11.8 C
Skopje
четврток, 6 ноември 2025
Дома Blog Страница 10083

Рома дома „прокоцка“ два гола и не победи против Киево

Рома уште еднаш покажа дека е тим кој нема константна форма. „Римската волчица“ одигра 2:2 на свој терен и сега има само пет бода, по четири одиграни меча во Серија А.

Почетокот на средбата не покажуваше дека Рома може повторно да киксне пред своите навивачи. Ел Шарави ги доведе домаќините во предност по само 10 минути игра. Во 30 минута веќе беше 2:0 за Рома, а прецизен беше Кристанте.

Фактот дека Рома беше домаќин и дека на полувремето имаше два гола предност на дуел против последнопласираната екипа, немаше знак дека може да се случи неочекувано нешто на „Олимпико“. Сепак, гостите од Верона не се предадоа. Бриса во 52 минута намали на 1:2, а со голо тна Степински во 83 минута, Киево стигна до 2:2. На крајот од средбата „летечите магариња“ може да жалат што не направија целосен пресврт, бидејќи имаа одлична шанса за 3:2 и тоа буквално во последната секунда од средбата.

Киево освои бод, но уште е во минус на салдото, поради тоа што беше казнет.

Јувентус ќе го искористи Дибала како мамка за да го добие Погба

Јувентус подготвува план како да го врати Пол Погба во Торино. Италијанскиот првак веќе подолго време сака во своите редови да го донесе играчот кој блесна токму во „црно-белиот“ дрес. Погба сега е дел од Манчестер јунајтед, каде и ја започна кариерата, но сепак не покажува ни дел од квалитетот кој го демонстрираше во Јувентус.

Погба не е во добри односи со тренерот на Манчестер, Жозе Мурињо, па се поизвесно е дека ќе си замине од „Олд Трафорд“. Најтрофејниот англиски клуб пред две години плати 105 милиони евра за Погба и сега сигурно нема така лесно да се откаже од него.

Јувентус подготвува „мамка“ за да го реализира трансферот на Погба. Италијанскиот првак може да се откаже од Пауло Дибала и да го понуди Аргентинецот како дел од трансферот на Погба. Дибала нема многу среќа во Јувентус, бидејќи не може да се избори за место во стартниот тим. По доаѓањето на Роналдо во Торино, Дибала е „закован“ на клупата за резерви, а сигурно тоа воопшто не му одговара.

Освен евентуалната размена меѓу Погба и Дибала, Јувентус во овој трансфер ќе учествува и со пари. Оваа претпоставка за можна размена, најрано може да се случи во јануари, кога започнува зимскиот преоден рок.

Македонските „лавови“ ќе го „гризнат“ Дракула

Победа против Романија е единственото нешто на што размислуваат во македонската кошаркарска репрезентација, во пресрет на вечерашниот дуел (почеток во 18.15 часот) во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.

Нови два бода, особено ако победата е со голема разлика, ќе бидат од исклучително големо значење за „црвено-жолтите“, бидејќи така би имале четири бода од два меча, и ќе останат уште дуелот дома со Косово, и гостувањето во Романија за крај во февруари 2019.

Адути на македонска страна треба да бидат домашниот терен, помошта од публиката и натпреварувачкиот ритам, кој гостите го немаат бидејќи ова им е прв меч во циклусов. И традицијата е на наша страна. Македонија загуби од Романија со 87-75 во Вроцлав 1993 година, но подоцна, во квалификациите за ЕП 1999, имавме две победи, од кои едната дома на 25 февруари 1998 (во СРЦ Кале) од 80-52 со актуелниот претседател на МКФ, Петар Наумоски, како прв стрелец на тимот.

Судиската тројка на мечот е составена од арбитри од Украина, Полска и Словачка.

Клучен дуел може да биде оној на Ричард Хендрикс и Емануел Каце. Ако натурализираниот Македонец го запре крилниот центар кој во квалификациите за СП 2019 имаше просек од 13,5 поени и 10,2 скока, ќе бидеме блиску до победа.

„Очекувам победа против ривалот кој физички е силен, но технички не е толку поткован. Ние мора да го дадеме максимумот. Се надевам дека ќе одиграме и во одбрана и во напад подобро отколку во Косово. Така ќе бидеме блиску до планот и желбите за две победи во овој септемвриски мини-циклус“ – вели селекторот Јорданчо Давитков.

Билетите се по цена од 100 денари. Кошаркарите ги повикуваат сите љубители на спортот да дојдат и да им помогнат, а тие ветуваат дека ќе се оддолжат со добра игра и победа, па вечер нека има заедничко славје за продолжување на патот кон квалификациите за ЕП 2021.

