Дома Blog Страница 10691

И Удинезе поразен од „старата дама“

Десетта победа во десеттиот настап за Јувентус сезонава, а во италијанската лига имаат 24 бода од осум меча. Жртва на „старата дама“ беше Удинезе, кој беше надигран со 2:0.

Уругваецот Родриго Бентанкур, го даде двојот прв гол во дресот на Јувентус. Тој се најде во почетниот состав на местото на Емре Џан и му се оддолжи на тренерот Mасимилијано Алегри за довербата. Водството на гостите го зголеми Кристијано Роналдо, со својот четврти погодок сезонава во Серија А.

Јувентус од април 2010 нема загубено на „Фриули“, или по ново, „Дачиа арена“. Гостите не успеаја да го дадат својот седми гол сезонава во првите половина час од мечевите, но брзо после таа 30-та минута, веќе во 37. минута, водеа со 2-0.

Бедемот од Ѓорче Петров – Нема кој да и даде гол на Македонија

Бедемот од Ѓорче Петров не попушта и по првата четвртина од домашното првенство се уште е недопрен, а Македонија и по четири натпревари на свој терен нема примено гол.

И денеска Победа си замина без бодови, но и без да ја затресе мрежата на Марко Јовановски. Голманот на ѓорчепетровци остана несовладан, па голот на Боби Божиновски беше доволен за победа на домаќините од 1:0.

Претходно од Ѓорче Петров без постигнат гол си заминаа и шампионот Шкендија, потоа и Беласица и четирикратниот првак Работнички. Чудно, но вистинито новиот прволигаш љубоморно ја чува својата мрежа, а теренот во Ѓорче Петров станува непремостлива тврдина за ривалите.

Одбараната на Македонија си функционира беспрекорно, на другата страна на теренот  ветераните Боби Божиновски и Христијан Кировски командуваат со средниот ред и офанзивата, па амбициите се пласман во горниот дел на табелата.

Македонија остана во игра и за трофејот во националниот куп и по Вардар ќе треба да го мине Работнички за пласман во полуфиналето.

„Штета што завршува првиот дел од шампионатот, па ќе има пауза. Некако во финишот од првиот круг влеговме во посакуваниот ритам и бележиме дoбри резултати. Верувам дека навреме ќе обезедиме опстанок, а зошто да не се обидеме да се бориме и за излез во Европа. Имаме добар тим , спој на младост и искуство и верувам дека ќе продолжиме со успеси“, вели капитенот на Македонија Ѓ. П. Боби Божиновски за СПОРТ МАНИЈА.

По девет одиграни натпревари тимот од Ѓорче Петров има 10 бодови.

 

ПО ПОРАЗОТ ОД ВАРДАР: Во Рајн Некар „плачат“ поради судењето

Германскиот вицепрвак Рајн Некар по шести пат во деветиот меч е поразен од Вардар. Германците едноставно стануваат редовни „пациенти“ на македонскиот првак, но и покрај таквиот факт, тренерот на Рајн Некар, Николај Јакобсен вината ја бара кај судиите.

„Разочарани сме дека не победивме. Честитки за Вардар и Парондо. Клучен момент на мечот беше почетокот на второто полувреме кога направивме премногу грешки. Потоа беше тешко да играме и против судиите. Тие не ни дадоа шанса да победиме во Скопје“, рече Јакобсен веднаш по поразот на Рајн Некар во Скопје од Вардар.

Никој не може да го сопре Вардар – „ауфидерзен“ за Рајн Некар

Вардар е во шампионски ритам. Македонскиот првак стигна до четвртата победа во четвртото коло од Лигата на шампиони. Во „пеколот“ во „Јане Сандански“ падна Рајн Некар Левен. Вардарци славеа со 29:27.

