19.8 C
Skopje
четврток, 10 јули 2025
Дома Blog Страница 9616

Женската фудбалска селекција до 17 години стартуваше со тежок пораз

Женската фудбалската репрезентација до 17 години претрпе дебакл од 7-0 против Франција, па со тежок пораз тргна во квалификациите за Европското првенство за жени до 17 години. Македонките немаа никакви шанси против фаворизираните Французинки.

Победникот на мечот беше решен уште во воведните 30 минути, во кои Франција постигна три гола, два на Пенеу во 12-тата и 23-тата минута, и еден гол на Пикар во 29-тата минута. Пикар со гол го отвори и второто полувреме, додека во продолжението од средбата Жоли реализираше уште два погодоци и еден постигна Шапел.

Нашата селекција на 23-ти во сабота го игра вториот меч од групната фаза против Унгарија, додека на 26-ти септември е предвиден и третиот меч, против селекцијата на Босна и Херцеговина.

Обамејанг го предводи нападот на Габон, а татко му цела репрезентација

Напаѓачот на Арсенал, Пјер-Емерик Обамејанг, ќе соработува со неговиот татко Пјер Франсоа во репрезентацијата на Габон. Франсоа е назначен за нов селектор на габонската селекција, а негов помошник ќе биде еден од најполуларните некогашни фудбалери на оваа земја, Даниел Кузaн.

Пјер Франсоа Обамејанг на клупата го наследи шпанскиот стратег Хозе Антонио Камачо, а негова прва цел и задача во националниот состав ќе биде да го однесе Габон на следното континентално првенство, африканскиот Куп на нации. На селекторското столче ќе дебитира кон средината на октомври, во квалификацискиот меч против Јужен Судан.

Навивач на Лион си доби доживотна забрана за влез на стадион

Францускиот клуб Лион ќе преземе драстични мерки за навивачот кој праќаше нацистички поздрави по победата на Лион од 2-1 над Манчестер сити на „Етихад“. Раководните луѓе на Лион потенцираа дека навивачот ќе биде пронајден и ќе добие доживотна забрана за следење на натпреварите на клубот директно од трибини, односно ќе му биде забранет пристапот на стадион.

„Го забележавме видеото кое кружи на социјалните мрежи. Ќе го идентификуваме навивачот и ќе преземеме мерки, односно доживотно ќе му биде забранет влез на кој било натпревар на Лион“, истакнаа од таборот на францускиот клуб.

Лион тргна со изненадувачка победа од 2-1 на гости кај Манчестер сити во Лигата на шампионите благодарение на прецизноста на Фекир и Корне.

Италијанецот Џилардино заминува во пензија

Алберто Џилардино, поранешниот фудбалер на Милан, Фиорентина и многу други калчолигаши, одлучи да ѝ стави крај на фудбалската кариера откако летово не најде нов клуб. Триесет и шест годишниот голгетер минатата сезона ја мина во дресот на Специја, во текот на летото доби понуда од Про Пјаченца, клуб од Серија Ц, но одби да заигра за нив со цел да стави крај на активното играње фудбал.

Во неговата кариера играше за Пјаченца, Верона, Парма, Милан, Фиорентина, Џенова, Болоња, Емполи, Пескара, постигна вкупно 273 погодоци за сите клубови и за репрезентацијата, а како најголем успех што го постигнал е освојувањето на Светското првенство со Италија во 2006 година, како и Лигата на шампиони со Милан една година подоцна.

Љуљ: НБА за мене не постои, сакам нови успеси со Реал

Ѕвездата на Реал Мадрид, Серхио Љуљ, преферира да остане во редовите на европскиот првак до крајот на неговата кариера, иако со неговиот квалитет може да успее да изгради и НБА-кариера. За разлика од многу други кошаркари од Европа, Шпанецот не се гледа себеси во таа лига, повеќе сака да стане легенда на Кралевите отколку да биде само еден од многуте Европејци кои играле во НБА.

„Секако дека сакам да се пензионирам во дресот на Реал. Мојот важечки договор е долг, ниту сум размислувал за заминување, а уште помалку за НБА. Мојот фокус е во добро светло да ја почнеме новата сезона. Тешко е да ѝ кажеш „не“ на НБА-лигата, но мене тоа не ми е приоритет. Сакам да останам во Реал и да продолжиме да редиме успеси“, истакна Љуљ за шпанските медиуми.

Шпанецот го следи примерот на неговиот колега и сега веќе пензиониран кошаркар, Хуан Карлос Наваро. „Ла Бомба“, всушност, почувствува како е да се игра во НБА, но само по една сезона во дресот на Мемфис, се врати во редовите на Барселона, каде што и ја заврши кариерата.

