22.8 C
Skopje
четврток, 17 јули 2025
Дома Blog Страница 9597

ТОА Е ЛЕГЕНДА: Том Брејди фрли за 500-ти тачдаун во кариерата (Видео)

Том Брејди имаше историска вечер во американската НФЛ. Легендарниот квотербек успеа по 500-ти пат да фрли за постигнување на тачдаун. Брејди успеа да додаде до Џош Гордон, за кого ова беше прв постигнат тачдаун во кариерата. Гордон е 71 различен играч кој успеал да реализира по додавање на Брејди.

Повеќе додавања за тачдаун имаат само Пејтон Менинг (539) и Брет Фарв (508), но Брејди е единствен по тоа што успеал до оваа бројка да стигне играјќи само за еден тим.

Со расположен Брејди на теренот, Њу Ингланд пејтриотс немаа проблем и со 38:24 ги совладаа Индијанаполис колтс, за трета победа во петиот меч сезонава. Индијанаполис остана само на еден триумф од пет дуели.

Велковски не е подготвен, Зајков ќе го замени за Лихтенштајн и Ерменија

Ѓоко Зајков доби дополнителен повик од селекторот Игор Ангеловски, како замена за повредениот Дарко Велковски. Двајцата соиграчи од златната генерација младинци што настапи во Полска на ЕП ги заменија местата, сега во селекцијата А.

Велковски има проблеми со задниот дел на бутниот мускул и не е подготвен за настапи. Подолг период и Зајков беше повреден, но тој сега е фит и ќе биде во комбинација за настап против Лихтенштајн во Скопје на 13-ти октомври и со Ерменија во Ереван три дена подоцна.

Поради истрагата дека е можен силувач: Роналдо може да остане без главниот спонзор

Кристијано Роналдо цело лето беше во центарот на вниманието благодарение на неговиот трансфер од Реал Мадрид во Јувентус. Португалецот и сега останува да биде тема број еден во фудбалот, но по нефудбалски работи. Сè посериозни стануваат обвиненијата дека Роналдо во 2009 година во својата хотелска соба силувал една американска студентка.

Кетрин Мајорга, која сега има 34 години, го обвини Кристијано дека ја силувал, а потоа дека ѝ дал 375.000 долари за да молчи. Полицијата во Лас Вегас, каде што се случил целиот настан, реши да спроведе истрага за да ги види сите кажувања.

Поради овој непопуларен настан за Роналдо, се огласија и од компанијата за спортска опрема „Најки“, која има потпишано доживотен договор со Португалецот.

„Многу сме вознемирени поради обвиненијата и ќе продолжиме внимателно да ја следиме целата ситуација. Прочитавме загрижувачки вести во кои Роналдо е обвинет. Сакаме нашите амбасадори да се однесуваат на начин на којшто треба“, стои во соопштението на „Најки“.

 

Адеми е во одлично расположение: Покажавме како се игра фудбал

Аријан Адеми не чувствува последици од повредата, а одигра одлично во Брисел, против Андерлехт, во новата победа на Динамо Загреб во Лигата на Европа.

Шампионот на Хрватска лесно ги гази противниците и има две победи по две кола во својата група. Против Андерлехт славеше со 2-0, неочекувано лесно и му дозволи на противникот само еднаш да шутне кон голот што го бранеше Ливаковиќ.

„Ѝ покажавме на вистинска европска екипа како се игра фудбал. Мораме секој меч да го играме како овој во Брисел. Со почит кон противникот, но секогаш без страв“, вели Адеми.

Тој е борец без мана и како вистински капитен го предводеше Динамо до уште еден успешен европски поход и во Брисел. Сега на ред е Македонија, Адеми е потполно подготвен по повредата и со нетрпение ги очекува натпреварите со Лихтенштајн и Ерменија на 13-ти и на 16-ти октомври во Лигата на нациите.

Најбизарниот гол го даде судијата со глава (Видео)

Еден од најневеројатните погодоци кои се видени во фудбалот доаѓа од Дагестан. На дуел од аматерската лига во оваа земја, по игра на случајноста, судијата стана главен херој. Играа Кејс против Манас, кога судијата Атај Даудов досуди пенал за Манас.

Голманот на Кејс успеа да го одбрани ударот, но по одбраната, топката заврши во главата на судијата, а потоа и во мрежата на тимот кој се израдува дека пеналот не е реализиран. Судијата не ни знаеше што се случи, бидејќи по ударот се држеше за главата.

Откако виде дека топката завршила во голот, досуди погодок за Манас. Тоа е и вистинска одлука на арбитерот, бидејќи според правилата на ФИФА, судијата е дел од играта, како што се и гредата, дирекот или знаменцето на корнерот, па кога ќе удри топката во еден од овие елементи од фудбалската игра, сè продолжува да тече нормално.