Циркуз во Бразил: Фудбалери туркаа амбулантно возило (Видео)

Васко да Гама и Фламенго одиграа без победник (1:1) во дербито на бразилското првенство. Играчите кои се големи ривали на теренот, сепак во еден момент беа сплотен и тоа поради еден бизарен проблем. Мораа да го туркаа амбулантното возило кое „заглави“ на теренот.

Домашниот играч Бруно Силва се повреди и мораше да интервенира и Брза помош со своето возило и докторите. Силва на носилки беше внесен во возилото, но кога требаше да тргне кон болницата, се случи проблем. Возилото на Брза помош не можеше да стартува.

Фудбалерите чекаа, но залудно. Мораа да се „зафатат со работа“. Неколку играчи започнаа да го туркаат возилото, кое успеа да го запали моторот и конечно да се тргне од теренот. Ваквиот потег наиде на овации од трибините.

https://youtu.be/aEZElcqM2T8

 

Аларм на „Енфилд роуд“: Салах и Мане се скарани?

Ливерпул го има најдобриот старт во англиското првенство во последните 30 години. По пет одиграни меча, тимот од „Енфилд Роуд“ има максимални 15 бодови, колку што има и Челзи. На вчерашното дерби против Тотенхем, Ливерпул се радуваше во Лондон на победа од 2:1.

Вијналдум и Фирмино беа стрелци на погодоците вредни три бода. Сепак, наместо да се зборува за одличната игра и победите кои ги редат „црвените“, навивачите на Ливерпул забележаа дека нешто не е во ред во екипата. Фокусот е ставен на двајцата најдобри играчи, напаѓачите Мохамед Салах и Садио Мане.

На мечот против Тотенхем забележливо беше како во неколку ситуации, двајцата напаѓачи едноставно како да не сакаат да соработуваат заедно. Класичен пример за тоа е една контра која ја имаа гостите, кога Мане на десната страна го имаше слободниот Салах, но наместо да му ја додаде топката, се реши да го проигра Кеита на левата страна, кој беше во полоша позиција.

Подоцна Салах како да сакаше да му се реваншира на Мане, па неколку пати го ингорираше, додека тренерот на Ливерпул, Лирген Клоп се нервираше на клупата.

Очигледните недоразбирања меѓу Салах и Мане засега нема негативен ефект во резултатите на Ливерпул, но прашање е до кога ќе биде така, доколку не се смират двајцата напаѓачи кои треба да соработуваат пред противничките голови.

Работнички под Шара прекин на серијата бара

Лидерот Работнички има интересна мисија против шампионот Шкендија, да ја прекине незгодната и долга серија без победа во меѓусебните дуели со тетовци што трае веќе седум натпревари.

Под Шара од 15, 30 часот четирикратниот македонски првак ќе се обиде за првпат да го порази актуелниот шампион во едно од двете дербија на петтото коло во ПМФЛ.

Шкендија се уште е непоразена во домашното првенство сезонава, а има убав серијал без неуспех во дуелите со популарните „романтичари“. Гостите од Скопје си имаат свои адути, ги предводи трофејниот тренер Ѓоре Јовановски и сега се пред вистински предизвик во обидот да го совладаат првакот.

Второто дерби ќе се игра во Скопје, на стадионот „Борис Трајковски“, а старите скопски ривали Вардар и Шкупи ќе излезат на мегдан.

Вардар покрај Шкендија е единствената непоразена екипа со две победи и нерешени, а има и многу подобар биланс од Шкупи во меѓусебните дуели. Со титулите „црвено-црните“ се далеку напред, а амбициите повторно се шампионски и покрај финансиската криза.

Пресвртница на подобро во целата ситуација би била победа против амбициозниот состав на Шкупи. Чаирчани осетно се засилија во летниот преоден рок, но не тргнаа добро на стартот од новиот шампионат. Го сменија тренерот Рамадан Зекирија, па сега турскиот стратег Сојдаш ќе има тешка задача да се обиде да направи пресврт и конечно Шкупи да дојде до првата победа во домашниот шампионат.

Двојки, 5. коло, 15,30 часот:

Шкендија – Работнички

Вардар – Шкупи

Академија Пандев – Силекс

Македонија Ѓ.П. – Беласица

Победа – Ренова

 

Најдоброто место на стадион: Уживаа во џакузи и навиваа

Каен успеа да одигра нерешено 2:2 на свој терен против фаворизираниот Олимпик Лион. Гостите имаа предност благодарение на голот на Фехир во 45 минута, но Каен не се предаде. Во второто полувреме домаќините дадоа два гола и поведоа со 2:1, но Лион не дозволи пораз и со погодокот на Менди во 88 минута стигна до 2:2.

Освен што беше возбудливо на теренот, необично беше и покрај самата гол аут линија. Челниците на Каен решија да постават џакузи и двајца среќници да може да уживаат и од прв ред да го следат мечот. Едно момче и девојка ја добија привилегијата да бидат во џакузито и да навиваат за својот тим, кој успеа да одигра 2:2 против фаворитот Лион.