Со оваа триумф, Вардар по трет пат успеа во Лигата на шампионите да стартува со четири победи во низа. Тимур Дибиров со 8 гола беше најефикасен, Карачиќ и Борозан постигнаа по 4, а Скубе 3. Голманот Милосављев повторно блесна и имаше 10 одбрани. За Вардар ова е шеста победа во деветиот меч против Рајн Некар.

Од самиот почеток на мечот Рајн Некар поведе со 1:0 и го контролираше резултатот. Вардар во неколку наврати успеа да израмни, но не и да поведе. Во 20 минута гостите направија мини серија од 2:0 и за прв пат поведоа со 10:7, а потоа и 11:8. Вардар се доближи на 11:12, но потоа со серија од 3:0, Рајн Некар за прв пат стигна до четири гола предност во 28 минута (11:15). До крајот на полувремето Вардар со два гола сепак намали на два гола негатива (13:15).

Вардар фуриозно го започна вториот дел. Со серија од 4:1 за прв пат стигна до водство и тоа 17:16 во 34 минута. Потоа се играше гол за гол и беше нерешено 21:21 во 42 минута, а Вардар со мини серија за прв пат поведе со два гола 23:21. Во последните 10 минути вардарци влегоа со предност од 27:24, но Германците не се предадоа и стигнаа до 27:28. Тогаш Дибиров од пенал погоди за 29:27 во 58 минута и во последните две минути Вардар искусно ја задржа предноста за нова радост на навивачите во „Јане Сандански“.

Работнички го разби АВ Охрид

Работнички беше подобар од АВ Охрид со 94:44 во првиот меч од новата сезона во првата кошаркарска лига на Македонија. Скопските „црвено-бели“ беа доминантни, особено во одбраната. Охриѓани имаа 21 загубена топка, тешко го наоѓаа патот до кошот на Работнички, и беа декласирани со 50 поени разлика.

Николовски со 16 поени беше најефикасен во победничкиот тим. По 12 поени уфрлија Костов и Ефремовски, а Крстевски имаше дабл-дабл од 11 поени и 10 скока. Во составот на тренерот Докузовски го немаше Чековски, но најавите се дека тој ќе се појави на наредниот меч.

Кевин Хил со по 10 поени и скокови, беше единствената посветла точка кај „галебите“. Ако денот се познава по утрото, тогаш за АВ Охрид оваа сезона ќе биде полоша од минатата, иако сега нема да играат на два фронта.

Васоски командува, Вардар беспрекорно маршира кон титула

Беспарицата и многуте проблеми во клубот, вардарци на импресивен начин ги потиснаа во заден план и играат извонредно во домашното првенство.

Со новата победа против Академија Пандев, најтрофејните стасаа до неверојатни 7 бодови предност, што е главна карактеристика на првата четвртина во нашата Прва Лига.

Денеска со дуелите од деветтото коло заврши првиот од четирите круга во ПМФЛ, а вардарци се се уште без пораз и со освоени 23 бодови.

„Задоволни сме и од денешниот настап со Академија Пандев и воопшто од игрите што ги прикажавме во првата фаза од домашното првенство. Дадовме голови на време, но и бевме подобри од противникот. Но, сега не смееме да се залажуваме дека титулата е наша. Има уште доста време, ќе се играат уште многу натптревари на кои треба да одиграме како досега. Останува жал за купот, но мораме да гледаме напред и да продолжиме со ова темпо во првенството. Морам да ги пофалам играчите, кои одговорија на сите предизвици и покрај проблемите. Тие се најзаслужни за предноста од 7 бода. Ни годи, но не се опуштаме“, вели Васоски за СПОРТ МАНИЈА.

Популарниот Тетовче дебитира како тренер во Првата лига и засега извонредно одговори на предизвикот. Неговата специјалност од играчките денови, дефанзивата, беспрекорно фукнционира кај Вардар. Најтрофејниот клуб има примено само 4 голови на девет дуели, што е одличен просек, под 0,5 примени погодоци на меч.

