22.8 C
Skopje
сабота, 12 јули 2025
Дома Blog Страница 9607

Интер извлече триумф против разиграната Фиорентина

Интер славеше победа од 2-1 против Фиорентина во мечот од шестото коло во Серија А. „Нераѕурите“ на домашен терен успеаја да се вратат на победите по оној шокантен пораз од Парма, а капитенот Икарди ја предводеше својата екипа кон победата.

Голгетерот на Интер беше прецизен од белата точка во 45-тата минута од средбата, а младиот Кјеза изедначи само неколку минути по стартот на второ полувреме. Сепак, со дополнителни сили домаќините стигнаа до посакуваната победа, а решавачкиот гол го постигна Д’Амброзио по асистенција на Икарди.

Интер со оваа победа сега има 10 бода, исто колку и Фиорентина и Сасуоло, но Сасуоло има еден натпревар помалку.

Донарума го запре Палермо

Алфредо Донарума со два гола ѝ донесе победа на Бреша од 2-1 во дуелот со Палермо, во мечот од италијанската Серија Б. Напаѓачот на Бреша головите ги постигна во 27-мата и во 29-тата минута за радост на фановите на стадионот „Марио Ригамонти“.

За екипата на Палермо, сите 90 минути ги играа македонските репрезентативни напаѓачи Александар Трајковски и Илија Несторовски, но за ралика од викендов, овојпат тие не постигнаа погодоци. Голот за Палермо беше дело на резервистот Стефано Морео во 86-тата минута. Се играа уште девет минути по намалувањето на заостанувањето, но Палерно не успеа да се спаси од пораз.

Бреша дојде до првиот триумф сезонава и ја прекина црната серија од дури 10 лигашки мечеви без победа. Од друга страна, за Палермо ова е прв пораз и прекината е низата од четири меча во кои победуваа или играа нерешено. По пет кола, Палермо има 8 бода.

Сент Етјен подобар од Тулуз

Сент Етјен го совлада Тулуз со 3-2 во мечот од седмото коло во француската Прва лига. Од мечот богат со погодоци, само еден се постигна во првите 45 минути, а „виновник“ беше Диони во 23-тата минута за 1-0 во корист на гостите. Во второто полувреме Тулуз брзо успеа да го надополни минусот благодарение на Градел, но фудбалерите на Сент Етјен направија предност од два гола до 66-тата до 75-тата минута.

Кабелја и Салибур погодија за својот тим, а Дурмаз во 73-тата минута само го ублажи поразот на домаќините.

Карабао куп: Победи за Сити, Фулам, Бурнемаут

Манчестер сити не дозволи изненадување во Карабао купот, па со убедливи 3-0 го победи тимот на Оксфорд. Стрелци на погодоците беа Габриел Жесус и Ријад Марез, во 36-тата, односно 78-та минута од средбата, додека во третата минута од судиското надополнување како стрелец се запиша и младиот Фил Фоден.

Фулам беше подобар од Милвол во малото градско дерби, и во следната фаза од овој куп патува по победа од 3-1. Барнли претрпе шокантен пораз од Бартон од 2-1, домаќините направија комплетен пресврт откако по првите 45 минути од средбата се најдоа во негатива од еден гол.

РЕЗУЛТАТИ КАРАБАО КУП:

Оксфорд – Манчестер сити 0-3

Бартон – Барнли 2-1

Милвол – Фулам 1-3

Вajкомб  – Норвич 3-4

Престон – Мидлсбро 2-2 (победникот се одлучува на пенали)

Блекпул – КПР 2-0

Бурнемаут – Блекбурн 3-2

Вулверхемптон – Лестер 0-0 (пенали)

Аугсбург ја прекина победничката серија на Баерн, пет од пет за Шалке, ама порази

Баерн Минхен не успеа да ја продолжи серијата победи на пет, откако одигра реми од 1-1 против Аугсбург на „Алијанц арената“. Робен донесе водство во негов стил во 48-мата минута од средбата, но младиот Феликс Геце им ја расипа забавата на „баварците“ во 87-мата минута од средбата.

Фрајбург го продолжи кошмарот на Шалке, откако со минимални 1-0 триумфираше над тимот кој го води Доменико Тедеско. Стрелец на единствениот погодок беше Нидерлечнер во 52-рата минута на средбата, нанесувајќи го петтиот пораз на Шалке на исто толку мечеви во германскиот шампионат. Шалке сега е закован на дното без ниту еден освоен бод.

Хофенхајм беше сигурен на гостувањето кај Хановер, откако победи со 3-1. Гостите го отворија резултатот во 20-тата минута со голот на Бренет, а зголемија на 2-0 кон почетокот на второто полувреме преку Кадерабек. Хановер намали на 2-1 со пеналот кој го реализираше Фулкруг, но во судиското надополнување Белфодил ги постави конечните 3-1.

