Дома Blog Страница 10689

Повторно немоќ во второто полувреме

Бјерингбро Силкеборг беше подобар од Металург, и на тимот од Автокоманда му го нанесе четвртиот пораз во четвртиот настап во групата Ц од Лигата на шампиони во ракомет. После негатива од 14-16 по првото полувреме, Металург падна во вториот дел и загуби со убедливи 25:33.

Она што му се повторува на Металург на секој натпревар, и овојпат беше случај. Сценариото речиси секогаш е добро и рамноправно прво полувреме, а потоа пад во играта и пораз на Металург.

Халил Јагањац даде 10 гола (од 15 шута) и беше прв стрелец на мечот, а Филип Арсеновски и Анте Токиќ реализираа по 4 гола, со што беа најрасположени во нападот на поразениот тим.

Македонскиот тим на гостувањето во Данска имаше поддршка од еден свој навивач од германскиот град Хановер. Човекот пропатувал 500 километри за да го гледа Металург, играчите му се потпишаа во неговиот албум со нивните слики, а претседателката Зорица Блажевска му подари дрес.

Глен Дејвис си замина откако бил пцуен од Алеш Пипан

Трансферот на некогашната НБА ѕвезда, Глен „Биг бејби“ Дејвис, во Задар, предизвика огромно внимание во кошаркарските кругови во Европа, но Американецот си замина уште пред да го одигра својот прв меч во јадранската лига.

Договорот беше потпишан во понеделникот, Дејвис дојде во Задар во средата, навивачите го гледаа на првиот тренинг во четвртокот, се очекуваше дебито против Цедевита, но во петокот, пред закажаното претставување, центарот се пожалил на цревна вироза.

Во Задар велат дека Дејвис сам решил да си оди, иако од клубот дале максимум за да го задржат. Дејвис увидел дека ќе треба да игра многу натпревари, дека АБА лигата е сериозна, и оти ќе треба на некои гостувања да патува по 7-8 часа, и одеднаш го зафатила носталгија. Побарал зголемување на платата, и да не мора да тренира двапати дневно.

Верзијата на кошаркарот е поинаква.

„Ме гледаа како некое лошо момче. Кога тренерот ќе користи најпогрдни зборови кон играчите, и ве третира лошо, тоа е проблем. Тешко е да се игра за таков човек. Жал ми е за навивачите на Задар, клубот мораше да плати повеќе за да останам таму“ – е изјавата на Дејвис која тој ја објави на Инстаграм, па ја избриша.

Басилашвили го освои Пекинг

Николоз Басилашвили го совлада Хуан Мартин Дел Потро со 6-4, 6-4 во финалето на турнирот во Пекинг, и освои 500 АТП поени. За Грузиецот, ова е втора титула на ваков турнир годинава, откако славеше и во Хамбург.

Пред една година на Мастерсот 1000 во Шангај, Дел Потро го надигра Басилашвили во три сета, па сега Грузиецот се реваншираше и тоа со камата. Аргентинецот беше фаворит, но падна пред последиците на болеста која го нападна пред некој ден. Дел Потро го преживеа полуфиналето за кое не знаеше дали ќе може да го игра, но во финалето немаше шанси.

Басилашвили пред турнирот во главниот град на Кина беше на 34 место на АТП листата, а сега за првпат во кариерата ќе биде меѓу 30-те најдобри на светот.

Рамос го брани Лопетеги

Серхио Рамос мисли дека Хулен Лопетеги не треба да биде сменет од тренерската функција во Реал Мадрид, иако во минатото, за резултати како овие на Лопетеги, „летаа“ тренери.

Во последните 25 години, само Лопетеги толку брзо имал четири порази. Неговиот претходник, Зинедин Зидан, четвртиот пораз го имаше на дури 58-миот меч како тренер на Реал.

Наредниот меч за „кралевите“ е на 20 октомври со Леванте, а потоа следува „Ел Класико“ против Барселона. Реал на четири меча по ред нема дадено гол, а капитенот Рамос смета дека е прерано да се мисли на бркање на тренерот.

