12.8 C
Skopje
четврток, 6 ноември 2025
Дома Blog Страница 10086

Стерлинг бара богатство, Манчестер сити одби да преговара

Рахим Стерлинг бара вистинско богатство од 15 милиони евра вкупна годишна плата во Манчестер сити, а челниците на клубот велат дека тоа е премногу. Проблем во преговорите за нов договор меѓу двете страни има, но „граѓаните“ се оптимисти дека ќе се надминат и дека Стерлинг ќе продолжи да игра за шампионот на Англија.

Моментно, платата на офанзивецот во Манчестер сити е 10 милиони евра на годишно ниво, а менаџерите на Стерлинг бараат зголемување од 100 илјади фунти неделно.

Во клубот се расположени постепено да му ја зголемуваат платата на Рахим, но не до 15 милиони евра годишно.

Најплатен играч на Сити, моментно е Кевин Де Брујне со основна плата од 300 илјади евра неделно, која со бонуси доаѓа до ниво од околу 350 илјади евра, или годишно нешто повеќе од 17 милиони евра.

Мириса на нови струмички бисери – Шест генерации во 1/4 финале со само еден примен гол

Шест различни генерации талентирани млади фудбалери на Академијата на Пандев ќе играат во четвртфиналето на Купот на Македонија, а сите заедно примија само еден гол што претставува вистински раритет.

Горан Пандев може да се гордее со својот фудбалски проект, а потврда дека се оди во вистински правец се резултатите на најмладите.

Во текот на оваа седмица се играа осминафиналните натпревари за помлади категории фудбалери и Академија Пандев забележа максимален ефект, шест од шест.

Генерацијата на фудбалери родени до 2000 година единствена прими гол, но успеа да ги елиминира врсниците од Ренова со победа од 2:1.

Една генерација помладите дечиња од струмичката школа на Пандев славеа против истиот противник со 2:0, а генерацијата фудбалери до 2002 година беше слободна на патот кон одбрана на титулата.

Најубедливи беа фудбалерите родени до 2003 година со триумф од 3:0 против Победа, а и тука Академија Пандев ја брани круната.

Во двете градски дербија на генерациите фудбалери до 2004 и 2005 година Академците на Пандев ја победија Беласица со 1:0, односно 2:0 за феноменален ефект на шестте генерации талентирани фудбалери од струмичкиот регион под патронат на Горан Пандев.

Порте го цени Вардар: Не се станува случајно шампион на Европа

Десниот бек и капитен на Монпелје, Валентин Порте очекува тежок меч против Вардар, во дербито на првото коло во Лигата на шампионите.

Денеска во салата „Рене Буњол“ од 17,30 часот ќе играат двата последни европски прваци. На актуелниот шампион Монпелје гостин ќе му биде Вардар, најдобриот европски состав од 2017 година.

„Вардар е искусен состав, иако имаше промени во играчкиот кадар. Беа шампиони во 2017 година и полуфиналисти во последното издание на Лигата на шампионите. Тешко ќе биде, погледнете им ги резултатите и успесите“, вели Валентин Порте.

Токму тој беше еден од главните „виновници“ за поразот на Вардар во Келн, на последниот фајналфор. Постигна дури 8 голови во полуфиналната пресметка против нашиот првак и беше најефикасен на теренот во победата на Монпелје од 28:27.

Францускиот состав потоа ја освои и шампионската круна и денеска е фаворит против Вардар, во премиерниот дуел од А групата во Лигата на шампионите.

Тедино: Кога Трајковски е физички подготвен нема шанса да го извадам од игра

Бруно Тедино има мака како да го најде патот до првата победа со Палермо во новата сезона во Серија Б, а го мачи и формата на двајцата македонски репрезентативци Александар Трајковски и Илија Несторовски.

Трајковски играше одлична прва сезона за Палермо, но потоа го „сардисаа“ повреди и се уште не игра во препознатлив стил, иако има најави дека формата му е во нагорна линија. Постигна прекрасен гол против Кремонезе во второто коло, одигра добро за Македонија против Ерменија и потсети на стариот Алекс, кој беше миленик на навивачите на Палермо.

„Ни недостасуваат поконстантни игри од Алекс. Кога е во топ форма и добро физички подготвен, тој е уметник со топка и никогаш не би го извадил од игра. Верувам дека ќе биде комплетно фит во продолжението од шампионатот и дека многу ќе ни помогне да тргнеме по патеките на успехот“, вели Тедино.

Палермо двапати одигра нерешено на стартот од новата сезона во Серија Б, а трета среќа за победа ќе бара на дербито со Фоџа, утре, на гостински терен.

Френки оди во Барселона

Екстра-талентираниот напаѓач на Ајакс, Френки Де Јонг ја одбра Барселона како следен клуб во кој ќе ја продолжи кариерата, а трансферот веројатно ќе биде реализиран следната зима.

Ајакс сака да го задржи 21-годишниот напаѓач барем до крајот на сезоната. За таква варијанта најмногу притиска поранешниот фудбалер на Барса, Марк Овермарс, сега во улога на спортски директор на клубот од Амстердам, но речиси сигурно е дека Де Јонг наскоро ќе си замине.

Барселона е подготвена да плати околу 50 милиони евра, а со оглед на одличните односи на двата клуба и желбата на Френки да игра за Барселона, трансферот е речиси сигурен.

За ангажман на Де Јонг има интерес од неколку европски гиганти, а 21-годишното момче веќе дебитираше и за Холандија на дуелот од Лигата на Нации против Франција.