Денес е денот Роналдо да го скрши малерот во Серија А

Јувентус попладнево на свој терен игра против Сасуоло, во меч на кој речиси нема дилеми дека трите бода ќе дојдат на контото на „старата дама“. Актуелниот италијански првак е единствен во Серија А со максимален ефект, а навивачите на гигантот од Торино веруваат дека таа низа ќе продолжи и по средбата од 4. коло против Сасуоло.

На последното гостување кај Јувентус, Сасуоло доживеа вистински дебакл. „Старата дама“ во февруари немаше милост против овој ривал и победи со убедливи 7:0. Интересно е тоа што Сасуоло сезонава одлично стартуваше и веќе направи едно изненадување. Го победи Интер со 1:0, а потоа одигра едно реми (против Калјари 2:2) и во голеадата со 8 погодоци, се радуваше на триумф против Џенова од 5:3.

Ако Сасуоло и денеска продолжи со отворена и офанзивна игра, може да очекуваме нова голеада. Доколку Сасуоло реши да не се затвори целосно на теренот во Торино, тоа ќе биде една голема шанса да го видиме првиот погодок на Кристијано Роналдо во дресот на Јувентус.

Најголемата ѕвезда во италијанскиот фудбал моментно е најслабиот голгетер во Европа според статистиката. На претходните три средби, Роналдо упати 23 удари кон противничките голови, а се нема израдувано ниту еднаш. Сега е вистински момент Португалецот да го скрши тој малер и да го постигне својот прв погодок во Серија А.

Во SPORT LIFE обложувалниците, шансите дека Роналдо попладнево ќе даде гол се вреднуваат со коефициент 1.45, што значи дека има голема веројатност да бидеме сведоци на првиот погодок на најскапиот фудбалер во Серија А.

За победа на Јувентус коефициентот е 1.23, па затоа многу подобро е да се игра малку поризично, посебно ако се знае дека „старата дама“ е апсолутен фаворит. Затоа предлагаме тип 1-1 со коефициент 1.70 во SPORT LIFE, а евентуалнла голеада, односно да има барем 4 погодоци, коефициентот е 2.10. Евентуално изненадување, односно средбата да заврши нерешено, коефициентот е 6.00.

Чуден пропуст на дресот на Тотенхем

Тотенхем загуби од Ливерпул со 1:2, што е втор пораз по ред за нив, а навивачите на лондонскиот клуб почнаа да наоѓаат секакви забелешки, па забележаа и голема грешка на дресот кој го носеше Тоби Алдевеирелд. Белгискиот дефанзивец кој мака мачеше со напаѓачите на Ливерпул, играше со дрес на кој го немаше логото на Тотенхем.

Уште додека траеше мечот вчера рано попладне, фановите почна да се бунат преку социјалните мрежи, и уште нема одговор зошто кај Белгиецот го немаше клупскиот амблем.

За разлика од кај Алдевеирелд, кај другите фудбалери немаше пропуст на дресот, и си стоеше логото.

На местото каде што треба да е логото на Тотенхем (на левата горна страна од предниот дел на дресот), на дресот на Алдевеирелд немаше ништо, само бела позадина. Останатите додатоци на дресот како името, бројот на грбот, името на спонзорот и логото на произведувачот на дресови, си стоеја на место, фалеше само логото на клубот.

Романците со потенцијален НБА играч во Скопје

Со нов селектор, и само двајца кошаркари кои настапуваат во странство, романската репрезентација допатува во Скопје за вечерашниот меч против Македонија од 18.15 часот во „Борис Трајковски“. За Романците ова е прва средба во претквалификациите за Евробаскетот 2021, а тука се најдоа откако испаднаа од квалификациите за СП 2019.

Заре Марковски веќе не им е селектор, а негов наследник е Тудор Костеску, кој работи заедно со помошникот Ненад Марковиќ. Голем хендикеп им е неиграњето на плејот Андреј Мандаке и крилниот центар Влад Молдовеану. Но, учесникот на ЕП 2017, има двајца играчи на кои треба да се обрати внимание.

Џордан Вотсон кој ги покрива бековските позиции, е натурализираниот Романец, и играч со голема слобода, па нашите бекови ќе имаат тешка задача да го неутрализираат. Вотсон настапува за Орадеа и веќе доволно е воигран со останатите репрезентативци.

Другиот опасен играч е 21-годишниот Емануел Каце, член на шпанскиот прволигаш Мурсија. Тој пролетоска беше пријавен за НБА драфтот, станува збор за талент кој ја има минато кадетската кариера во Реал Мадрид, и во следните десетина години ќе биде главен романски играч.

Сепак, после победата во Косово, Македонија е во добро расположение, плус со публиката како поддршка, реално е да совладаме уште еден балкански ривал и да се доближиме до квалификациите за ЕП.