„Одлично ни функционираше и одбраната, но без помош на сите играчи тоа е невозможно. Функциониравме како прецизен часовник во сите сегменти и само посакувам така да продолжиме. Следен ривал ни е Шкендија, мечот е многу важен, но не и клучен за титулата. Ние нема да си наметнуваме непотребни императиви и ќе играме како и досега, сигурно, смирено, ефикасно и прецизно. Имаме одлична предност, ќе се обидеме со добри игри да ја задржиме и ако можеме и да ја зголемиме“, додава Васоски.

Сега следи пауза со настапи на репрезентацијата во Лигата на Нации, а првенството продолжува на 21. октомври со ново дерби за Вардар против Шкендија.

Абутовиќ си замина од Вардар, но засекогаш останува „црвено-црн“ (Видео)

Илија Абутовиќ повторно е со „црвено-црниот“ дрес на Вардар. Србинот неколку сезони беше дел од тимот на Вардар, а летово направи трансфер во Рајн Некар, Поради повреда, еден од најдобрите дефанзивци не игра на денешниот меч против Вардар, но дојде во Скопје да се види со своите стари пријатели.

Пред мечот, Абутовиќ доби изненадување кое сигурно не го очекуваше. Капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов му подари дрес со бројот 20 на кој пишуваше, „Илија фала ти за се“. Со овој потег Вардар уште еднаш ја покажа големината на клубот и не го заборави еден од најдобрите играчи кој „гинеше“ за македонскиот првак.

https://twitter.com/ehfcl/status/1048601979805687814

Хет-трик на Тотенхем, прв гол за Даер по една година

Тотенхем го победи Кардиф, минимално со 1:0, со голот на Ерик Даер во осмата минута. Даер го постигна првиот погодок од 2017 година, доволно за три бода за екипата од Лондон.

Тотенхем има три победи по ред и е на третото место со 18 бодови, еден помалку од водечкиот двоец Манчестер сити и Ливерпул.

Тоа беше единствена победа на домашна екипа на петте натпревари од 16 часот. Гостите славеа на три дуели. Вулверхемптон со 1:0 го победи Кристал Палас во Лондон, Евертон ги однесе бодовите на гости со триумф од 2:1 против Лестер, а најубедлив беше Борнмут со убедлива победа од 4:0 кај Ватфорд.

Нерешено, 1:1 заврши дуелот меѓу Барнли и Хадерсфилд.

Голчиште на Барди против Хетафе (Видео)

Енис Барди постигна прекрасен гол од слободен удар на гостувањето кај Хетафе, со што на Леванте му донесе предност од 1-0. За Барди, ова е прв гол сезонава, и со тој погодок во 60 минута, на тимот од Валенсија му донесе нови три бода.

Погледнете потврда дека Барди е еден од најдобрите изведувачи на слободни удари во светот:

https://youtu.be/mRo80IENxOs

Каков трилер во Дортмунд, Пако го спакува Аугсбург

Повремениот шпански репрезентативец Пако Алкасер е херојот на Борусија Дортмунд, а популарните „милионери“ во трилер меч го победија Аугсбург со 4:3.

Во шесттата минута од судиското продолжение Алкасер го постигна победоносниот погодок, откако претходно имаше неколку пресврти.

Аугсбург водеше со 1:0 и 2:1, потоа Борусија стаса до 3:2, но гостите повторно израмнија во самиот финиш на 3:3. Кога се чинеше дека Аугсбург повторно ќе освои голем бод против фаворит за титулата, сепак Пако стрелаше прецизно во последен момент за победа на лидерот на табелата во Бундеслигата.

Претходно Аугсбург успеа да одигра нерешено, 1:1 против Баерн во Минхен, но денеска не успеа да го повтори подвигот во Дортмунд.

Шалке 04 фати ритам и повторно победи, третпат по ред, денеска во Диселдорф против Фортуна со 2:0. Победа со два гола разлика забележа и Хановер, со 3:1 против Штутгарт, а Мајнц и Херта ремизираа без голови.