Стандардна шема – Дербито Вардар – Шкупи без гостински навивачи

Ривалитетот меѓу Вардар и Шкупи е еден од најголемите во мак-фудбалот, а веќе стана стандардна шема скопското дерби да се игра без присуство на гостински навивачи.

Поради ризик по безбедноста и овојпат на неделното дерби од петтото коло во домашното првенство ќе ги нема навивачите на Шкупи. Вардар е домаќин и ќе ја има поддршката од своите „Комити“ на трибините на „Борис Трајковски“ во Маџари, во обидот да се искачи и на врвот на табелата во случај на кикс на Академија Пандев и Работнички.

Интересно е што раководството на Вардар донесе одлука вратите на стадионот за влез на трибините да бидат отворени само 45 минути, од 14,30 до 15,15 часот.

ПСЖ гази и без Нејмар и Мбапе

Пари Сен Жермен со 4:0 го декласираше Сент Етјен во дербито на колото во француската лига, и парискиот тим најави дека е подготвен за Лигата на шампионите која почнува за некој ден. Токму со намера да го зачува за битката со Ливерпул, ПСЖ не ги стави Нејмар и Килијан Мбапе во составот, Џиџи Буфон беше резерва, но тоа не беше пречка за „светците“ да покажат дека имаат многу оружја.

Головите против Сент Етјен ги постигнаа четворица различни стрелци. Дракслер погоди во првото полувреме, па Кавани од пенал зголеми на 2-0, Ди Марија погоди за 3-0, а Диаби го дотолчи противникот кој имаше серија од три нерешени по ред.

Денеска во Франција се одигра уште еден меч, Ница го совлада Рен со 2:1. ПСЖ има максимални 15 бода од пет кола, и гол-разлика 17-4. Ниеден друг тим нема повеќе од 9 бода, а викендов тоа веројатно ќе се смени, но парижаните најавуваат атак на нова титула.

Дебитантски голови и донесоа победа на Борусија

Борусија Дортмунд привремено се искачи на првото место на табелата во германската Бундеслига, откако вечерва на својот „Идуна парк“ славеше со 3:1 против Ајнтрахт. Дортмунд има седум бода од три меча, и ќе преноќи како лидер.

Интересно е што трите гола ги постигнаа фудбалери за кои ова се први погодоци во дресот на Борусија. Серијата ја отвори Диало кој добро се снајде во противничкиот петерец во 36 минута. Потоа гостите од Франкфурт изедначија преку Халер во 68 минута, но радоста им траеше кратко.

Во 72. минута, Волф даде гол по убавата акција на 18-годишниот екстра талент Санчо, за 2-1, а конечните 3-1 беа дело на Шпанецот Пако Алкасер кој дојде од Барселона. Алкасер првпат играше на еден меч од Бундеслигата и веднаш даде гол.

После поразот, Ајнтрахт остана на три бода, со учинок од една победа и два порази. Дуелот од трибините го гледаа 81.000 навивачи.

Европскиот првак далеку од Светското првенство

Репрезентацијата на Словенија која пред една година ги воодушеви љубителите на кошарката со освојување на европската титула, во квалификациите за Светското првенство во Кина бележи слаби резултати, и најверојатно Мундобаскетот ќе мине без актуелниот европски првак. Неиграњето на Горан Драгиќ и Лука Дончиќ, се покажува како преголем хендикеп.

Словенија загуби од Летонија и сега е последна во групата И. Иако треба да се одиграат уште пет кола, сепак Словенците во моментов имаат дури три победи помалку од третата Летонија и втората Турција, а првите три селекции од секоја група одат на СП.

Работите во групата И се искомпликуваа со неочекуваната победа на Украина во Киев над лидерот Шпанија. Шпанците немаа пораз во претходната фаза.

Хрватите во Осиек, загубија од Литванија која не знае за пораз. И Хрватска е последна во својата група, но уште има реална шанса да се најде на СП. Бојан Богдановиќ стана прв стрелец во историјата на хрватската репрезентација, надминувајќи го досегашниот лидер Дино Раѓа. Бојан осум години игра за националниот тим, познат е како еден од подобрите европски поентери.

За истакнување се оние 18 тројки од 28 обиди кои ги погоди Италија. Полјаците дадоа 12 тројки во ова шутерско шоу, но немаа шанси против „аѕурите“ кај кои Амедео Дела Вале, даде 8 тројки.

Резултати од вечерашните натпревари: Украина – Шпанија 76:65, Летонија – Словенија 85:74, Турција – Црна Гора 79:69, Холандија – Унгаријав 59:74, Хрватска – Литванија 83:84, Италија – Полска 101:82.

Конечно и „лалињата“ процветаа

Холандија ја победи Кина со 3:1 во сетови, и дојде до првата победа на Светското првенство во одбојка кое се одржува во Италија и Бугарија. „Лалињата“ во бугарскиот град Русе, славеа над Кинезите, и си ги задржаа шансите за пласман во следната рунда. Кина загуби и од Франција, па нема бодови, и само теорија може да ги однесе во наредната фаза. Утре Холандија се среќава со олимпискиот првак Бразил, а противник на Кина е Канада која има 2-0.

Во Варна, Финска ја совлада Куба со 3:1 и дојде до првата победа, а Кубанците останаа на нула бодови. Нашите источни соседи, Бугарите, без проблеми во три сета ја прескокнаа пречката наречена Порторико.

Австралија имаше причини за радост, откако беше подобра од Камерун со 3:1 и дојде до првата победа, со истиот резултат Словенија ја надигра Јапонија. Словенците заедно со Италијанците се на делба на врвот во нивната група. Франција штедеше сили против Египет, но дојде до нова и лесна победа од 3:0 во сетови.