„Откако дојдов во Реал во 2005 година, имавме секаков вид на проблеми, и секогаш излегувавме од тие ситуации на истиот начин – со работа и заедништво. Ќе се бориме до крај, резултатите ќе дојдат. Оваа екипа никогаш не се предава“ – порача Рамос.

Рамос е неприкосновен лидер на Реал Мадрид, има неограничена слобода, која тој често ја злоупотребува. Многумина сметаат дека Рамос не е човекот кој треба да шутира слободни удари и пенали за Реал, а му се замерува и што често оди во напад, заборавајќи дека е дефанзивец.

„Топчиите“ се распукаа против Фулам

Арсенал ја продолжи серијата победи на шест, откако триумфираше со убедливи 5-1 на гостувањето кај Фулам. Гостите по половина час игра го скрѓија мразот, Лаказет беше прецизен за 1-0. Пред крајот на првото полувреме, Ширле ја израдува домашната публика и донесе израмнување пред паузата.

Сепак, во вториот дел „топчиите“ три пати го совладаа Бетинели. Лаказет одново стрелаше за ново водство на Арсенал, во 49-тата минута. Арон Ремзи влезе на теренот во 67-та минута, и веднаш во следната акција на гостите погоди за 3-1 по одлично организираниот напад на неговите соиграчи, додека конечниот резултат го постави втората измена на Емери. Обамејанг исто така влезе во второто полувреме, а во 80-тата, односно 90-тата минута со два гола ги реши сите дилеми.

Избраниците на Унаи Емери, по двата порази во првите две кола од Сити и Челзи, оствари победничка серија и сега го презеде третото место на табелата со 18 бода, а дали „топчиите“ ќе останат на истото место по ова коло ќе одлучи дуелот Саутемптон – Челзи, кој се игра во 15:15 часот.

https://www.youtube.com/watch?v=9CML7JWz2No

Пјатек пак погоди, но Парма ја реши Џенова за 15 минути

Парма оствари гостинска победа од 3-1 против Џенова, во рамките од осмото коло во Серија А. Фудбалерите на Давиде Балардини уште во петтата минута стигнаа до предност, Пјатек одново ја затресе мрежата запишувајќи го деветтиот гол во сезоната, но во следниот период гостите направија комплетен пресврт. Парма за 15 минути постигна три погодоци, Ригони израмни во 16-тата минута. 10 минути подоцна Силигарди го најави пресвртот, а конечниот резултат од 3-1 го постави Чераволо во 31-та минута.

Џенова постигна втор гол во 36-тата минута преку Кришито, но со помош на ВАР, судијата одлучи дека голот не е регуларен откако бекот на домаќините се најде во недозволена позиција.

Македонскиот капитен, Горан Пандев, чекаше шанса за настап од клупата, но неговиот тренер имаше други планови, кои очигледно не се остварија бидејќи неговите фудбалери и измените кои ги направи не придонесоа за да се стигне негативата од два гола.

 

 

Со Мурињо сите се сеирчат, а тој го надмина Сер Алекс

Манчестер јунајтед и Жозе Мурињо поминуваат низ тежок период. Играат под очекувањата, слабите резултати се редат еден по друг, а британските медиуми секој ден му даваат отказ, дури и го сменија со Зинедин Зидан. Сепак, и покрај сето тоа, Мурињо и натаму ја предводи екипата, а вчера против Њукасл буквално си ја спаси работата благодарение на голот на Алексис Санчез во 90-тата минута, со кој Јунајтед направи комплетен пресврт од 3-2.

Јасно е дека не играат убав фудбал под негово водство, но, со вчерашниот триумф, Жозе Мурињо се истакна како најдобар предводник на „црвените ѓаволи“ според статистиката на победи. Имено, тој сега има 60,3% победи, додека Сер Алекс Фергусон има 60,1%, а Португалецот е на клупата нешто повеќе од две години.

