13.8 C
Skopje
петок, 11 јули 2025
Дома Blog Страница 9613

Детето-херој доби изненадување од Вардар (Видео)

Вардар лесно и убедливо го победи Кристијанштад со 33:25, во второто коло од ракометната Лига на шампиони во „Јане Сандански“. Освен вардаровите ѕвезди, овојпат на теренот се појави уште една голема ѕвезда. Малиот Марко Пејчиноски беше специјален гостин на „црвен-црните“.

Марко е детето кое направи подвиг и со само 12 години успеа да го преплива Охридското езеро. Тој не крие дека е голем фан на Вардар, а како изненадување, доби дрес од неговиот омилен тим и тоа директно од капитенот Стојанче Стоилов.

Фиорентина лесно го прегази Спал

Фиорентина без многу проблеми го декласира Спал со 3:0 и се искачи на втората позиција во Серија А.

Пјаца и Миленковиќ со по еден гол во период од десет минути во првото полувреме го најавија победникот, а печат стави еден од најдобрите стрелци на „виолетовите“ Киеза.

Спал досега имаше само еден пораз на стартот од новата сезона во Калчото и беше најпријатно изненадување, но не мина против силната Фиорентина.

Ова беше прва победа на еден од двата тима во досегашните меѓусебни дуели. Фиорентина има одличен старт како и Спал, а двете екипи во пет кола забележаа по три победи, со тоа што Фиорентина има само еден пораз, за разлика од Спал, кој го доживеа вториот, вечерва во Фиренца.

Барсегјан си подари гол за 25. роденден

Ерменскиот репрезентативец Тигран Барсегјан си подари најубав подарок за 25. роденден, кога во 29. минута на мајсторски начин ја измами одбраната на Работнички и со прекрасен гол му донесе предност на Вардар од 1:0 во соседското дерби.

Басрегјан прими топка на двесеттина метри, со финта се ослободи од Ерера и го погоди долниот агол на домашниот гол.

Дербито на шестото коло е во тек, а почна во 19 часот.

Вардар продолжи „да му ја вади душата“ на Кристијанштад

Седмата победа за Вардар во седмиот меѓусебен дуел со Кристијанштад, докажа дека шведскиот тим е една од најомилените „жртви“ на македонскиот ракометен гигант. Резултатот од 33:25 (полувреме 19:10), покажува дека имаше разлика во квалитет. За Вардар, ова е втора победа во вториот меч од групата А во ЛШ.

Вардарци за првпат сезонава играа меч од Лигата на шампионите во „Јане Сандански“, и беа мотивирани да ја израдуваат публиката која во оваа пригода дојде во помал број од вообичаеното. „Црвено-црните“ одиграа спектакуларно прво полувреме, кое го добија со девет гола разлика, и најавија дека и по седми пат по ред ќе го совладаат Кристијанштад. Продолжи традицијата и кога овие два тима играат во Скопје, Вардар да дава повеќе од 30 гола.

Потоа, во вторите 30 минути Вардар немаше потреба да форсира и рутински го приведе мечот кон крај, славејќи убедлив триумф, притоа чувајќи ги силите за наредните предизвици.

Најдобри поединци кои се истакнаа во редовите на Вардар беа Иван Чупиќ со 7 гола од осум шута и Вуко Борозан со 5 гола од седум обиди. Тимур Дибиров упати четири шута и даде 4 гола. Вардарци ги реализираа сите девет седмерци.

Инаку, гостин на вардарци беше 12-годишниот Марко Пејчиноски, кој неодамна го преплива Охридското езеро, и од клубот му ја исполнија желбата тој лично да се запознае со Стојанче Стоилов, повредениот капитен на Вардар.

Следниот меч на Вардар во најсилното натпреварување е тешкото гостување кај унгарски Веспрем на 29 септември.

И голмански автогол може да биде еврогол (Видео)

Давид Сорија си постигна ефектен автогол, откако топката од гредата се одби во неговиот гол по феноменалниот удар на Томас Лемар.

Атлетико Мадрид има предност од 1:0 во градското дерби со Хетафе, а голот беше еден од најубавите на почетокот на сезоната во Ла Лига.

Во 14. минута Лемар упати фантастичен удар од триесеттина метри, топката ја погоди гредата и се одби од грбот на Сорија во домашниот гол.

https://www.youtube.com/watch?v=IGAjBS5_Vj4

Гол шоу на „Балаидос“ (Видео)

Селта и Валјадолид одиграа 3:3, додека Еибар беше подобар од Леганес со 1:0 во двата попладневни меча од шпанската Примера.

Во Виго, домашните во 9 минута водеа со 2-0, а кога погоди Јаго Аспас во 54 минута за 3-1, се чинеше дека Селта ќе ги освои трите бода. Но, упорниот Валјадолид одби да се предаде, и во 94 минута со голот на Леонардо Суарез, дојде до бод, шокирајќи ги присутните 16.000 гледачи на „Балаидос“. Валјадолид кој се врати во елитното друштво, уште не знае за победа сезонава, и има три бода.

