10.8 C
Skopje
среда, 19 ноември 2025
Дома Blog Страница 9945

Шлаканица за „воините“ од Милвоки, Бостон се врати од -22 и победи

Голден стејт го претрпе првиот пораз сезонава на домашен терен, Милвоки бакс со 134:111 забележа голема победа во Оукленд. „Воините“ одиграа далеку под своето ниво, особено главните ѕвезди Кари и Дурант.

Милкови доминираше во текот на целиот меч, веќе на полувремето имаше предност од +13, додека во продолжението таа предност стана двојна, па Голден стејт не можеше ништо да направи за да се врати резултатски. Само последниот период го освои со 32-29, а тоа не беше доволно за да се победат одличните „елени“.

Бледсо и Адетокумбо го предводеа тимот на Милвоки со 26, односно 24 поени, додека на другата страна, најсветла точка во Голден стејт беше Клеј Томпсон, кој реализираше 24 поени. Дурант додаде 17, Кари забележа само 10 поени.

Бостон успеа да ја стопи предноста од 22 поени на Феникс, „келтите“ триумфираа со 116:109. Маркус Морис го однесе мечот во дополнително време откако погоди тројка за израмнување на 100:100 во последната секунда, а потоа Бостон со 16-9 по продолженијата ја оствари седмата победа сезонава.

Кајри Ирвинг со својот овосезонски рекорд по број на поени го предводеше Бостон до нова победа, реализирајќи 39 поени, шест асистенции и седум скока. Кај „сонцињата“ блескаше Девон Букер со 38 поени и девет асистенции, но ниту неговите, а ниту оние 29 поени на Ворен не беа доволни да ја израдуваат својата публика.

Оклахома го совлада Хјустон со 98:80, Портланд забележа победа над ЛА клиперс со 116:105.

Адеми со Динамо во перфектен стил оди понатаму

Аријан Адеми капитенски го предводеше Динамо до победа од 3-1 на „Максимир“ против Спартак Трнава во четвртото коло од Лигата на Европа. Хрватскиот првак со овој триумф ја продолжи перфектната низа и со максимални 12 бода е сигурен учесник во нокаут-фазата, во второто по ранг натпреварување на УЕФА.

Покрај Динамо, понатаму одат и Баер Леверкузен и Цирих, кои вечерва играа меѓусебе. „Фармацевтите“ победија со 1-0 и со 9 бодови се израмни со швајцарскиот тим на првите две места на табелата. Лудогорец и АЕК заостануваат седум бода на две кола до крајот и во оваа група сè е јасно.

Арсенал и Спортинг одиграа без голови, но на „топчиите“ и тоа им беше доволно да го осигурат местото во нокаут-фазата. Најинтересна група до крајот ќе биде таа каде што Олимпијакос, Бетис и Милан се борат за едно од првите две места. Бетис и Милан одиграа 1-1, а Олимпијакос славеше убедливо со 5-1, па сега на табелата Бетис има 8 бодови, а Олимпијакос и Милан се со по 7 бодови.

Резултати: Арсенал – Спортинг 0-0, Баер Леверкузен – Цирих 1-0, Бетис – Милан 1-1, Бордо – Зенит 1-1, Селтик – Лајпциг 2-1, Динамо Загреб – Трнава 3-1, Лудогорец – АЕК Ларнака 0-0, Олимпијакос – Дуделанж 5-1, Розенборг – Салцбург 2-5, Славија Прага – Копенхаген 0-0, Ворскла – Карабах 0-1.

Резултатите од мечевите кои се играа порано денеска може да ги видите ТУКА.

Поминаа 3.300 километри и направија фантастична атмосфера (Видео)

Вистинско шоу направија навивачите на Ајнтрахт Франкфурт на гостувањето во Лимасол против Аполон. Дури 5.000 навивачи од Германија заминаа во Кипар и ја исполнија трибината, а во текот на сите 90 минути направија неверојатна атмосфера. На стадионот кој собира 23.000 гледачи, вкупно имаше 8.000 публика, а поголемиот дел беа гости од Германија.

На крајот Ајнтрахт ги награди своите фанови со победа од 3-2.

Страшна повреда на Велбек (Видео)

Напаѓачот на Арсенал, Дени Велбек немаше среќа во дуелот против Спортинг. Само по 30 минути поминати на теренот, Велбек беше заменет, и тоа поради повреда. Англискиот репрезентативец беше во обид да даде гол со глава, а при доскокот лошо падна и го свитка зглобот на ногата.

Ситуацијата воопшто не делуваше наивна и Велбек веднаш го напушти теренот, а на негово место влезе Пјер-Емерик Обамејанг.

https://youtu.be/AG4cv1ZlY80

 

Четири аса на Баерн ќе го менуваат Ковач

Баерн Минхен ја стабилизираше играта и има пет победи и едно реми во последните шест меча во сите натпреварувања, но тоа како да не е доволно за играчите да ги прифатат методите на новиот тренер Нико Ковач. Томас Милер, односно неговата жена Лиза, јавно го критикуваше Ковач затоа што не му дава поголема минутажа на нејзиниот маж.

Германсккото списание „Кикер“ открива дека Милер не е единствениот што има проблеми со тренерот. Франк Рибери, Арјен Робен и Матс Хумелс се дел од групата кои се незадоволни од работата на Ковач и се за негова смена. Ковач тврдоглаво се држи на системот 4-1-2-2-1, а ѕвездите на Баерн сметаат дека тоа не е вистинската формација со која треба да бидат на теренот за да ги остваруваат посакуваните резултати.

Засега Ковач ја има поддршката од челниците на Баерн, а многу работи може да бидат појасни по дербито кое следува во Бундеслигата, каде што германскиот првак гостува кај лидерот Борусија Дортмунд.