Секако, овој факт не мора да значи ништо, бидејќи легендарниот менаџер во дваесет и шестгодишниот мандат освои 38 трофеи, 13 од нив се титули во Премиер лигата, а два трофеи се од Лигата на шампионите. Мурињо тешко дека ќе ја надмине оваа бројка, бидејќи деновите во Јунајтед му се избројани, но сигурно, вакво споредување му се допаѓа.

 

Лисабон ќе „гори“ – Шампионот Порто на гости кај Бенфика

Бенфика и Порто денес се подготвуваат за нов класик, најголемото дерби во Португалија. „Естадио да Луз“ е подготвен за нов спектакл, двете екипи доаѓаат во победничко расположение по успешните походи во Лигата на шампионите во вторникот, односно средата.

Порто посакува одново да го замолкне домот на Бенфика, откако минатата сезона славеа со минимални 1-0 со голот на капитенот Ектор Ерера во 90-тата минута. Бенфика пак мора да одигра максимално, бидејќи во последните две меѓусебни средби не успеваат да го пронајдат патот до мрежата. Денешните гости се надеваат на нов позитивен исход, бидејќи на овој стадион немаат пораз од јануари 2014 година, значи повеќе од четири години.

Кога станува збор за голови, Порто и Бенфика не ги трошат своите „шаржери“ до крај. На последните 10 средби во рамките од португалскиот шампионат, само два пати се постигнувало повеќе од два гола, што значи дека еден погодок може да го реши и ова дерби.

Натпреварот е закажан за терминот од 18:30 часот.

 

Вознијацки стигна до 30. титула во кариерата

Каролина Вознијацки го освоит ВТА туунирот во Пекинг, со победа од 2-0 во сетови над Летонката Анастасија Севастова. Данската тенисерка на тој начин стигна до 30-тата тилута во кариерата.

Во мечот кој траеше околу час и половина, Вознијацки направи брејк во шестиот гем при првиот сет, па на 5-3 резултат ја искористи втората сет топка и поведе до 1-0. Во вториот сет се случија повеќе брејкови, сепак, во моменти кога Севастова можеше да се бори за изедначување, не искористи три брејк топки, па Вознијацки славеше со 6-3.

Ова е трета титула за Вознијацки годинава, откако претходно го освои Аустралијан Опен, нејзиниот единствен Грен слем, како и турнирот во Истбурн.

„Енфилд“ е проклет за Сити, „граѓаните“ без победа цели 15 години

Фудбалска Англија со нетрпение го чека денешното дерби во Ливерпул, во кое „црвените“ го пречекуваат актуелниот англиски шампион Манчестер сити во својот храм – „Енфилд роуд“. Ова ќе биде борба на двете најдобри екипи во Премиер лигата оваа сезона, Ливерпул и Сити се на делба на првата позиција со по 19 бода, а овој дуел може да го одреди лидерот во следниот период.

Една традиција стои на страната на Ливерпул, на „Енфилд“ тие се непоразени од Сити во последните 15 години во премиерлигашки дуели. „Црвените“ 11 пати успевале да триумфираат, додека четири дуели завршиле без победник. Последниот меѓусебен дуел во рамки од англискиот шампионат, беше вистински фудбалски класик, тимот на Јирген Клоп славеше со 4-3 и ја прекина серијата без порази на Гвардиола и неговите фудбалери. „Граѓаните“ последен пат се радувале на три бода во 2003 година, кога Сити победи со 2-1 благодарение на два гола на Николас Анелка, по водечкиот гол на Милан Барош.

„Енфилд“ е проклет и за Серхио Кун Агуеро. Домот на Ливерпул е еден од ретките стадиони во Англија на кој Аргентинецот нема постигнато гол. Исто така голем мотив за „црвените“ е што Јирген Клоп е единствениот менаџер кој има позитивен скор против Гвардила кога станува збор за меѓусебни пресметки, што значи дека го знае рецептот за победа против екипите кои ги предводи шпанскиот стратег.

Меѓутоа, традициите постојат за да се прекинат, а дали Сити ќе успее во тоа, или пак Ливерпул и натаму ќе господари со „граѓаните, ќе се дознае денес во 17:30 часот.