Ова е голот кој ја шокираше Селта, а му донесе радост на Валјадолид:

https://streamable.com/1btxk

До крајот на денот, во Шпанија ќе се одиграат уште два меча и двата во главниот град. Хетафе е домаќин на Атлетико, а Реал Мадрид го пречекува Еспањол.

Алиоски не можеше да го спаси Лидс (Видео)

Најавите дека Лидс нема доволен фонд на квалитетни играчи за да се истурка целата сезона во Чемпионшип со добар ритам на победи, се потврди денеска со поразот од Бирмингем. Утеха за Езџан Алиоски е што успеа да се запише во листата на стрелци, и да покаже дека е во добра форма, за разлика од некои клупски колеги.

Лидс загуби со 1:2 од тим на кого ова му е прва победа сезонава. Алиоски го даде почесниот гол во 85 минута. Лидс имаше среќа што и ривалите не се прославија, па Алиоски и другарите останаа лидери на табелата, сега заедно со Мидлсброу.

Но, трендот кај Лидс не е добар, имаат само една победа во последните пет меча и затоа тренерот Биелса размислува за засилувања од типот на Горан Пандев.

Сити со поплава од голови на кардифскиот дожд

Манчестер сити има шест бода и дури 10 дадени гола повеќе од градскиот ривал Јунајтед, и тоа ја отсликува разликата помеѓу овие два тима кои претендираат да се борат за титула во Премиерлигата.

„Граѓаните“ на дождливото време го разбија Кардиф, а составот на тренерот Мурињо не освои еден, туку загуби два бода против Вулверхемтон. Со голот на Фред, 500 различни фудбалери давале голови во дресот на „црвени ѓаволи“ низ богата историја на клубот.

Ливерпул е перфектен, дојде до нова рутинска победа за 18 бода од шест натпревари. Барнли во голем стил дојде до прватра радост сезонава.

Резултати: Фулам – Вотфорд 1:1, Барнли – Борнмут 4:0, Кардиф – Манчестер сити 0:5, Кристал Палас – Њукасл 0:0, Лестер – Хадерсфилд 1:1, Ливерпул – Саутемптон 3:0, Манчестер јунајтед – Вулверхемптон 1:1.

Од 18.30 часот играат Брајтон – Тотенхем.

„Недопирливиот“ Борец ја зголемува предноста

Со победата над гевгелиски Кожуф, екипата на Борец ја зголеми својата предност на врвот на табелата во втората македонска лига исток. Велешани имаат 15 бода од пет кола, триумфот над Кожув го обезбеди Христов од пенал во 86 минута, а во прилог им одеше и поразот на Брегалница во Кавадарци од Тиквеш.

На западот, нов лидер е Генч Калемлер, кој ја стигна Струга на врвот, а некогашното прволигашко дерби кое сега е битка за опстанок во второлигашка конкуренција, му припадна Тетекс, кој со гол во финишот го совлада Пелистер.

Резултати (Запад): Скопје – Велазерими 77 0:0, Генч Калемлер спорт – Кораби 3:1, Гоблен јуниор – Лабуништа 2011 0:0, Струга Трим Лум – Гостивар 1:4, Тетекс – Пелистер 2:1.

Резултати (Исток): Тиквеш 1930 – Брегалница 2008 1:0, Борец 1919 – Кожуф 2:1.

Хофенхајм не се снајде против десетмина „милионери“

Двата тима кои ја претставуваат Германија во Лигата на шампионите, Хофенхајм и Борусија Дортмунд, мораа да се задоволат со по еден бод во својот меѓусебен дуел, во попладневното дерби на Бундеслигата.

На претходниот домашен меч на Хофенхајм против Дортмунд, Хофенхајм обезбеди место во Лигата на шампионите, па клубот има прилично пријатни сеќавања од двобоите со „милионерите“.

За Борусија трае серијата од четири меча без пораз, додека за Хофенхајм, заврши низата од осум средби едноподруго без нерешен исход. Борусија вторпат сезонава ремизираше, додека Хофенхајм е во долната половина на табелата со скромни 4 бода (по една победа и нерешено, и два порази).

Водство на Хофенхајм му донесе засилувањето Жоелинтон, за кого ова е прв бундеслигашки гол. Во 76 минута проблемите за Борусија навидум се зголемија, откако Диало доби црвен картон, но само осум минути подоцна, Ројс асистираше до Пулишиќ, кој се врати после повредата, го даде својот прв гол сезонава, и гостите изедначија на 1:1.

Лидер на табелата е Херта Берлин, која има 10 бода од четири меча, и може да биде симната само ако Баерн слави вечерва или ремизира во Гелзенкирхен. Тимот од Берлин и го нанесе првиот пораз сезонава на Борусија Менхенгладбах.

Нирнберг после цели четири години, повторно победи на еден меч од германската елитна лига.

Резултати: Аугзбург – Вердер 2:3, Херта – Борусија Менхенгладбах 4:2, Хофенхајм – Борусија Дортмунд 1:1, Нирнберг – Хановер 2:0, Волфсбург – Фрајбург 1:3.

Од 18.30 часот се игра дербито Шалке – Баерн.