 

Челзи, Ајнтрахт и Лацио обезбедија европска пролет

Напаѓачот на Челзи, Оливие Жиру конечно се израдува на гол. Францускиот репрезентативец погоди на гостувањето кај БАТЕ Борисов и тој гол беше доволен за триумф на англискиот гигант. Челзи има максимални 12 бодови по четири одиграни средби во Лигата на Европа.

Челзи во првото полувреме не упати ниту еден удар кон голот на домаќините, што е за прв пат сезонава во кое било натпреварување. Во вториот дел се разбуди Жиру и со голот во 53-тата минута им донесе радост и триумф на гостите. За францускиот напаѓач ова беше прв погодок по пауза од 794 минути поминати на теренот. Жиру немаше дадено гол уште од мај, кога беше прецизен на дербито против Ливерпул во Премиер лигата.

https://youtu.be/KSegeb6WZY0

Перфектен е и Ајнтрајт Франкфурт, откако на гостувањето кај Аполон победи со 3-2. Во оваа група сè е јасно бидејќи Лацио со победата од 2-1 против Олимпик Марсеј стигна до 9 бодови и го откажа францускиот тим кој е трет само со еден освоен бод.

Резултати: Акхисар Беледије – Севилја 2-3, Аполон – Ајнтрахт 2-3, БАТЕ Борисов – Челзи 0-1, Динамо Киев – Рен 3-1, Краснодар – Стандард Лиеж 2-1, Генк – Бешикташ 1-1, Лацио – Марсеј 2-1, Малме – Сарпсборг 1-1, МОЛ Види – ПАОК 1-0, Рапид – Вилјареал 0-0, Спартак Москва – Ренџерс 4-3.

Металург никако да го реши проблемот второ полувреме

Металург загуби од Спортинг Лисабон со 24:31 (полувреме 18:17) и остана само на една победа во Лигата на шампионите. Македонскиот претставник играше добро само во првата половина од средбата, а во вториот период постигна трипати помалку голови, и тоа се покажа како кобно.

По првото полувреме, тимот од скопската Автокоманда водеше со 18:17, се играше доста ефикасен ракомет на двете страни. Димитриоски со 4/4, Лазаревски со 3/3 и Рибеиро, кој имаше 3/4, беа најрасположени во составот на тренерот Брестовац.

Највисоката предност на Металург беше 8:4 во 11-тата минута, а Спортинг првото водство го имаше дури во 36-тата минута, кога Никчевиќ реализираше за 19:18. За жал на домашните, тоа беше почеток на контролата на резултатот на гостите, а клучна беше серијата кога од 24:23, дадоа пет гола по ред за 29:23 на три минути до крајот.

Димитриоски, кому денеска му е именден, со пет гола беше прв стрелец во поразениот тим, а одличен беше и голманот Томовски, кој фати дури 17 топки. По седум кола, Металург има една победа и шест порази.

Шекил О’Нил влезе во октагон да проба како е во ММА (Видео)

Легендарниот кошаркар Шекил О’Нил во последните неколку години не криеше дека сака да проба како е во октагонот и да биде дел од борбите на ММА. Таа желба на еден од најдоминантните центри во историјата на НБА-лигата сега му се оствари.

На 46 години О’Нил влезе во рингот, и тоа на борба против првакот во полутешка категорија Форест Грифин. Мечот траеше пет минути, а Шекил покажа дека е подготвен. Високиот 216 сантиметри успешно се справи со еден од најдобрите борци на ММА во полутешка категорија.

По тепачката во турското дерби: Суспензија дури од 43 меча, Елмас се спаси

Фенербахче и Галатасарај минатата недела одиграа дерби какво и што се очекува за Турција. Со многу динамика, неизвесност, голови и драма. Дуелот заврши 2-2, а по завршување се случи општа тепачка, во која се вклучија речиси сите играчи на двата тима.

Жаилсон од Фенербахче испровоцира еден од гостинските играчи и се случи хаос. Судијата не можеше да одлучи кој е виновен за тоа што се случи, па мораше да помогне и системот ВАР. На крајот, Жаилсон, неговиот соиграч Роберто Солдадо и играчот на Галатасарај, Ндиаје добија црвен картон.

По прегледаните снимки, дисциплинската комисија на Турската федерација изрече драстични казни. Галатасарај помина многу полошо. Помошник-тренерот Хасан Шаш е суспендиран на осум меча, додека главниот тренер Фатих Терим е казнет со седум средби. Шест дуели е суспендиран Рајан Донк, Баду Ндиаје ќе одмори пет дуели, а Гери Родригез е казнет со пауза од три меча.

Жаилсон, кој беше иницијатор на инцидентот, е суспендиран на осум меча, а Роберто Солдадо ќе паузира шест меча. Дел од дербито беше и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, но тој не доби никаква суспензија.

https://youtu.be/5FBzrzuwPn8

Репрезентацијата во иднина ќе може да игра и во Штип (Видео)

„Штип заслужува модерен стадион според најсовремени стандарди. Затоа започнавме со проектирање на целосно нов градски стадион во Штип, со капацитет од околу 6.000 гледачи, според стандардите на ФИФА, каде што ќе биде вклучен и хотелски комплекс во непосредна близина“, напиша градоначалникот на градот под Исарот, Благој Бочварски.

Тој објави видео со кое го претстави планот за реконструкција со доградба на трибини на постојниот градски стадион, во кој инвеститор е општината, со поддршка од Фудбалската федерација на Македонија.

Станува збор за објект со хотелски комплекс и две трибини, а капацитетот на стадионот, чиј домаќин ќе биде клубот Брегалница, ќе биде 6 илјади гледачи, а ќе ги задоволува стандардите на ФИФА, со што се отвора можност Штипјани да гледаат и репрезентативен фудбал.