35.8 C
Skopje
недела, 13 јули 2025
Дома Blog Страница 9602

Мрежата на Рајо ја полнат, Димитриевски уште е на клупата

Рајо Валјекано и Еспањол ремизираа 2:2 во мечот со кој стартувапе 7 коло од шпанската Примера дивисион. Двете екипи по еднаш беа во водство, а на крајот ремито изгледа како најреален резултат. Домаќините поведоа со голот на Де Томас уште во 6 минута, но до крајот на првото полувреме се случи пресврт. Иглесиас и Гранеро ја искористија слабата одбрана на домаќините и стигнаа до предност од 2:1.

Радоста на гостите траеше само две минути, откако се вратија од соблекувалните. Во 47 минута беше досуден пенал за Рајо, а Какута биеше прецизно за 2:2. До крајот на средбата немаше промена на резултатот.

Рајо и на овој меч ја продолжи очајната одбрана. Мадриѓани во последните три средби од Примера дивисион примија девет погодоци, но засега и тоа не е сигнал за тренерот да го смени голманот. Како резерва, на клупата на Рајо седи македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски, кој ја чека својата шанса да се докаже.

 

Монако остана во зоната за испаѓање (Видео)

Кризата на Монако се продлабочува, откако тимот од Кнежеството претрпе нов пораз во француското првенство. На гостувањето кај Сент Етјен, Монако прими два гола, а ниту еднаш не успеа да се израдува. Ова е седми натпревар во низа на кој победата останува само мисловна именка за Монако. Тимот кој е навикнат да е при врвот на табелата, па дури и да се бори за титулата, сега остана во зоната за испаѓање со само шест бода од осум средби.

Сент Етјен даде по еден гол во двете полувремиња и тоа на два пати стрелец беше Ваби Казри. Мароканскиот голгетер најпрво погоди во 41 минута за водство од 1:0, а веќе во 54 минута беше 2:0 за домаќините. Монако делуваше немоќно, па јасно беше дека поразен ќе си замине од ова гостување.

https://youtu.be/eYu_krFh7co

Херта го победи Баерн и го стигна на табелата во Бундес лигата (Видео)

Херта му го нанесе првиот пораз на Баерн Минхен сезонава, откако на дуелот во Берлин, домаќините победија со 2:0, во меч од шестото коло на Бундес лигата. Играчите на Херта уште од самиот почеток беа мотивирани да стигнат до трите бода во дербито и тоа го реализираа благодарение на одличната игра во првото полувреме.

Во 23 минута беше досуден пенал за Херта, а сигурен реализатор беше Ведад Ибишевиќ. Пред крајот на првиот дел, домаќините ја удвоија предноста. Дуда погоди за 2:0 и го кутна шампионот на колена. Баерн делуваше разнишано, па дури ни трите измени во второто полувреме не вродија со плод.

Во последните два меча Баерн освои само еден бод, што може да е знак за мала криза во играта на шампионот. Херта со овие три бода се израмни со Баерн на врвот на табелата. Двата тима имаат по 13 бодови, а баварците се први благодарение на подобрата гол разлика.

https://youtu.be/I8tXuMa_Ic4

 

ФИФА ќе донесе револуционерни промени

Светската фудбалска федерација (ФИФА) сака да стави крај на астрономските суми кои се плаќаат за трансфер на играчи. Посебна комисија со поддршка од претседателот Џани Инфантино ќе создаде компјутерски алгоритам, кој математички ќе ја одредува реалната сума за трансфер на играчот.

„Системот за трансфер на играчите се претвори во шпекулативен пазар, што не е фер кон оние клубови кои ги произведуваат играчите, а тие се темелот на овој спорт. Затоа, неопходни се механизми, за да се постигне транспарентност и објективност во оценувањето на сумата која треба да се плати за раскин на договорот“, стои во извештајот од комисијата.

Ќе биде предложено да се воведе ограничување на износот кој клубовите ќе може да го потрошат за доведување на нови играчи. Сите оние клубови кои ќе го поминат тој износ, ќе мора да платат данок на луксуз. Тие пари од тој данок на луксуз ќе одат во Фонд на солидарност и ќе се префрла во оние места каде што ќе биде најпотребен.

 

Сколс: Да беше Фергусон, Погба ќе „леташе“ од клубот

Еден од најдобрите играчи во историјата на Манчестер јунајтед, Пол Сколс го критикуваше однесувањето на Пол Погба кон менаџерот на екипата, Жозе Мурињо. Најскапиот играч во историјата на Манчестер јунајтед реши јавно да го критикува тренерот и влезе во конфликт со Португалецот.

Сколс не може да верува дека таква ѕвезда како Погба нема почит кон тренерот и дека ако тоа го направел во времето кога Сер Алекс Фергусон беше на клупата, досега играчот ќе добиеше отказ.

„Ако тоа се случеше во времето на Ферги, тогаш Погба ќе беше избркан од клубот. Малку веројатно е дека Фергусон ќе дозволеше екипата да стане за потсмев поради однесувањето на еден играч. Во Манчестер моментно се случува еден голем циркуз. Поради личната нетрпеливост на Погба и Мурињо, страда целиот тим. Мислам дека во јануари Манчестер ќе се ослободи од Погба и тоа ќе биде вистинско решение“, вели Сколс.

Некогашниот англиски првак веќе заостанува во трката за титулата во Премиерлигата, а доживеа и елиминација од Лига купот на Англија.