Минималец на Еспањол против Еибар

Еспањол со минимални 1-0 славеше триумф против Еибар во првиот меч од денешната програма во шестото коло во Ла Лига. Стрелец на единствениот погодок на мечот беше Марио Ермосо во 68-та минута од средбата, а до победата стигнаа без проблеми во продолжението.

Еспањол со овој триумф направи подвиг на табелата, барем на кратко, се најде меѓу првите четири екипи со 10 освоени бодови, додека Еибар мораше да се помири со третиот пораз сезонава.

https://www.dailymotion.com/video/x6u83hx

Клоп: Јас сум голем фан на Сари

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, истакна дека е голем фан на Маурисио Сари. Тој бил импресиониран од начинот како ја спроведува неговата стратегија уште во деновите кога го водеше Наполи. Двајцата стратези утре за прв пат ќе се пресретнат на англиско тло, нивните екипи ќе водат битка за пласман во следната рунда од Карабао купот.

„Сари е одличен тренер. Направи огромна промена во Челзи за многу кратко време. Стилот на игра кој сега го негуваат „сините“ е тотално различен од начинот на кој играа во претходните години. Јас сум фан на неговата тактика уште кога за прв пат видов како игра Наполи под негово водство. Несомнено, се работи за тренер кој многу добро го познава фудбалот. Импресиониран сум како играат екипите кои тој ги води“, истакна Клоп.

Челзи и Ливерпул утре на „Енфилд“ ќе одиграат меч во рамките од третото коло во Карабао купот, а дури во сабота се очекува нова нивна пресметка, каде што овојпат Челзи ќе биде во улога на домаќин на „Стемфорд бриџ“, во дербито на седмото коло во Премиер лигата.

Монако продолжува да тоне, гостински триумф за Ница

Францускиот вицепрвак Монако претрпе нов пораз во домашниот шампионат, овојпат пред своја публика од Анже со минимални 1-0. Ова е веќе шести меч во низа на кој Монако потфрлува во обидот да освои три бода, па и натаму имаат само еден триумф од почетокот на сезоната во Франција.

На „кнезовите“ им пресуди Камерунецот Бахокен во 27-та минута, а гостите до крајот на средбата го издржаа притисокот и си заминаа со драгоцени три бода од арената „Луј Втори“.

Гостинска победа забележа и Ница, против екипата на Нант со конечни 2-1. Жале и Макенго беа инспираторите за триумфот, погодија во 31-та, односно 69-тата минута од средбата, додека Нант реализираше почесен погодок преку Сала во 57-та минута.

Во седмото коло од вечерната програма ќе се одигра уште еден натпревар во Франција, Тулуз го пречекува Сент Етјен во 21 часот.

Вердер Бремен е хит во Бундеслигата – Триумф над Херта за второ место

Вердер Бремен славеше триумф од 3-1 над Херта во петтото коло во Бундеслигата. Екипата која ја предводи Флориан Клохфелд стигна до третата победа во германскиот шампионат и ја продолжи серијата од позитивни резултати, со кои се искачија на второто место на табелата со 11 освоени бодови, барем на привремен период.

Домашните фудбалери го отворија резултатот по 11 минути игра, а стрелец на првиот погодок беше Мајкл Харник. За двојна предност погоди српскиот дефанзивец Милош Вељковиќ, кој скокна највисоко при изведен корнер на Вердер во 45-тата минута. Фудбалерите на Херта успеаја да ја намалат негативата во вториот дел со погодокот на Дилросун во 53-тата минута, но по реализираниот пенал на капитенот Макс Крузе во 66-тата минута, беа решени сите дилеми околу победникот на оваа средба.

Од петтото коло во Бундеслигата вечерва ќе се одиграат уште три натпревари кои треба да започнат во 20.30 часот. Баерн го пречекува Аугсбург, Шалке гостува кај Фрајбург, додека Хановер ќе биде домаќин на Хофенхајм.

На Мурињо му „пукна филмот“: Погба повеќе не е капитен

Менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо, му ја одзеде капитенската лента на Пол Погба. Португалскиот стратег повеќе не трпи никакви критики од неговите фудбалери, па на најстрог можен начин го казни Французинот откако по мечот со Вулверхемптон ја критикуваше тактиката на својот тренер.

Мурињо оваа одлука му ја соопштил на Погба денес, во соблекувалната, пред сите негови соиграчи, само неколку часа пред дуелот со Дерби во Карабао купот, а одлуката ја поддржала и управата на клубот.

Ова е само знак дека врската меѓу овие двајца станува полоша секој ден, а нема да биде изненадување доколку Погба биде продаден уште во јануари, доколку продолжи со неговото недолично однесување. Со сигурност нема да биде во почетниот состав на следните неколку натпревари, па се очекува од оваа казна Погба да извлече поука, во спротивност, неговата кариера во Јунајтед ќе заврши на најлош можен начин.