Судиите се тренирани да ги избегнуваат ситуациите да бидат во контакт со топката, но овојпат немаше шанси да се избега од оваа топка. Во оваа ситуација, голманот за џабе одбрани, кога од одбиената топка, судијата успеа да му даде погодок.

На крајот средбата заврши 4-4. Погледнете го неверојатниот момент.

https://youtu.be/PPIpi6Qfawc

Елмас: Време е да победуваме во серија

Елиф Елмас повторно беше меѓу најдобрите актери на теренот на меч на Фенербахче, а овојпат со насмевки и во победничко расположение го напушти стадионот „Шукру Сарачоглу“ во Истанбул. Фенер ја забележа првата победа во Европа Лигата, откако го надигра словачкиот претставник Спартак Трнава со 2-0.

„Се  надевам дека ќе продолжиме во победнички стил и по паузата поради Лигата на нациите. Не сакам да зборувам за мојот учинок на теренот, но се надевам дека во клубот се задоволни. Мое е да играм и да давам сè од себе и да се надевам дека конечно ќе редиме победи“, изјави Елмас по победата против Спартак.

Сега следува пат за Скопје, на подготовките на македонската фудбалска репрезентација пред двата клучни дуели со Лихтенштајн и Ерменија за првото место во нашата група во Лигата на нациите.

Со Лихтенштајн ќе играме во Скопје на 13-ти октомври, а три дена подоцна во Ереван ќе ѝ гостуваме на Ерменија.

Дали е време да се откаже од бранење? Кариус повторно прими комичен гол (Видео)

Лорис Кариус се прослави со катастрофалните одбрани во финалето од Лигата на шампионите, кога беше најголем виновник за поразот на Ливерпул против Реал Мадрид (1-3). Во најзначајниот меч од сезоната, германскиот чувар на мрежата прими два гола за кои беше директно виновен. Кариус, едноставно, на Реал му го подари трофејот, а тој си ја затвори вратата во Ливерпул.

Англискиот гигант реши да го продаде и очигледно не згреши. Бешикташ одлучи да му даде шанса на Кариус и го доведе во своите редови. Сепак, по неполни два месеци, во турскиот клуб веќе може да се покајат за одлуката да го доведат овој голман. Бешикташ синоќа гостуваше кај Малме во групната фаза од Лигата на Европа и загуби со 2-0, а Кариус е директен виновник за неуспехот.

Во второто полувреме, при резултат 0-0, голманот на Бешикташ направи голем кикс и прими гол речиси од аут, откако ја промаши топката која требаше да ја одбие во корнер. Едноставно, Кариус и во новата сезона продолжува со старите киксови.

https://youtu.be/EFcTxDK-edo

Николов и МОЛ Види не издржаа во Лондон

Челзи со многу мака го победи унгарскиот МОЛ Види со 1-0 во второто коло од Лигата на Европа, а цел меч за гостите одигра нашиот репрезентативец Бобан Николов.

Унгарците се држеа одлично до 70-тата минута, кога на асистенција на Вилијан, Алваро Мората им донесе победа на домаќините.

Изненадување, и тоа со пресврт, приреди Краснодар, а во Русија падна фаворизираната Севилја. Една од најтрофејните европски екипи во новиот милениум водеше со 1-0 на полувремето, со автоголот на Каборе, но домаќините не се предадоа. Со головите на Переира и на Окриашвили успеаја да направат пресврт и да победат со 2-1.

Резултати: Ајнтрахт – Лацио 4-1, Челзи – МОЛ Види 1-0, Краснодар – Севилја 2-1, Јаблонец – Динамо Киев 2-2, Малме – Бешикташ 2-0, Глазгов ренџерс – Рапид 3-1, Спарта Сарпсборг – Генк 3-1, Спартак Москва – Вилјареал 3-3, Стандард Лиеж – Ахисар Беледие 2-1.

Страотен пад на Дурмиши, норвешкиот репрезентативец ја скрши раката (Видео)

Левото крило на Лацио, Риза Дурмиши, ја скрши раката на дуелот меѓу Ајнтрахт и Лацио, што е во тек, вечерва во последниот сет мечеви од второто коло во Лигата на Европа. Во финишот на првото полувреме, Дурмиши незгодно падна на раката, по што дојде до тешка скршеница.

https://twitter.com/lavozdelcalcio/status/1047933550169866240

Талески кога игра, пишува петки

Филип Талески погоди петпати од осум обиди и беше ефективен, расположен и најзаслужен за пресвртот за победа на Рајн  Некар против Гумерсбах со 30:24.

Николај Јакобсен му даде шанса на Талески, а нашиот репрезентативец возврати со клучни голови за пресврт. Погоди двапати во серијата од 6:0 за предност на Рајн Некар од 20:19, по што сè беше полесно за фаворитот.

Капитенот на Рајн Некар, Анди Шмид постигна 11 голови, а Талески и Петерсон запишаа петки.

Рајн Некар е следен противник на Вардар во меч од Лигата на шампионите, во сабота, во Скопје од 17.30 часот.