Лавовска битка ќе има во Кратово

Силекс ќе го пречека тимот на Македонија Ѓорче Петров во еден од најинтересните мечеви закажани за утрешното 8. коло во Првата македонска фудбалска лига. Двата тима моментно се во опасната зона, а три освоени бода треба да значат и пат кон средината на табелата.

Македонија ЃП во претходното коло убедливо со 3:0 го победи фаворизираниот Работнички. Овој триумф ја подигна самодовербата кај „лавовите“ кои најавуваат атак на трите бода на утрешната средба во Кратово.

„Ќе одиме да се надигруваме во Кратово. Знаеме дека ќе биде тешко, но со максимална борба на секој дел од теренот можеме да стигнеме до успех. На дуелот против Работнички покажавме дека имаме квалитет. Верувам дека по мечот со Силекс ќе излеземе од опасната зона на табелата“, рече капитенот на тимот од Ѓорче Петров, Боби Божиновски, кој беше и стрелец на еден од трите гола на последниот меч против Работнички.

Во досегашните седум меча, Македонија ЃП има шест бода, но е само со еден пораз од последните четири средби. Силекс е последен на табелата со шест бодови.

Дуелот во Кратово, како и останатите четири утрешни средби ќе започнат во 15 часот.

 

Кристијано Роналдо обвинет дека силувал жена

Кристијано Роналдо во 2009 година ја силувал Кетрин Мајорга, открива германскиот весник „Шпигел“. Според пишувањата, Роналдо ја силувал девојката во една хотелска соба во Лас Вегас. Подоцна и биле платени 375.000 долари да молчи и да не кажува за тоа што и се случило.

Роналдо во 2009 година си замина од Манчестер јунајтед и потпиша за Реал Мадрид. Тој бил во еден ноќен клуб во Лас Вегас, каде и се запознал со Мајорга, а подоцна заедно завршиле во хотелска соба. Девојката тврди дека само се бакнала со Кристијано и дека не сакала да има ништо повеќе, но Португалецот не дозволил да биде одбиен.

Подоцна, откако се завршило, девојката прифатила да добие парична надокнада од 375.000 долари за да молчи за целиот настан. Сепак, сега девет години подоцна, таа вели дека има психолошки последици од тој настан и дека преку својот адвокат ќе подигне обвинение врз Роналдо.

Леброн се скара со навивачите на Лејкерс

Леброн Џејмс летово го направи најголемиот трансфер во НБА лигата, откако реши да си замине од Кливленд и потпиша за Лос Анџелес Лејкерс. Тимот од „градот на ангелите“ се надева дека сезонава повторно ќе го врати стариот шампионски сјај и дека ќе може да се бори за трофејот.

Освен Леброн, во дресот на Лејкерс сезонава ќе бидат и Мек-Ги, Рондо,Бисли, Бел, Харт, Инграм и уште неколку квалитетни играчи, кои треба да бидат гаранција за успешна сезона. Првиот меч на Лејкерс ќе биде на 19 октомври и тоа на гости кај Портланд.

Како што се најавува, Леброн на овој меч ќе настапи во нови патики, специјално направени за дебито. Токму патиките се причина за навивачите на Лејкерс да му се налутат на Џејмс. Патиките во кои ќе игра Леброн се во клупските бои на Кливленд. Со овој потег, Леброн сака да се оддолжи на својот матичен клуб, но со тоа го нанесе врз себе гневот на фановите на Лејкерс.

Нема непоразени на Мундијалот – Бразил ги декласира Американците

Бразил покажа моќ и со 3:0 во сетови ја порази американската одбојкарска селекција во меч што одлучуваше за првото место во групата.

Кариоките неочекувано лесно со 25:20, 25:18, 25:19 го добија дербито на двете селекции кои ќе играат во полуфиналето на Мундијалот во Италија и Бугарија.

Завршницата се игра во Италија, а таму Американците допатуваа како единствена непоразена селекција. Го добија и првиот дуел во втората рунда против Русија со 3:0, но денеска налетаа на мина и на расположените Бразилци.

Поразот не мора да значи ништо, ако САД во полуфиналето слави против првопласираната репрезентација од втората група, а тоа најверојатно ќе биде Полска.

Вечерва од 21,15 во последниот меч од втората фаза ќе играат Италија и актуелниот светски првак Полска, а на шампионите им треба еден сет за да бидат сигурни полуфиналисти и да играат против САД. Во таков случај меѓусебе за финале би играле и Бразил против Србија.

Берлускони за роденден си купи фудбалски клуб

Италијанскиот третолигаш Монца и официјално е под сопствеништво на Силвио Берлускони. Поранешниот сопственик на Милан во целост го откупи клубот на еден ден пред неговиот 82-ри роденден, очигледно си купи убав подарок. Со него во соработка влезе и долгогодишниот колега и пријател, Адријано Галијани.

Берлускони назначи и нов одбор на директори, меѓу кои се Никола Коломбо, Паоло Берлускони, Адријано Галијани, Данило Пелегрино, Роберто Мацо, додека како извршен директор на клубот е назначен Галијани.

Поранешниот премиер на Италија, цели 31 година го држеше гигантот од Милано, за сето тоа време Галијани му беше десна рака. Милан во негово владеење освои пет титули во Лигата на шампионите, додека осум пати беа шампиони на Италија. Клубот го продаде во 2017 година на кинески инвеститори.