Болница“ во Баерн: Се повреди Горецка, ги нема Рибери и Робен

Баерн Минхен непосредно пред стартот во Лигата на шампионите се соочува со големи проблеми. Уште тројца првотимци се повредија по денешниот тренинг, само два дена пред гостувањето во Лисабон, каде што „баварците“ ќе се соочат со Бенфика.

Леон Горецка се пожали на болки во десната нога и не го издржа тренингот, Рибери воопшто не се појави на тренинг, наводно станува збор за некаква настинка, додека Робен вежбал само во сала за вежбање. Сите тројца ќе бидат во трка со времето да се подготват за отворањето на новата сезона во Лигата на шампионите.

Претходно викендов се повредија Толисо и Рафиња, Французинот ги скина лигаментите и веќе му беше извршена операција од која ќе закрепнува два или три месеци, додека искусниот десен бек ќе паузира неколку недели. Непосредно пред стартот на сезоната, крилниот напаѓач Кингсли Коман се здоби со повреда на зглобот и сѐ уште закрепнува.

Ковач ќе нема многу опции за почетниот состав, најверојатно ќе мора и да ја менува формацијата. Мечот Бенфика – Баерн Минхен е закажан во среда, со почеток од 21 часот.

 

Денот кога се промени фудбалот!

Датумот 17-ти септември засекогаш ќе го паметат во Барселона. Тоа е денот кога точно пред 18 години во каталонскиот гигант пристигна Лионел Меси. Тогашното 13-годишно детенце пристигна од Аргентина со цел да покаже дека во него има вонсериски талент.

Во познатата школа на Барселона, популарната „Ла Масија“, никогаш претходно се немаше појавено таков талент. Детенцето кое имаше потреба да прима и хормони за раст, во Барселона ги доби сите потребни услови за да израсне во еден од најдобрите фудбалери на сите времиња. Токму денеска, Меси слави полнолетство во Барселона, а неговото име засекогаш ќе остане запамтено во каталонскиот гигант.

Откако ги помина сите младински категории, Меси дебитираше за сениорскиот тим во 2004 година и досега одигра вкупно 642 средби во сите наптреварувања. Зад неговото име има запишано 556 погодоци и 239 асистенции.

Меси може да се пофали дека со Барселона има освоено девет титули во Примера дивисион, осум трофеи во шпанскиот Суперкуп, шест во Купот на земјата, четири во Лигата на шампионите, три Суперкупа на Европа и три Светски клупски првенства.

Освен на клупско ниво, кога се во прашање наградите, тој е неверојатно успешен и на поединечен план. Меси пет пати ја освојуваше Златната топка, a исто толку пати ја добиваше и Златната копачка. Неговото доаѓање во Барселона, едноставно, го промени фудбалот.

Каталонците се жалат на новите термини за ЛШ

Раководството на Барселона се плаши дека утре, кога ќе игра од 18.55 часот против ПСВ Ајндховен, ќе има помалку публика на „Камп ноу“ отколку кога играле од 21 часот или во стариот термин за Лигата на шампионите од 20.45.

За шпанските клубови не е ништо чудно кога се игра во работни денови мечевите да почнуваат и по 22 часот, па затоа овој термин од 19 им делува безмалку денски.

Терминот од 19 часот не е според шпанските навики за одење на стадион, особено не во најголемиот каталонски град, каде што работното време е такво што може многу луѓе да не се во можност да дојдат на стадион и да го гледаат овој меч од елитното натпреварување. Особено проблем да стигнат навреме ќе имаат фановите кои се од другите градови.

Другите пет меча (по два пати со Интер и Тотенхем и гостувањето кај ПСВ) од првата фаза во ЛШ, Барса ќе ги игра со почеток во 21 часот.