АБА-лигата воведе функција амбасадор, Жарко Паспаљ е првиот функционер

Од оваа година АБА-лигата воведе нова функција – амбасадор на АБА, а прв човек кој ќе има должоност да ја претставува лигата е легендата на српската и европската кошарка, Жарко Паспаљ.

„Со задоволство ја прифатив понудата да станам амбасадор на АБА-лигата. Ова е најквалитетно клупско регионално натпреварување, не само во кошарка, туку воопшто во спортот. Ова натпреварување се афирмираше како филтер за клубовите од регионот кон Евролигата. Секоја година се појавуваат нови таленти и идни ѕвезди, возбуден сум што ќе учествувам во нивната афирмација. Со нетрпение чекам да почне новата сезона“, истакна Паспаљ.

Во Виена ќе се евоцираат спомените од пред половина век

Помина повеќе од половина век од последните две меѓусебни средби на пријателите од Виена и Москва. Вечерва на „Вестстадион“ во Виена повторно, по повеќе од 50 години, ќе играат Рапид и Спартак.

Последниот двомеч меѓу нив во некогашниот Куп на Победници на куповите, или КПК, беше во сезоната 1966/67. Рапид успеа да го елиминира Спартак со победа дома од 1-0, по ремито во Москва, 1-1.

Сега распоредот е обратен, во мечот од групата Г во Лигата на Европа домаќин ќе биде Рапид, па потоа ќе се игра во Москва на арената „Откритие“.

Во групата се уште и Вилјареал и Глазгов ренџерс, во битката за двете први места што водат понатаму.

 

Дибиров предупредува: Без потценување против Кристијанштад

Вардар повторно знае само за победи, македонскиот првак гази сè пред себе во новата сезона, а нов предизвик е шведскиот тим Кристијанштад.

Во сабота, од 17.30 часот во Скопје ќе се игра мечот од второто коло во Лигата на шампионите, а од таборот на „црвено-црните“ предупредија да нема опуштање.

„Лани нè намачија. Имавме проблеми против нив на гостувањето. Играат брз и динамичен ракомет и инсистираат на контри, кои им се многу опасни. Не смееме да се опуштиме, ова е Лига на шампиони и секој кикс скапо се плаќа“, вели Тимур Дибиров.

Вардар приреди мини-сензација во првото коло со триумф против актуелниот европски првак Монпелје на гостински терен, па сега бара потврда на многу важната победа со нова против Кристијанштад.

Билансот на Вардарци против шведскиот тим е одличен, со шест победи на исто толку натпревари.

Ѓорческа загуби во Подгорица од првата фаворитка Хас

Лина Ѓорческа се прости од натпреварите на ИТФ-турнирот во Подгорица по поразот од првата носителка Барбара Хас.

Македонската тенисерка успеа да го добие првиот сет во тај-брејк со 7:4 во поени, но потоа не успеа да го комплетира мечот во своја корист и ги загуби следните два сета. Хас, која е топ-фаворитка на турниро,т го доби мечот со 6:7(4), 6:4, 6:2 и ќе игра во осминафиналето.

Во првото коло Ѓорческа ја победи Хрватката Леа Бошковиќ со 7:6(3), 6:1,  но не успеа против денешната противничка од Австрија.

На Фенербахче поважно му е дербито со Бешикташ од дуелот со Динамо во ЛЕ?

Хрватскиот првак Динамо Загреб беше на прагот да игра во Лигата на шампионите, но откако на свој терен прими два гола од Салцбург, мораше да се задоволи со настап во Лигата на Европа. Во второто по ранг натпреварување на УЕФА, Динамо како прв противник го има турскиот гигант Фенербахче.

Иако се работи за европско натпреварување, според најавите, турскиот тим нема да биде премногу заинтересиран за победа вечерва. Се очекува тренерот на гостите, Филип Коку, да одмори дури четворица стандардни првотимци. Наместо на теренот, на клупата за резерви ќе се најдат десниот бек Шенер Узбајракли, стоперот Роман Нојштатер, офанзивниот играч за врска Андре Ају и напаѓачот Ислам Слимани.

Во стартниот тим на Фенербахче би требало да има место за македонскиот репрезентативец и голема надеж, Елиф Елмас. Токму Елмас се покажа дека како главен во прекинувањето на губитничката низа на тимот во домашното првенство. На средбата против Коњаспор, Елмас влезе како резерва и даде гол за победа од 1-0.

По гостувањето во Загреб, Фенер го очекува дербито во турското првенство против Бешикташ. За навивачите на Фенербахче многу е поважно градското дерби, а тоа добро го знае и Коку, па затоа вечерва ќе ги штеди силите на неговиот тим.

Во редовите на Динамо единствено е неизвесно дали ќе настапи капитенот Аријан Адеми. Македонскиот репрезентативец има повреда на ногата. Дуелот на „Максимир“ ќе започне во 21 часот.